Јехова го употребува „безумството“ за да ги спаси оние кои веруваат
„Светот со својата мудрост не Го позна Бога во Неговата премудрост; Бог благослови со безумството на проповедта да ги спаси оние што веруваат“ (1. КОРИНТЈАНИТЕ 1:21).
1. Во која смисла Јехова ќе употреби ‚безумство‘, и како знаеме дека светот во својата мудрост не го запознал Бог?
ШТО? Зарем Јехова ќе употреби безумство? Секако не! Но тој може и го употребува она што за светот изгледа безумно. Го прави тоа со цел да ги спаси луѓето кои го познаваат и го љубат. Преку својата мудрост, светот не може да го запознае Бог. Исус Христос јасно го кажал тоа кога рекол во молитва: „Оче Праведни, светот не Те позна“ (Јован 17:25).
2. Како може да изгледа дека Јеховините патишта течат паралелно со патиштата на светот, но што зборуваат фактите?
2 Исусовите зборови покажуваат дека Јеховините патишта се разликуваат од оние на светот. Можеби на прв поглед изгледа дека Божјата и намерата на светот одат една до друга. Можеби изгледа дека целите на овој свет имаат Божји благослов. На пример, Библијата вели дека Бог ќе воспостави една праведна влада која ќе донесе мир, среќа и просперитет за човештвото на Земјата (Исаија 9:6, 7; Матеј 6:10). Светот, исто така ја разгласува својата намера да им даде на луѓето мир, просперитет и добра влада преку таканаречен нов светски поредок. Но Божјите намери и оние на светот не се исти. Јеховината намера е да се оправда како Врховен Суверен на универзумот. Тој ќе го стори тоа со помош на небесна влада која ќе ги избрише сите земски влади (Даниел 2:44; Откровение 4:11; 12:10). Значи, Бог нема ништо заедничко со овој свет (Јован 18:36; 1. Јованово 2:15-17). Затоа Библијата зборува за два вида мудрост — ‚Божја мудрост‘ и „мудроста на овој свет“ (1. Коринтјаните 1:20, 21).
Основната мана на световната мудроста
3. Зошто човековиот ветуван нов светски поредок никогаш нема да биде задоволувачки иако мудроста на светот можеби изгледа впечатливо?
3 На оние кои не се водени од Божјата мудрост, мудроста на светот им изгледа впечатлива. Постојат високозвучни световни филозофии што го пленат умот. Илјадници високообразовни институции изнесуваат информации од оние што за многумина претставуваат најголеми умови на човештвото. Пространите библиотеки се преполни со акумулираното знаење на вековното човечко искуство. Сепак, и покрај тоа, со новиот светски поредок, што го предлагаат светските владетели, може да владеат само несовршени, со грев обележани, смртни луѓе. Според тоа, тој поредок би бил несовршен, би повторувал многу грешки од минатото и никогаш не би ги задоволил сите потреби на човештвото (Римјаните 3:10-12; 5:12).
4. На што е подложен предложениот нов светски поредок, и со каков резултат?
4 Новиот светски поредок, што го предлага човекот е подложен не само на човековата слабост, туку и на влијанието на зли духовни суштества — да, Сатана Ѓаволот и неговите демони. Сатана го заслепил умот на луѓето за да не му веруваат на „Благовестието за славата на Христа“ (2. Коринтјаните 4:3, 4; Ефесјаните 6:12). Затоа, светот претрпува една неволја по друга. Се бори и крвари во својот неуспешен обид да владее сам со себе без Божја помош и без осврнување на божествената волја (Јеремија 10:23; Јаков 3:15, 16). Според тоа, како што рекол апостол Павле, „светот со својата мудрост не Го позна Бога“ (1. Коринтјаните 1:21).
5. Која е основната мана на мудроста на овој свет?
5 Тогаш, која е основната мана на мудроста на овој свет, вклучувајќи ги и неговите планови за нов светски поредок? Тоа е таа што светот го игнорира она што никогаш не може успешно да се игнорира — врховниот суверенитет на Јехова Бог. Арогантно одбива да го признае божествениот суверенитет. Светот намерно го изостава Јехова од своите планови и се потпира на сопствената способност и планови. (Спореди Даниил 4:28-31; Јован 18:37.) Библијата јасно дава до знаење дека „почеток на мудроста е стравот Господов [Јеховин, NW]“ (Соломонови изреки 9:10; Псалми 110:10). Сепак, светот не го научил овој основен услов за мудроста. Затоа, без божествена потпора, како може да успее? (Псалми 126:1).
Проповедање за Царството — безумно или практично?
6, 7. а) Што проповедаат оние кои ги води Божјата мудрост, но како светот гледа на нив? б) Според чија мудрост проповеда свештенството на т.н. христијанство, и со каков резултат?
6 Од друга страна, оние кои го познаваат Бог ја покажуваат Божјата мудрост и избираат таа да ги води. Како што прорекол Исус, тие го проповедаат „ова Евангелие за царството по целиот свет“ (Матеј 24:14; 28:19, 20). Дали проповедањето е практично сега, кога нашата Земја е полна со раздор, загаденост, сиромаштво и човечко страдање? На оние кои се световно мудри таквото проповедање за Божјето Царство им изгледа чисто безумство на кое му недостига практичност. Тие ги сметаат проповедниците на Божјето Царство за лопари [вид школки] што го оптоваруваат бродот на државата и го успоруваат нејзиниот напредок кон идеална политичка влада. Во тоа се поткрепувани од свештенството на т.н. христијанство кое проповеда според мудроста на овој свет, а на луѓето не им го кажува она што треба да го знаат за Божјиот нов свет и неговата влада на Царството, иако тоа било главно Христово учење (Матеј 4:17; Марко 1:14, 15).
7 Историчарот Х. Џ. Велс се осврнал на тој пропуст на свештенството на т.н. христијанство. Тој напишал: „Забележително е огромното значење што Исус му го придал на учењето кое тој го нарекувал небесно Царство, и неговата релативна безначајност во постапките и учењето на повеќето цркви на христијанството“. Сепак, ако луѓето од оваа генерација сакаат да добијат живот, мора прво да чујат за Божјето воспоставено Царство, а за таа цел некој мора да ја проповеда добрата вест за него (Римјаните 10:14, 15).
8. Зошто проповедањето на Божјата добра вест е најпрактичното нешто што треба да се врши денес, а кое постапување би било без трајна корист?
8 Тогаш, проповедањето на Божјата добра вест е најпрактичната работа денеска. Така е бидејќи пораката на Царството дава вистинска надеж која ги полни човечките срца со радост во текот на овие последни денови кога ‚настапуваат времиња тешки‘ (2. Тимотеј 3:1-5; Римјаните 12:12; Тит 2:13). Додека животот во овој свет е несигурен и краток, животот во Божјиот нов свет ќе биде бескраен, исполнет со радост, изобилство и мир, токму овде на Земјата (Псалми 36:3, 4, 11). Како што рекол Исус Христос: „Каква полза е за човека, ако го придобие целиот свет, а на душата своја ѝ напакости? Или каков откуп ќе даде човек за својата душа?“ Ако човек го загуби правото на живот во Божјиот нов свет, од каква корист е овој свет кој поминува? Таквото сегашно уживање на поединецот во материјалните работи е бесплодно, залудно и минливо (Матеј 16:26; Проповедник 1:14; Марко 10:29, 30).
9. а) Кога еден човек побарал да се одложи повикот да биде следбеник на Исус, што му советувал тој? б) Како треба да влијае на нас Исусовиот одговор?
9 Еден човек кого Исус го повикал да му биде следбеник, рекол: „Позволи најнапред да отидам да го погребам татка ми!“ Што го советувал Исус? Знаејќи дека човекот би одложувал едно многу важно дело само додека чека неговите родители да го проживеат останатиот дел од нивниот нормален животен век, Исус одговорил: „Остави ги мртвите да ги закопуваат своите мртовци, а ти врви по Мене и проповедај го царството Божјо!“ (Лука 9:59, 60). Оние кои покажуваат мудрост, слушајќи го Христос, не можат да го избегнат исполнувањето на својот налог да ја проповедаат пораката на Царството. Божествената мудрост ги прави свесни дека овој свет и неговите владетели се осудени на пропаст (1. Коринтјаните 2:6; 1. Јованово 2:17). Оние кои го поддржуваат Божјиот суверенитет знаат дека единствената вистинска надеж за човештвото лежи во божествената интервенција и владетелство (Захарија 9:10). Затоа додека оние кои ја поседуваат мудроста од овој свет не веруваат во Божјето Царство и не ја сакаат таа небесна влада, луѓето кои се водени од божествена мудрост го прават она што донесува вистинска корист за другите луѓе, подготвувајќи ги за бескраен живот во Јеховиниот ветен нов свет (Јован 3:16; 2. Петрово 3:13).
„Безумство за оние, што гинат“
10. а) За какво дело се зафатил Савле од Тарс кога бил покрстен и како тој гледал на тоа? б) По што биле познати старите Грци, но како Бог гледал на нивната мудрост?
10 Савле од Тарс, кој станал Павле, апостол на Исус Христос, се зафатил со ова животоспасувачко дело. Дали е разумно да се мисли дека, кога Исус Христос го покрстил Савле, го одредил да се вклучи во некаква безумна активност? Павле не мислел така (Филипјаните 2:16). Во тоа време Грците се сметале за најучени луѓе на светот. Тие се фалеле со своите големи филозофи и мудри луѓе. Иако Павле зборувал грчки, тој не ја следел грчката филозофија и учење. Зошто? Затоа што таквата мудрост од овој свет е безумство кај Бог.a Павле барал божествена мудрост која го поттикнувала да ја проповеда добрата вест од куќа до куќа. Најголемиот Проповедник на сите времиња, Исус Христос, го поставил примерот и го поучил да го врши истото дело (Лука 4:43; Дела на св. апостоли 20:20, 21; 26:15-20; 1. Коринтјаните 9:16).
11. Во суштина, што рекол Павле за налогот да проповеда и за световната мудрост?
11 Во врска со својот налог да проповеда, Павле го вели следново: „Христос . . ме прати . . . да го проповедам Евангелието, и тоа не со премудри зборови, за да не ја изгуби силата крстот [маченичкиот столб, NW] Христов. Бидејќи словото за крстот [Исусова откупна жртва] е безумство за оние, што гинат, а за нас, кои се спасуваме, сила Божја. Зашто е напишано: ‚Ќе ја погубам мудроста на мудрите и ќе го отфрлам разумот на разумните.‘ Каде е мудрецот [како што е филозофот]? Каде е книжникот? Каде е препирачот од овој век? Не ја обезуми ли Бог мудроста на овој свет? Зашто светот со својата мудрост не Го позна Бога во Неговата премудрост; Бог благослови со безумството на проповедта да ги спаси оние што веруваат“ (1. Коринтјаните 1:17-21).
12. Што постигнува Јехова „со безумството на проповедта“, и како реагираат оние кои ја сакаат „мудроста, што иде одозгора“?
12 Колку и да изгледа неверојатно, токму оние кои светот ги нарекува безумни се тие кои Јехова ги употребува како свои проповедници. Да, преку безумството на службата на тие проповедници, Бог ги спасува оние кои веруваат. Јехова ги организира работите така што проповедниците на тоа ‚безумство‘ не можат да се прославуваат сами себеси, а другите луѓе не можат нив со право да ги слават оние преку кои ја чуле добрата вест. Тоа е така за „ниедно тело да не се пофали пред Бога“ (1. Коринтјаните 1:28-31; 3:6, 7). Вистина, проповедникот игра важна улога, но пораката која е овластен да ја проповеда е таа која придонесува за нечие спасение ако тој поверува во неа. Оние кои ја бараат „мудроста, што иде одозгора“, нема да ја презираат пораката на проповедникот само затоа што тој изгледа безумен и понизен, што е прогонуван, и што оди од куќа до куќа. Наместо тоа, кротките ќе го почитуваат објавителот на Царството како проповедник овластен од Јехова кој доаѓа во Божје име. Тие ќе ѝ придадат голема важност на пораката што проповедникот ја носи по устен или писмен пат (Јаков 3:17; 1. Солунјаните 2:13).
13. а) Како Евреите и Грците гледале на проповедањето на распнатиот Христос? б) Од кои групи на луѓе не биле повикани мнозина да бидат Исусови следбеници, и зошто?
13 Продолжувајќи ја својата дискусија за Божјите патишта, Павле рекол: „И Јудејците сакаат знаци, а Елините бараат мудрост, ние, пак, Го проповедаме Христа распнатиот, Кој е за Јудејците соблазан, а за Елините безумство; за повиканите, пак, како Јудејците, така и Елините, Христа како Божја сила и Божја премудрост. Зашто она, што е безумно за Бога, помудро е од луѓето, и она, што е за Бога немошно, посилно е од луѓето. Гледате, браќа, какви сте вие, повиканите: не мнозина сте по тело мудри, не мнозина силни, не мнозина благородни; но Бог го избра она, што е безумно во овој свет, за да ги посрами мудрите; Бог го избра она, што е слабо во овој свет, за да ги посрами силните“ (1. Коринтјаните 1:22-27; спореди Исаија 55:8, 9).
14. а) На што укажуваат Јеховините сведоци кога се запрашани за нивните потврди? б) Зошто Павле одбил да им угодува на Грците со било каква манифестација на световна мудрост?
14 Кога Исус бил на Земјата, Евреите барале знак од небото (Матеј 12:38, 39; 16:1). Но Исус одбил да даде било каков знак. Слично на тоа, Јеховините сведоци денес не покажуваат потврди во вид на знаци. Наместо тоа, укажуваат на својот налог да ја проповедаат добрата вест, што е запишан во библиските стихови како што се Исаија 61:1, 2; Марко 13:10 и Откровение 22:17. Старите Грци барале мудрост и повисоко образование во стварите од овој свет. Иако Павле бил образован во мудроста на овој свет, тој одбил да им угодува на Грците со покажувањето на таа мудрост (Дела на св. апостоли 22:3). Тој зборувал и пишувал на разговорниот грчки што го зборувал обичниот народ, наместо на класичниот грчки јазик. Павле на Коринтјаните им рекол: „Јас, браќа, доаѓајќи при вас, дојдов да ви го соопштам Божјото сведоштво не со возвишена проповед или мудрост, . . . Словото мое, проповедта моја, не се состоеше во убедливи зборови на човечка мудрост, туку во пројава на Духот и силата, та верата ваша да се утврди не во човечка мудрост, туку во силата Божја“ (1. Коринтјаните 2:1-5).
15. На што ги потсетува Петар оние кои се потсмеваат на добрата вест, и како денешната ситуација е слична на онаа од времето на Ное?
15 Во овие последни денови, оние кои се потсмеваат на добрата вест за Божјиот претстоен нов свет и за претстојниот крај на овој свет, апостол Петар ги потсетува дека светот во времето на Ное „загина, потопен од вода“ (2. Петрово 3:3-7). Што правел Ное кога бил соочен со таков уништувачки крај? Многу луѓе си го замислуваат Ное само како градител на арката. Но Петар вели дека кога Бог го донел Потопот врз стариот свет, Тој „го запази само осмочлениот Ноја, проповедникот на правдата“ (2. Петрово 2:5). Во нивната световна мудрост, тие безбожни претпотопни луѓе, без сомнение, се смееле на она што Ное им го проповедал, нарекувајќи го луд, нереален и непрактичен. Денес, вистинските христијани се соочуваат со слична ситуација бидејќи Исус ја споредил нашата генерација со онаа од времето на Ное. Меѓутоа, и покрај потсмевачите, проповедањето на добрата вест за Царството е повеќе од само зборување. Како и проповедањето што го извршил Ное, така и тоа значи спасение за проповедникот и за оние кои го слушаат! (Матеј 24:37-39; 1. Тимотеј 4:16).
‚Да станеме безумни, за да бидеме мудри‘
16. Што ќе се случи со мудроста на овој свет во Армагедон, и кој ќе преживее во Божјиот нов свет?
16 Набргу, во Армагедон, Јехова Бог ќе направи сета ‚мудрост на мудрите‘ да престане. Тој ќе го отфрли сиот ‚разум на разумните‘ кои предвидувале како нивниот нов светски поредок ќе донесе подобри услови за човештвото. ‚Војната во оној голем ден на Бога Седржителот‘ ќе ја изгори сета софистика, филозофија и мудрост од овој свет (1. Коринтјаните 1:19; Откровение 16:14-16). Единствените кои ќе ја преживеат таа војна и кои ќе добијат живот во Божјиот нов свет, се оние кои го слушаат она што овој свет го нарекува безумство — да, Јеховината прославена добра вест за Царството.
17. Како Јеховините сведоци станале ‚безумни‘, и што се одлучни да вршат Божјите проповедници на добрата вест?
17 Јеховините сведоци, предводени од неговиот дух, не се срамат да го проповедаат она што светот го нарекува безумство. Наместо да се трудат да бидат световно мудри, станале ‚безумни‘. Како? Така што го вршат делото на проповедање за Царството за да бидат мудри, како што напишал Павле: „Ако некој од вас мисли дека е мудар во овој свет, нека стане безумен, за да биде мудар“ (1. Коринтјаните 3:18-20). Јеховините проповедници на добрата вест ја знаат животоспасувачката вредност на нивната порака, па затоа и понатаму ќе ја проповедаат без престан сѐ до крајот на овој свет и на неговата мудрост, во војната на Армагедон. Набргу, Јехова Бог ќе ја оправда својата универзална сувереност и ќе донесе бескраен живот за сите оние кои сега веруваат и постапуваат според „безумството на проповедта“.
[Фуснота]
a И покрај сите филозофски дебати и истражувања на мудрите луѓе од античка Грција, нивните списи покажуваат дека не нашле никаква вистинска основа за надеж. Професор Џ. Р. С. Стерет и Семјуел Ангес истакнуваат: „Ниедна литература не содржи попатетично оплакување околу тагите на животот, минливоста на љубовта, измамливоста на надежта и немилосрдноста на смртта“ (Funk and Wagnalls New “Standard” Bible Dictionary, 1936, стр. 313).
Како би одговорил?
◻ Кои два вида мудрост постојат?
◻ Која е основната мана на световната мудрост?
◻ Зошто проповедањето на добрата вест е најпрактичната работа?
◻ Што ќе се случи наскоро со целата светска мудрост?
◻ Зошто Јеховините сведоци не се срамат да го проповедаат она што светот го нарекува безумство?
[Слика на страница 23]
Грците барале световна мудрост и често на Павловото проповедање гледале како на безумство