Прашања од читателите
Колку загрижени треба да бидат христијаните затоа што во пехрамбените продукти може да бидат додадени состојки, како што е сувата плазма?
Ако постои оправдана основа за да се верува дека во некое место општо се употребува крв (или нејзини состојки) во хранливите производи, христијаните треба да покажуваат соодветна претпазливост. Сепак, не би било мудро некој да биде вознемирен од самиот сомнеж или да живее со неоснована загриженост.
На почетокот на човечката историја, нашиот Творец одредил луѓето да не јадат крв (1. Мојсеева 9:3, 4). Тој рекол дека крвта го претставува животот кој е подарок од него. Крвта што е отстранета од едно суштество може да се користи само при жртвувањето, како она на олтарот. Во спротивно, крвта од суштеството морало да се излие на земја, во смисла дека му се враќа на Бог. Неговиот народ морал да избегнува да го поддржува животот со земање крв. Тој наредил: „Не јадете крв од никакво тело, бидејќи душата на секое тело е во крвта негова, секој што ќе ја јаде, ќе се истреби“ (3. Мојсеева 17:11-14). Божјата забрана да се јаде крв била повторена за христијаните (Дела на св. апостоли 15:28, 29). Затоа, раните христијани требало да избегнуваат храна која содржела крв, како што е месо од удавени животни и крвавици.
Сепак, како тие христијани практично би постапиле според нивната одлука ‚да се воздржуваат од крв‘? (Дела на св. апостоли 21:25). Дали тие требало едноставно да ги применуваат зборовите на апостол Павле: „Сѐ, што се продава на пазар [пазар за месо, NW], јадете без какво и да било испитување поради совеста“?
Не. Зборовите од 1. Коринтјаните 10:25 се однесуваат на месо кое можеби било од животни кои биле жртвувани во некој идолски храм. Во тоа време, месото кое преостанувало во храмовите било отстранувано така што го продавале на трговци кои веројатно го вклучувале меѓу нивните залихи на месо кое го продавале во нивните продавници. Главната мисла на Павле била дека месото од таков храм само по себе не било лошо или загадено. Очигледно било обичај, на паганските олтари да се испушта и употребува крвта од животните кои таму биле жртвувани. Затоа, ако нешто од преостанатото месо се продавало на пазар, без очигледна поврзаност со некој храм или со погрешните сфаќања на паганите, христијаните можеле едностано да го купат како продавно месо кое било чисто и од кое крвта соодветно била испуштена.
Меѓутоа, ситуацијата мора да била поинаква ако христијаните знаеле дека во локалните продавници на избор стои месо од удавени животни (или крвавици). Било потребно да покажат внимателност при избирањето на месото што требале да го купат. Веројатно биле способни да ги распознаат месните продукти кои содржеле крв, ако таквите имале изразита боја (токму како што денес крвавиците обично може да се препознаат во земји каде што тие се вообичаени). Или, христијаните можеле да се распрашаат кај угледен месар или трговец со месо. Ако тие немале причина да веруваат дека извесно месо содржи крв, едноставно можеле да го купат и да го јадат.
Павле исто така напишал: „Кротоста [разумноста, NW] ваша нека им биде позната на сите луѓе!“ (Филипјаните 4:5). Тоа можело да се примени на купувањето месо. Ниту израелскиот Закон ниту одлуката на христијанското водечко тело од првиот век не укажувале дека Божјиот народ морал да троши многу време и напори во распрашување за месото, дури да станат вегетаријанци ако постоел најмал сомнеж дека во месото кое било на располагање има крв.
Кога еден израелски ловец ќе убиел животно, тој ја испуштал неговата крв. (Спореди 5. Мојсеева 12:15, 16.) Ако неговото семејство не можело да го изеде сето месо, можел да го продаде некому. Дури и во соодветно искрварениот труп од заклано животно останува извесно количество крв, но ништо во Библијата не укажува дека еден Евреин, кој купувал месо, требало да оди до крајности и да бара докази за тоа колку минути поминале меѓу колењето и искрвавувањето, која артерија или вена била пресечена за да се испушти крвта да истече, како животното било обесено и колку долго. Освен тоа, водечкото тело не напишало дека христијаните морале да преземат екстремни мерки на претпазливост во тој поглед, како да им требале крајно подробни и уверливи одговори пред да јадат какво и да е месо.
Денес, во многу земји, законот, навиките и религиозните обичаи се такви што месните производи (освен невообичаени поединечни артикли, како што се крвавиците) се од животни од кои мора да се испушти крвта кога се колат. Поради тоа, христијаните во тие подрачја обично не треба да бидат преокупирани со колењето или методите на преработка. Во поширока смисла, тие едноставно можат ‚да јадат [купечко месо, NW] без какво и да било испитување‘ и можат да имаат чиста совест дека се воздржуваат од крв.
Меѓутоа, некаде се појавиле стручни извештаи за комерцијална употреба на крв кои вознемириле некои христијани. Некои деловни луѓе од месната индустрија сметаат дека големото количество крв од закланите животни може да се собира за практична примена и профит, како на пример за ѓубриво или за животинска храна. Истражувачите анализирале дали таквата крв (или некои нејзини компоненти) може да се употреби во преработеното месо. Неколку фабрики дури имаат произведено мали количества на течна, смрзната или плазма во прав (или обезбоена материја од црвени крвни зрнца) што може да замени мал процент од месото во производи од типот на колбаси или паштети. Други истражувања се сосредоточиле на тоа како крвните деривати во прав можат да се искористат како полнители или за врзување водата и мастите во меленото месо, а во производите за печење или во друга храна или пијалоци за додавање на белковини или железо.
Меѓутоа, нема никаква корист што таквите истражувања траат со децении. Освен тоа, се чини дека употребата на таквите производи во повеќето земји била мошне ограничена, па дури и непостоечка. Некои типични извештаи помагаат да се види зошто:
„Крвта е извор на хранливи и функционални протеини. Меѓутоа, говедската крв само во ограничени количества се употребува за директна потрошувачка, поради интензивната боја и карактеристичниот вкус“ (Journal of Food Science, том 55, бр. 2, 1990).
„Протеините од крвната плазма имаат корисни својства, како што се висока растворливост, способност за емулгирање и хидрофобност . . . а нивната употреба во преработувањето на храна нуди големи предности. Меѓутоа, во Јапонија не е воведен ефективен систем за чистење на плазмата, особено после дехидратацијата“ (Journal of Food Science, том 56, бр. 1, 1991).
Некои христијани понекогаш ги проверуваат етикетите на запакуваната храна, со оглед дека многу влади бараат состојките да бидат наведени. И тие можат да одлучат тоа да го прават редовно кај секој продукт за кој имаат причинаа да веруваат дека можеби содржи крв. Би било исправно, се разбира, да се избегнуваат производи кои набројуваат работи како што е крв, крвна плазма, плазма, глобински (или глобулински) белковини или хемоглобинско (или глобинско) железо. Маркетинг информативната служба на една европска компанија на ова поле, признава: „Информацијата во врска со употребата на глобин како состојка мора да биде запишана на амбалажата од храната така што потрошувачот нема да биде наведен на погрешно мислење за тоа каков е составот или вредноста на храната“.
Меѓутоа, дури и кога некој ги проверува етикетите или се распрашува кај месарите, потребна е разумност. Тоа не значи дека секој христијанин ширум светот мора да ги проучува етикетите и состојките на секоја запакувана храна или да ги распрашува вработените во рестораните или продавниците за храна. Ххристијанинот мора прво да се праша: ‚Дали постои некаков потврден доказ дека во ова подрачје од земјата, во секојдневните хранливи производи се употребува крв и нејзините деривати?‘ Во повеќето места одговорот е не. Затоа, многу христијани заклучиле дека тие лично нема да трошат многу време и внимание на проверување на неважни можности. Оној кој не размислува на овој начин треба да постапува во склад со својата совест, без да ги осудува другите кои можеби по тоа прашање одлучиле поинаку, но со добра совест пред Бог (Римјаните 14:2-4, 12).
Дури и ако се произведуваат хранливи продукти кои содржат крв, може да се случи да не бидат нашироко прифатени заради цената, законодавството и други фактори. На пример, Food Processing (септември 1991) наведува: „За преработувачите кои (во готовата месна паштета) имаат било какви проблеми со помалку од 1% од хидролизирана говедска плазма во смесата, наизменична мешавина ја заменува со концентрирана белковина од сурутка и може да биде оверена дека ги задоволува прописите“.
Вредно е да се нагласи дека, во многу земји, законот, обичаите или вкусот се такви што крвта од закланите животни обично е испуштена и таквата крв не се користи во други хранливи производи. Ако не постои никаква реална основа за мислење дека ситуацијата на подрачјето е поинаква или дека неодамна дошло до значајна промена, христијаните треба да се претпазуваат да не ги вознемирува самата можност или некои лажни гласови. Но, кога е познато или мошне веројатно крвта да се користи нашироко — било во храна било при лечење — треба да бидеме одлучни да ја слушаме Божјата заповед да се воздржуваме од крв.