Гледиште на Библијата
Дали христијанското единство допушта разноликост?
ЕДИНСТВОТО во христијанското собрание е витално. Неединството во доктриналното верување би покренало жесток раздор, неслога, па дури и непријателство (Дела 23:6—10). Библијата вели дека „Бог не е Бог на безредие, туку на мирот“ (1. Коринтјаните 14:33). Значи, христијаните се опоменати да зборуваат согласно и да бидат обединети во истиот ум и во истиот правец на размислување (1. Коринтјаните 1:10).
Дали овие зборови, како и слични библиски стихови, охрабруваат на стриктна еднообразност меѓу христијаните во секој поглед? (Јован 17:20—23; Галатјаните 3:28). Дали вистинското христијанство какво што е опишано во Библијата одвратува од разноликост кога станува збор за индивидуални личности? Дали од сите христијани се очекува да влезат во некаков строг калап?
Бог нѐ привлекува поединечно
Некои луѓе цврсто веруваат дека Библијата е само уште една алатка за произволна контрола на масите. Точно е дека некои секти честопати ја злоупотребувале на таков начин. Меѓутоа, Исус дал една сосема поинаква слика за Списите и за нивниот Божествен Автор. Тој го опишал Бог како оној кој покажува силен интерес за секое од своите созданија.
Во Јован 6:44, Исус објаснил: „Никој не може да дојде при Мене, ако не го привлече Отецот“. Глаголот што е употребен овде не укажува на тоа дека Бог ги тегне луѓето против нивната волја. Наместо тоа, Бог нежно привлекува, повикувајќи се на срцето. Како што се изразил еден библиски изучувач, постои ‚влијание од Бог за да го наклони умот да верува‘. Создателот не гледа на човечката фамилија како на една безлична маса. Тој ги проценува поединците и нежно ги привлекува кон себе оние кои имаат срце кое е исправно настроено (Псалм 10:5; Изреки 21:2; Дела 13:48).
Забележете само колку прилагодлив бил апостол Павле. Тој ги увидел посебните потреби на поединците и признал дека извесни гледишта биле вообичаени за одредени националности или позадини. Потоа, го прилагодил својот пристап според тоа. Тој напишал: „На Јудејците им бев како Јудеец, за да ги придобијам Јудејците . . . За слабите станав како слаб, за да ги придобијам слабите. За сите станав сѐ, та по каков и да било начин да спасам некого“ (1. Коринтјаните 9:20—22).
Јасно е дека Павле не ги шаблонизирал луѓето ниту, пак постапувал со нив на ист начин. Тој им го дал следново охрабрување: „Зборот ваш секогаш да биде благодатен, зачинет со сол, за да знаете како треба на секого да му одговарате“ (Колосјаните 4:6). Да, Павле и другите христијани морале да ја препознаат и да ја почитуваат единственоста на секоја личност за да ѝ помогнат.
Божјиот првобитен наум
Ваквото почитување на една личност како поединец продолжува и откако некој ќе стане дел од христијанското собрание. Божјиот народ не се потопува во морето на потполна еднообразност и апсолутно усогласување со склоностите на оние кои имаат авторитет. Наместо тоа, тие се радуваат на една широка разноликост од личности и имаат различни способности, навики и мислења. Индивидуалноста на секој еден не се смета за нешто што ќе пречи или додева. Таа е дел од Божјиот првобитен наум.
Значи, во новиот свет што во Библијата е ветен за праведните, совршенството помеѓу луѓето ќе допушти голема разноликост (2. Петрово 3:13). Под насловот „Совршенство“, библиската енциклопедија Insight on the Scripturesa соодветно ги дава следниве коментари: „Сепак, совршенството не значи крај на разноликоста, како што често претпоставуваат луѓето. Животинскиот свет, кој е производ на Јеховината ‚совршена активност‘ (1Мо[јсеева] 1:20—24; 5Мо[јсеева] 32:4, NW), содржи огромна разноликост“.
Insight додава: „Совршенството на планетата Земја исто така не е неспојливо со разноликоста, промената или контрастот; тоа остава простор за едноставно и за сложено, за обично и украсено, за кисело и слатко, за рапаво и мазно, за ливади и шуми, за планини и долини. Тоа ја опфаќа стимулативната свежина на раната пролет, топлината на летото со неговите азурно-сини неба, прекрасноста на есенските бои, чистата убавина на свежопаднатиот снег (1. Мо[јсеева] 8:22). Така, совршените луѓе нема да бидат стереотипи со идентична личност, таленти и способности“.
Обѕирност кон другите
Меѓутоа, вистинското христијанство одвратува од себична безобѕирност кон оние кои се околу нас. Апостол Павле одблизу го разгледувал секој аспект од неговиот живот и однесување за да избегне да ги спрепне другите. Во своето писмо до собранието во Коринт, тој рекол: „Никому никаков повод не даваме, за да не се напаѓа нашата служба“ (2. Коринтјаните 6:3). Понекогаш мораме да ги контролираме нашите лични желби и да ги ставаме потребите на другите над нашите сопствени склоности. На пример, на христијаните во Рим Павле им напишал: „Подобро е да не јадеш месо, да не пиеш вино и да не правиш ништо, од кое братот твој се сопнува“ (Римјаните 14:21).
Слично и денес, едно лице може да избере да се воздржува од земање алкохол во присуство на некој на кого му е проблем да се контролира во пиењето (1. Коринтјаните 10:23, 24). Ова не се прави од принуда да се попушти, туку како еден благороден чин на љубезност и љубов. „Оти и Христос не угоди на Себеси.“ Исус бил една индивидуална личност, но не инсистирал на своите склоности на сметка на туѓите чувства (Римјаните 15:3).
Сепак, еден од најосвежителните аспекти на вистинското христијанство е неговата почит кон слободата и склоностите на поединецот во границите на упатствата од Библијата. Таа учи дека Бог нѐ создал да бидеме различни и единствени. Во 1. Коринтјаните 2:11 читаме: „Кој човек знае, што има во човекот, освен човечкиот дух, кој живее во него?“ Ние се обидуваме да ги разбереме другите колку што е можно повеќе. Но, овој стих укажува дека секој од нас има единственост што ја разбираат само тој и неговиот Создател. Ние имаме ‚тајна личност на срцето‘ која ја откриваме доколку го избереме тоа (1. Петрово 3:4, NW).
Единство и разноликост — деликатна рамнотежа
Апостол Павле дал добар пример за христијанска рамнотежа. Иако имал авторитет како Христов апостол, тој внимавал да не им го наметнува на другите своето мислење.
На пример, Павле имал многу цврсто мислење за предностите на самештвото во овој несовршен свет. Самиот тој бил самец во времето кога напишал: „Таквите [кои се женат] ќе имаат телесни неволји“ и „[вдовицата] поблажена е, ако си остане така, според моето мислење“. Фактот што неговите зборови станале дел од инспирираната Божја Реч покажува дека немало ништо погрешно во неговото мислење. Сепак, тој исто така објаснил: „Но, ако се ожениш, нема да згрешиш“ (1. Коринтјаните 7:28, 40).
Очигледно, повеќето од апостолите биле женети луѓе, како што признал Павле со зборовите: „Зар немаме право да водиме со себеси една жена сестра, како и другите апостоли и браќата Господови и Кифа?“ (1. Коринтјаните 9:5). Христијаните знаеле дека во таа работа тие можеле да направат избори поинакви од Павловиот и дека тој сѐ уште ќе ги почитува.
На Божјите обожаватели секогаш им било допуштено да ја изразуваат својата вера во склад со нивната единствена личност. Всушност, дури и на писателите на Библијата Бог им допуштил да користат личен стил кога пишувале. На пример, Неемија бил понизен иако го напишал својот извештај во прво лице (Неемија 5:6, 19). Од друга страна, пак, од скромност апостол Јован ниту еднаш не го употребил своето име во неговото Евангелие и ретко се осврнувал на себеси. Бог ги одобрил обата стила и дал да се зачуваат во Библијата.
Слични примери на урамнотеженост и разумност се наоѓаат низ Списите. Јасно е дека христијанското единство допушта разноликост. Се разбира, различноста на потеклата и мислењата може да води до неединство кога недостигаат духовни особини (Римјаните 16:17, 18). Но, кога ќе ‚се облечеме во љубов, совршената врска на единството‘, учиме да ги прифаќаме и да уживаме во единствената личност на другите (Колосјаните 3:14, NW).
„Затоа примајте се еден со друг“, вели Библијата, „како што и Христос ве прими за славата Божја“ (Римјаните 15:7). Со помош на Божјиот дух, христијаните можат да ја постигнат деликатната рамнотежа на одржувањето единство додека се радуваат на една разноликост од единствени личности во собранието.
[Фуснота]
a Издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
[Истакната мисла на страница 14]
Создателот не гледа на човечката фамилија како на една безлична маса
[Истакната мисла на страница 15]
Секој од нас има единственост што ја разбираат само тој и неговиот Создател