ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w01 15/3 стр. 10-14
  • Извојувај победа над човечката слабост

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Извојувај победа над човечката слабост
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2001
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Реалноста на искушението и гревот
  • Немој да имаш прекумерна самодоверба
  • Можеме да се спротивставиме на искушението!
  • Како може да ни помогне молитвата
  • Активно спротивставувај се на искушението
  • Бори се со искушенијата
    Разбудете се! 2014
  • Како да не им попуштам на искушенијата?
    Младите прашуваат
  • Искушенија
    Разбудете се! 2017
  • Чувај се од искушенија!
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2024
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2001
w01 15/3 стр. 10-14

Извојувај победа над човечката слабост

„Настроеноста на умот кон телото значи смрт“ (РИМЈАНИТЕ 8:6).

1. Како гледаат некои на човечкото тело, и кое прашање заслужува да го разгледаме?

„ТИ БЛАГОДАРАМ што сум создаден толку чудесно“ (Псалм 139:14). Така пеел псалмистот Давид додека размислувал за една од Јеховините творби — човечкото тело. Спротивно на таквата цврсто заснована фалба, има верски учители кои сметаат дека телото е скривница и инструмент на грев. Наречено е „плашт на незнаење, темел на пороци, пранги на расипаност, мрачен кафез, крајна беда, жив леш, подвижен гроб“. Вистина е дека апостол Павле рекол: „Во моето тело, не престојува ништо добро“ (Римјаните 7:18). Но, дали ова значи дека ние сме безнадежно фатени во стапица на грешното тело?

2. а) Што значи „настроеноста на умот кон телото“? б) До каков конфликт меѓу „телото“ и „духот“ доаѓа во луѓето кои сакаат да му угодат на Бог?

2 Понекогаш Писмото укажува на човечкиот организам како на „тело“ (1. Цареви 21:27). Исто така, тоа го користи „тело“ за да го претстави човекот во неговата несовршена состојба како грешен потомок на бунтовниот Адам (Ефешаните 2:3; Псалм 51:5; Римјаните 5:12). Наследството што сме го добиле од него донело ‚слабост на телото‘ (Римјаните 6:19). А Павле предупредил: „Настроеноста на умот кон телото значи смрт“ (Римјаните 8:6). ‚Настроеност кон телото‘ значи да се биде контролиран и мотивиран од желбите на паднатото тело (1. Јованово 2:16). Затоа, ако се обидуваме да му угодиме на Бог, постои постојан конфликт меѓу нашата духовност и нашата грешна природа која непопустливо врши притисок врз нас да ги извршуваме „делата на телото“ (Галатите 5:17-23; 1. Петрово 2:11). Откако го опишал овој болен судир во самиот себе, Павле извикал: „Беден човек сум јас! Кој ќе ме спаси од телото кое е подложно на оваа смрт?“ (Римјаните 7:24). Дали Павле бил една беспомошна жртва на искушение? Библијата одговара со едно громко ‚не‘!

Реалноста на искушението и гревот

3. Како многумина гледаат на гревот и на искушението, но како Библијата предупредува против таквиот став?

3 За многумина денес гревот е еден неприфатлив концепт. Некои го користат зборот „грев“ во хумористична смисла како застарен термин за да ги опишат човечките мани. Тие не сфаќаат дека „сите ние мораме да бидеме откриени пред Христовата судиска столица, за секој да ја добие својата награда за она што го направил во тело, според она што го правел, било добро или подло“ (2. Коринќаните 5:10). Други можеби даваат несериозна забелешка: „Можам да се спротивставам на сѐ, освен на искушението!“ Некои луѓе живеат во култура која е сосредоточена на „инстант“ задоволства, сеедно дали се работи за храна, секс, забава или успех. Тие не само што сакаат сѐ туку и го сакаат тоа веднаш! (Лука 15:12). Не гледаат подалеку од моменталното задоволство — на идната радост на „вистинскиот живот“ (1. Тимотеј 6:19). Меѓутоа, Библијата нѐ учи да размислуваме внимателно и да бидеме далековиди, избегнувајќи сѐ што би ни наштетило духовно или во некој друг поглед. Една инспирирана изрека вели: „Умниот човек го забележува злото и се засолнува, а глупаците одат безгрижно и страдаат“ (Пословици 27:12).

4. Каква опомена дал Павле во 1. Коринќаните 10:12, 13?

4 Кога им пишувал на христијаните кои живееле во Коринт — град познат по својата морална изопаченост — Павле дал едно реалистично предупредување во однос на искушението и моќта на гревот. Тој рекол: „Кој мисли дека стои, нека се чува да не падне. Никакво искушение не ве снајде, освен она кое е вообичаено за луѓе. Но, Бог е верен и нема да дозволи да бидете искушани повеќе од она што можете да го носите, туку заедно со искушението ќе направи и излез за да можете да го поднесете“ (1. Коринќаните 10:12, 13). Сите ние — млади и стари, машки и женски — наидуваме на многу искушенија на училиште, на работа или на други места. Затоа, да ги преиспитаме зборовите на Павле и да видиме какво значење имаат за нас.

Немој да имаш прекумерна самодоверба

5. Зошто е ризично да се има прекумерна самодоверба?

5 Павле наведува: „Кој мисли дека стои, нека се чува да не падне“ (1. Коринќаните 10:12). Прекумерната самодоверба во нашата сопствена морална сила е ризична. Таа открива недостиг на разбирање за природата и моќта на гревот. Со оглед на тоа што луѓе како Мојсеј, Давид, Соломон и апостол Петар западнале во грев, зарем треба да мислиме дека ние не сме ранливи? (Броеви 20:2-13; 2. Самоил 11:1-27; 1. Цареви 11:1-6; Матеј 26:69-75). „Мудриот се бои и се отклонува од злото, а безумниот се распалува и е смел [има прекумерна самодоверба, NW]“, се вели во Пословици 14:16. Освен тоа, Исус рекол: ‚Духот е горлив, но телото е слабо‘ (Матеј 26:41). Со оглед на тоа што ниеден несовршен човек не е имун на расипани копнежи, треба сериозно да го сфатиме предупредувањето на Павле и да се спротивставиме на искушението или, пак, да го преземеме ризикот да паднеме (Еремија 17:9).

6. Кога и како треба да се подготвиме за искушението?

6 Мудро е да се подготвиме за неволја која може да се појави неочекувано. Цар Аса признал дека еден период на мир за него бил вистинското време да ја изгради својата одбрана (2. Летописи 14:2, 6, 7). Тој знаел дека би било предоцна да се подготви во моментот на напад. На сличен начин, одлуките што да се прави кога ќе се појават искушенија најдобро се донесуваат кога човек е прибран, во смирени моменти (Псалм 63:6). Даниел и неговите богобојазливи пријатели донеле одлука да му бидат верни на Јеховиниот закон пред да им се изврши притисок да јадат од деликатесите на царот. Затоа, тие не се колебале да се држат за своите уверувања и да не земаат од нечистата храна (Даниел 1:8). Да ја зајакнеме својата решеност да останеме морално чисти уште пред да се појават искушувачки ситуации. Тогаш ќе имаме сила да му се спротивставиме на гревот.

7. Зошто е утешително да се знае дека други успешно им спротивставиле на искушенијата?

7 Колкава само утеха извлекуваме од Павловите зборови: „Никакво искушение не ве снајде, освен она кое е вообичаено за луѓе“! (1. Коринќаните 10:13). Апостол Петар напишал: „Заземете свој став против [Ѓаволот], цврсти во верата, знаејќи дека, што се однесува до страдањата, истите работи ја снаоѓаат целата заедница од ваши браќа по светот“ (1. Петрово 5:9). Да, други се соочиле со слични искушенија и успешно им се спротивставиле со Божја помош, значи можеме и ние. Меѓутоа, како вистински христијани кои живеат во еден изопачен свет, сите ние можеме да очекуваме порано или подоцна да бидеме искушани. Тогаш, како можеме да бидеме сигурни во победата над човечката слабост и искушението на грев?

Можеме да се спротивставиме на искушението!

8. Кој е основен начин да се избегне искушението?

8 Основен начин да престанеме да бидеме „робови на гревот“ е да го избегнеме искушението кога тоа е можно (Римјаните 6:6). Пословици 4:14, 15 нѐ поттикнува: „Не оди по патеките на нечесните и не оди по патот на лошите. Остави го, не оди по него, отстранувај се од него и заобиколувај го“. Честопати однапред знаеме дали извесни околности веројатно ќе водат до грев. Затоа, очигледно нешто што треба да сториме како христијани е да ‚го заобиколиме‘, да избегнуваме секого и сешто и секое место кое би можело да запали погрешни желби и да распали во нас нечисти страсти.

9. Како во Писмото е нагласено бегањето од компромитирачки ситуации?

9 Бегањето од искушувачка ситуација е уште еден основен чекор кон победата над искушението. Павле советувал: „Бегајте од блуд“ (1. Коринќаните 6:18). Тој напишал: „Бегајте од идолопоклонство“ (1. Коринќаните 10:14). Исто така, апостолот го предупредил Тимотеј да бега од прекумерното копнеење по материјално богатство, како и „од желбите кои ѝ се својствени на младоста“ (2. Тимотеј 2:22; 1. Тимотеј 6:9-11).

10. Кои два спротивни примера ја покажуваат вредноста на бегањето од искушение?

10 Разгледај го случајот на израелскиот цар Давид. Додека гледал од покривот на својата палата, здогледал една убава жена како се капе и срцето му се исполнило со погрешни желби. Требало да си замине од покривот и да побегне од искушението. Наместо тоа, тој се распрашал за жената — Витсавеа — и последиците биле катастрофални (2. Самоил 11:1—12:23). Од друга страна, пак, како постапил Јосиф кога неморалната сопруга на неговиот господар го наговарала да легне со неа? Извештајот ни кажува: „Иако таа секојдневно му зборуваше така на Јосифа, тој не се согласи да легне со неа и да биде со неа“. Дури и без заповедите од Мојсеевиот закон, кој сѐ уште не бил даден, Јосиф ѝ одговорил со зборовите: „Како би можел да направам толку големо зло и да згрешам против Бога?“ Еден ден, таа го фатила за наметката, велејќи му: „Легни со мене!“ Дали Јосиф останал таму обидувајќи се да ја разубедува? Не. Тој ‚се истргнал и избегал надвор‘. Јосиф не му дал на сексуалното искушение шанса да се појави. Побегнал! (Битие 39:7-16).

11. Што може да биде возможно ако доживуваме повторливо искушение?

11 Бегањето понекогаш се смета за плашливост, но да се тргнеме физички од некоја ситуација честопати е мудриот правец што треба да се заземе. Можеби доживуваме повторливо искушение на работа. Иако можеби не можеме да ги менуваме работните места, може да постојат други начини да се тргнеме од искушувачките околности. Треба да бегаме од сѐ што знаеме дека е погрешно, и треба да бидеме решени да го правиме само она што е исправно (Амос 5:15). На други места, бегањето од искушението би барало да се избегнуваат порнографски интернет сајтови и сомнителни места за забава. Исто така, тоа би можело да значи да се исфрли некое списание или да се најдат сосема нови пријатели — лица кои го љубат Бог и кои можеби се во состојба да ни помогнат (Пословици 13:20). Сеедно што нѐ искушува на грев, ќе бидеме мудри ако одлучно му го свртиме грбот (Римјаните 12:9).

Како може да ни помогне молитвата

12. Што бараме од Бог кога се молиме: „Не воведувај нѐ во искушение“?

12 Павле ни ја дава оваа охрабрувачка гаранција: „Бог е верен и нема да дозволи да бидете искушани повеќе од она што можете да го носите, туку заедно со искушението ќе направи и излез за да можете да го поднесете“ (1. Коринќаните 10:13). Еден начин на кој ни помага Јехова е тоа што одговара на нашите молитви за негова помош да излеземе на крај со искушението. Исус Христос нѐ научил да се молиме: „Не воведувај нѐ во искушение, туку избави нѐ од злобниот“ (Матеј 6:13). Во одговор на таквата искрена молитва, Јехова нема да нѐ напушти кога сме во искушение; ќе нѐ избави од Сатана и од неговите лукави дела (Ефешаните 6:11, фуснота). Треба да бараме од Бог да ни помогне да ги препознаеме искушенијата и да имаме сила да им се спротивставиме. Ако го преколнуваме да не дозволи да паднеме кога сме искушани, тој ќе ни помогне така што нема да бидеме надитрени од Сатана, „злобниот“.

13. Што треба да правиме кога се соочуваме со некое постојано искушение?

13 Особено треба горливо да се молиме кога се соочуваме со некое постојано искушение. Некои искушенија може да предизвикаат силна внатрешна борба со мислите и ставовите кои драматично нѐ потсетуваат на тоа колку всушност сме слаби (Псалм 51:5). На пример, што можеме да сториме ако нѐ измачуваат сеќавања на некоја поранешна изопачена практика? Што ако сме искушани да ѝ се вратиме? Наместо само да се обидуваме да ги потиснуваме тие чувства, да му ја изнесеме работата на Јехова во молитва — секогаш одново ако треба (Псалм 55:22). Со силата на својата Реч и со светиот дух, тој може да ни помогне да го исчистиме умот од нечистите склоности (Псалм 19:8, 9).

14. Зошто молитвата е неопходна за да се справиме со човечката слабост?

14 Забележувајќи дека неговите апостоли се дремливи во градината Гетсиманија, Исус ги поттикнал: „Бдејте и молете се непрестајно за да не паднете во искушение. Духот, секако, е горлив, но телото е слабо“ (Матеј 26:41). Еден начин да се совлада искушението е да се биде буден на различните облици во кои може да се појави тоа искушение и да се биде осетлив на неговата препреденост. Исто така, битно е да се молиме во врска со искушението без одложување за да можеме да бидеме духовно опремени да се бориме со него. Бидејќи искушението удира таму каде што сме најранливи, не можеме да му се спротивставиме сами. Молитвата е неопходна бидејќи Божјата сила може да ја поткрепи нашата одбрана против Сатана (Филипјаните 4:6, 7). Исто така, можеби ни се потребни духовната помош и молитвите на „старешините од собранието“ (Јаков 5:13-18).

Активно спротивставувај се на искушението

15. Што е вклучено во спротивставувањето на искушението?

15 Освен тоа што ќе го избегнуваме искушението тогаш кога е можно, мораме активно да му се спротивставуваме сѐ додека тоа не помине или додека ситуацијата не се промени. Кога бил искушуван од Сатана, Исус се спротивставувал сѐ додека Ѓаволот не си заминал (Матеј 4:1-11). Ученикот Јаков напишал: „Спротивставете му се на Ѓаволот, и тој ќе побегне од вас“ (Јаков 4:7). Спротивставувањето почнува така што ќе го зајакнеме нашиот ум со Божјата реч и цврсто ќе одлучиме да се придржуваме за неговите мерила. Би било добро да ги запомниме и да медитираме за клучните стихови кои се однесуваат на нашата конкретна слабост. Би било мудро да најдеме некој зрел христијанин — можеби старешина — со кого ќе ги споделиме своите грижи и од кого можеме да побараме помош кога искушението ќе се појави (Пословици 22:17).

16. Како можеме да останеме морално чесни?

16 Писмото нѐ поттикнува да ја облечеме новата личност (Ефешаните 4:24). Ова значи да дозволиме Јехова да нѐ обликува и да нѐ менува. Пишувајќи му на својот соработник Тимотеј, Павле рекол: „Стреми се кон праведност, побожна оддаденост, вера, љубов, истрајност, благ нарав. Води ја добрата борба на верата, цврсто зграпчи го вечниот живот на кој си повикан“ (1. Тимотеј 6:11, 12). Можеме да се ‚стремиме кон праведност‘ ако марливо ја проучуваме Божјата реч со цел да добиеме присно спознание за Божјата личност и ако потоа се однесуваме во согласност со неговите барања. Исто така, битен е и распоред исполнет со христијански активности, како што е проповедањето на добрата вест и присуството на состаноците. Приближувањето кон Бог и целосното користење на неговите духовни подготовки ќе ни помогнат да растеме духовно и да останеме морално чесни (Јаков 4:8).

17. Од каде знаеме дека Бог нема да нѐ напушти за време на искушение?

17 Павле нѐ уверува дека кое и да е искушение што го доживуваме нема да ја надмине способноста која ни ја дал Бог да се справиме со него. Јехова ќе ‚направи излез за да можеме да го поднесеме‘ (1. Коринќаните 10:13). Навистина, Бог не дозволува некое искушение да стане толку надмоќно па да немаме доволно духовна сила да го задржиме интегритетот ако и понатаму се потпираме на него. Тој сака да успееме во активното спротивставување на искушението да го направиме она што е неисправно во негови очи. Освен тоа, можеме да имаме вера во неговото ветување: „Никако нема да те оставам и воопшто нема да те напуштам“ (Евреите 13:5).

18. Зошто можеме да бидеме сигурни во победата над човечката слабост?

18 Павле не бил несигурен во врска со исходот на неговата лична борба против човечката слабост. Тој не се сметал себеси за јаден и беспомошен пион на своите телесни желби. Напротив, тој рекол: „Јас не трчам на несигурен начин; своите удари не ги насочувам така како да го удирам воздухот; туку го бијам своето тело и го водам како роб, за откако сум им проповедал на другите, на некој начин самиот да не се најдам неодобрен“ (1. Коринќаните 9:26, 27). И ние можеме да извојуваме успешна битка против несовршеното тело. Преку Писмото, публикациите темелени на Библијата, христијанските состаноци и зрелите сохристијани, нашиот небесен Татко полн со љубов ни обезбедува постојани потсетувања кои ни помагаат да се стремиме по исправен правец. Со негова помош, можеме да извојуваме победа над човечката слабост!

Се сеќаваш ли?

• Што значи ‚умот да биде настроен кон телото‘?

• Како можеме да се подготвиме за искушение?

• Што можеме да сториме за да се справиме со искушението?

• Каква улога игра молитвата во справувањето со искушението?

• Од каде знаеме дека е можно да извојуваме победа над човечката слабост?

[Слики на страница 10]

Библијата не учи дека ние сме беспомошни жртви на нашите телесни желби

[Слика на страница 12]

Бегањето од искушение е еден основен начин да се избегне грев

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели