Да се живее за денес или за вечна иднина?
„Со [оваа, НС] надеж се спасивме“ (РИМЈАНИТЕ 8:24).
1. Што учеле епикурејците, и како тој вид филозофија влијаел врз некои христијани?
НА ХРИСТИЈАНИТЕ во Коринт, Павле им напишал: „Како . . . некои помеѓу вас велат дека немало воскресение на мртвите?“ (1. Коринтјаните 15:12). Изгледа дека отровната филозофија на грчкиот мудрец Епикур извршила некои задирања меѓу христијаните од првиот век. Затоа, Павле свртел внимание на епикурејското учење: „Да јадеме и да пиеме, бидејќи утре ќе умреме“ (1. Коринтјаните 15:32). Презирајќи каква и да е надеж за живот после смртта, следбениците на филозофот верувале дека телесното задоволство било единствената или главната корист во животот (Дела 17:18, 32). Епикурејската филозофија била саможива, цинична и на крајот понижувачка.
2. а) Зошто било толку опасно да се негира воскресението? б) На кој начин Павле ја зајакнал верата на коринтските христијани?
2 Ова негирање на воскресението имало длабоки импликации. Павле резонирал: „А штом нема воскресение на мртвите, тогаш и Христос не воскреснал; ако, пак, Христос не воскреснал, тогаш празна [залудна, НС] е нашата проповед, празна [залудна, НС] е и вашата вера . . . И, ако само во овој живот се надеваме на Христа, тогаш сме ние најбедни од сите луѓе“ (1. Коринтјаните 15:13—19). Да, без надежта во вечна иднина, христијанството би било „залудно“. Тоа би било без цел. Според тоа, не е ни чудо што под влијание на ова паганско размислување, коринтското собрание станало легло на проблеми (1. Коринтјаните 1:11; 5:1; 6:1; 11:20—22). Затоа, Павле имал за цел да ја зајакне нивната вера во воскресението. Користејќи силна логика, библиски цитати и илустрации, тој докажал, вон секакво сомневање, дека надежта во воскресение не била фикција, туку реалност која сигурно ќе се исполни. Врз таа основа, тој можел своите соверници да ги поттикне: „Бидете цврсти, непоколебливи и секогаш богати во делото Господово, знаејќи дека трудот ваш пред Господа нема да биде залуден“ (1. Коринтјаните 15:20—58).
„Бидете будни“
3, 4. а) Според Петар, кој опасен став би проголтал некои во текот на последните денови? б) На што треба постојано да се потсетуваме себеси?
3 Денес, мнозина го имаат песимистичкиот став да се живее за сегашноста (Ефесјаните 2:2). Тоа е исто онака како што претскажал апостол Петар. Тој зборувал за „подигрувачи, кои ќе . . . велат: ‚Каде е ветувањето на Неговото доаѓање? Оти, откако татковците наши изумреа, сѐ си стои така, како од созданието на светот‘ “ (2. Петрово 3:3, 4). Ако вистинските обожаватели подлегнат на едно такво гледиште, би можеле да станат ‚неактивни или бесплодни‘ (2. Петрово 1:8, НС). За среќа, со мнозинството од Божјиот народ денес не е така.
4 Не е погрешно да се биде заинтересиран за претстојниот крај на сегашниот зол систем на ствари. Сети се на интересот што го покажувале самите Исусови апостоли: „Во ова време ли го востановуваш, Господи, царството Израилево?“ Исус одговорил: „Не е ваше да ги знаете времињата или годините, што Отецот ги задржал во Своја власт“ (Дела 1:6, 7). Овие зборови ја носат основната порака што ја пренел тој на Маслинската Гора: „Не знаете во кој час ќе дојде вашиот Господ . . . Во кој час и не мислите, ќе дојде Синот Човечки“ (Матеј 24:42, 44). Треба и понатаму да се потсетуваме себеси на тој совет! Некои може да бидат искушувани од ставот: ‚Можеби би требало малку да успорам и работите да ги земам полежерно‘. Каква само грешка би било тоа! Размисли за Јаков и Јован, ‚синовите на громот‘ (Марко 3:17).
5, 6. Какви поуки можеме да извлечеме од примерите на Јаков и Јован?
5 Знаеме дека Јаков бил еден крајно ревносен апостол (Лука 9:51—55). Штом било основано христијанското собрание, тој сигурно играл активна улога. Но, кога Јаков уште бил релативно млад, Ирод Агрипа I наредил да го убијат (Дела 12:1—3). Дали си мислиме дека Јаков, гледајќи како неговиот живот неочекувано завршува, се чувствувал жалосен што бил толку ревносен, што се напрегал во својата служба? Тешко! Сигурно бил среќен што најубавите години од својот релативно краток живот ги поминал во Јеховината служба. Сега, никој од нас не може да знае дали нашиот живот би можел неочекувано да заврши (Проповедник 9:11, НС; спореди Лука 12:20, 21). Затоа, очигледно е мудро да ги држиме на високо ниво нашата ревност и активност во служењето на Јехова. На тој начин, ќе го задржиме своето добро име кај него и ќе продолжиме да живееме имајќи ја во вид нашата вечна иднина (Проповедник 7:1).
6 Постои една сродна поука во која е вклучен апостол Јован, кој бил присутен кога Исус горливо поттикнал: „Бидете будни“ (Матеј 25:13; Марко 13:37; Лука 21:34—36). Јован го зел тоа при срце, служејќи со одушевеност многу децении. Всушност, изгледа тој ги надживеал сите други апостоли. Кога Јован бил во длабоко одминати години, во можност да се осврне на децении верна активност, дали тој ги сметал за грешка, за погрешно насочен или неурамнотежен живот? Навистина не! Тој сѐ уште желно гледал кон иднината. Кога воскреснатиот Исус рекол: „Да, ќе дојдам скоро“, Јован директно одговорил: „Амин! ‚Да, дојди, Господи Исусе!‘ “ (Откровение 22:20). Јован секако не живеел за сегашноста, копнеејќи по некаков бавен и смирен ‚нормален живот‘. Бил одлучен да продолжи да служи со целиот свој живот и сила, сеедно кога би дошол Господ. А како е со нас?
Основа за верување во вечен живот
7. а) На кој начин надежта за вечен живот била ‚ветена пред вечни времиња‘? б) На кој начин Исус фрлил светлина врз надежта за вечен живот?
7 Биди уверен дека надежта во вечен живот не е човечки сон или фантазија. Како што вели Тит 1:2, нашата оддаденост на Бог се темели на „надеж за вечен живот, што го вети вечниот Бог, Кој не лаже — пред вечни времиња“. Божјата првобитна намера за сите послушни луѓе била тие да живеат засекогаш (1. Мојсеева 1:28). Ништо, па дури ни побуната на Адам и Ева, не можело да ја изјалови оваа намера. Како што е запишано во 1. Мојсеева 3:15 (НС), Бог непосредно ветил едно „семе“ кое би ја отстранило сета штета што му била нанесена на човештвото. Кога пристигнало ‚семето‘, односно Месијата, тоа ја направило надежта за вечен живот едно од своите основни учења (Јован 3:16; 6:47, 51; 10:28; 17:3). Со положување на својот совршен живот како откупнина, Христос го добил законското право да му подари вечен живот на човештвото (Матеј 20:28). Некои од неговите ученици, вкупно 144.000, ќе живеат засекогаш на небесата (Откровение 14:1—4). На тој начин, некои порано смртни луѓе ќе ‚се облечат во бесмртност‘! (1. Коринтјаните 15:53).
8. а) Што е „бесмртност“ и зошто Јехова им ја дава на 144-те илјади? б) Каква надеж им дал Исус на ‚другите овци‘?
8 „Бесмртност“ значи повеќе отколку само никогаш да не се умре. Таа ја подразбира „силата на вечниот [неуништливиот, НС] живот“ (Евреите 7:16; спореди Откровение 20:6). Сепак, што постигнува Бог со тоа што им дава таков извонреден дар? Сети се на Сатановиот предизвик дека во ниедно од Божјите суштества не би можело да се има доверба (Јов 1:9—11; 2:4, 5). Со тоа што на 144-те илјади им дал бесмртност, Бог ја покажал својата потполна доверба во оваа група која на толку истакнат начин одговорила на Сатановиот предизвик. Но, што е со остатокот од човештвото? На почетните членови од ова „мало стадо“ од наследници на Царството, Исус им рекол дека ќе ‚седат на престоли за да им судат на дванаесетте Израилеви колена‘ (Лука 12:32; 22:30). Тоа подразбира дека другите ќе добијат вечен живот на Земјата како поданици на неговото Царство. Иако на овие „други овци“ не им е дадена бесмртност, тие добиваат „вечен живот“ (Јован 10:16; Матеј 25:46). Според тоа, вечниот живот е надежта на сите христијани. Тоа не е фантазија, туку нешто што свечено го ветил „Бог, Кој не лаже“ и кое е платено со скапоцената Исусова крв (Тит 1:2).
Во далечната иднина?
9, 10. Какви јасни индикации постојат дека сме близу до крајот?
9 Апостол Павле претскажал дека ‚тешките времиња‘ би покажале дека неоспорно сме стигнале до „последните времиња“. Додека човечкото општество околу нас се распаѓа во една состојба на недостиг на љубов, алчност, самоугодување и безбожност, зарем не увидуваме дека брзо се приближува Јеховиниот ден за извршување на неговите пресуди над овој зол светски систем? Додека насилството и омразата ескалираат, зарем не го гледаме насекаде околу нас исполнувањето на Павловите натамошни зборови: „Лошите луѓе и лажливците ќе напредуваат во злото“? (2. Тимотеј 3:1—5, 13). Некои може оптимистично да изразуваат повици за „мир и безопасност“, но сите изгледи за мир ќе испарат, бидејќи „ненадејно ќе ги стигне погибел, како што ја напаѓаат родилни маки секоја непразна жена, и нема да избегнат“. Ние не сме оставени во темнина во врска со значењето на нашиве времиња. Затоа, „да бидеме будни и трезвени“ (1. Солунјаните 5:1—6).
10 Понатаму, Библијата покажува дека последните денови претставуваат „малку време“ (Откровение 12:12; спореди 17:10). Поголемиот дел од тоа „малку време“ очигледно истекол. На пример, Данииловото пророштво точно го опишува конфликтот помеѓу „северниот“ и „јужниот цар“, кој се протегал сѐ до нашиов век (Даниил 11:5, 6). Сѐ што останува да се исполни е последниот напад на „северниот цар“, опишан во Даниил 11:44, 45. (За дискусија на ова пророштво, види Стражарска кула од 1 ноември 1987 и 1 ноември 1993.)
11. а) До кој обем се исполнил Матеј 24:14? б) Што покажуваат Исусовите зборови запишани во Матеј 10:23?
11 Тука е и Исусовото претскажување дека ‚ова Евангелие за царството ќе биде проповедано по целиот свет, за сведоштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот‘ (Матеј 24:14). Денес, Јеховините сведоци го извршуваат своето дело во 233 земји, островски групи и подрачја. Вистина, сѐ уште постојат недопрени подрачја и можеби во Јеховино време ќе се отвори вратата на приликата (1. Коринтјаните 16:9). Сепак, отрезнувачки се Исусовите зборови запишани во Матеј 10:23: „Нема да ги обиколите Израилевите градови, додека дојде Синот Човечки“. Иако добрата вест сигурно ќе биде објавувана ширум Земјата, ние нема лично да ги допреме сите делови од Земјата со пораката за Царството, пред да „дојде“ Исус како Погубувач.
12. а) За какво ‚запечатување‘ станува збор во Откровение 7:3? б) Какво е значењето на намалувањето на бројот на помазаниците на Земјата?
12 Разгледај го текстот од Откровение 7:1, 3, кој вели дека ‚четирите ветрови‘ на уништувањето се задржувани „додека не им ставиме печат врз челата на слугите на нашиот Бог“. Тоа не се однесува на почетното запечатување, кое се случува кога оние од 144-те илјади го добиваат небесниот позив (Ефесјаните 1:13). Тоа се однесува на конечното запечатување кога тие неотповикливо се идентификувани како испитани и верни ‚слуги на нашиот Бог‘. Бројот на вистинските помазани Божји синови кои преживуваат на Земјата, многу е намален. Понатаму, Библијата јасно наведува дека „заради избраните“, таа почетна фаза од големата неволја ќе биде ‚скратена‘ (Матеј 24:21, 22). Повеќето од оние кои се исповедуваат дека се помазаници, доста се стари. Повторно, зарем ова не би покажало дека крајот е близу?
Еден верен стражар
13, 14. Каква е одговорноста на класата стражар?
13 Во меѓувреме, добро ќе сториме ако внимаваме на упатството дадено од ‚верниот роб‘ (Матеј 24:45, НС). Веќе преку сто години, современиот „роб“ верно служи како „стражар“ (Језекиил 3:17—21). Стражарска кула од 1 мај 1984 објасни: „Тој стражар посматра како се одвиваат настаните на Земјата во светло на исполнување на библиските пророштва, предупредува на ‚големата неволја каква што не била од почетокот на светот‘, која доаѓа и објавува ‚добра вест за нешто подобро‘ “ (Матеј 24:21; Исаија 52:7, обата НС).
14 Запомни: Задачата на еден стражар е да го извика „она што ќе го гледа“ (Исаија 21:6—8). Во библиски времиња, еден стражар би разгласил предупредување дури и кога потенцијалната закана била предалеку за да се идентификува јасно (4. Царства 9:17, 18). Секако, во тоа време имало лажни тревоги. Но, еден добар стражар не би се притеснувал поради страв од забуна. Ако твојата куќа е во оган, како би се чувствувал доколку пожарникарите не се појават затоа што мислат дека тоа би можело да е лажна тревога? Не, ние очекуваме таквите луѓе да се оѕвијат брзо на секаков знак на опасност! На сличен начин, класата стражар проговорувала кога се чинело дека околностите го оправдуваат тоа.
15, 16. а) Зошто се прават преиначувања во нашето разбирање на пророштвото? б) Што можеме да научиме од верните Божји слуги кои имале погрешно разбирање за извесни пророштва?
15 Сепак, како што се развиваат настаните, нашето разбирање на пророштвото станува сѐ појасно. Историјата покажува дека божествените пророштва ретко, ако и воопшто, биле потполно разбирани пред нивното исполнување. Бог точно му кажал на Авраам колку долго неговото семе ќе биде ‚придојдено во туѓа земја‘, имено 400 години (1. Мојсеева 15:13). Меѓутоа, Мојсеј предвремено се понудил себеси како избавител (Дела 7:23—30).
16 Разгледај ги и месијанските пророштва. Гледајќи наназад, изгледа кристално јасно дека смртта и воскресението на Месијата биле проречени (Исаија 53:8—10). Сепак, самите Исусови ученици не успеале да го сфатат овој факт (Матеј 16:21—23). Тие не виделе дека Даниил 7:13, 14 би се исполнил за време на Христовата идна паруси́а, односно „присутност“ (Матеј 24:3, НС). Значи, тие биле скоро 2.000 години далеку во своето пресметување кога го прашале Исуса: „Во ова време ли го востановуваш, Господи, царството Израилево?“ (Дела 1:6). Дури и откако христијанското собрание било добро востановено, продолжиле да никнуваат погрешни идеи и лажни очекувања (2. Солунјаните 2:1, 2). Иако некои повремено имале погрешни гледишта, Јехова неоспорно го благословил делото на тие верници од првиот век!
17. Какво треба да биде нашето гледиште за преиначувањата во нашето разбирање на Писмото?
17 Денешната класа на стражарот на сличен начин морала одвреме навреме да ги разјаснува своите гледишта. Сепак, може ли некој да се сомнева дека Јехова го благословил ‚верниот роб‘? Освен тоа, гледано во контекст, зарем повеќето од преиначувањата кои се направени не се релативно мали? Нашето основно разбирање на Библијата не се изменило. Нашето уверување дека живееме во последните денови е поцврсто од кога и да е порано!
Да се живее за вечна иднина
18. Зошто мораме да избегнуваме да живееме само за сегашноста?
18 Светот може да рече: ‚Да јадеме и да пиеме, зашто утре ќе умреме‘, но ова не смее да биде наш став. Зошто залудно да тежнееш по оние задоволства кои можеш да ги добиеш од животот сега, кога можеш да работиш за вечна иднина? Таа надеж, сеедно дали за бесмртен живот на небото или за вечен живот на Земјата, не е сон ниту фантазија. Таа е реалност ветена од Богот „Кој не лаже“ (Тит 1:2). Неодолив е доказот дека остварувањето на нашата надеж е близу! „Преостанатото време е скратено“ (1. Коринтјаните 7:29, НС).
19, 20. а) Како гледа Јехова на жртвите што сме ги направиле заради Царството? б) Зошто мораме да живееме имајќи ја во изглед вечноста?
19 Вистина, овој систем веќе трае подолго отколку што мнозина мислеле дека ќе трае. Неколкумина можеби сега мислат дека, да го знаеле ова претходно, можеби немало да направат извесни жртви. Но, човек не треба да жали што го сторил тоа. На крајот на краиштата, правењето жртви претставува фундаментален дел од тоа да се биде христијанин. Христијаните ‚се одречуваат од себе‘ (Матеј 16:24). Не треба никогаш да мислиме дека нашите напори да му угодиме на Бог биле залудни. Исус ветил: „Нема таков што оставил куќа, или браќа, или сестри, или татко, или мајка, или жена, или деца, или имот, заради Мене и Евангелието, а да не примил, и тоа сега, во ова време, стопати повеќе . . . а во идниот век [систем на ствари, НС] — и живот вечен“ (Марко 10:29, 30). Колку значителна ќе изгледа твојата работа, куќа или банковна сметка илјада години во иднината? Па сепак, жртвите што си ги направил за Јехова ќе бидат значајни милиони години во иднината — милијарда години во иднината! „Зашто Бог не е неправеден, та да го заборави делото ваше“ (Евреите 6:10).
20 Затоа, да живееме со изглед за вечност, држејќи ги своите очи ‚не на видливото, туку на невидливото, бидејќи видливото е времено, а невидливото — вечно‘ (2. Коринтјаните 4:18). Пророкот Авакум напишал: „Видението се однесува до определеното време; тоа зборува за свршетокот и нема да го излаже; па, и ако се забави, чекај го [биди во исчекување, НС], оти ќе наиде, и нема да се забави“ (Авакум 2:3). На кој начин ‚исчекувањето‘ на крајот влијае врз начинот на кој ги вршиме нашите лични и семејни одговорности? Со овие спорни прашања ќе се позабави нашата следна статија.
Точки за повторување
◻ На кој начин неколкумина денес биле погодени од божемното одолговлекување на крајот на овој систем на ствари?
◻ Кој е темелот за нашата надеж во вечен живот?
◻ Како треба да гледаме на жртвите што сме ги направиле за интересите на Царството?
[Слика на страница 15]
Глобалното проповедничко дело мора да се заврши пред да дојде крајот