ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w04 1/5 стр. 27-31
  • Древните спортови и важноста на победата

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Древните спортови и важноста на победата
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2004
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Древна практика
  • Дисциплините
  • Наградата
  • Вежбалниците и нивните атлетичари
  • Христијаните и игрите
  • Од Олимпија до Сиднеј
    Разбудете се! 2000
  • „Трчајте на таков начин“
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2001
  • Дали натпреварувањето во спортот е погрешно?
    Разбудете се! 1996
  • Што треба да знам за спортувањето?
    Младите прашуваат
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2004
w04 1/5 стр. 27-31

Древните спортови и важноста на победата

„СЕКОЈ кој учествува во натпревар, покажува самосовладување во сѐ.“ „Кога некој се натпреварува во игрите, не го крунисуваат ако не се натпреварувал според правилата“ (1. Коринќаните 9:25; 2. Тимотеј 2:5).

Игрите на кои апостол Павле укажал биле составен дел од древната грчка цивилизација. Што ни кажува историјата за таквите натпревари и за атмосферата што ги опкружувала?

Неодамна, во Колосеумот во Рим беше одржана изложба за грчките игри, Nike—Il gioco e la vittoria („Ника — игрите и победата“).a Изложените предмети дадоа некои одговори на тоа прашање и тема за размислување во врска со гледиштето на христијаните за спортот.

Древна практика

Грција не била првата цивилизација што се занимавала со спорт. Сепак, околу осми век пр.н.е. грчкиот поет Хомер опишал едно општество што било движено од јуначки идеали и натпреварувачки дух, во кое воената вештина и атлетиката биле многу ценети. Првите грчки манифестации, беше објаснето на изложбата, почнале како религиозни настани во чест на боговите при погребите на јуначките ликови. На пример, во Илијада на Хомер, најстарото зачувано дело од грчката литература, е опишано како благородните воини, другари на Ахил, го положиле своето оружје за време на погребните ритуали за Патрокле и се натпреварувале за да го покажат своето јунаштво во бокс, борење, фрлање диск и копје и во трки со двоколки.

Слични манифестации почнале да се слават низ цела Грција. Прирачникот за изложбата вели: „Манифестациите претставувале главна прилика во која Грците, од почит кон своите богови, ги оставале своите бескрајни и честопати насилни расправии, и успевале да го претворат својот типичен натпреварувачки дух во мирно, но и во исто толку искрено достигнување: атлетски натпревар“.

Групи од градови-држави ја усвоиле навиката редовно да се собираат во заеднички центри на обожавање за да им искажат почит на своите божества преку атлетски натпревари. Со текот на времето, четири такви манифестации — Олимписката и Немејската, и двете посветени на Зевс, и Питиската и Истамската, посветени на Аполон и на Посејдон — станувале сѐ позначајни додека не добиле статус на панхеленски празници. Со други зборови, тие биле отворени за натпреварувачи од целиот грчки свет. Карактеристика на манифестациите биле жртвата и молитвата, но исто така, на нив им се укажувала чест на боговите преку извонредни атлетски натпревари или натпревари на кои се покажувале разни вештини.

Најстарата и најугледната од тие манифестации, за која се вели дека датира од 776 пр.н.е., се одржувала секоја четврта година на Олимпија во чест на Зевс. Втора по важност била Питиската манифестација. Се одржувала во близина на најславното пророчиште во древниот свет, во Делфи, и исто така вклучувала атлетика. Но, се одржувала во чест на заштитникот на поезијата и музиката, Аполон, и нагласок се ставал на песните и на танцот.

Дисциплините

Во споредба со современата атлетика, бројот на дисциплини бил доста ограничен, а можеле да се натпреваруваат само мажи. На програмата на древните Олимписки игри никогаш немало повеќе од десет дисциплини. Киповите, релјефите, мозаиците и цртежите на глинени вазни изложени во Колосеумот прикажуваат слики од нив.

Имало трки на три далечини — стадиум, од околу 200 метри; двојна трка, слична на денешната трка на 400 метри и долга трка од околу 4.500 метри. Атлетичарите трчале и вежбале потполно голи. Натпреварувачите во петобојот се натпреварувале во пет дисциплини: трчање, скок во далечина, диск, копје и борење. Другите мечеви вклучувале борење и панкратиум, кој се опишува како „суров спорт што бил спој на боксување со голи тупаници и борење“. Потоа, имало трки со двоколки на далечина од осум стадиуми, лесни, на мали тркала и со отворен заден дел, а ги влечеле два или четири ждрепци или коњи.

Боксот бил крајно насилен а понекогаш и смртоносен. Натпреварувачите на своите тупаници носеле ленти од крута кожа наполнети со убиствени метални додатоци. Можеш да си замислиш зошто еден натпреварувач по име Стратофонте не можел да се препознае кога се видел во огледалото по четири часа бокс. Древните кипови и мозаици сведочат за тоа дека боксерите ужасно се изобличувале.

Во борењето, правилата дозволувале зафати само во горниот дел од телото, а победник бил оној што прв трипати ќе го соборел својот противник. За разлика од тоа, во панкратиумот немало забранети зафати. Натпреварувачите можеле да се клоцаат, да се удираат со тупаници и да си ги исчашуваат зглобовите. Единствено било забрането да си ги копаат очите, да се гребат и да се касаат. Целта била да се онеспособи противникот на земја и да се натера да се предаде. Некои сметале дека тоа бил „најдобриот спектакл во цела Олимпија“.

Се вели дека најпознатата средба во панкратиум во древно време се одржала во олимпиското финале во 564 пр.н.е. Арахион, кого противникот го давел, бил доволно присебен за да му измести еден прст на ногата. Неговиот противник, совладан од болката, се предал токму во моментот пред Арахион да умре. Судиите го прогласиле мртвото тело на Арахион за победник!

Трките со двоколки биле најугледната дисциплина, а исто така и најпопуларна кај аристократите, зашто победник не бил возачот туку сопственикот на колата и на коњите. Пресудни моменти во натпреварот биле стартот на трката, кога возачите на колите морале да останат на патеката, и пред сѐ свртувањата околу столбовите на секој крај од патеката. Грешките или прекршоците можеле да предизвикаат несреќи што ја правело оваа дисциплина уште поспектакуларна.

Наградата

„Сите тркачи трчаат“, рекол апостол Павле, „но само еден ја добива наградата“ (1. Коринќаните 9:24). Победата била најважното нешто. Немало сребро или бронза, немало второ или трето место. „Победата, ‚Ника‘, била крајната цел на атлетичарот“, објасни изложбата. „Само таа ќе го задоволела, зашто само таа била вистински одраз на неговиот карактер, и физички и морален, и на гордоста на неговиот град.“ Тој став е сумиран со една реченица од Хомер: „Научив секогаш да бидам најдобар“.

Наградата што му се доделувала на победникот на панхеленските игри била чисто симболична — круна од лисје. Павле ја нарекол „распадлива круна“ (1. Коринќаните 9:25). Сепак, наградата имала длабоко значење. Таа ја претставувала природната сила што го надарила победникот со својата моќ. Победата, кон која се тежнеело со цврста решителност, значела ни помалку ни повеќе туку наклоност од боговите. Изложените предмети даваат докази за тоа како древните скулптори ја замислувале Ника, крилестата грчка божица на победата, како му ја дава круната на победникот. Победа на Олимпија била врвот во кариерата на секој атлетичар.

Олимписките круни биле направени од лисја на дива маслина — истамските од бор, питиските од ловор, немејските од див целер. Организаторите на игрите на други места нуделе парични или други награди за да привлечат натпреварувачи од највисок калибар. Неколку вазни изложени на изложбата биле награди на панатинските игри што се одржувале во Атина во чест на божицата Атина. Овие амфори првобитно содржеле скапоцено масло од Атика. Сликата на едната страна од вазните ја прикажува божицата и ја содржи фразата „награда за натпреварите на Атина“. На другата страна има слика на конкретна дисциплина, веројатно дисциплината во која атлетичарот победил.

Грчките градови уживале да ја делат славата на нивните атлетичари, кои со своите победи станувале јуначки ликови во своите родни заедници. Враќањето на победниците се прославувало со триумфални поворки. Во нивна чест биле подигани кипови како приноси за благодарност до боговите — чест што обично не им се искажувала на смртници — а поетите го опевале нивното јунаштво. Потоа на победниците им се доделувале првите места на јавните церемонии и до крајот на животот добивале приход на трошок на државата.

Вежбалниците и нивните атлетичари

Атлетските натпревари се сметале за основен елемент во развојот на граѓанинот-војник. Сите грчки градови имале свои вежбалници, каде што физичката обука на младите мажи била споена со поука во интелектуални и духовни дисциплини. Зградите на вежбалниците биле распоредени околу големи отворени простори за вежбање, опкружени со тремови и со други покриени простории што служеле како библиотеки и училници. Ваквите институции ги посетувале пред сѐ млади мажи од богати семејства кои можеле да си дозволат да посветат време на образованието наместо да работат. Овде, атлетичарите се подложувале на долги, интензивни подготовки за игрите со помош на тренери, кои исто така им препишувале и диети и пазеле да немаат секс.

Изложбата во Колосеумот им даде прилика на посетителите да се восхитуваат на убавите сликовити претстави на древни атлетичари, претежно римски копии на оригиналните грчки скулптури. Бидејќи во класичната идеологија, физичкото совршенство било исто што и морално совршенство и било исклучително право на аристократијата, овие добро градени тела на победнички атлетичари претставувале филозофски идеал. Римјаните ги ценеле како уметнички дела и многу од нив украсувале стадиони, бањи, вили и палати.

Насилните спектакли отсекогаш биле популарни меѓу Римјаните, па така, од сите грчки дисциплини изведувани во Рим најценети биле боксот, борењето и панкратиумот. Римјаните не ги сметале тие спортови како натпревар помеѓу рамноправни противници за да се одреди нивната храброст туку едноставно како забава. Првобитната замисла на спортот како заедничко учество на елитни воини-атлетичари како дел од нивното образование била заборавена. Наместо тоа, Римјаните ги свеле грчките игри или на здрави вежби пред капење или на спортови во кои учествувале професионалци од пониска класа, многу слично на гладијаторските натпревари.

Христијаните и игрите

Религиозната природа на игрите била една причина зошто христијаните од првиот век ги избегнувале, зашто „каква согласност има Божјиот храм со идолите?“ (2. Коринќаните 6:14, 16). Како е со денешните спортови?

Очигледно, современите спортови не им оддаваат чест на пагански богови. Сепак, зарем не е точно дека некои спортови се проследени со речиси религиозен жар, кој е сличен на жарот што го имало во древни времиња? Освен тоа, како што покажуваат извештаите од изминатите неколку години, за да победат некои спортисти биле спремни да земаат допинг што им го загрозило здравјето па дури и животот.

За христијаните, физичките достигнувања имаат многу ограничена вредност. Духовните особини на „тајната личност на срцето“ се она што нѐ прави убави во Божји очи (1. Петрово 3:3, 4). Признаваме дека сите што денес учествуваат во спорт немаат жесток натпреварувачки дух, но мнозина имаат. Дали дружењето со нив ќе ни помогне да го следиме библискиот поттик ‚да не правиме ништо од кавгаџиство ниту од егоизам, туку да имаме понизност на умот‘? Или, зарем резултатот од таквото дружење нема да биде „непријателства, кавги, љубомора, изливи на гнев, препирки, поделби“? (Филипјаните 2:3; Галатите 5:19—21).

Многу современи спортови во кои е вклучен физички контакт имаат потенцијал за насилство. Секој што го привлекуваат такви спортови треба да се сети на зборовите од Псалм 11:5: „Господ ги испитува: праведниот и неправедниот, од дното на душата го мрази силникот“.

Кога е на своето исправно место, вежбањето може да биде пријатно, а и апостол Павле рекол дека „телесното вежбање е корисно за малку“ (1. Тимотеј 4:7—10). Меѓутоа, кога зборувал за грчките игри, Павле пригодно се осврнал на нив за да илустрира колку е важно христијаните да имаат особини како што се самосовладување и истрајност. Целта што Павле се трудел да ја достигне, пред сѐ друго, била да ја добие ‚круната‘ на вечен живот што Бог ја дава (1. Коринќаните 9:24—27; 1. Тимотеј 6:12). Со тоа оставил пример за нас.

[Фуснота]

a Ника е грчки збор за „победа“.

[Рамка/слики на страница 31]

Боксерот се одмара

Овој бронзен кип од четврти век пр.н.е. ги покажува разорните последици од древниот бокс во кој, според каталогот за изложбата во Рим, „отпорноста на боксерот . . . зафатен во исцрпувачки борби, во текот на кои ‚се давало рана за рана‘, се величала како одличен пример“. „Белезите од штотуку завршената борба се придодаваат на оние од претходните средби“, продолжува натписот.

[Слика на страница 29]

Трките со двоколки биле најзначајната дисциплина на древните натпревари

[Слика на страница 30]

Древните уметници ја замислувале Ника, крилестата божица на победата, како го крунисува победникот

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели