Во светот, но не и дел од него
„Бидејќи не сте [дел, НС] од светот . . . светот и ве мрази“ (ЈОВАН 15:19).
1. Каков однос имаат христијаните со светот, но сепак како гледа светот на нив?
ВО СВОЈАТА последна ноќ со своите ученици, Исус им рекол: „Не сте [дел, НС] од светот“. За кој свет зборувал тој? Зарем во една поранешна прилика не рекол: „Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен“? (Јован 3:16). Јасно дека учениците биле дел од тој свет, бидејќи тие биле првите кои практикувале вера во Исус за вечен живот. Па тогаш, зошто Исус сега рекол дека неговите ученици биле одвоени од светот? И зошто тој исто така рекол: „Бидејќи не сте [дел, НС] од светот . . . затоа светот и ве мрази“? (Јован 15:19).
2, 3. а) Од кој „свет“ христијаните не требало да бидат дел? б) Што вели Библијата во врска со „светот“ од кој христијаните не се дел?
2 Одговорот е дека Библијата го користи зборот „свет“ (грчки: ко́смос) на различни начини. Како што е објаснето во претходната статија, понекогаш во Библијата зборот „свет“ се однесува на човештвото општо земено. Ова е светот што Бог го љубел и за кој Исус умрел. Меѓутоа, The Oxford History of Christianity наведува: „,Свет‘ во христијанската употреба е исто така термин за нешто отуѓено од Бог и непријателски настроено спрема него“. На кој начин ова е точно? Католичкиот автор Ролан Минерат во својата книга Les chrétiens et le monde (Христијаните и светот) објаснува: „Земен во понижувачка смисла, светот на тој начин се смета за . . . доменот каде што силите, што се непријателски настроени спрема Бог, ја извршуваат својата активност и кои со своето противење на Христовото победоносно владеење сочинуваат една непријателска империја под Сатанова контрола“. Овој „свет“ е масата човештво кое е отуѓено од Бог. Вистинските христијани не се дел од овој свет, и тој ги мрази нив.
3 Кон крајот на првиот век, Јован го имал на ум овој свет кога напишал: „Не сакајте го светот и сѐ што е во него. Ако некој го сака светот, во него нема љубов од Отецот. Зашто, сѐ што е во светот — похотта на телото, желбата на очите и гордоста на животот, не е од Отецот, туку од овој свет“ (1. Јованово 2:15, 16). Тој исто така напишал: „Знаеме дека потекнуваме од Бог, но целиот свет лежи во власта на злобниот“ (1. Јованово 5:19, НС). Исус самиот го нарекол Сатана — ,кнез на овој свет‘ (Јован 12:31; 16:11).
Растежот на светските сили
4. Како настанале светските сили?
4 Сега постоечкиот свет на човештвото отуѓен од Бог почнал да се развива кратко после потопот од времето на Ное, кога мнозина од Ноевите потомци престанале да го обожаваат Јехова Бог. Угледен во раните денови бил Нимрод, еден градител на град и „моќен ловец во отпор против Јехова“ (1. Мојсеева 10:8—12, НС). Во тие години, голем дел од овој свет бил организиран во мали градови-царства, кои одвреме-навреме формирале коалиции и воделе војна еден против друг (1. Мојсеева 14:1—9). Некои градови-царства постигнале власт над други за да станат регионални сили. Некои регионални сили на крајот толку пораснале што станале големи светски сили.
5, 6. а) Кои се седумте светски сили од библиската историја? б) Како се симболизирани овие светски сили, и од каде доаѓа нивната сила?
5 Следејќи го примерот на Нимрод, владетелите на светските сили не го обожавале Јехова — факт што се одразувал во нивните сурови, насилнички дела. Овие светски сили се симболизирани во Писмото со диви животни и, низ вековите, Библијата идентификува шест од нив, кои имале силно влијание врз Јеховиниот народ. Тоа биле Египет, Асирија, Вавилон, Медо-Персија, Грција и Рим. Било проречено дека после Рим ќе се јави седма светска сила (Даниил 7:3—7; 8:3—7, 20, 21; Откровение 17:9, 10). Се покажало дека тоа е Англо-американската светска сила, која се состои од Британската империја со нејзините сојузнички Соединетите Држави, кои на крајот ја надминале Британија во поглед на моќта. Британската империја почнала да се развива откако конечно ја снемало и последната трага од Римската империја.a
6 Во книгата Откровение, седумте последователни светски сили се симболизирани со главите на еден седмоглав див ѕвер кој излегува од морето на немирното човештво (Исаија 17:12, 13; 57:20, 21; Откровение 13:1). Кој му ја дава моќта на овој владејачки ѕвер? Библијата одговара: „Змевот му ја даде силата своја, и престолот свој, и голема власт“ (Откровение 13:2). Змејот не е никој друг туку Сатана Ѓаволот (Лука 4:5, 6; Откровение 12:9).
