ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w96 1/11 стр. 12-18
  • Споделување на утехата што ја дава Јехова

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Споделување на утехата што ја дава Јехова
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1996
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • „Бог на секоја утеха“
  • Обучени да бидеме тешители
  • Павловата неволја во Азија
  • Денешни примери
  • Трагедија во Руанда — кој е одговорен?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1994
  • „Богот на секоја утеха“
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2008
  • ,Теши ги сите што тагуваат‘
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2011
  • Утеха од ‚Богот на секоја утеха‘
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1995
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1996
w96 1/11 стр. 12-18

Споделување на утехата што ја дава Јехова

„Надежта наша за вас е тврда . . . знаејќи дека како што учествувате во нашите страдања, така ќе бидете учесници и во утехата“ (2. КОРИНТЈАНИТЕ 1:7).

1, 2. Што доживеале мнозина кои денес станале христијани?

МНОГУ сегашни читатели на Стражарска кула пораснале без спознание за Божјата вистина. Можеби тоа е случај и со тебе. Ако да, сети се како си се чувствувал кога очите на разбирањето почнале да ти се отвораат. На пример, зарем не ти олеснило кога првпат си разбрал дека умрените не страдаат, туку се бесвесни? И зарем не си бил утешен кога си дознал за надежта за умрените — дека милијарди ќе бидат воскреснати во живот во Божјиот нов свет? (Проповедник 9:5, 10; Јован 5:28, 29).

2 А што е со Божјето ветување дека ќе ѝ стави крај на злобата и дека ќе ја претвори оваа Земја во рај? Кога си дознал за ова, зарем тоа не те утешило и не те исполнило со желно исчекување? Како си се чувствувал кога првпат си дознал за можноста никогаш да не умреш, туку да преживееш во тој земен рај што доаѓа? Несомнено, си бил восхитен. Да, ти си станал примател на Божјата утешителна порака што Јеховините сведоци сега ја проповедаат ширум светот (Псалм 36:9—11, 29; Јован 11:26; Откровение 21:3—5).

3. Зошто оние кои ја споделуваат Божјата утешна порака со другите, исто така поднесуваат неволја?

3 Меѓутоа, кога си се обидел да ја споделиш библиската порака со другите, исто така си сфатил дека „не сите имаат вера“ (2. Солунјаните 3:2). Можеби некои од твоите поранешни пријатели те исмејувале поради изразувањето вера во библиските ветувања. Можеби си поднел дури и прогонство поради тоа што си продолжил да ја проучуваш Библијата во поврзаност со Јеховините сведоци. Противењето можеби се засилило кога си почнал да правиш промени за да го доведеш својот живот во склад со библиските начела. Си почнал да ја доживуваш неволјата што Сатана и неговиот свет ја нанесуваат врз сите кои ја прифаќаат Божјата утеха.

4. На кои различни начини можат новозаинтересираните да реагираат на неволјата?

4 За жал, како што прорекол Исус, неволјата предизвикува некои да се спрепнат и да го прекинат своето дружење со христијанското собрание (Матеј 13:5, 6, 20, 21). Други ја поднесуваат неволјата со тоа што своите мисли ги задржуваат сосредоточени на утешителните ветувања што ги учат. На крајот, тие му го предаваат својот живот на Јехова и се крштаваат како ученици на неговиот Син, Исус Христос (Матеј 28:19, 20; Марко 8:34). Се разбира, неволјата не престанува штом еден христијанин ќе се крсти. На пример, останувањето чесен може да претставува тешка борба за едно лице кое имало неморално минато. Други мораат да се борат со постојано противење од страна на членовите на семејството кои не се соверници. Каква и да е неволјата, сите оние кои верно се стремат по живот на оддаденост на Бог, можат да бидат сигурни во едно. На еден многу личен начин, тие ќе ја доживеат Божјата утеха и помош.

„Бог на секоја утеха“

5. Освен многуте искушенија што ги поднел, што уште доживеал Павле?

5 Едно лице кое длабоко ја ценело утехата што ја дава Бог, бил апостол Павле. После едно особено искушувачко време во Азија и во Македонија, тој доживеал огромно олеснување кога чул дека коринтското собрание добро реагирало на неговото писмо со укор. Тоа го поттикнало да им напише второ писмо што го содржи следниов израз на фалба: „Благословен нека е Бог и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, Отец на милосрдноста [на нежни милосрдија, НС] и Бог на секоја утеха, Кој нѐ утешува при секоја наша мака“ (2. Коринтјаните 1:3, 4).

6. Што учиме од Павловите зборови што се наоѓаат во 2. Коринтјаните 1:3, 4?

6 Овие инспирирани зборови многу кажуваат. Да ги проанализираме. Кога Павле изразува фалба или благодарност спрема Бог или кога поставува барање до него во своите писма, увидуваме дека тој обично вклучува и длабоко ценење спрема Исус, Поглаварот на христијанското собрание (Римјаните 1:8; 7:25; Ефесјаните 1:3; Евреите 13:20, 21). Затоа Павле го упатува овој израз на фалба до ‚Бог и Отецот на нашиот Господ Исус Христос‘. За првпат во своите списи тој користи тогаш една грчка именка преведена со „нежни милосрдија“. Оваа именка потекнува од еден збор што се користи за да се изрази жалост поради страдањето на некој друг. На тој начин, Павле ги опишува Божјите нежни чувства спрема секој еден од Неговите верни слуги кои трпат неволја — нежни чувства што го поттикнуваат Бог да дејствува милосрдно во нивна корист. Најпосле, Павле го сметал Јехова за извор на оваа пожелна особина со тоа што го нарекува ‚Отец на нежни милосрдија‘.

7. Зошто може да се рече дека Јехова е „Бог на секоја утеха“?

7 Божјите „нежни милосрдија“ резултираат со олеснување за оној кој трпи неволја. Затоа, Павле понатаму го опишува Јехова како „Бог на секоја утеха“. Според тоа, без разлика каква утеха би можеле да доживееме од љубезноста на соверниците, за нејзин извор можеме да го сметаме Јехова. Не постои никаква вистинска, трајна утеха која не потекнува од Бог. Понатаму, тој е оној кој го создал човекот според својот лик, со што ни овозможил да бидеме тешители. А Божјиот свет дух е тоа што ги мотивира неговите слуги да покажуваат нежно милосрдие спрема оние на кои им е потребна утеха.

Обучени да бидеме тешители

8. Иако Бог не е изворот на нашите искушенија, какво корисно влијание може да има врз нас нашето поднесување на неволјата?

8 Иако Јехова ги дозволува разните искушенија што доаѓаат врз неговите верни слуги, тој никогаш не е изворот на таквите искушенија (Јаков 1:13). Меѓутоа, утехата што ја дава тој кога поднесуваме неволја, може да нѐ оспособи да бидеме поосетливи на потребите на другите. Со каков резултат? „И ние да можеме да ги утешиме оние што се наоѓаат при секаква мака, со онаа утеха, со која Бог нѐ утешува нас самите“ (2. Коринтјаните 1:4). На тој начин, Јехова нѐ обучува да бидеме делотворни споделувачи на неговата утеха со соверниците и со оние кои ги среќаваме во нашата служба додека го имитираме Христос и ‚ги утешуваме сите оние што тагуваат‘ (Исаија 61:2; Матеј 5:4).

9. а) Што ќе ни помогне да го поднесеме страдањето? б) На кој начин другите се утешени кога верно ќе поднесеме некоја неволја?

9 Павле ги издржал своите многубројни страдања благодарение на изобилната утеха што ја добивал од Бог преку Христос (2. Коринтјаните 1:5). И ние можеме да доживееме изобилна утеха доколку медитираме за Божјите скапоцени ветувања, доколку молиме за поддршката од неговиот свет дух и доколку ги доживуваме Божјите одговори на нашите молитви. На тој начин ќе бидеме зајакнати да продолжиме да ја поддржуваме Јеховината сувереност и да докажуваме дека Ѓаволот е лажго (Јов 2:4; Изреки 27:11). Кога верно сме го издржале секој облик на неволја, треба, како Павле, сета заслуга да му ја припишеме на Јехова, чија утеха им овозможува на христијаните да останат верни под искушение. Истрајноста на верните христијани има утешителен ефект врз братството, правејќи ги другите одлучни да ‚ги претрпат истите страдања‘ (2. Коринтјаните 1:6).

10, 11. а) Кои се некои од работите што предизвикале страдање на собранието во древниот Коринт? б) На кој начин Павле го утешил коринтското собрание, и каква надеж изразил тој?

10 Коринтјаните имале свој удел во страдањата што доаѓаат врз сите вистински христијани. Освен тоа, им бил потребен совет да исклучат некој непокајнички блудник (1. Коринтјаните 5:1, 2, 11, 13). Пропустот да се преземе оваа постапка и да се стави крај на кавгата и поделбите, донел срам врз собранието. Но, тие на крајот го примениле Павловиот совет и покажале искрено каење. Затоа, тој срдечно ги пофалил и навел дека нивната добра реакција на неговото писмо го утешило (2. Коринтјаните 7:8, 10, 11, 13). Изгледа дека исклучениот исто така се покајал. Затоа, Павле ги посоветувал ‚да му простат и да го утешат, за да не пропадне од преголема жалост‘ (2. Коринтјаните 2:7).

11 Павловото второ писмо сигурно го утешило коринтското собрание. А тоа и било една од неговите намери. Тој објаснил: „Надежта наша за вас е тврда . . . знаејќи дека како што учествувате во нашите страдања, така ќе бидете учесници и во утехата“ (2. Коринтјаните 1:7). Во заклучокот од своето писмо, Павле поттикнал: „Утешувајте се . . . и Бог на љубовта и на мирот ќе биде со вас“ (2. Коринтјаните 13:11).

12. Каква потреба имаат сите христијани?

12 Каква само важна поука можеме да научиме од ова! Сите членови на христијанското собрание треба да ‚бидат учесници во утехата‘ што Бог ја обезбедува преку својата Реч, преку својот свет дух и преку својата земна организација. Дури и на исклучените може да им е потребна утеха доколку се покајале и го исправиле својот погрешен правец. Затоа, ‚верниот и разумен роб‘ вовел една милосрдна подготовка за да им помогне. Еднаш годишно, двајца старешини може да посетат извесни исклучени лица. Тие можеби повеќе не покажуваат бунтовен став или не се впуштаат во тежок грев и можеби им е потребна помош за да ги преземат неопходните чекори за повторно да бидат примени (Матеј 24:45, НС; Језекиил 34:16).

Павловата неволја во Азија

13, 14. а) Како го опишал Павле времето на тешка неволја што ја доживеал во Азија? б) Кој инцидент Павле можеби го имал на ум?

13 Видот на страдањето што го доживеало коринтското собрание до овој момент, не би можел да се спореди со многуте неволји што морал да ги поднесе Павле. Според тоа, тој можел да ги потсети: „Браќа, не сакаме да ја затаиме маката, што ни се случи во Азија; бидејќи бевме оптоварени многу, дури и преку нашите сили, ние не се надевавме ни живи да останеме. Туку сами во себеси ја носевме смртната пресуда, за да не се надеваме на себеси, а на Бога, Кој ги воскреснува мртвите, Кој нѐ избави од таква страшна смрт, а и уште нѐ избавува, на Кого се надеваме дека и понатаму ќе нѐ избавува“ (2. Коринтјаните 1:8—10).

14 Некои библиски научници мислат дека Павле се осврнал на метежот во Ефес, кој можел да го чини живот Павле како и неговите двајца македонски сопатници, Гај и Аристарх. Овие двајца христијани насилно биле одведени во еден театар што бил исполнет со една толпа која ‚околу два часа крескала: „Велика е Артемида [божицата] Ефеска!“‘ На крајот, еден градски службеник успеал да го стивне мноштвото. Оваа закана за животите на Гај и Аристарх сигурно многу го вознемирила Павла. Всушност, тој сакал да влезе и да ја разубедува фанатичната толпа, но бил спречен да не го ризикува својот живот на ваков начин (Дела 19:26—40).

15. Каква екстремна ситуација можеби е опишана во 1. Коринтјаните 15:32?

15 Меѓутоа, Павле можеби опишувал една ситуација што е далеку поекстремна отколку претходниот инцидент. Во своето прво писмо до коринтјаните, Павле запрашал: „Кога во Ефес, човечки да речам, се борев со ѕверови . . . што полза имам?“ (1. Коринтјаните 15:32). Ова може да значи дека Павловиот живот бил загрозен не само од ѕверски луѓе туку и од дословни диви животни во стадионот во Ефес. Злосторниците понекогаш биле казнувани на тој начин што биле присилувани да се борат со диви ѕверови, додека крвожедните мноштва посматрале. Ако Павле мислел на тоа дека се имал соочено со дословни диви ѕверови, сигурно во последен момент бил поштеден од сурова смрт, исто како што Даниил бил избавен од устата на дословни лавови (Даниил 6:22).

Денешни примери

16. а) Зошто можат многу Јеховини сведоци да се идентификуваат со неволјите што ги поднел Павле? б) Во што можеме да бидеме сигурни во врска со оние кои умреле поради својата вера? в) Какво добро влијание има тоа кога христијаните за влакно ќе ја избегнат смртта?

16 Мнозина современи христијани можат да се поврзат со неволјите што ги поднел Павле (2. Коринтјаните 11:23—27). И денес, христијаните се ‚оптоварени дури и преку [нивните] сили‘, и мнозина се соочиле со ситуации во кои тие ‚не се надевале ни живи да останат‘ (2. Коринтјаните 1:8). Некои умреле од рацете на масовни убијци и свирепи прогонители. Можеме да бидеме сигурни дека Божјата утешителна моќ ги оспособила да истрајат и дека умреле со срца и мисли цврсто сосредоточени на исполнувањето на нивната надеж, сеедно дали небесна или земна (1. Коринтјаните 10:13; Филипјаните 4:13, НС; Откровение 2:10). Во други случаи, Јехова ги управувал работите и нашите браќа биле избавени од смрт. Несомнено, оние кои доживеале такво избавување, развиле поголема доверба во ‚Бога, Кој ги воскреснува мртвите‘ (2. Коринтјаните 1:9). По тоа, тие можеле да зборуваат со уште поголемо уверување додека ја споделувале Божјата утешителна порака со другите (Матеј 24:14).

17-19. Кои искуства покажуваат дека нашите браќа во Руанда биле учесници во Божјата утеха?

17 Неодамна, нашите драги браќа во Руанда поминаа низ едно искуство слично на она со Павле и со неговите придружници. Иако мнозина ги загубија своите животи, Сатановите напори да ја уништи нивната вера не успеаја. Наместо тоа, нашите браќа во оваа земја доживеаја Божја утеха на многу лични начини. За време геноцидот на Тутси и Хуту кои живеат во Руанда, имаше Хуту кои го ризикуваа својот живот за да заштитат Тутси, како и Тутси кои заштитуваа Хуту. Некои беа убиени од страна на екстремисти поради тоа што ги штитеа своите соверници. На пример, еден Хуту Сведок по име Гахизи, беше убиен откако сокрил една Тутси сестра по име Чантал. Една Хуту сестра по име Шарлот, го сокрила Жан, Тутси сопругот на Чантал, на друго место. 40 дена, Жан и еден друг Тутси брат останале сокриени во еден голем оџак, а излегувале само за кратки периоди во текот на ноќта. За сето ова време, Шарлот ги обезбедувала со храна и ги штитела, иако живеела близу еден Хуту воен логор. На оваа страница можеш да ја видиш сликата на повторно обединетите Жан и Чантал, кои се благодарни што нивните Хуту сообожаватели „ја положија својата глава“ за нив, исто како што сториле Прискила и Акила за апостол Павле (Римјаните 16:3, 4).

