Вистински мир — од кој извор?
„[Јехова] прави војните да престанат до крајот на Земјата“ (ПСАЛМ 46:9, НС).
1. Какво прекрасно ветување за мир наоѓаме во Исаииното пророштво?
„ДЕЛО на правдата ќе биде мирот, и плод на правосудството — спокојство и безопасност засекогаш. Тогаш народот Мој ќе живее во мирни живеалишта и во безопасни села и во пребивалишта на блажените“ (Исаија 32:17, 18). Какво прекрасно ветување! Тоа е ветување за вистинскиот мир што ќе го донесе Бог.
2, 3. Опиши го вистинскиот мир.
2 Но, што е вистински мир? Дали едноставно отсутност на војна? Или, пак, е само период во кој народите се подготвуваат за следната војна? Дали вистинскиот мир е само сон? Ова се прашања на кои ни требаат доверливи одговори. Прво, вистинскиот мир е многу повеќе од сон. Мирот што го ветил Бог далеку го надминува сето она што може да си го замисли овој свет (Исаија 64:4). Тоа не е мир за неколку години или за неколку децении. Тој трае засекогаш! И тоа не е мир само за неколкумина привилегирани — тој ги опфаќа небото и Земјата, ангелите и луѓето. Се протега до луѓето од сите народи, етнички групи, јазици и бои. Тој не знае за граници, бариери или неуспеси (Псалм 71:7, 8; Исаија 48:18).
3 Вистинскиот мир значи секојдневен мир. Тоа значи да се будиш секое утро без помисла на војна, без да мораш да се грижиш за својата иднина, за иднината на своите деца или дури и за иднината на своите внуци. Тоа значи потполн душевен мир (Колосјаните 3:15). Тоа значи повеќе да нема криминал, да нема насилство, да нема разделени семејства, да нема бездомници, да нема луѓе кои гладуваат или се смрзнуваат и повеќе да нема очај и фрустрација. Што е уште подобро, Божјиот мир значи свет без болести, болка, тага или смрт (Откровение 21:4). Каква само величествена надеж имаме — засекогаш да уживаме вистински мир! Зарем тоа не е оној вид мир и среќа по кој копнееме сите ние? Зарем тоа не е оној вид мир за кој треба да се молиме и да работиме?
Неуспешните напори на човештвото
4. Какви напори за мир вложувале народите, и со какви резултати?
4 Со векови, луѓето и народите зборувале за мир, дебатирале за мир и потпишале стотици мировни договори. Каков бил резултатот? Во последниве 80 години немало практично ниту еден момент кога некој народ или група не била во војна. Јасно е дека мирот го заобиколил човештвото. Затоа, прашањето е: Зошто потфрлиле сите човекови напори да воспостави меѓународен мир, и зошто човекот е неспособен да донесе вистински мир кој ќе биде траен?
5. Зошто мировните напори на човештвото постојано потфрлувале?
5 Едноставниот одговор е дека човештвото не се обратило кон исправниот извор за вистински мир. Под влијанието на Сатана Ѓаволот, луѓето создале организации кои паѓаат како жртви на своите сопствени слабости и пороци — својата алчност и амбиција, својата страст за моќ и истакнување. Тие оделе во високообразовни институции и основале фондации и институти за интелектуални услуги, кои измислиле само повеќе средства за угнетување и уништување. Кон кој извор биле упатувани луѓето? Каде барале тие?
6, 7. а) Какво минато има зад себе Лигата на народите? б) Какво е минатото на Обединетите нации?
6 Во 1919 година, народите ја ставиле својата доверба во Лигата на народите за да воспостави траен мир. Таа надеж била уништена кога во 1935 Мусолини ја нападна Етиопија и кога во 1936 започна граѓанската војна во Шпанија. Во 1939, со избувнувањето на II светска војна, Лигата потона во заборав. Таканаречениот мир не траеше ни 20 години.
7 А како е со Обединетите нации? Дали тие дале некаква вистинска надеж за траен мир ширум светот? Тешко. Од нивниот зачеток во 1945 година, биле водени преку 150 војни и вооружени судири! Не е ни чудо што Гвин Даер, канадски проучувач на војната и нејзиното потекло, ги опишал ОН како „здружение на ловокрадци кои станале ловочувари, а не асамблеја на светци“, и како „огромен немоќен дуќан за муабетење“. (Спореди Јеремија 6:14; 8:15.)