Идната власт на Божјето Царство
7. На што се надеваат христијаните, и како влијае тоа врз нивниот однос спрема владите на светот?
7 Скоро 2.000 години христијаните се молат: „Да дојде царството Твое; да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата“ (Матеј 6:10). Јеховините сведоци знаат дека само Божјето Царство може да донесе вистински мир на Земјата. Со тоа што се блиски набљудувачи на библиското пророштво, тие се уверени дека оваа молитва наскоро ќе биде услишена и дека Царството набргу ќе преземе одговорност за работите на Земјата (Даниил 2:44). Нивното придржување за ова Царство ги прави неутрални во работите на владите од светот.
8. Како што е проречено во Псалм 2, како реагираат владите на владеењето на Божјето Царство?
8 Некои нации тврдат дека се држат за религиозните начела. Сепак, во пракса, тие го игнорираат фактот дека Јехова е Универзалниот Суверен и дека тој го востоличил Исус како небесен Цар со власт над Земјата (Даниил 4:14; Откровение 11:15). Еден пророчки псалм наведува: „Се креваат царевите земски, и кнезовите се собираат заедно против Господа и Неговиот Помазаник [Исус]. ,Да ги раскинеме врските [прангите, Добра вест] нивни и да го отфрлиме од себе јаремот нивни‘“ (Псалм 2:2, 3). Владите не прифаќаат никакви божествени „пранги“ или „јареми“ кои би го ограничиле нивното спроведување на национална сувереност. Затоа, на Исус, својот избран Цар, Јехова му вели: „Побарај од Мене, и ќе Ти ги дадам народите во Твое наследство, и краиштата на земјата — во Твоја власт. Ти ќе ги пасеш со железен жезал; ќе ги разбиваш како грнчарски сад“ (Псалм 2:8, 9). Меѓутоа, светот на човештвото, за кој Исус умрел, нема да биде потполно ,разбиен‘ (Јован 3:17).
Избегнување на „белегот“ на „ѕверот“
9, 10. а) На што сме предупредени во книгата Откровение? б) Што е симболизирано со носењето на „белегот на ѕверот“? в) Какви белези прифаќаат Божјите слуги?
9 Откровението што го добил апостол Јован предупредило дека светот на човештвото, кој е отуѓен од Бог, ќе поставува сѐ поголеми барања кратко пред својот крај, ,правејќи на сите — мали и големи, богати и сиромаси, слободни и робови, да им се стави белег на десната рака или на челата нивни, та никој да не може ни да купува, ниту да продава, освен оние, што го имаат тој белег‘ (Откровение 13:16, 17). Што значи ова? Еден белег на десната рака претставува соодветен симбол за активна поддршка. А што е со белегот на челото? The Expositor’s Greek Testament наведува: „Оваа крајно симболична алузија се однесува на навиката да се означуваат војниците и робовите со забележлива тетоважа или жиг . . . или, уште подобро, на религиозниот обичај да се носи името на некој бог како амајлија“. Многу луѓе со своите постапки и зборови симболично го носат овој белег, идентификувајќи се како „робови“ или „војници“ на „ѕверот“ (Откровение 13:3, 4). Што се однесува до нивната иднина, Theological Dictionary of the New Testament вели: „Непријателите на Бог дозволуваат на нивното чело и на едната рака да им биде удрен [белег] на ѕверот — мистериозниот број што го содржи неговото име. Ова им дава големи прилики за економски и комерцијален напредок, но ги доведува под Божјиот гнев и ги исклучува од милениумското царство, Откр. 13:16; 14:9; 20:4“.
10 Потребни се сѐ поголема храброст и истрајност за човек да се спротивстави на притисокот да го прими „белегот“ (Откровение 14:9—12). Меѓутоа, Божјите слуги имаат таква сила и, поради ова, честопати се мразени и оцрнувани (Јован 15:18—20; 17:14, 15). Наместо да го носат белегот на ѕверот, Исаија рекол дека тие на својата рака симболично ќе напишат: „Му припаѓа на Јехова“ (Исаија 44:5, НС). Освен тоа, бидејќи ,жалат и воздивнуваат‘ поради одвратните работи што ги врши отпадничката религија, тие примаат симболичен белег на своето чело, кое ги идентификува како достојни да бидат поштедени кога ќе бидат извршени Јеховините судења (Језекиил 9:1—7).
11. Кој дава дозвола човечките влади да владеат додека не дојде Божјето Царство за да го преземе владетелството над Земјата?
11 Бог им дозволува на човечките влади да владеат сѐ до времето кога Христовото небесно Царство потполно ќе го преземе владетелството на Земјава. На оваа божествена толеранција на политичките држави се осврнал професор Оскар Кулман во својата книга The State in the New Testament. Тој пишува: „Сложеното сфаќање за ,провизорниот‘ карактер на Државата е причината поради која ставот на првите христијани спрема Државата не е единствен, туку напротив, изгледа контрадикторен. Нагласувам дека тој изгледа таков. Треба само да ги споменеме Римјаните 13:1: ,Секоја душа да им се потчинува на властите‘ заедно со Откровение 13: Државата како ѕверот од бездната“.
„Ѕверот“ и „царот“
12. Какво урамнотежено гледиште имаат Јеховините сведоци во врска со човечките влади?
12 Би било неисправно да заклучиме дека сите луѓе во државната власт се Сатанови алатки. Мнозина се докажале како луѓе од принцип, како што бил проконзулот Сергиј Павле, кој во Библијата е опишан како ,умен човек‘ (Дела 13:7). Некои владетели храбро ги бранеле правата на малцинствата, водени од својата од Бог дадена совест, иако не го познавале Јехова и неговите намери (Римјаните 2:14, 15). Запомни, Библијата го користи зборот „свет“ на два спротивни начина: светот на човештвото што Бог го љуби и кој ние треба да го љубиме, и светот на човештвото отуѓен од Јехова, чиј бог е Сатана и од кој мораме да бидеме одвоени (Јован 1:9, 10; 17:14; 2. Коринтјаните 4:4; Јаков 4:4). На тој начин, Јеховините слуги имаат урамнотежен став спрема човечкото владетелство. Ние сме неутрални во политичките работи бидејќи служиме како амбасадори или пратеници на Божјето Царство и нашите животи му се предадени на Бог (2. Коринтјаните 5:20). Од друга страна, совесно им се подложуваме на оние кои се на власт.
13. а) Како гледа Јехова на човечките влади? б) Колку далеку оди христијанската подложност на човечките влади?
13 Овој урамнотежен пристап го одразува личното гледиште на Јехова Бог. Кога светските сили или дури и ситните држави го злоупотребуваат својот авторитет, ги угнетуваат своите луѓе или, пак, ги прогонуваат оние кои го обожаваат Бог, тие секако го заслужуваат пророчкиот опис за нив како диви ѕверови (Даниил 7:19—21; Откровение 11:7). Меѓутоа, кога националните влади ѝ служат на Божјата намера во одржувањето закон и ред во правда, тој нив ги смета за свои „служители“ (Римјаните 13:6). Јехова очекува од својот народ да ги почитува човечките влади и да им биде подложен, но нивната подложност не е без ограничувања. Кога луѓето бараат од Божјите слуги работи кои се забранети со Божјиот закон или кога забрануваат работи што Бог бара неговите слуги да ги вршат, последниве го следат ставот усвоен од апостолите, имено: „Повеќе треба да Му се покоруваме на Бога, отколку на луѓето“ (Дела 5:29).
14. Како ја објаснил Исус христијанската подложност на човечките влади? како Павле?
14 Исус рекол дека неговите следбеници ќе имаат обврски и спрема владите и спрема Бог, кога изјавил: „Подајте го царевото на царот а Божјото на Бога!“ (Матеј 22:21). Под инспирација, апостол Павле напишал: „Секоја душа да им се потчинува на претпоставените власти . . . Ако, пак, правиш зло, тогаш страхувај, бидејќи тој не носи залудо оружје; тој е служител Божји и со гнев се одмаздува на оној што прави зло. Затоа треба да се покорувате, и тоа не само поради страв, туку и поради совеста своја. Затоа и данок плаќате“ (Римјаните 13:1, 4—6). Од првиот век н. е. па до денес, христијаните морале да ги земаат во обѕир барањата што ги поставувала државата. Тие требало да проникнат дали прилагодувањето кон тие барања би довело до компромис на нивното обожавање или дали таквите барања се оправдани и дали треба совесно да се исполнат.
