ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w04 1/9 стр. 8-13
  • Славете го Бог „со една уста“

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Славете го Бог „со една уста“
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2004
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Колку е важно христијанското единство
  • „Изразувајте си добредојде еден на друг“
  • Братската љубов донесува единство денес
  • Немој да ги спрепнеш другите
  • Дали за христијанското единство е потребна едноличност?
    Разбудете се! 2003
  • Како да задржиш чиста совест?
    Зачувај ја Божјата љубов
  • Задржи чиста совест пред Бог
    Како да ја зачуваш Божјата љубов
  • Дали совеста ти е добро изострена?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2005
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2004
w04 1/9 стр. 8-13

Славете го Бог „со една уста“

„Со една уста да го славите Бог и Таткото на нашиот Господ Исус Христос“ (РИМЈАНИТЕ 15:6).

1. Каква поука им дал апостол Павле на своите соверници во врска со тоа како да се надминат различните гледишта?

СИТЕ Христијани нема секогаш да изберат исти работи ниту, пак, имаат ист вкус за сѐ. Сепак, сите христијани мораат да одат рамо до рамо на патот кон живот. Дали е тоа можно? Да, ако не правиме голема работа од малите разлики. Оваа поука апостол Павле им ја дал на своите соверници во првиот век. Како ја објаснил оваа важна поента? И како можеме ние денес да го примениме овој инспириран совет?

Колку е важно христијанското единство

2. Како нагласил Павле дека треба да има единство?

2 Павле знаел дека христијанското единство е многу битно и дал одличен совет за да им помогне на христијаните да се поднесуваат еден со друг во љубов (Ефешаните 4:1—3; Колошаните 3:12—14). Сепак, откако во период од 20 години основал голем број собранија и откако посетил многу други, знаел дека може да биде тешко да се задржи единството (1. Коринќаните 1:11—13; Галатите 2:11—14). Затоа, ги поттикнал соверниците што живееле во Рим: „Бог, кој дава истрајност и утеха, нека ви даде . . . еднодушно со една уста да го славите Бог и Таткото на нашиот Господ Исус Христос“ (Римјаните 15:5, 6). Денес и ние мораме да го славиме Јехова Бог „со една уста“ како негов обединет народ. Како стоиме во овој поглед?

3, 4. а) Со какво различно потекло биле христијаните во Рим? б) Како можеле христијаните во Рим да му служат на Јехова „со една уста“?

3 Многу христијани во Рим му биле лични пријатели на Павле (Римјаните 16:3—16). Иако имале различно потекло, Павле ги прифатил сите свои браќа како „Божји љубени“. Тој напишал: „Му благодарам на мојот Бог преку Исус Христос за сите вас, бидејќи за вашата вера се зборува по целиот свет“. Очигледно, Римјаните биле за пример во многу работи (Римјаните 1:7, 8; 15:14). Но во исто време, извесни членови на собранието имале поинакво гледиште за некои работи. Бидејќи и христијаните денес се со различно потекло и култура, тоа што ќе го проучиме инспирираниот совет на Павле за тоа како да се надминат разликите може да ни помогне да зборуваме „со една уста“.

4 Во Рим имало и еврејски и нееврејски верници (Римјаните 4:1; 11:13). Изгледа дека некои еврејски христијани не можеле да престанат со некои обичаи што ги држеле под Мојсеевиот закон, иако требало да сфатат дека таквите обичаи не биле неопходни за спасение. Од друга страна, пак, голем број еврејски христијани прифатиле дека жртвата на Христос ги ослободува од ограничувањата што ги држеле пред да станат христијани. Како резултат на тоа, смениле некои од своите лични навики и обичаи (Галатите 4:8—11). Сепак, како што нагласил Павле, сите биле „Божји љубени“. Сите можеле да го слават Бог „со една уста“ доколку задржеле исправен умствен став еден кон друг. И ние денес можеме да имаме различни гледишта за некои работи, па затоа добро ќе биде внимателно да разгледаме како Павле го објаснува ова важно начело (Римјаните 15:4).

„Изразувајте си добредојде еден на друг“

5, 6. Зошто во собранието во Рим имало различни гледишта?