8. И покрај нивните мировни говори, што прават народите? (Исаија 59:8).
8 И покрај нивното зборување за мир, нациите продолжуваат да измислуваат и да произведуваат оружје. Земјите што се покровители на мировните конференции, честопати се токму оние кои предводат во производството на оружје. Моќните комерцијални интереси во овие земји го унапредуваат производството на смртоносни оружја, во кои спаѓаат и ѓаволските нагазни мини, кои секоја година убиваат или осакатуваат околу 26.000 цивили — возрасни и деца. Алчноста и корупцијата се мотивирачки сили. Митото и поткупот се нераздвоен дел од меѓународната трговија со оружје. Некои политичари се збогатуваат од овој извор.
9, 10. Што забележале световните експерти во врска со војните и со човечките настојувања?
9 Во декември 1995 година, полскиот физичар и добитник на Нобелова награда за мир, Јузеф Ротблат, ги повика нациите да ја прекинат трката во вооружување. Тој рече: „Единствениот начин да се спречи [една нова трка во вооружување] е потполно да се укине војната“. Дали мислиш дека постои веројатност да се случи ова? Од 1928 година наваму, 62 нации го ратификуваа Бријан-Келоговиот пакт, одрекувајќи се од војната како начин за решавање на несогласувањата. Втората светска војна јасно покажа дека пактот не вредеше ни колку хартијата на која беше напишан.
10 Непобитно е дека војната била постојан камен на сопнување на човековиот пат низ историјата. Како што напишал Гвин Даер, „војната е централна институција во човечката цивилизација и таа има историја која е долга колку и цивилизацијата“. Да, практично секоја цивилизација и империја си имале свои почитувани воени херои, свои постојани армии, свои славни битки, свои неприкосновени воени академии и свои резерви од оружје. Меѓутоа, повеќе од кое и да е друго столетие, нашево столетие е обележано со војни, и тоа како според разорноста така и според губитокот на животи.
11. Кој основен фактор го превиделе светските лидери во својата потрага по мир?
11 Очигледно е дека светските водачи ја игнорирале темелната мудрост од Јеремија 10:23: „Знам, Господи, дека патот на човекот не зависи од него, дека не е во власта на оној кој оди, за да ги исправа стапките свои“. Ако се игнорира Бог, не може да има вистински мир. Тогаш, дали сево ова значи дека војната е неизбежна во едно цивилизирано општество? Дали тоа значи дека мирот — вистинскиот мир — е невозможен сон?
Да се дојде до коренските причини
12, 13. а) Што открива Библијата во поглед на основната, невидлива причина за војната? б) На кој начин Сатана го свртел вниманието на човештвото од вистинското решение за светските проблеми?
12 За да одговориме на овие прашања, потребно е да ги сфатиме причините за војната. Библијата јасно изјавува дека бунтовниот ангел Сатана е првобитниот „човекоубиец“ и „лажец“ и дека „целиот свет лежи во власта на злобниот“ (Јован 8:44: 1. Јованово 5:19, НС). Што сторил тој за да ги унапреди своите намери? Во 2. Коринтјаните 4:3, 4 читаме: „Ако, пак, е и покриено нашето благовестие, тоа е покриено за оние што гинат; ним богот од овој свет им ги заслепил умовите нивни, за да не ги осветли светлината на Благовестието за славата на Христа, Кој е образ на невидливиот Бог“. Сатана прави сѐ што е можно за да му го сврти вниманието на човештвото од Божјето Царство како решение за светските проблеми. Тој ги заслепува и ги застранува луѓето со раздорни социјални, политички и религиозни спорни прашања, така што тие изгледаат поважни отколку Божјето владетелство. Неодамнешниот светски бран на национализам е еден пример за тоа.
13 Сатана Ѓаволот унапредува национализам и чувство на племенска припадност — верување дека една нација, раса или племе е понадмоќно од другите. Длабоко вкоренетите омрази кои со векови биле потиснувани, повторно се оживуваат за да потпалат повеќе војни и судири. Федерико Мајор, генерален директор на УНЕСКО, предупреди на оваа тенденција: „Дури и онаму каде што преовладуваше толеранција, промената кон ксенофобија станува сѐ поочигледна, а шовинистичките или расистички изјави за кои се мислеше дека се работи на минатото, се слушаат сѐ почесто и почесто“. Со каков резултат? Ужасните масакри во поранешна Југославија и племенското крвопролевање во Руанда се само два такви настана кои станаа ударни наслови.
14. На кој начин Откровение 6:4 ја прикажува војната и нејзините последици во нашево време?
14 Библијата прорекла дека во времето на крајот на овој систем, еден коњ со огнена боја, кој симболизира војна, ќе галопира по Земјата. Во Откровение 6:4 читаме: „Излезе друг коњ, црвен; и на јавачот му беше дадено да го одземе мирот од земјата, та еден со друг да се убиваат; и му беше даден голем меч“. Од 1914 година па наваму гледаме како овој симболичен коњаник ‚го одзел мирот‘, а народите продолжиле да се борат и да водат војни.
15, 16. а) Каква била улогата на религијата во војните и во убивањата? б) Како гледа Јехова на она што го сториле религиите?
15 Она што не смее да се превиди е улогата на религијата во овие војни и убивања. Историјата на човештвото натопена со крв, во голема мера може да му се припише на заведувачкото влијание на лажната религија. Католичкиот теолог Ханс Кинг напишал: „Неоспорно е дека во неповолна, разорна смисла, [религиите] имале и сѐ уште имаат огромен придонес. Толку многуте борби, крвави судири, всушност ‚верски војни‘, треба да бидат ставени на нивна сметка; . . . а ова важи и за двете светски војни“.
16 Како гледа Јехова Бог на улогата на лажната религија во убивањата и во војните? Божјето обвинение против лажната религија, запишано во Откровение 18:5, гласи: „Гревовите нејзини стигнаа до небото, и Бог си спомна за неправдите нејзини“. Соучесништвото на лажната религија со политичките владетели на светот довело до толкава вина за крв, до толкав куп насобрани гревови, што Бог никако не може да го игнорира тоа. Тој наскоро ќе го отстрани потполно овој камен на сопнување на патот до вистинскиот мир (Откровение 18:21).
Патот до мирот
17, 18. а) Зошто не е само нереален сон да се верува дека вечниот мир е возможен? б) Што веќе сторил Јехова за да загарантира дека ќе дојде вистински мир?
17 Ако луѓето не можат преку посредништва, како што се Обединетите нации, да донесат вистински и траен мир, тогаш од кој извор ќе дојде вистински мир и како? Дали е само нереален сон да се верува дека е возможен вечен мир? Не, доколку се обратиме кон исправниот Извор на мирот. А кој е тој? Стихот од Псалм 45:9 дава одговор кажувајќи ни дека Јехова ‚ќе ги прекрати војните до крајот на земјата, ќе го скрши лакот и ќе го здроби оружјето, и штитовите големи со оган ќе ги изгори‘. А Јехова веќе го започнал процесот за окончување на војните и за воспоставување вистински мир. Како? Со тоа што во 1914 година го востоличил Исус Христос на неговиот законски престол на Царството и со тоа што ја унапредува најголемата образовна кампања за мир во историјата на човештвото. Пророчките зборови од Исаија 54:13 нѐ уверуваат: „Сите твои синови ќе бидат научени од Господа, и голем мир ќе има меѓу синовите твои“.
18 Ова пророштво го илустрира начелото за причина и последица — то ест дека секоја последица си има своја причина. Во овој случај, Јеховината поука — причината — преобразува воинствени луѓе во мирољубиви луѓе кои се во мир со Бог. Резултатот е промена на срцето која ги прави луѓето љубители на мирот. Оваа поука која ги менува срцата и разумот на луѓето уште сега се шири низ целиот свет додека милиони луѓе го следат примерот на ‚Кнезот на мирот‘, Исус Христос (Исаија 9:6).