Совесни граѓани
15. Како Јеховините сведоци совесно му го отплаќаат на царот она што го должат?
15 Политичките ,претпоставени власти‘ се Божји „служители“ кога ја исполнуваат својата улога одобрена од Бог, која вклучува власт да ги ,казнат злочинците, а да ги пофалат добротворците‘ (1. Петрово 2:13, 14). Јеховините слуги совесно му го плаќаат на царот она што тој оправдано го бара во поглед на даноците, и во ,покорувањето на началствата и властите . . . готови за секое добро дело‘ одат онолку далеку колку што им дозволува нивната библиски обучена совест (Тит 3:1). ,Доброто дело‘ вклучува да им се помага на другите, како на пример кога ќе погоди некоја катастрофа. Мнозина посведочиле за љубезноста што ја покажале Јеховините сведоци спрема солуѓето во вакви ситуации (Галатјаните 6:10).
16. Какви добри дела Јеховините сведоци совесно извршуваат за владите и за солуѓето?
16 Јеховините сведоци ги љубат своите солуѓе и мислат дека најдоброто дело што можат да го направат за нив е да им помогнат да дојдат до точно спознание за Божјата намера дека ќе донесе праведно „ново небо и нова земја“ (2. Петрово 3:13). Со поучувањето и практикувањето на високите морални начела од Библијата, тие се од корист за човечкото општество, спасувајќи мнозина од деликвенција. Јеховините слуги се држат за законот и ги почитуваат владините министри, службеници, судии и градски власти, оддавајќи им чест на ,оние на кои им должиме чест‘ (Римјаните 13:7). Родителите Сведоци радо соработуваат со наставниците на своите деца и им помагаат на своите деца добро да учат за подоцна да бидат способни да заработуваат за живеачка и да не бидат на товар на општеството (1. Солунјаните 4:11, 12). Во своите собранија, Сведоците се спротивставуваат на расните предрасуди и на класните разлики и му придаваат огромна важност на зајакнувањето на семејниот живот (Дела 10:34, 35; Колосјаните 3:18—21). На тој начин, со своите постапки тие покажуваат оти се лажни обвиненијата дека се антисемејно настроени или дека се бескорисни за општината. На тој начин се покажуваат точни зборовите на апостол Петар: „Таква е волјата Божја — со добротворство да го задржуваме незнаењето [да го замолкнеме неупатениот говор, НС] на безумните луѓе“ (1. Петрово 2:15).
17. Како можат христијаните да продолжат да ,одат во мудрост спрема оние однадвор‘?
17 Според тоа, иако Христовите вистински следбеници ,не се дел од светот‘, тие сепак се во светот на човечкото општество и мораат да продолжат да ,одат во мудрост спрема оние однадвор‘ (Јован 17:16; Колосјаните 4:5, обата НС). Сѐ додека Јехова им допушта на вишите власти да дејствуваат како негов министер, ние ќе покажуваме исправна почит спрема нив (Римјаните 13:1—4). Иако остануваме неутрални во поглед на политиката, ние се молиме во врска со ,царевите и сите што се на власт‘, особено кога од нив се бара да донесат одлуки кои би можеле да влијаат врз слободата на обожавањето. Ние ќе продолжиме да го правиме ова за „да поживееме тих и мирен живот во потполна побожност и чистота [сериозност, НС]“, така што ,сите [видови, НС] луѓе да се спасат‘ (1. Тимотеј 2:1—4).
[Фуснота]
a Види ја книгата Откривење — Близу је величанствени врхунац! поглавје 35, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York Inc.
Прашања за повторување
◻ Од кој „свет“ христијаните се дел, но од кој „свет“ не можат да бидат дел?
◻ Што е симболизирано со „белегот“ на „ѕверот“ на раката или на челото од едно лице, и какви белези имаат Јеховините верни слуги?
◻ Какво урамнотежено гледиште имаат вистинските христијани спрема човечките влади?
◻ Кои се некои начини на кои Јеховините сведоци придонесуваат за доброто на човечкото општество?
[Слики на страница 16]
Библијата ги идентификува човечките влади и како Божји слуга и како див ѕвер
[Слика на страница 17]
Поради тоа што за другите покажуваат грижа полна со љубов, Јеховините сведоци се од корист за своите општини