Харизма — фалба на човек или слава на Бог?
„ВЛАДЕТЕЛОТ треба да ги надминува своите поданици не само со тоа што е подобар од нив туку треба на некој начин и да ги маѓепсува“ — напишал Ксенофон, еден прочуен грчки генерал. Денес, таквата ‚магија‘ мнозина би ја нарекле харизма.
Се разбира, сите човечки владетели немаат харизма. Но, оние кои ја имаат, ја користат својата способност за да им вдахнат оддаденост и за да манипулираат со масите заради свои сопствени цели. Можеби најноторниот неодамнешен пример беше Адолф Хитлер. „[Во 1933], за мнозинството Германци, Хитлер ја имаше — или наскоро ќе ја добиеше — аурата на вистински харизматичен водач“ — пишува Вилијам Л. Ширер во својата книга The Rise and Fall of the Third Reich. „Тие требаше слепо да го следат во наредните дванаесет бурни години, небаре тој поседуваше некаков божествен суд.“
Историјата на религијата исто така е полна со харизматични водачи кои ги инспирирале луѓето да им бидат оддадени, но кои донеле катастрофа врз своите следбеници. „Внимавајте никој да не ве заведе“ — предупредил Исус — „зашто многу мажи ќе дојдат во мое име, велејќи ‚Јас сум Христос‘, и ќе заведат мнозина“ (Матеј 24:4, 5, Phillips). Харизматични лажни Христоси не се појавувале само во првиот век. Во текот на 1970-тите, Џим Џонс се самопрогласи за „месија на Народниот храм“. Беше опишан како „харизматичен духовник“ со „чудна сила врз луѓето“, и во 1978 тој поттикна едно од најголемите масовни самоубиства во историјата.a
Очигледно, харизмата може да биде опасен дар. Меѓутоа, Библијата зборува за еден поинаков вид дар, односно дарови од Бог, што е на располагање за сите во полза на сите. Грчкиот збор за овој дар е ха́ризма, и се појавува 17 пати во Библијата. Еден изучувач на грчкиот јазик ја дефинира како ‚слободен и незаслужен дар, нешто што му е дадено на некој човек незаработено и незаслужено, нешто што доаѓа од Божјата милост и кое никогаш не би можело да се постигне или да се поседува преку сопствениот напор на еден човек‘.
Значи, од библиска гледна точка, ха́ризма е дар добиен благодарение на Божјата незаслужена љубезност. Кои се некои од овие дарови што Бог љубезно ни ги дал? И како можеме да ги користиме за да му донесеме фалба? Да разгледаме три од овие милостиви дарови.
Вечен живот
Најголемиот од сите дарови несомнено е дарот на вечен живот. На римското собрание Павле му напишал: „Платата, што ја дава гревот, е смрт, а дарот [ха́ризма] Божји е живот вечен во Христа Исуса, нашиот Господ“ (Римјаните 6:23). Вредно е да се забележи дека „платата“ (смртта) е нешто што сме го заслужиле, иако несакајќи, преку нашата грешна природа. Од друга страна, вечниот живот што Бог го става на располагање е нешто потполно незаслужено, кое не би можеле никогаш да го заработиме со свои заслуги.
Дарот на вечен живот треба да се цени и да се споделува. Ние можеме да им помагаме на луѓето да го запознаат Јехова, да му служат и на тој начин да бидеме повластени со дарот на вечен живот. Откровение 22:17 вели: „И Духот и невестата велат: ‚Дојди!‘ И кој е жеден, нека дојде, и кој сака, нека земе од водата на животот дарум“.
Како можеме да ги доведеме другите до оваа животодајна вода? Главно, преку користење на Библијата со добри резултати во нашата служба. Вистина е дека во некои делови на светот луѓето ретко читаат или размислуваат за духовни работи; меѓутоа, секогаш постојат прилики некому да му го ‚разбудиме увото‘ (Исаија 50:4, NW). Во овој поглед, можеме да бидеме уверени во мотивирачката сила на Библијата, ‚зашто, словото Божјо е живо и дејствува‘ (Евреите 4:12). Сеедно дали е тоа библиската практична мудрост, утехата и надежта што таа ги дава или, пак, нејзиното објаснување во врска со животот, Божјата Реч може да го допре срцето и да ги стави луѓето на патот кон живот (2. Тимотеј 3:16, 17).
Освен тоа, литературата што се темели на Библијата може да ни помогне да речеме „Дојди!“ Пророкот Исаија претскажал дека во текот на ова време на духовна темнина, ‚Господ ќе засветли‘ над својот народ (Исаија 60:2). Публикациите на Watch Tower Society го одразуваат овој благослов од Јехова и секоја година доведуваат илјадници луѓе кон Јехова, Изворот на духовно просветлување. Низ нивните страници не им се придава важност на поединци. Како што објаснува воведот во Стражарска кула, „целта на Стражарска кула е да го возвиши Јехова Бог како Суверен Господ на универзумот . . . Таа нѐ охрабрува да веруваме во Исус Христос, Божјиот Цар кој сега владее, чија пролеана крв му отвора пат на човештвото да постигне вечен живот“.
Една полновремена министерка, која многу години имала забележителен успех во својата служба, коментира за вредноста на Стражарска кула и Разбудете се! во помагањето на луѓето да му се приближат на Бог: „Кога моите библиски студенти почнуваат да ги читаат и да уживаат во Стражарска кула и Разбудете се! тие брзо напредуваат. Списанијата ги сметам за непроценлива помош во помагањето на луѓето да го запознаат Јехова“.
Предности на службата
Тимотеј бил христијански ученик кому му бил даден еден друг голем дар што заслужувал посебно внимание. Апостол Павле му рекол: „Не занемарувај го дарот [ха́ризма] во тебе што ти беше даден преку претскажување и кога телото од постарите мажи ги положи рацете врз тебе“ (1. Тимотеј 4:14, NW). Што бил овој дар? Тој го вклучувал Тимотеевото наименување како патувачки надгледник, предност на службата за која морал одговорно да се грижи. Во истиот пасус, Павле силно го поттикнал Тимотеј: „Занимавај се со [јавното, NW] читање, со утешување и со поучување! Пази на себе и на учењето; биди постојано во тоа, оти, ако постапуваш така, ќе се спасиш и сам и оние што те слушаат“ (1. Тимотеј 4:13, 16).
Старешините денес исто така треба да ги ценат своите предности на службата. Како што истакнува Павле, еден начин на кој можат да го прават тоа е преку ‚пазење на нивното учење‘. Наместо да ги имитираат световните харизматични водачи, тие го свртуваат вниманието кон Бог, а не кон себеси. Исус, нивниот Пример, бил истакнат учител кој несомнено имал магнетска личност, но тој понизно му дал слава на својот Татко. „Учењето Мое не е Мое, а на Оној што Ме прати“ — изјавувал тој (Јован 5:41; 7:16).
Исус го прославил својот небесен Татко со тоа што ја користел Божјата Реч како авторитет за своето учење (Матеј 19:4—6; 22:31, 32, 37—40). Павле на сличен начин ја нагласил потребата надгледниците ‚цврсто да се држат за верната реч во поглед на својата уметност на поучување‘ (Тит 1:9, NW). Темелејќи ги своите говори главно на Писмото, старешините всушност ќе речат како што рекол Исус: „Зборовите што ви ги кажувам, од Себе не ги зборувам“ (Јован 14:10).
Како можат старешините ‚цврсто да се држат за верната реч‘? Така што своите говори и задачи на состаноците ќе ги сосредоточуваат на Божјата Реч, објаснувајќи и нагласувајќи ги текстовите што ги користат. Драматичните илустрации или забавните анегдоти, особено ако се претерани, можат да ѝ го одвратат вниманието на публиката од Божјата Реч и да го свртат вниманието на личните способности на говорникот. Библиските стихови, од друга страна, се она што ќе го достигне срцето и ќе ја мотивира публиката (Псалм 18:7—9; 118:40; спореди Лука 24:32). Таквите говори свртуваат помалку внимание на човек, а му даваат поголема слава на Бога.
Еден друг начин на кој старешините можат да станат поделотворни учители е преку учење еден од друг. Како што Павле му помагал на Тимотеј, така еден старешина може да му помага на друг. „Железо железо остри, и човек го изострува погледот на пријателот свој“ (Изреки 27:17; Филипјаните 2:3). Старешините извлекуваат корист од споделувањето на идеите и предлозите. Еден неодамна наименуван старешина објаснил: „Еден искусен старешина одвои време за да ми покаже како тој составува јавно предавање. Во својата подготовка, тој вклучи реторички прашања, илустрации, примери, односно куси искуства, како и библиски пасуси што внимателно ги беше истражил. Од него научив како да додадам разновидност во моите говори за да избегнам сувопарно монотоно изнесување“.
Сите ние кои уживаме предности на службата, без разлика дали сме старешини, слуги помошници или пионери, треба високо да го цениме својот дар. Кратко пред својата смрт, Павле го потсетил Тимотеј ‚да го распалува Божјиот дар [ха́ризма], кој е во него‘, кој во случајот на Тимотеј вклучувал некаков посебен дар на духот (2. Тимотеј 1:6). Во израелските домови, огништата честопати биле само вжарени јаглења. Било можно тие ‚да се распалат‘ за да дадат пламења и поголема топлина. На тој начин, охрабрени сме да го вложиме своето срце и енергија во нашите задачи, распалувајќи го како оган секој духовен дар што ни е доверен.
Духовните дарови да се споделуваат
Павловата љубов кон неговите браќа во Рим го поттикнала да напише: „Копнеам да ве видам, па да ви предадам некој духовен дар [ха́ризма] за вашето зацврстување, односно кога ќе бидам меѓу вас, заедно да се утешиме [да има размена на охрабрување, NW] преку општата вера — вашата и мојата“ (Римјаните 1:11, 12). Нашата способност да ја зацврстуваме верата на другите со тоа што ќе им зборуваме, Павле ја сметал за духовен дар. Размената на такви духовни дарови би довела до зајакнување на верата и до заемно охрабрување.
А ова секако е потребно. Во овој зол систем во кој живееме, сите ние, на еден или на друг начин, се соочуваме со стрес. Меѓутоа, редовната размена на охрабрување може да ни помогне да истраеме. Идејата за размена — и давање и примање — е важна за задржување на духовната сила. Вистина, на сите нам одвреме-навреме ни е потребно соколење, но сите ние можеме и да се изградуваме еден со друг.
Ако сме будни да ги забележуваме соверниците кои се потиштени, можеби ќе можеме „да ги утешиме оние што се наоѓаат при секаква мака, со онаа утеха, со Која Бог нѐ утешува нас самите“ (2. Коринтјаните 1:3—5). Грчкиот збор за утеха (пара́клесис) дословно значи „да викнеш на своја страна“. Ако, кога е потребно, сме покрај него за да му подадеме рака на нашиот брат или сестра, несомнено и ние самите ќе ја добиеме истата поддршка полна со љубов кога ќе бидеме во нужда (Проповедник 4:9, 10; спореди Дела 9:36—41).
Од голема корист се и пастирските посети полни со љубов од страна на старешините. Иако има прилики кога посетите се прават за да се даде библиски совет околу некоја работа што изискува внимание, повеќето пастирски посети се прилики за охрабрување, ‚за утешување на срцата‘ (Колосјаните 2:2). Кога надгледниците прават такви посети кои ја зајакнуваат верата, тие навистина даваат духовен дар. Како за Павле, овој уникатен облик на давање и за нив ќе биде наградувачки и тие ќе развијат ‚копнеење‘ по своите браќа (Римјаните 1:11).
Ова било вистина во случајот со еден старешина во Шпанија, кој го раскажува следново искуство: „Општо земено, изгледаше дека Рикардо, едно 11-годишно момче, покажува слаб интерес на состаноците и во собранието. Затоа, ги замолив родителите на Рикардо за дозвола да го посетам нивниот син, со што тие спремно се согласија. Живееја во планините на околу еден час возење од мојот дом. На Рикардо очигледно му беше пријатно да го види интересот што го покажав кон него и веднаш се оѕви. Набргу стана некрстен објавител и енергичен член на собранието. Неговата резервирана природа беше заменета со една посреќна, поотворена личност. Повеќемина во собранието прашаа: ‚Што се случило со Рикардо?‘ Се чинеше како првпат да го забележуваат. Размислувајќи за таа пресудна пастирска посета, чувствувам дека јас добив повеќе отколку Рикардо. Кога влегува во Салата на Царството, неговото лице блеска и итајќи доаѓа да ме поздрави. Беше радост да се види неговиот духовен напредок“.
Несомнено, пастирските посети, како оваа, богато се благословени. Таквите посети се во склад со Исусовата молба: „Паси ги овците Мои!“ (Јован 21:16). Се разбира, старешините не се единствените кои можат да дадат такви духовни дарови. Секој во собранието може да ги поттикне другите на љубов и на добри дела (Евреите 10:23, 24). Исто како што планинарите, кои се качуваат по една планина, се врзани меѓусебно со јаже, така и ние сме поврзани со духовни врски. Неизбежно, она што ние го правиме и велиме, влијае врз другите. Некоја остра забелешка или груба критика може да ги излиже врските што нѐ обединуваат (Ефесјаните 4:29; Јаков 3:8). Од друга страна, избраните зборови на охрабрување и на поддршка полна со љубов можат да им помогнат на нашите браќа да ги надминат своите тешкотии. На овој начин, ќе споделуваме духовни дарови од трајна вредност (Изреки 12:25).
Да се одразува Божјата слава во попотполна мера
Јасно е дека секој христијанин има некоја мера на харизма. Дадена ни е бесценетата надеж на вечен живот. Исто така, имаме духовни дарови што можеме да ги споделуваме еден со друг. И можеме да тежнееме кон тоа да ги инспирираме или мотивираме другите кон исправни цели. Некои имаат додатни дарови во облик на предности на службата. Сиве овие дарови се доказ за Божјата незаслужена љубезност. И со оглед на тоа дека секој дар што би можеле да го имаме е нешто што сме го добиле од Бог, сигурно немаме причина да се фалиме (1. Коринтјаните 4:7).
Како христијани, добро е да се прашаме: ‚Дали ќе го употребам секој степен на харизма што можеби го имам за да му донесам слава на Јехова, Дарителот на „секој добар дар и секој совршен подарок“? (Јаков 1:17). Дали ќе го имитирам Исус и ќе им служам на другите во склад со моите способности и околности?‘
Апостол Петар ја сумира нашата одговорност во овој поглед: „Служете си еден на друг, секој со дарот [ха́ризма] што го примил, како добри распоредници на разнообразната Божја благодат. Ако некој говори, нека знае дека зборува Божји зборови; ако некој служи, нека служи според силата, која Бог ја дава, та во сѐ да се прослави Бог преку Исуса Христа“ (1. Петрово 4:10, 11).
[Фуснота]
a Умреа вкупно 913 луѓе, вклучувајќи го и самиот Џим Џонс.
[Извори на слики на страница 23]
UPI/Corbis-Bettmann
Corbis-Bettmann