СТУДИЈА 48
Стил на резонирање
НИЕ сме благодарни за промените што Божјата реч ги предизвикала во нашиот живот, па сакаме и другите да извлечат корист. Освен тоа, увидуваме дека начинот на којшто луѓето реагираат на добрата вест ќе влијае врз нивните изгледи за иднината (Мат. 7:13, 14; Јован 12:48). Горливо сакаме тие да ја прифатат вистината. Меѓутоа, за да постигнеме најголемо добро, нашите силни уверувања и ревност треба да ги споиме со проникливост.
Една недоделкана изјава на вистината, која разоткрива дека е лажно нечие драго верување, дури и кога е поддржана со рецитирање на долг список библиски стихови, обично не е добро примена. На пример, ако популарните слави едноставно се осудат како слави со паганско потекло, тоа можеби нема да ги смени чувствата на другите луѓе кон нив. Еден разумен пристап обично ќе биде поуспешен. Што вклучува тоа да се биде разумен?
Писмото ни кажува дека „мудроста одозгора е . . . мирољубива, разумна“ (Јак. 3:17). Грчкиот збор што овде е преведен со „разумна“ буквално значи „попушта“. Некои преводи го преведуваат со ,внимателна‘, „кротка“ или „блага“. Забележи дека разумноста е поврзана со мирољубивоста. Во Тит 3:2 е спомната заедно со благоста, а ставена е наспроти воинственоста. Филипјаните 4:5 нѐ поттикнува да бидеме познати по нашата „разумност“. Разумното лице ги зема предвид заднината, околностите и чувствата на оној со кого разговара. Тоа е спремно да попушти кога е соодветно. Постапувањето на таков начин им ги отвора умовите и срцата на другите за да бидат поприемливи кога резонираме со нив на темел на Писмото.
Каде да почнеш. Историчарот Лука известува дека кога апостол Павле бил во Солун, го употребил Писмото ,објаснувајќи и докажувајќи со наводи дека Христос требало да пострада и да стане од мртвите‘ (Дела 17:2, 3). Вредно е да се забележи дека Павле го направил тоа во една еврејска синагога. Оние со кои разговарал ги признавале Хебрејските списи како авторитет. Било соодветно да се започне со нешто што тие го прифаќале.
Кога разговарал со Грците на Ареопагот во Атина, Павле не започнал осврнувајќи се на Писмото. Наместо тоа, почнал со работи што тие ги знаеле и прифаќале, и тие работи ги употребил за да ги води до размислување за Творецот и за Неговите намери (Дела 17:22-31).
Денес постојат милијарди луѓе што не ја признаваат Библијата како авторитет во својот живот. Но, речиси сечиј живот е погоден од тешки ситуации во сегашниов систем на работи. Тие копнеат по нешто подобро. Ако покажеш најпрвин интерес за она што ги вознемирува и потоа покажеш како Библијата го објаснува тоа, таквиот разумен пристап би можел да ги поттикне да слушаат што вели Библијата за Божјата намера со човештвото.
Можеби наследството што еден библиски студент го добил од родителите вклучува и некои религиозни верувања и обичаи. Сега, студентот дознава дека тие верувања и обичаи не му се угодни на Бог, и ги отфрла во прилог на она што го научува Библијата. Како студентот да им ја објасни таа одлука на своите родители? Можеби тие имаат чувство дека со тоа што го отфрла религиозното наследство што му го дале, ги отфрла и нив. Библискиот студент може да заклучи дека пред да се обиде да им го објасни од Библијата темелот за својата одлука, ќе треба да ги увери во својата љубов и почит кон нив.
Кога да попуштиш. Самиот Јехова, иако има целосен авторитет да заповеда, покажува извонредна разумност. Кога го спасувале Лот и неговото семејство од Содом, Јеховините ангели го наговарале: „Не се обѕрнувај, ниту запирај некаде во рамницата, за да не загинеш [бегај во планинскиот регион, NW]!“ Сепак, Лот молел: „Не така, господине!“ Тој молел да им биде дозволено да побегнат во Сигор. Јехова покажал обѕир кон Лот на тој начин што му го дозволил тоа; така што кога другите градови биле уништени, Сигор бил поштеден. Меѓутоа, подоцна Лот го следел Јеховиното првобитно упатство и се преселил во планинскиот регион (Бит. 19:17-30). Јехова знаел дека има право, но стрпливо покажувал обѕир сѐ додека Лот не го сфатил тоа.