18 Еден друг Хуту Сведок, Руакабубу, бил фален во весникот Intaremara поради тоа што заштитувал Тутси соверници.a Весникот навел: „Тука е и Руакабубу, Јеховин сведок, кој продолжи да крие луѓе овде-онде меѓу своите браќа (така се викаат верниците еден со друг). Тој минуваше по цел ден носејќи им храна и питка вода, иако е астматичар. Но, Бог го направи извонредно јак“.

19 Исто така, размисли за една двојка Хуту интересенти, по име Никодем и Атанази. Пред избувнувањето на геноцидот, оваа брачна двојка ја проучувала Библијата со еден Тутси Сведок по име Алфонс. Ризикувајќи ги своите животи, тие го криеле Алфонс во својата куќа. Подоцна увиделе дека куќата не е безбедно место, затоа што нивните Хуту соседи знаеле за нивниот Тутси пријател. Затоа, Никодем и Атанази го криеле Алфонс во една дупка во својот двор. Тоа било добар потег, затоа што соседите почнале да доаѓаат и да го бараат Алфонс скоро секој ден. Додека лежел во оваа дупка 28 дена, Алфонс медитирал за библиски извештаи, како што е оној за Раав која сокрила двајца Израелци на покривот од својата куќа во Јерихон (Исус Навин 6:16). Денес Алфонс ја продолжува својата служба во Руанда како проповедник на добрата вест, благодарен што неговите Хуту библиски ученици ги ризикуваа своите животи заради него. А што е со Никодем и Атанази? Сега тие се крстени Сведоци на Јехова и водат преку 20 библиски студии со заинтересирани лица.

20. На кој начин Јехова ги утешил нашите браќа во Руанда, но каква постојана потреба имаат многумина од нив?

20 Во времето кога почна геноцидот во Руанда, во земјата имаше 2.500 објавители на добрата вест. Иако стотици ги загубија своите животи или, пак, беа принудени да побегнат од земјата, бројот на Сведоците порасна на преку 3.000. Тоа е доказ дека Бог навистина ги утешил нашите браќа. А што е со многуте сирачиња и вдовици меѓу Јеховините сведоци? Секако, овие сѐ уште трпат неволја и потребна им е постојана утеха (Јаков 1:27). Нивните солзи ќе бидат потполно избришани дури кога ќе се одигра воскресението во Божјиот нов свет. Па сепак, благодарение на помошта од своите браќа и затоа што се обожаватели на ‚Богот на секоја утеха‘, тие се способни да се соочат со животот.

21. а) Каде на друго место нашите браќа имале голема потреба од Божја утеха, и кој е еден начин на кој сите ние можеме да помогнеме? (Види ја рамката „Утеха во текот на четири години војна“.) б) Кога ќе биде потполно задоволена нашата потреба од утеха?

21 На многу места, како што се Еритреја, Сингапур и поранешна Југославија, нашите браќа продолжуваат верно да му служат на Јехова и покрај неволја. Да им помогнеме на таквите браќа, принесувајќи редовни преколнувања за да можат да добијат утеха (2. Коринтјаните 1:11). И да истраеме верно до времето кога Бог преку Исус Христос ‚ќе ја избрише секоја солза од [нашите] очи‘ во најпотполна смисла. Тогаш ќе ја доживееме во потполна мерка утехата што ќе ја даде Јехова во неговиот нов свет на праведност (Откровение 7:17; 21:4; 2. Петрово 3:13).

[Фуснота]

a Стражарска кула од 1 јануари 1995 година, страница 26, го раскажа искуството за Дебора, ќерката на Руакабубу, чија молитва трогнала една банда од Хуту војници и го спасила семејството да не биде убиено.

Дали знаеш?

◻ Зошто Јехова е наречен „Бог на секоја утеха“?

◻ Како треба да гледаме на неволјите?

◻ Со кого можеме да споделуваме утеха?

◻ На кој начин ќе биде потполно задоволена нашата потреба од утеха?

[Слика на страница 17]

Иако се Тутси Сведоци, за време на геноцидот во Руанда, Жан и Чантал биле криени на различни места од страна на Хуту Сведоци

[Слика на страница 17]

Јеховините сведоци во Руанда продолжуваат да ја споделуваат Божјата утешителна порака со своите ближни

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели