Ти си верен управител!
„Вие не си припаѓате себеси“ (1. КОР. 6:19)
1. На што обично помислуваат луѓето кога ќе се спомне зборот „ропство“?
ПРЕД 2.500 години, еден грчки драмски писател напишал: „Никој не сака да го носи јаремот на ропството“. Денес многумина би се сложиле со таа изјава. Кога ќе се спомне зборот „ропство“, обично помислуваме на луѓе во окови кои се присилени да вршат тешка работа за своите сурови господари.
2, 3. а) Како постапува Христос со своите робови? б) Кои прашања ќе ги разгледаме?
2 Исус рекол дека и неговите ученици ќе бидат понизни слуги, односно робови. Но, иако се робови, христијаните не се понижувани и угнетувани. Напротив, нивниот Господар има доверба во нив, и им укажува чест и почит. На пример, кратко пред да умре, Христос рекол дека ќе му даде задолженија на еден „верен и разборит роб“ (Мат. 24:45-47).
3 Интересно е тоа што во извештајот од Лука овој „роб“ е наречен „управител“. (Прочитај Лука 12:42-44.) Денес повеќето верни христијани не спаѓаат во групата на „верниот управител“ кој го спомнал Исус. Сепак, Библијата покажува дека, на некој начин, сите Божји слуги се управители. Какви должности има секој од нас како управител? Како треба да гледаме на нив? За да го добиеме одговорот на овие прашања, да видиме каква улога имале управителите во старо време.
УЛОГАТА НА УПРАВИТЕЛИТЕ
4, 5. Какви одговорности имале управителите во старо време? Наведи примери.
4 Во библиски времиња, управителот најчесто бил верен слуга кој имал задача да го надгледува домаќинството или работата на својот господар. Обично имал прилично големи овластувања и требало да се грижи за имотот и парите на господарот, како и за другите слуги. Ова се гледа од примерот на Елиезер, кој се грижел за целиот имот на Авраам. Најверојатно тој бил слугата кого Авраам го испратил во Месопотамија да избере жена за неговиот син Исак. Тоа навистина било голема одговорност! (1. Мој. 13:2; 15:2; 24:2-4).
5 Јосиф, правнукот на Авраам, бил поставен како управител над домаќинството на Петефри (1. Мој. 39:1, 2). Подоцна и самиот Јосиф имал управител, кој го поставил над својот дом. Библијата вели дека управителот ги пречекал десетте браќа на Јосиф и се погрижил за нивните потреби. Исто така, тој одиграл важна улога во планот на својот господар во врска со „украдениот“ сребрен пехар. Од ова јасно се гледа дека господарите имале голема доверба во своите управители (1. Мој. 43:19-25; 44:1-12).
6. Какви одговорности имаат христијанските старешини?
6 Со векови подоцна, апостол Павле напишал дека христијанските старешини се ‚Божји управители‘ (Тит 1:7). Тие се поставени да се грижат за „Божјето стадо“, да даваат упатства и да предводат во собранието (1. Пет. 5:1, 2). Се разбира, имаат различни одговорности. На пример, повеќето христијански надгледници денес му служат на едно собрание. Патувачките надгледници им служат на многу собранија. А членовите на Одборите на подружниците се грижат за сите собранија во една или повеќе земји. Сепак, од сите се очекува верно да ги вршат своите задолженија. Секој од нив мора да му ‚положи сметка за тоа‘ на Бог (Евр. 13:17).
7. Од каде знаеме дека, во некоја смисла, сите христијани се управители?
7 Но, што може да се каже за многуте верни христијани кои не се старешини? Апостол Петар напишал писмо до сите христијани, во кое рекол: „Служете си еден на друг — секој со дарот што го примил — како добри управители на Божјата незаслужена доброта, која се покажува на разни начини“ (1. Пет. 1:1; 4:10). Во својата незаслужена доброта, Бог му дал секому од нас разни дарови, способности, таленти и јаки страни со кои можеме да им служиме на нашите соверници. Затоа може да се каже дека сите кои му служат на Бог се управители. Тој ни укажува чест и доверба, и очекува добро да ги користиме даровите што ни ги дал.
НИЕ МУ ПРИПАЃАМЕ НА БОГ
8. Кое важно начело треба да го имаме на ум?
8 Како управители, сите ние треба да имаме на ум три начела. Првото начело е: Сите му припаѓаме на Бог и ќе му положиме сметка нему. Павле напишал: „Вие не си припаѓате себеси, бидејќи скапо сте купени“ со крвта што ја пролеал Христос (1. Кор. 6:19, 20). Затоа што му припаѓаме на Јехова, ние мора да им бидеме послушни на неговите заповеди, кои не се тешки (Рим. 14:8; 1. Јов. 5:3). Освен тоа, ние сме и робови на Христос. Исто како управителите во старо време, имаме прилично голема слобода. Но, таа слобода сепак има граници. Мора да ги вршиме нашите задолженија во склад со упатствата што ги добиваме. Сеедно какви одговорности имаме во Божјата организација, сите сме слуги на Бог и на Христос.
9. Како Исус објаснил што очекува еден господар од својот роб?
9 Исус ни помага да сфатиме што очекува еден господар од својот роб. Еднаш им раскажал на своите ученици споредба за еден роб кој се вратил дома по цел ден работа на полето. Дали господарот му кажал: „Дојди веднаш и смести се на трпезата“? Не. Тој му рекол: „Зготви ми нешто за вечера, па препаши си скутник и послужувај ме додека јадам и пијам, а потоа ти ќе јадеш и ќе пиеш“. Што сакал да каже Исус со оваа споредба? Самиот тој објаснил: „Така и вие, кога ќе ги извршите сите свои должности, речете: ‚Ние сме бескорисни робови. Го направивме она што бевме должни да го направиме‘“ (Лука 17:7-10).
10. Од каде знаеме дека Јехова го цени трудот што го вложуваме за да му служиме?
10 Се разбира, Јехова го цени трудот што го вложуваме за да му служиме. Библијата нѐ уверува: „Бог не е неправеден, па да го заборави вашето дело и љубовта што ја покажавте кон неговото име“ (Евр. 6:10). Јехова нема преголеми очекувања од своите слуги. Освен тоа, она што го бара од нас е за наше добро и никогаш не е претешко. Сепак, во склад со споредбата на Исус, јасно е дека еден роб не си угодува себеси, туку на прво место ја става волјата на својот господар. На сличен начин, кога му се заветуваме на Бог, ние избираме да ја ставиме Неговата волја на прво место во нашиот живот. Зарем не се согласуваш со ова?
ШТО ОЧЕКУВА ЈЕХОВА ОД СИТЕ НАС
11, 12. Како управители, која особина треба да ја покажуваме и како треба да живееме?
11 Второто начело е: Како управители, сите ние мора да се држиме за истите основни мерила. Иако само на неколкумина во христијанското собрание им доверил одредени одговорности, Бог очекува од сите нас да исполнуваме исти барања. На пример, како ученици на Христос и како Сведоци на Јехова, сите мора да се сакаме еден со друг. Исус рекол дека љубовта ќе биде главното обележје на вистинските христијани (Јован 13:35). Но, ние не ги сакаме само нашите браќа, туку покажуваме љубов и кон другите луѓе. Сите можеме и треба да го правиме ова.
12 Бог исто така очекува да го правиме она што е исправно во негови очи и да не постапуваме на начин кој Божјата Реч го осудува. Павле напишал: „Ни блудници, ни идолопоклоници, ни прељубници, ни мажи што се впуштаат во неприродни полови односи, ни мажи што легнуваат со мажи, ни крадци, ни алчни, ни пијаници, ни оние што зборуваат погрдно, ни изнудувачи нема да го наследат Божјето царство“ (1. Кор. 6:9, 10). Точно, не е секогаш лесно да живееме според Божјите праведни мерила. Но, ако вложиме труд да се држиме за нив, ќе имаме многу користи. На пример, ќе имаме подобро здравје, ќе бидеме во мир со другите и ќе имаме близок однос со Бог. (Прочитај Исаија 48:17, 18.)
13, 14. Каква одговорност имаат сите христијани, и како треба да гледаат на неа?
13 Управителот требало и да работи. И ние имаме работа. Бог ни дал скапоцен дар — ни помогнал да ја дознаеме вистината. Тој очекува да им ја пренесеме таа вистина и на другите (Мат. 28:19, 20). Павле напишал: „Луѓето нека нѐ сметаат за Христови слуги и за управители на светите Божји тајни“ (1. Кор. 4:1). Тој знаел дека му се доверени ‚светите тајни‘, односно библиските вистини, и дека требало да ги поучува другите за нив. Неговиот Господар, Исус Христос, го очекувал тоа од него (1. Кор. 9:16).
14 Со тоа што им ја пренесуваме вистината на луѓето покажуваме дека ги сакаме. Се разбира, затоа што имаме различни околности, не можеме сите да правиме исто во службата. Јехова го разбира тоа. Она што е најважно е секој од нас да прави сѐ што може. На тој начин покажуваме несебична љубов кон Бог и кон ближните.
ВАЖНО Е ДА БИДЕМЕ ВЕРНИ
15-17. а) Зошто е многу важно управителот да биде верен? б) Како Исус покажал што ќе се случи ако не му останеме верни на Бог?
15 Третото начело, кое е тесно поврзано со претходните две, гласи: Мора да бидеме верни и одговорни. Еден управител може да има многу убави особини и способности, но тоа ќе биде залудно ако е неодговорен или ако не му е лојален на својот господар. Управителот мора да биде верен за да може добро да ја извршува својата работа и да му угоди на господарот. Павле напишал: „Од управителот се бара да биде верен“ (1. Кор. 4:2).
16 Може да бидеме сигурни дека Бог ќе нѐ награди ако сме му верни. А ако не сме, ќе ја изгубиме неговата милост. Ова начело јасно се гледа од споредбата за талантите што ја кажал Исус. Робовите кои верно ‚тргувале‘ со парите на господарот добиле пофалба и биле богато благословени. А робот што постапил неодговорно бил наречен „зол“, „мрзлив“ и ‚бескорисен‘. Господарот му го одзел талантот што му го доверил, и го исфрлил надвор. (Прочитај Матеј 25:14-18, 23, 26, 28-30.)
17 Исус и во друга прилика покажал што ќе се случи ако не му останеме верни на Бог. Тој рекол: „Си беше еден богат човек, кој имаше управител. Овој беше обвинет пред него дека му го растура имотот. Затоа го повика и му рече: ‚Што е ова што го слушам за тебе? Поднеси сметка за своето управување, зашто повеќе не можеш да бидеш управител‘“ (Лука 16:1, 2). Бидејќи управителот ‚го растурал‘ имотот на господарот, тој го отпуштил од службата. Колку силна поука за нас! Да бидеме решени да му останеме верни на Бог со тоа што ќе правиме сѐ што бара од нас.
ДАЛИ Е МУДРО ДА СЕ СПОРЕДУВАМЕ СО ДРУГИТЕ?
18. Зошто не треба да се споредуваме со другите?
18 Секој од нас може да се праша: ‚Каков управител сум јас?‘ Но, не е мудро да се споредуваме со другите. Библијата нѐ советува: „Секој нека го испита своето дело, па ќе има причина за задоволство во самиот себе, а не споредувајќи се со други“ (Гал. 6:4). Наместо да се споредуваме со другите, треба да размислиме што можеме да правиме ние лично. Тоа ќе ни помогне да не се возгордееме, но и да не се обесхрабриме. Исто така, треба да имаме на ум дека нашите околности се менуваат. Можеби поради слабо здравје, поодминати години или многу обврски не можеме да го правиме она што сме го правеле порано. Од друга страна, можеби ќе увидиме дека сепак сме во состојба да правиме повеќе од она што го правиме сега. Тогаш, зошто да не се подобриме?
19. Зошто не треба да се разочараме ако не добиеме некоја одговорност?
19 Освен тоа, не треба да се споредуваме со другите кои имаат одговорности што ние би сакале да ги имаме. На пример, некој брат можеби сака да служи како старешина во собранието или да има учество на собири и на конгреси. Иако е добро да се трудиме да добиеме такви одговорности, не треба да се разочараме ако не ги добиеме тогаш кога ние сме ги очекувале. Можеби од некои причини за кои не сме свесни, за одредени одговорности ќе треба да чекаме многу подолго. Веројатно и на Мојсеј му се чинело дека е спремен да ги изведе Израелците од Египет, но морал да чека уште 40 години пред да го стори тоа. Во текот на тоа време, тој имал можност да стекне особини што му биле неопходни за да го води тврдоглавиот и бунтовен израелски народ (Дела 7:22-25, 30-34).
20. Што учиме од примерот на Јонатан?
20 Може да се случи и воопшто да не ни биде дадена некоја одговорност. Тоа било случај со Јонатан. Тој бил син на Саул и требало да го наследи својот татко како цар на Израел. Сепак, за следен цар Бог го избрал Давид, кој бил многу помлад. Што направил Јонатан? Ја прифатил одлуката на Јехова, и го поддржувал Давид дури и по цена на сопствениот живот. Тој му рекол на Давид: „Ти ќе царуваш над Израел, а јас ќе бидам втор, веднаш до тебе“ (1. Сам. 23:17). Што учиме од неговиот пример? Јонатан не се жалел и, за разлика од татко му, не му бил љубоморен на Давид. Наместо да им завидуваме на другите поради одговорностите што им се доверени, сите ние треба да даваме сѐ од себе за да ги вршиме своите одговорности. Можеме да бидеме уверени дека во новиот свет Јехова ќе ги оствари исправните желби на сите свои слуги.
21. Како треба да гледаме на можноста да служиме како управители?
21 Секогаш да имаме на ум дека, како Божји управители, ние не сме робови кои се присилени да му служат на суров господар. Напротив, Јехова има доверба во нас и ни укажува голема чест. Во овие последни денови, тој ни дал да ја проповедаме добрата вест — дело кое никогаш нема да се повтори. А ни дава и голема слобода да избереме како ќе ги исполнуваме нашите одговорности. Затоа, да бидеме верни управители и од срце да ја цениме честа што можеме да му служиме на Севишниот Господар на целата вселена!