За успешно да постапуваме со другите, и ние треба да бидеме разумни. Можеби сме уверени дека другиот е во грешка и имаме на ум силни аргументи со кои би го докажале тоа. Но, понекогаш е подобро да не навалуваме. Разумноста не значи да се компромитираат Јеховините мерила. Едноставно може да биде подобро да му се заблагодариш на другиот што се искажал или да дозволиш некои погрешни изјави да поминат без да ги оспоруваш за да можеш дискусијата да ја сосредоточиш на нешто со кое ќе постигнеш поголемо добро. Дури и ако тој го осудува она во кое ти веруваш, немој да реагираш претерано. Би можел да го прашаш зошто мисли така. Сослушај го внимателно одговорот. Ова ќе ти даде увид во неговото размислување. Може и да го положи темелот за конструктивен разговор во некоја идна прилика (Посл. 16:23; 19:11).
Јехова ги надарил луѓето со способност да избираат. Им дозволува да ја користат таа способност, иако можеби не ја користат мудро. Како Јеховин говорник, Исус Навин ги прераскажал Јеховините постапки со Израел. Но, потоа рекол: „Меѓутоа, ако вам не ви е угодно да Му служите на Господа, тогаш денес изберете кому ќе му служите: можеби на боговите на кои им служеа вашите татковци од онаа страна на Реката, или на боговите на Аморејците во чија земја сега престојувате. Јас и мојот дом ќе Му служиме на Господа“ (Ис. Нав. 24:15). Наша задача денес е да даваме „сведоштво“, и ние зборуваме со увереност, но не се обидуваме да им вршиме притисок на другите да веруваат (Мат. 24:14). Тие мораат да изберат, а ние не им го оспоруваме тоа право.
Поставувај прашања. Исус дал извонреден пример во резонирањето со луѓето. Ја земал предвид нивната заднина и користел илустрации што тие лесно ги прифаќале. Исто така, делотворно користел прашања. Ова им давало на другите можност да се искажат и откривало што стои во нивните срца. Исто така, ги охрабрувало да резонираат за темата што се разгледувала.
Некој човек упатен во Законот го прашал Исус: „Учителе, што треба да правам за да наследам вечен живот?“ Исус можел лесно да му го даде одговорот. Но, го замолил човекот да се искаже. „Што е напишано во Законот? Како читаш?“ Човекот одговорил точно. Дали со неговиот точен одговор завршила таа дискусија? Никако. Исус му дозволил на човекот да продолжи, а едно прашање од човекот покажало дека тој се обидувал да докаже дека е праведен. Тој прашал: „А кој е, всушност, мојот ближен?“ Наместо да му даде дефиниција, која човекот би можел да ја оспори поради раширениот став на Евреите кон не-Евреите и Самарјаните, Исус го замолил да резонира за една илустрација. Таа зборувала за некој ближен Самарјанин што му притекол на помош на некој патник, кој бил опљачкан и истепан, додека свештеникот и Левитот не го сториле тоа. Со едноставно прашање, Исус се погрижил човекот да ја сфати поентата. Исусовиот пристап во стил на резонирање му дал на изразот „ближен“ значење што овој човек никогаш порано не го разбирал (Лука 10:25-37). Колку убав пример за имитирање! Наместо цело време ти да зборуваш, всушност, да размислуваш наместо станарот, научи да користиш тактични прашања и илустрации за да го охрабриш слушателот да размислува самиот.
Наведи причини. Кога зборувал во синагогата во Солун, апостол Павле направил повеќе отколку само да прочита од авторитет што неговата публика го прифаќала. Лука известува дека Павле објаснил, докажал и ја покажал примената на она што го прочитал. Како резултат на тоа, ,некои од нив станале верници и им се придружиле на Павле и Сила‘ (Дела 17:1-4).
Без оглед на тоа кој би можел да биде во публиката, таквиот пристап на резонирање може да биде корисен. Тоа е случај кога сведочиш на роднини, кога зборуваш со колеги или соученици, кога разговараш со непознати при јавното сведочење, водиш библиска студија или држиш говор во собранието. Кога читаш некој стих, значењето можеби ти е јасно тебе, но не и на некој друг. Твоето објаснување или покажувањето на примената може да звучи како некое догматично тврдење. Дали ќе биде од помош ако издвоиш и објасниш некои клучни изрази во стихот? Можеш ли да изнесеш некои потпорни докази, можеби од контекстот или од некој друг стих што се занимава со таа тема? Може ли една илустрација да покаже дека е разумно она што си го кажал? Дали прашањата ќе ѝ помогнат на твојата публика да резонира за тоа? Таквиот пристап на резонирање остава поволен впечаток и им дава на другите многу материјал за размислување.