19. Што учел Исус во врска со вистинскиот мир?
19 А што поучувал Исус за вистинскиот мир? Тој не зборувал само за мир помеѓу народите туку и за мир помеѓу луѓето во нивните односи, како и за внатрешниот мир кој доаѓа од чистата совест. Во Јован 14:27 ги читаме Исусовите зборови до неговите следбеници: „Мир ви оставам; мирот Свој ви го давам; Јас ви го давам не како што го дава светот. Да не се плаши срцето ваше, ниту да се бои“. На кој начин Исусовиот мир бил поинаков од мирот на светот?
20. Преку кое средство Исус ќе донесе вистински мир?
20 Како прво, Исусовиот мир бил тесно поврзан со неговата порака за Царството. Тој знаел дека праведната небесна влада, составена од Исус и 144.000 совладетели, ќе ѝ стави крај на војната и на подбуцнувачите на војната (Откровение 14:1, 3). Тој знаел дека таа ќе ги донесе мирољубивите рајски околности какви што му понудил на злосторникот кој умрел покрај него. Исус не му понудил место во небесното Царство, туку му рекол: „Навистина ти велам денес, ќе бидеш со мене во Рајот“ (Лука 23:43, НС).
21, 22. а) Која прекрасна поткрепувачка надеж ја вклучува вистинскиот мир? б) Што мораме да правиме за да бидеме очевидци на тој благослов?
21 Исто така, Исус знаел дека неговото Царство ќе им донесе утеха на сите ужалени кои покажуваат вера во него. Неговиот мир ја вклучува прекрасната поткрепувачка надеж за воскресение. Сети се на неговите охрабрувачки зборови што се наоѓаат во Јован 5:28, 29: „Не чудете се на ова, зашто иде часот кога сите, кои што се во гробовите, ќе го чујат гласот на Синот Божји, и ќе излезат: кои правеле добро — ќе воскреснат за живот, а кои правеле зло, ќе воскреснат за осудување“.
22 Дали со радост го очекуваш тоа време? Дали си изгубил некои твои сакани лица во смрт? Дали копнееш да ги видиш повторно? Тогаш, прифати го мирот што го нуди Исус. Имај вера како што имала Марта, Лазаровата сестра, која на Исуса му рекла: „Знам дека ќе воскресне при воскресението, во последниот ден“. Но, забележи го Исусовиот разведрувачки одговор на Марта: „Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене, и да умре, ќе живее. И секој, што живее и верува во Мене, нема да умре довека. Го веруваш ли тоа?“ (Јован 11:24—26).
23. Зошто точното спознание од Божјата Реч е битно во стекнувањето вистински мир?
23 И ти можеш да веруваш во тоа и да извлечеш корист од ова ветување. Како? Така што ќе стекнуваш точно спознание од Божјата Реч. Забележи како апостол Павле ја нагласил важноста на точното спознание: „Ние . . . не престануваме да се молиме и да сакаме да се исполните со познавање на Неговата волја во секоја мудрост и духовно разбирање, та да постапувате достојно за Бога, угодувајќи Му во сѐ, принесувајќи плод во секое добро дело и да растете во познавањето на [точното спознание за, НС] Бога“ (Колосјаните 1:9, 10). Ова точно спознание ќе те увери дека Јехова Бог е Изворот на вистинскиот мир. Исто така, тоа ќе ти каже што мораш да правиш сега за да можеш да му се придружиш на псалмистот во изјавата: „Мирно легнувам и спијам, оти Ти, Господи, си ми влил надеж да живеам без опасност“ (Псалм 4:8).
Можеш ли да објасниш?
◻ Зошто човечките напори за мир постојано потфрлувале?
◻ Која е коренската причина за војната?
◻ Зошто трајниот мир не е нереален сон?
◻ Кој е изворот на вистинскиот мир?
[Слика на страница 8]
Вистинскиот мир не е сон. Тоа е Божје ветување
[Слика на страница 10]
Од 1914 година наваму, симболичниот јавач на коњот со огнена боја го одзел мирот од Земјата
[Слика на страница 11]
Можат ли религијата и ОН да донесат мир?
[Извор на слика]
Фотографија на ОН