Павле организира помош во прилози за светите
ДУХОВНИТЕ интереси се од првенствена важност за вистинските христијани. Сепак, ним им е важна и грижата за физичката благосостојба на другите. Тие честопати се грижат за оние кои доживуваат тешкотии. Братската љубов ги мотивира христијаните да им помагаат на соверниците кои се наоѓаат во оскудица (Јован 13:34, 35).
Љубовта кон духовните браќа и сестри го поттикнала апостол Павле да организира собирање прилози меѓу собранијата во Ахаја, Галатија, Македонија и областа Азија. Зошто било потребно такво собирање? Како била организирана програмата за помош? Каква била реакцијата? И зошто треба да бидеме заинтересирани за она што се случило?
Ситуацијата во собранието во Ерусалим
По Пентекост 33 н.е., Евреите и прозелитите од другите места, кои станале ученици на Пентекост, останале некое време во Ерусалим за да научат повеќе за вистинската вера. Таму каде што било потребно, сообожавателите радо помагале да се носи товарот од тој продолжен престој (Дела 2:7-11, 41-44; 4:32-37). Можеби натамошна потреба се јавила поради граѓанските немири, бидејќи еврејските националисти подбуцнале побуна и насилство од толпи. Меѓутоа, за да не биде гладен ниеден следбеник на Христос, секој ден се делело храна на сиромашните вдовици (Дела 6:1-6). Самиот Ирод го прогонувал собранието, и кон средината на 40-тите н.е., во Јудеја беснеел глад. Што се однесува до Исусовите следбеници, од сево ова можеби произлегло она кое Павле го нарекол „страдања“, „неволји“ и ‚разграбување на [нивниот] имот‘ (Евреите 10:32-34; Дела 11:27—12:1).
Околу 49 н.е. ситуацијата сѐ уште била сериозна. Затоа, откако се сложиле Павле во своето проповедање да се сконцентрира на не-Евреите, Петар, Јаков и Јован го поттикнале да ‚ги има на ум сиромасите‘. Тоа е, всушност, она што Павле настојувал да го прави (Галатите 2:7-10).
Се организира собирање
Павле надгледувал еден фонд за сиромашните христијани во Јудеја. Околу 55 н.е. на коринќаните им рекол: „А што се однесува до собирањето кое е за светите, како што им наредив на собранијата од Галатија така правете и вие. Секој прв ден од седмицата секој од вас во својата куќа нека става нешто настрана и нека собира, колку што има . . . [Потоа] оние за кои ќе дадете одобрение со писма, нив ќе ги испратам да го однесат вашиот љубезен дар во Ерусалим“ (1. Коринќаните 16:1-3). По една година Павле рекол дека Македонија и Ахаја зеле учество. А кога сумата била испратена во Ерусалим, изгледа присутноста на делегати од областа Азија покажува дека приложиле и собранијата од тој регион (Дела 20:4; 2. Коринќаните 8:1-4; 9:1, 2).
На никого не му се вршело притисок да даде повеќе отколку што можел да си дозволи. Наместо тоа, се работело за изедначување така што вишокот на некои можел да го израмни недостигот меѓу светите во Ерусалим и во Јудеја (2. Коринќаните 8:13-15). „Секој нека прави како што решил во своето срце, не безволно ниту под принуда, зашто Бог љуби весел дарител“ (2. Коринќаните 9:7).
Апостол Павле им на дал на коринќаните добра причина да бидат великодушни. Исус ‚станал сиромашен поради нив, за тие да се збогатат‘ духовно (2. Коринќаните 8:9). Секако, тие сакале да го имитираат неговиот дух на давање. Освен тоа, бидејќи Бог ги збогатувал „со секој вид великодушност“, било пригодно тие да помогнат во задоволувањето на потребите на светите (2. Коринќаните 9:10-12).
Ставот на учесниците
Ние можеме многу да научиме за доброволното давање ако го разгледаме ставот на учесниците во програмата за помош на светите во првиот век. Со собирањето било покажано повеќе отколку само грижа за сиромашните сообожаватели на Јехова. Тоа подразбирало дека постоела врска на братство меѓу еврејските и нееврејските христијани. Нудењето и прифаќањето прилози означувало единство и пријателство меѓу овие не-Евреи и Евреи. Нивното делење било и материјално и духовно (Римјаните 15:26, 27).
Можеби Павле во почетокот не ги повикал македонските христијани да учествуваат — и самите тие се наоѓале во крајно сиромаштво. Меѓутоа, тие ‚постојано се молеле за предноста да даваат‘. И, иако доживувале „голем испит под неволја“, тие радосно давале „и преку своите вистински можности“! (2. Коринќаните 8:1-4). Изгледа нивниот голем испит вклучувал обвиненија дека учествуваат во некоја религија која е незаконска за Римјаните. Затоа е разбирливо тоа што имале сочувство кон своите јудејски браќа кои поднесувале слични тешкотии (Дела 16:20, 21; 17:5-9; 1. Солуњаните 2:14).
Иако Павле ја искористил почетната ревност на коринќаните за собирање со цел да ги охрабри Македонците, одушевеноста во Коринт се намалила. Сега апостолот ја навел великодушноста на Македонците за да ги мотивира коринќаните. Нашол за потребно да ги потсети дека е време да го довршат она што го започнале една година пред тоа. Што се случило? (2. Коринќаните 8:10, 11; 9:1-5).
Тит започнал со собирање во Коринт, но се јавиле проблеми кои веројатно ги попречиле неговите напори. Откако се консултирал со Павле во Македонија, Тит се вратил со други двајца за да го зајакне собранието во Коринт и да го доврши собирањето. Можеби некои инсинуирале дека Павле се обидува да ги искористи коринќаните. Веројатно затоа испратил тројца мажи да го довршат собирањето и дал препораки за секого од нив. „Избегнуваме некој да ни најде замерка во врска со овој обилен прилог за кој треба да се погрижиме“, рекол Павле. „Зашто, ‚правиме чесни подготовки, не само пред очите на Јехова туку и пред очите на луѓето‘“ (2. Коринќаните 8:6, 18-23; 12:18).
Доставување на прилогот
До пролетта 56 н.е. приложените пари биле спремни да бидат однесени во Ерусалим. Павле требало да оди со делегацијата која ја избрале оние што приложиле. Во Дела 20:4 се вели: „Го придружуваа Сопатер, синот на Пир од Верија, и солуњаните Аристарх и Секунд, и Гај од Дерва, и Тимотеј, и Тихик и Трофим од областа Азија“. Изгледа дека меѓу нив бил и Лука кој можеби ги претставувал христијаните од Филипи. Значи, во оваа мисија заминале најмалку деветмина мажи.
„Вкупниот износ на собраниот прилог сигурно бил приличен“ вели изучувачот Дитер Георги, „инаку последните напори, во кои биле вклучени и Павле и толку многу делегати, не би биле вредни за толкава неволја и трошок.“ Групата служела не само од безбедносни причини туку и да го заштити Павле од секакво обвинение за нечесност. Испратените ги претставувале нееврејските собранија пред светите во Ерусалим.
Пловејќи од Коринт кон Сирија, делегацијата требало да стигне во Ерусалим до Пасхата. Меѓутоа, веста дека е скована завера Павле да биде убиен довела до промена на плановите (Дела 20:3). Можеби неговите непријатели имале намера да го убијат на море.
Павле имал и други грижи. Пред да замине, на христијаните во Рим им напишал да се молат за да ‚биде избавен од неверниците во Јудеја и неговата служба за Ерусалим да се покаже прифатлива за светите‘ (Римјаните 15:30, 31). Иако светите несомнено ќе ги добиеле прилозите со голема благодарност, Павле можеби бил загрижен за проблемот кој со неговото пристигнување би можел да настане меѓу Евреите општо земено.
Апостолот сигурно ги имал на ум сиромашните. Иако Писмото не кажува кога бил предаден прилогот, неговото доставување унапредило единство и им овозможило на нееврејските христијани да им покажат благодарност на своите јудејски соверници за духовното богатство што го добиле од нив. Појавувањето на Павле во храмот набрзо по пристигнувањето во Ерусалим испровоцирало метеж и водело до негово апсење. Но, ова на крај му дало прилики да им сведочи на управители и цареви (Дела 9:15; 21:17-36; 23:11; 24:1—26:32).
Нашите прилози денес
Од првиот век па досега се измениле многу работи — но не и основните начела. Христијаните се исправно информирани за финансиските потреби. Сите прилози кои ги даваат за оние кои се во оскудица треба да бидат доброволни, мотивирани од љубов кон Бог и ближните (Марко 12:28-31).
Акциите за помош кои се организирале во корист на светите во првиот век покажуваат дека надгледувањето на таквото приложување мора да биде добро организирано и извршено на еден крајно совесен и чесен начин. Се разбира, Јехова Бог е свесен за потребите, и се грижи за своите слуги за да можат тие да продолжат да ја споделуваат добрата вест за Царството со другите и покрај тешкотиите (Матеј 6:25-34). Сепак, сите ние можеме да го сториме својот дел, сеедно каков е нашиот економски статус. На тој начин ‚кој има многу, нема премногу, и кој има малку, нема премалку‘ (2. Коринќаните 8:15).