Тие ја извршувале Јеховината волја
Една разборита жена спречува несреќа
РАЗУМНА жена, мажена за никаков маж — таков бил случајот со Авигеја и Навал. Авигеја била „многу умна и убава“. За разлика од неа, Навал бил „жесток и лош“ (1. Царства 25:3). Драмата што се развила, во која била вклучена оваа лошо споена двојка, ги оставила нивните имиња неизбришливо врежани во библиската историја. Да видиме на кој начин.
Услуга земена здраво за готово
Било XI-ти век пр. н. е. Давид бил помазан за иден цар на Израел, но, наместо да владее, тој бегал. Владејачкиот цар, Саул, бил решен да го убие. Како последица од тоа, Давид бил присилен да живее како бегалец. Тој и околу 600 другари најпосле нашле засолниште во пустината Фаран, јужно од Јуда и спрема Синајската пустина (1. Царства 23:13; 25:1).
Додека биле таму, наишле на овчари вработени кај еден човек по име Навал. Овој богат потомок на Халев поседувал 3.000 овци и 1.000 јарци, и ги стрижел своите овци во Кармел, еден град јужно од Хеврон и можеби на само 40-тина километри од Фаран.a Давид и неговите луѓе им помагале на Наваловите овчари да ги чуваат нивните стада од крадци кои скитале низ пустината (1. Царства 25:14—16).
Во меѓувреме, започнало стрижењето на овците во Кармел. Тоа било празнична пригода, слична на жетвата кај земјоделците. Исто така, тоа било и време на великодушна дарежливост, кога сопствениците на овци ги наградувале оние кои работеле за нив. Затоа, Давид не бил вообразен кога испратил десетмина во градот Кармел за да му побараат на Навал храна како надоместок за службата што ја вршеле во корист на неговите стада (1. Царства 25:4—9).
Наваловиот одговор бил сѐ друго освен дарежлив. „Кој е тој Давид“ — се потсмевал. Потоа, подразбирајќи дека Давид и неговите луѓе не биле ништо друго освен побегнати слуги, прашал: „Зар да го земам лебот свој и водата своја, и виното свое и месото, што сум го приготвил за стрижачите на овците, и да им дадам на луѓе, што не ги знам од каде се?“ Кога Давид чул за ова, на своите луѓе им рекол: „Препашете го секој мечот свој“. Околу 400 мажи се подготвиле за битка (1. Царства 25:10—13).
Разборитоста на Авигеја
Наваловите навредливи зборови дошле до неговата сопруга, Авигеја. Можеби тоа не било првпат таа да мора да интервенира и да дејствува како миротворец за Навал. Како и да било, Авигеја веднаш дејствувала. Без да му каже на Навал, таа собрала залихи — вклучувајќи пет овци и изобилство храна — и отишла да го пресретне Давид во пустината (1. Царства 25:18—20).
Кога Авигеја го здогледала Давид, наеднаш паднала на колена пред него. „Нека не обрнува внимание господарот мој на тој лош човек, на Навала“ — го преколнувала таа. „Еве ги даровите што робинката твоја му ги донесе на својот господар, за да им се разделат на момците, кои му служат на мојот господар.“ Таа додала: „За срцето на мојот господар тоа [ситуацијата во врска со Навал] нема да биде огорчение [причина за тетеравење, НС] и неспокојство“. Хебрејскиот збор што овде е преведен со „тетеравење“ подразбира грижа на совеста. Затоа, Авигеја го предупредила Давида да не презема брза акција за која подоцна би жалел (1. Царства 25:23—31).
Давид ја сослушал Авигеја. „Благословен да биде твојот разум и благословена да бидеш ти, поради тоа што сега не ме остави да пролевам крв“ — ѝ рекол тој. „Ако не беше побрзала и не беше дошла во пресрет мој, тоа утре до разденување јас немаше да му го оставам на Навала ни она, што мокри крај ѕид“b (1. Царства 25:32—34).
Поуки за нас
Овој библиски извештај покажува дека воопшто не е погрешно една побожна жена да преземе соодветна иницијатива, доколку тоа е потребно. Авигеја постапила против желбите на својот сопруг Навал, но Библијата не ја осудува поради тоа. Напротив, ја фали како жена од разборитост и разумност. Преземајќи ја иницијативата во оваа кризна ситуација, Авигеја спасила многу животи.
Иако, општо земено, сопругата треба да покажува дух на побожна подложност, таа со право може да не се сложи со својот сопруг кога се ставени на коцка исправните начела. Секако, таа треба да се стреми да задржи ‚тивок и благ дух‘ и не треба да дејствува независно поради инат, горделивост или бунтовност (1. Петрово 3:4, НС). Меѓутоа, една побожна жена не треба да се чувствува присилена да прави нешто за кое знае дека е многу немудро или дека ги повредува библиските начела. Вистина, извештајот за Авигеја дава цврст аргумент против оние кои инсистираат на тоа дека Библијата ги прикажува жените како обични робинки.
Овој извештај исто така нѐ учи за самосовладувањето. Повремено, Давид ја покажувал оваа особина во полна мера. На пример, одбил да го убие одмаздливиот цар Саул, иако имал доста прилики да го стори тоа, при што Сауловата смрт би му донела мир на Давид (1. Царства 24:3—8). За разлика од тоа, кога Навал навредливо го одбил, Давид бил затекнат неподготвен и се заколнал дека ќе се одмазди. Тоа претставува јасно предупредување до христијаните, кои се стремат ‚никому да не враќаат зло за зло‘. Под сите околности, тие треба да ја следат Павловата опомена: „Ако е можно, доколку тоа зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе. Не одмаздувајте се, возљубени, туку дајте му место на Божјиот гнев“ (Римјаните 12:17—19).
[Фусноти]
a За пустината Фаран се смета дека се протегала на север дури до Вирсавија. Овој дел од земјата опфаќал доста пасишта.
b Фразата „ни она, што мокри крај ѕид“ била хебрејски идиом за лица од машки род, очигледно израз на презир. (Спореди 3. Царства 14:10.)
[Слика на страница 15]
Авигеја му донесува дарови на Давид