Радувај се во надежта
ЏО бил тешко болен од рак. Крај неговата постела седеле и разговарале жена му, Кирстен, и неколку пријатели. Кога во еден момент Кирстен го свртела погледот кон Џо, забележала дека по образите му се слеваат солзи. Првата мисла ѝ била дека тој има болки. Можеби и имал, но во овој момент, како што ѝ кажал, не плачел од болка.
„Во тие тешки моменти, околу Џо седеа блиски пријатели кои дојдоа да бидат со него“, вели Кирстен. „Освен тоа, Џо ја имаше скапоцената надеж за која сега беше сигурен дека ќе се оствари повеќе од кога и да е порано, и знаеше дека никој не може да му ја одземе. Тој рече дека неговите солзи беа, всушност, солзи радосници. Подоцна истата ноќ, Џо почина.“
Која била надежта што му давала сила на Џо додека неговата болест напредувала? Тоа била надежта во ветувањето што го дал Јехова Бог за вечен живот во совршено здравје на рајска Земја (Псалм 37:10, 11, 29). Во Откровение 21:3, 4 стои: „Божјиот шатор е со луѓето . . . Тој ќе ја избрише секоја солза од нивните очи, и смрт нема да има веќе, ниту ќе има веќе тага ни пискот ни болка. Поранешните работи [во кои спаѓаат многуте денешни проблеми] поминаа“.
Надеж и за мртвите
Надежта на Џо ќе се исполни кога повторно ќе биде вратен во живот. Навистина, за него било многу утешно ветувањето што го дал Исус дека „сите оние што се во спомен-гробовите“ — починатите кои се во Божјето сеќавање — ќе се разбудат од смртниот сон (Јован 5:28, 29). Дали си тажен поради тоа што ти умрел некој член на семејството или некој пријател? Ако да, тогаш надежта во воскресение може и тебе да те подигне. Мора да признаеме, оваа надеж нема да ни ја отстрани големата празнина што ја чувствуваме кога ќе ни почине некој од најмилите. И самиот Исус ‚ронел солзи‘ кога умрел неговиот пријател Лазар. Но, надежта сепак може да ни ја олесни болката (Јован 11:14, 34, 35; 1. Солуњаните 4:13).
Кирстен вели: „Кога Џо ја изгуби битката со ракот, мислев дека никогаш повеќе нема да бидам вистински среќна. Дури и сега, неколку години подоцна, свесна сум дека мојот живот во овој свет никогаш нема да биде истиот. Џо во моето срце остави празнина што не може да се пополни. Сепак, искрено можам да речам дека повторно имам душевен мир и спокојство“.
Зборовите на Кирстен нѐ потсетуваат дека во сегашниов свет не можеме да очекуваме секој миг да бликаме од радост. Во животот има и подеми и падови. Ќе има моменти кога ќе биде нормално да сме тажни, кога нема да бидеме весели (Проповедник 3:1, 4; 7:2-4). Освен тоа, некои од нас можеби се борат со депресија, која може да е резултат на различни причини. Сепак, ветувањата во Библијата се извор на голема утеха, а ненадминливата мудрост што се наоѓа во неа може да ни помогне да избегнеме многу замки што би можеле да водат до несреќа. „А кој ме слуша мене“, вели Бог, „останува безгрижен и живее спокојно без страв од зло“ (Пословици 1:33).
Да, Јехова ни го мисли најдоброто. Тој сака да бидеме среќни — не само површно туку длабоко, и не само за неколку години туку во сета вечност! Затоа Исус ја дал изјавата која важи секогаш: „Среќни се оние кои се свесни за своите духовни потреби“ (Матеј 5:3). Ќе бидеме мудри ако ги земеме овие зборови при срце.
[Рамка/слика на страница 9]
Девет состојки на рецептот за среќа
1. Цени ги повеќе духовните работи (Матеј 5:3).
2. Биди задоволен со она што го имаш и немој да негуваш ‚љубов кон парите‘ (1. Тимотеј 6:6-10).
3. Задоволствата нека не ти бидат најважното нешто во животот (2. Тимотеј 3:1, 4).
4. Биди дарежлив и прави сѐ што можеш за да ги усреќиш другите (Дела 20:35).
5. Биди благодарен и мисли на добрите работи што ги имаш (Колошаните 3:15).
6. Биди спремен да простиш (Матеј 6:14).
7. Мудро избирај ги своите пријатели (Пословици 13:20)
8. Води сметка за здравјето и избегнувај лоши навики (2. Коринќаните 7:1).
9. ‚Радувај се во надежта‘ за која зборува Библијата (Римјаните 12:12).
[Слики на страници 8 и 9]
Ветувањето за живот во новиот свет кое е дадено во Библијата е извор на голема утеха