5 Во своето писмо до Римјаните, Павле зборува за една ситуација околу која имало различни мислења. Тој пишува: „Еден има вера дека може да јаде сѐ, а оној кој е слаб јаде зеленчук“. Зошто? Па, според Мојсеевиот закон свинското месо не било прифатливо како храна (Римјаните 14:2; Левит 11:7). Меѓутоа, по смртта на Исус, луѓето повеќе не биле обврзани со тој Закон (Ефешаните 2:15). Потоа, три и пол години по смртта на Исус, еден ангел му рекол на апостол Петар дека од Божја гледна точка ниедна храна не треба да се смета за нечиста (Дела 11:7—12). Имајќи ги овие фактори на ум, некои еврејски христијани можеби сметале дека можат да јадат свинско — или, пак, некоја друга храна што со Законот била забранета.

6 Меѓутоа, веројатно и самата помисла да јадат таква храна што порано била нечиста, на други еврејски христијани им била одбивна. Тие што биле поосетливи можеби инстинктивно се почувствувале навредени кога ги виделе своите еврејски браќа во Христос како јадат таква храна. Освен тоа, некои нееврејски христијани, во чијашто поранешна религија веројатно никогаш немало забрани во исхраната, можеби биле збунети зошто некој воопшто би правел проблем околу храната. Се разбира, не било погрешно некој да не јаде извесна храна, сѐ додека не инсистирал дека тоа е неопходно за да се добие спасение. Сепак, различните гледишта можеле лесно да разгорат расправии во собранието. Христијаните во Рим требало да пазат таквите разлики да не ги спречат да го слават Бог „со една уста“.

7. Какви различни гледишта имало во врска со држењето одреден ден секоја седмица?

7 Павле дава и друг пример: „Некој просудува дека едниот ден е над другиот; друг го просудува денот како сите други“ (Римјаните 14:5а). Според Мојсеевиот закон, ништо не смеело да се работи на Сабат. Дури и патувањето на тој ден било строго ограничено (Излез 20:8—10; Матеј 24:20; Дела 1:12). Меѓутоа, кога Законот бил укинат, тие забрани повеќе не важеле. Сепак, можеби на некои еврејски христијани не им било пријатно да работат каква и да било работа или да патуваат некаде подалеку на денот што порано го сметале за свет. Можеби дури и откако станале христијани, си го чувале седмиот ден исклучително за духовни цели, иако од Божја гледна точка Сабатот повеќе не бил на сила. Дали било погрешно што го правеле тоа? Не, доколку не инсистирале дека Бог бара да се слави Сабатот. Затоа, од обѕирност кон совеста на своите христијански браќа, Павле напишал: „Секој нека биде потполно уверен во својот сопствен ум“ (Римјаните 14:5б).

8. Иако можеле да покажат обѕирност кон совеста на другите, што не требало да прават христијаните во Рим?

8 Сепак, иако срдечно ги охрабрил своите браќа да бидат стрпливи со оние што се борат со работи во кои е вклучена совеста, Павле остро ги осудил оние што се обидувале да ги присилат соверниците да се подложат на Мојсеевиот закон како услов за спасение. На пример, околу 61 н.е., Павле ја напишал книгата Евреите, едно отворено писмо до еврејските христијани во кое многу јасно било објаснето дека подложноста на Мојсеевиот закон нема никаква вредност бидејќи христијаните имаат подобра надеж која се темели на Исусовата откупна жртва (Галатите 5:1—12; Тит 1:10, 11; Евреите 10:1—17).

9, 10. Што не смеат да прават христијаните? Објасни.

9 Како што видовме, Павле образложува дека тоа што некој ќе избере нешто поинакво не мора да претставува закана за единството сѐ додека нема очигледно прекршување на христијанските начела. Затоа, Павле ги прашува христијаните со послаба совест: „Зошто му судиш на својот брат?“ А посилните (можеби оние чијашто совест им дозволува да јадат некоја храна што со Законот била забранета или што работат световна работа на Сабат) ги прашува: „Зошто, исто така, гледаш со презир на својот брат?“ (Римјаните 14:10). Според Павле, христијаните со послаба совест не смеат да ги осудуваат своите браќа што имаат поширокоградо гледиште. Во исто време, христијаните што се посилни не смеат да ги презираат оние чија совест е сѐ уште слаба на одредени полиња. Сите треба да ги почитуваат исправните мотиви на другите и да не ‚мислат за себе повеќе отколку што треба да мислат‘ (Римјаните 12:3, 18).

10 Павле вака го објаснил урамнотеженото гледиште: „Оној кој јаде нека не гледа со презир на оној кој не јаде, и оној кој не јаде нека не му суди на оној кој јаде, зашто Бог му изразил добредојде“. Понатаму вели: „Христос ни изрази добредојде нам, на Божја слава“. Бидејќи и силните и слабите се прифатливи за Бог и за Христос, и ние треба да имаме сличен широкоград став и ‚да си изразуваме добредојде еден на друг‘ (Римјаните 14:3; 15:7). Зарем некој би можел со право да не се сложи со ова?

Братската љубов донесува единство денес

11. Каква посебна ситуација постоела во времето на Павле?

11 Во своето писмо до Римјаните, Павле се осврнал на една посебна ситуација. Кратко пред тоа Јехова укинал еден сојуз и воспоставил нов. На некои им било тешко да се приспособат. Денес немаме иста ваква ситуација, но одвреме навреме можат да се појават слични проблеми.

12, 13. Кои се некои ситуации во кои христијаните денес можат да покажат обѕирност кон совеста на своите браќа?

12 На пример, една христијанка можеби некогаш припаѓала на религија во која се ставал нагласок на едноставна облека и изглед. Кога ја прифатила вистината, можеби ѝ било тешко да се навикне на мислата дека не е забрането да се носи скромна, разнобојна облека што одговара на приликата или, пак, дека може да се користи шминка со вкус. Бидејќи не е вклучено никакво библиско начело, не би било на место некој да се обиде да ја натера таа христијанка да ја погази својата совест. Во исто време, таа сфаќа дека не треба да ги критикува христијанките на кои совеста им дозволува да се облекуваат така или да се шминкаат.

13 Разгледај еден друг пример. Можеби некој христијанин пораснал во средина каде што не се гледало поволно на пиењето алкохол. Откако ја запознава вистината, дознава дека Библијата го смета виното за дар од Бог и дека може умерено да се пие (Псалм 104:15). Го прифаќа тоа гледиште. Сепак, поради своето потекло повеќе сака воопшто да не пие алкохолни пијалаци, но не ги критикува оние што пијат умерено. На тој начин ги применува зборовите на Павле: „Да се стремиме кон она што придонесува за мир и кон она што служи за заемно изградување“ (Римјаните 14:19).

14. Во кои ситуации можат христијаните да го применат духот на советот што Павле им го дал на Римјаните?

14 Може да дојде и до други ситуации во кои е потребно да се примени духот на советот што Павле им го дал на Римјаните. Христијанското собрание е составено од многу поединци, и тие имаат различни вкусови. Затоа можеби ќе изберат различни работи — на пример, кога станува збор за облека и дотерување. Се разбира, Библијата дава јасни начела што сите вистински христијани ги следат. Никој од нас не треба да носи облека или фризура што е ексцентрична, нескромна или, пак, која нѐ поврзува со непожелните елементи на светот (1. Јованово 2:15—17). Христијаните треба секогаш да имаат на ум, дури и кога се одмараат, дека се слуги што го претставуваат Суверенот на универзумот (Исаија 43:10; Јован 17:16; 1. Тимотеј 2:9, 10). Меѓутоа, на многу полиња има голем избор на работи што се прифатливи за христијаните.a

Немој да ги спрепнеш другите

15. Кога би можел еден христијанин, за доброто на своите браќа, да не инсистира на своите права?

15 Има и уште едно важно начело на кое Павле ни обрнува внимание во својот совет до христијаните во Рим. Понекогаш, некој христијанин со добро школувана совест можеби ќе одлучи да не избере нешто што му е дозволено. Зошто? Затоа што сфаќа дека со тоа што ќе следи некој правец може да ги повреди другите. Што треба да направиме во таков случај? Павле вели: „Добро е да не се јаде месо, ниту да се пие вино, ниту да се прави нешто од што твојот брат се спрепнува“ (Римјаните 14:14, 20, 21). Затоа, „ние кои сме силни должни сме да ги носиме слабостите на оние кои не се силни, а не да си угодуваме себеси. Секој од нас нека му угодува на својот ближен во она што е добро за негово изградување“ (Римјаните 15:1, 2). Кога совеста на некој сохристијанин би можела да биде повредена од она што го правиме, братската љубов ќе нѐ поттикне да бидеме обѕирни и да си го ограничиме изборот. Пример за тоа би можело да биде пиењето алкохолни пијалаци. На еден христијанин му е дозволено умерено да пие вино. Но, ако тоа може да го спрепне неговиот пријател, нема да инсистира на своите права.

16. Како можеме да покажеме обѕирност кон оние што се на нашето подрачје?

16 Ова начело би можело да се примени и на нашите односи надвор од христијанското собрание. На пример, можеби живееме во област каде што религијата што преовладува таму ги учи своите приврзаници да сметаат еден ден од седмицата за ден за одмор. Затоа, за да не ги спрепнеме нашите соседи и да не направиме нешто со што би го попречиле нашето проповедничко дело, ќе се трудиме колку што можеме тој ден да не правиме ништо што би ги навредило нашите соседи. Во друг случај, некој богат христијанин можеби ќе се пресели да служи во место каде што има поголема потреба и каде што живеат сиромашни луѓе. Можеби ќе избере да покаже обѕирност кон своите нови соседи така што ќе се облекува многу едноставно или, пак, ќе живее поскромно иако финансиите му дозволуваат повеќе.

17. Зошто е разумно да ги земеме другите во обѕир кога избираме нешто?

17 Дали е разумно да очекуваме оние ‚кои се силни‘ да прават такви промени? Па, размисли за оваа илустрација: Додека возиме по некој автопат, гледаме како некои деца одат премногу блиску до патот. Дали продолжуваме да возиме со најголемата дозволена брзина само затоа што имаме законско право на тоа? Не, забавуваме за да избегнеме можна опасност за децата. Понекогаш, и во нашите односи со соверниците или со другите треба да бидеме спремни да забавиме, или да попуштиме. Можеби правиме нешто што имаме потполно право да го правиме. Не е прекршено ниедно библиско начело. Сепак, ако со тоа би ги навредиле другите или би им наштетиле на оние со послаба совест, христијанската љубов ќе нѐ поттикне да бидеме внимателни (Римјаните 14:13, 15). Да се задржи единството и да се унапредуваат интересите на Царството е поважно отколку да ги искористиме нашите лични права.

18, 19. а) Како го следиме примерот на Исус со тоа што покажуваме обѕирност кон другите? б) Во што сме потполно обединети, и за што се зборува во следната статија?

18 Кога постапуваме вака, го следиме најдобриот пример. Павле вели: „Ниту Христос не си угодуваше себеси, туку токму како што е напишано: ‚Прекорите на оние кои те прекоруваа, паднаа на мене‘ “. Исус бил спремен да го жртвува својот живот за нас. Сигурно дека ние сме спремни да жртвуваме некои наши права ако тоа им овозможи на „оние кои не се силни“ да го слават Бог со нас во единство. Навистина, со тоа што ќе бидеме флексибилни и широкогради со христијаните што имаат послаба совест — односно доброволно ќе ги ограничиме нашите избори и нема да инсистираме на нашите права — ќе го покажеме „истиот умствен став што го имаше Исус Христос“ (Римјаните 15:1—5).

19 Иако нашите гледишта за работи во кои не се вклучени библиски начела можеби донекаде се разликуваат, во работите што се поврзани со нашето обожавање ние сме потполно обединети (1. Коринќаните 1:10). На пример, таквото единство се гледа во тоа како реагираме на оние што се противат на вистинското обожавање. Божјата реч ги нарекува таквите противници странци и нѐ предупредува да се чуваме од „гласот на странците“ (Јован 10:5). Како можеме да ги препознаеме тие странци? Како треба да реагираме на нив? Овие прашања ќе бидат разгледани во следната статија.

[Фуснота]

a Кога станува збор за облекувањето, малолетните деца се водат според желбите на своите родители.

Како би одговорил?

• Зошто разликите во гледиштата во врска со лични работи не претставуваат закана за единството?

• Зошто, како христијани, треба искрено да покажуваме обѕирност еден кон друг?

• Кои се некои начини на кои денес можеме да го примениме советот на Павле за единство, и што ќе нѐ поттикне да го правиме тоа?

[Слика на страница 9]

Советот на Павле за единство бил многу битен за собранието

[Слика на страница 10]

Христијаните се обединети и покрај нивното различно потекло

[Слика на страница 12]

Што треба да направи сега овој возач?

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели