Гледиште на Библијата
Дали христијаните треба да ја поддржуваат смртната казна?
„ТАА е и морално и етички погрешна.“ „Таа е праведна и е на место.“ Овие спротивни гледишта доаѓаат од двајца свештеници, обата номинални христијани. Тие се расправале за едно од денешните горливи спорни прашања — смртната казна. Новинската статија што ги цитирала, забележала: „Кога религиозните водачи дебатираат околу смртната казна, обете страни наведуваат библиски стихови за да ги поткрепат своите тврдења“.
Некои аргументираат дека смртната казна ги заштитува оние што се невини, ја унапредува правдата и го спречува тешкиот криминал. Други упорно тврдат дека таа е неетичка — еден начин да се одговори на насилството со уште поголемо насилство и далеку од поблагородната задача да се рехабилитираат криминалците, помагајќи им да станат корисни членови на општеството.
На политичката сцена во Соединетите Држави, оваа дебата е особено остра, а религиозните водачи не се двоумеле да се вмешаат во неа. Затоа можеби се прашуваш: ‚Дали Библијата кажува нешто во врска со смртната казна?‘ Всушност, таа кажува.
Доделено им е „оружје“ на човечките власти
Кратко после потопот од Ноевите денови, Јехова Бог ја потврдил скапоценоста на човечкиот живот и потоа изјавил: „Кој ќе пролее крв човечка, и неговата крв ќе се пролее од човечка рака“ (1. Мојсеева 9:6). Се разбира, ова не претставувало отворено одобрение за одмазда. Напротив, тоа значело дека на човечките влади кои со право се поставени, оттогаш ќе им биде дозволено да ги погубуваат оние што ќе му го одземат животот на некој друг.
Во древниот Израел, Законот што Бог го пренел преку Мојсеј пропишувал смртна казна за извесни тешки престапи (3. Мојсеева 18:29). Меѓутоа, Законот исто така се погрижил и за непристрасно судење, сведоштво на очевидци и спречување на корупцијата (3. Мојсеева 19:15; 5. Мојсеева 16:18—20; 19:15). Судиите требало да бидат оддадени луѓе кои биле одговорни лично пред Бог! (5. Мојсеева 1:16, 17; 2. Летописи 19:6—10). Со тоа постоеле заштитници од злоупотреба на смртната казна.
Денес ниту една влада на Земјава вистински не ја претставува божествената правда, како што било случај со древниот Израел. Но, владите на многу начини служат како Божји ‚служители‘, то ест застапници, на тој начин што одржуваат одредена мерка на ред и стабилност и ги обезбедуваат потребните јавни служби. Апостол Павле ги потсетил христијаните да им бидат послушни на овие ‚претпоставени власти‘, а потоа додал: „Ако, пак, правиш зло, тогаш страхувај, бидејќи тој [власта] не носи залудо оружје; тој е служител Божји и со гнев се одмаздува на оној што прави зло“ (Римјаните 13:1—4).
‚Оружјето‘ што го спомнал Павле го симболизира правото на власта да ги казнува злосторниците — па дури и со смрт. Христијаните го почитуваат тоа право, но дали тие треба да бараат да имаат збор во врска со тоа на кој начин се спроведува тоа право?
Злоупотреба на ,оружјето‘
Човечките влади сигурно многу пати ракувале со „оружје“ во корист на правдата. Но, мора да се признае дека тие биле виновни и за негова злоупотреба (Проповедник 8:9). Владата на античкиот Рим била виновна за ракување со „оружје“ за судско погубување на недолжни Божји слуги. Јован Крстител, Јаков, па дури и Исус Христос, биле меѓу нејзините жртви (Матеј 14:8—11; Марко 15:15; Дела 12:1, 2).
Во денешни времиња се случува нешто слично. Недолжни слуги на Јехова се погубувани во различни земји — од стрелачки одред, со гилотина, со бесење, во гасни комори — а сето тоа „легално“ го извршиле владите кои се обидувале да го задушат христијанството. Сите власти кои го злоупотребуваат својот авторитет, ќе му поднесат сметка на Бог. Колку само ужасна вина за крв сносат тие! (Откровение 6:9, 10).
Вистинските христијани се згрозуваат при помислата да сносат вина за крв пред Јехова Бог. Затоа, иако го почитуваат правото на власта да ракува со „оружје“, тие се длабоко свесни за неговото злоупотребување. Тоа служело како алатка за прогонство и понекогаш со него се ракувало со предрасуда и острина кон некои луѓе, а со несоодветна благост кон други.a Според тоа, на кој начин христијаните реагираат на дебатата во врска со смртната казна? Дали се вмешуваат во неа и поттикнуваат на промени?
Христијанска неутралност
За разлика од свештениците кои беа спомнати на почетокот, вистинските христијани се обидуваат да имаат на ум едно важно начело: Исус Христос им рекол на своите следбеници да ‚не бидат дел од светот‘ (Јован 15:19; 17:16).
Дали еден христијанин може да биде послушен на тој налог, но сепак да се приклучи кон дебатата во врска со смртната казна? Очигледно дека не. Ова всушност е општествено и политичко прашање. Во Соединетите Држави кандидатите за политичка служба обично го користат својот став во врска со смртната казна — без оглед дали е за или против — како една важна точка во својата кампањска програма. Тие жестоко дебатираат на таа тема и ја употребуваат емоционалната напнатост што таа тема честопати ја предизвикува како потстрек за да ги наведе гласачите кон своето движење.
Можеби прашањето за кое треба да размислува еден христијанин е следново: Дали Исус би се вмешал во расправијата за тоа на кој начин овие светски влади ракуваат со ‚оружјето‘? Сети се, кога неговите сонародници се обиделе да го вмешаат во политиката, Исус ‚се оддалечил Сам во гората‘ (Јован 6:15). Според тоа, изгледа многу поверојатно дека тој би ја оставил таа работа на местото каде што ја ставил Бог — во рацете на властите.
Слично на тоа, и денес би се очекувало христијаните да внимаваат да не се вплеткуваат во расправии на таа тема. Тие би им го признале правото на владите да постапуваат како што сакаат. Но, како христијански слуги кои не се дел од светот, тие нема ниту да даваат поддршка на смртната казна ниту, пак, да се залагаат за нејзино укинување.
Наместо тоа, тие ги имаат на ум зборовите од Проповедник 8:4: „Каде што е зборот на царот, таму е и власта; и кој ќе му каже: ‚Што правиш?‘ “ Да, на ‚царевите‘ на светот, односно на политичките владетели, им е гарантирана моќ да ја извршуваат својата волја. Ниту еден христијанин нема право да ги прекорува. Но, Јехова може и тој ќе го стори тоа. Библијата ни овозможува со радост да го очекуваме денот кога Бог ќе донесе конечна правда за секое злосторство и за секоја злоупотреба на ‚мечот‘ во овој стар свет (Јеремија 25:31—33; Откровение 19:11—21).
[Фуснота]
a На пример, затворскиот систем на САД беше критикуван поради погубувањето на помалку од 2 проценти од криминалците кои се осудени на смртна казна секоја година. Повеќето од нив умираат од природни причини, а не од погубувањето. Исто така, имаше обвиненија за пристрасност — со оглед на тоа што статистиките покажуваат дека поверојатно е еден убиец да добие смртна казна ако жртвата била белец отколку ако жртвата била црнец.
[Извор на слика на страница 17]
The Bettmann Archive