Акила и Прискила — примерна двојка
„ПОЗДРАВЕТЕ ги Прискила и Акила, моите сотрудници во Христа Исуса, кои за мојата душа ја положија својата глава; ним не само јас им благодарам, туку и сите цркви од незнабошците“ (Римјаните 16:3, 4).
Овие зборови на апостол Павле до христијанското собрание во Рим го покажуваат големото ценење и срдечна почит што тој ги имал спрема оваа брачна двојка. Тој се погрижил да не ги превиди кога пишувал до нивното собрание. Но, кои биле овие двајца „сотрудници“ на Павле, и зошто му биле толку драги нему и на собранијата? (2. Тимотеј 4:19).
Акила бил Евреин од дијаспората (раштрканите Евреи) и родум од Понт, регион во северна Мала Азија. Тој и неговата сопруга Прискила (Приска) се населиле во Рим. Во тој град постоела една прилично голема еврејска заедница, барем откако Помпеј го поробил Ерусалим во 63 година пр. н. е., кога голем број затвореници биле доведени во Рим како робови. Всушност, римските натписи го откриваат постоењето на десетина синагоги во тој древен град. Извесен број Евреи од Рим биле присутни во Ерусалим на Пентакост 33 година н. е., кога ја чуле добрата вест. Можеби преку нив христијанската порака за првпат стигнала до главниот град на Римското Царство (Дела 2:10).
Меѓутоа, во 49 или во почетокот на 50 година н. е., по наредба на царот Клавдиј, Евреите биле истерани од Рим. Затоа, токму во грчкиот град Коринт, апостол Павле ги сретнал Акила и Прискила. Кога Павле пристигнал во Коринт, Акила и Прискила љубезно му понудиле и гостопримство и работа, бидејќи имале ист занает — правење шатори (Дела 18:2, 3).
Шаторџии
Тоа не била лесна работа. Правењето шатори вклучувало сечење и сошивање на парчиња крут, рапав материјал или кожа. Според историчарот Фернандо Беа, тоа било „работа што изискувала вештина и внимателност“ од страна на шаторџиите кои работеле со „груби, отпорни материјали, што се користеле за кампување додека се патувало, за покров од сонцето и дождот или, пак, за пакување на стоки во складиштата на бродовите“.
Ова покренува едно прашање. Зарем Павле не рекол дека бил ‚воспитан при нозете Гамалиилови‘, отворајќи си на тој начин пат за угледна кариера во годините што доаѓале? (Дела 22:3). Иако тоа е вистина, Евреите од првиот век сметале за чест да поучуваат едно момче за некој занает, иако тоа требало да добие повисоко образование. Затоа, Акила и Павле веројатно ја стекнале својата вештина во правењето шатори уште кога биле млади. Тоа искуство подоцна се покажало како многу корисно. Но, како христијани, таквата световна работа не ја сметале за цел сама по себе. Павле објаснил дека работата што ја вршел во Коринт заедно со Акила и Прискила, била само средство за да ја издржува својата главна активност — објавувањето на добрата вест без да ‚му наметне скап товар‘ (НС) никому (2. Солунјаните 3:8; 1. Коринтјаните 9:18; 2. Коринтјаните 11:7).
Очигледно, на Акила и Прискила им било угодно да направат сѐ што можеле за да ја олеснат Павловата мисионерска служба. Којзнае колку пати тројцата пријатели паузирале за време на работата за да им дадат неформално сведоштво на муштериите или на минувачите! И иако нивната работа на правење шатори била понизна и заморна, тие биле среќни што ја вршеле, работејќи дури „дење и ноќе“, со цел да ги унапредат Божјите интереси — исто како што мнозина денешни христијани се издржуваат себеси од работа со скратено време или од сезонска работа, со цел најголемиот дел од преостанатото време да го посветат за помагање на луѓето да ја чујат добрата вест (1. Солунјаните 2:9; Матеј 24:14; 1. Тимотеј 6:6).
Примери за гостољубие
Павле веројатно ја користел куќата на Акила како база за своите мисионерски активности во текот на 18-те месеци додека престојувал во Коринт (Дела 18:3, 11). Затоа, Акила и Прискила веројатно го имале задоволството да ги имаат и Сила (Силван) и Тимотеј како гости при нивното пристигнување од Македонија (Дела 18:5). Двете писма на Павле до солунјаните, кои подоцна станале дел од библискиот канон, можеби биле напишани додека апостолот престојувал кај Акила и Прискила.
Лесно е да се замисли дека во тоа време домот на Прискила и Акила бил вистински центар на теократска активност. Веројатно често бил посетуван од мнозина драги пријатели — Стефанин и неговото семејство, првите христијани во провинцијата Ахаја, крстени од самиот Павле; Тит Јуст, кој му дозволил на Павле да го користи неговиот дом за да држи предавања, и Крисп, претседавачкиот службеник во синагогата, кој ја прифатил вистината заедно со сето свое домаќинство (Дела 18:7, 8; 1. Коринтјаните 1:16). Потоа, тука биле Фортунат и Ахаик; Гај, во чиј дом можеби се одржувале собраниски состаноци; Ераст, градскиот управител; Терциј, секретарот на кого Павле му го диктирал своето писмо до римјаните, и Фива, една верна сестра од блиското собрание во Кенхреја која, веројатно, го однела писмото од Коринт до Рим (Римјаните 16:1, 22, 23; 1. Коринтјаните 16:17).
Денешните слуги на Јехова кои ја имале приликата да му укажат гостољубие на некој патувачки слуга, знаат колку само охрабрувачки и незаборавно може да биде тоа. Изградувачките искуства раскажани во таквите прилики можат да бидат вистински извор на духовно освежување за сите (Римјаните 1:11, 12). И, како што направиле Акила и Прискила, оние кои ги ставаат на располагање своите домови за состаноци, можеби за Собраниска студија на книга, ја имаат радоста и задоволството што можат на овој начин да придонесат за напредокот на вистинското обожавање.
Нивното пријателство со Павле било толку блиско што Акила и Прискила отишле со него кога тој во пролетта 52 година н. е. заминал од Коринт, придружувајќи го сѐ до Ефес (Дела 18:18—21). Тие останале во тој град и го положиле темелот за следната посета на апостолот. Токму овде овие надарени учители на добрата вест ‚го прибрале‘ елоквентниот Аполос и ја имале радоста да му помогнат да го разбере ‚патот Господов поточно‘ (Дела 18:24—26). Кога Павле повторно го посетил Ефес за време на своето трето мисионерско патување, некаде околу зимата 52/53 година н. е., полето што било негувано од страна на оваа динамична двојка, веќе било зрело за жетва. Околу три години, Павле проповедал и поучувал таму за „патот“, додека ефеското собрание одржувало состаноци во домот на Акила (Дела 19:1—20, 26; 20:31; 1. Коринтјаните 16:8, 19).
Подоцна, кога се вратиле во Рим, овие двајца Павлови пријатели продолжиле да ‚се трудат да бидат гостопримливи‘, ставајќи го својот дом на располагање за христијански состаноци (Римјаните 12:13; 16:3—5).
‚Ги положиле своите глави‘ за Павле
Можеби Павле исто така бил на стан кај Акила и Прискила додека бил во Ефес. Дали престојувал кај нив за време на буната на кујунџиите? Според извештајот во Дела 19:23—31, кога занаетчиите кои правеле ковчежиња се бунеле против проповедањето на добрата вест, браќата морале да го спречат Павле да не ризикува да оди пред толпата. Некои библиски коментатори теоретизирале дека можеби токму во таа опасна околност Павле ‚не се надевал ни жив да остане‘ и дека Акила и Прискила на некој начин интервенирале, ‚положувајќи ја својата глава‘ за него (2. Коринтјаните 1:8; Римјаните 16:3, 4).
Кога ‚стивнала вревата‘, Павле мудро го напуштил градот (Дела 20:1). Несомнено, Акила и Прискила исто така се соочиле со противење и исмејување. Дали тоа ги натерало да се чувствуваат потиштени? Напротив, Акила и Прискила храбро продолжиле со своите христијански активности.
Присна двојка
Кога завршило владеењето на Клавдиј, Акила и Прискила се вратиле во Рим (Римјаните 16:3—15). Меѓутоа, последниот пат кога тие се спомнати во Библијата, ги наоѓаме пак во Ефес (2. Тимотеј 4:19). Повторно, како и при сите други осврнувања во Писмото, овој сопруг и сопруга се спомнати заедно. Каква присна и обединета брачна двојка! Павле не можел да помисли на тој драг брат, Акила, а да не се сети на верната соработка на неговата сопруга. И колку само извонреден пример за христијанските брачни двојки денес, бидејќи лојалната помош од оддадениот сопружник му овозможува на едно лице да стори многу во „делото Господово“, а понекогаш дури и повеќе отколку што би му било можно да стори како самец (1. Коринтјаните 15:58).
Акила и Прискила служеле во повеќе различни собранија. Како нив, мнозина ревни денешни христијани се ставиле себеси на располагање да се преселат таму каде што потребата е поголема. Тие исто така ги доживуваат радоста и задоволството што доаѓаат кога ќе се види како интересите на Царството растат и што се во можност да негуваат срдечни и скапоцени христијански пријателства.
Со својот прекрасен пример на христијанска љубов, Акила и Прискила го придобиле ценењето на Павле и на останатите. Но, што е уште поважно, тие стекнале добар глас кај самиот Јехова. Писмото нѐ уверува: „Бог не е неправеден, та да го заборави делото ваше и трудот на љубовта, што ги покажавте во Негово име, откако им послуживте и им служите на светиите“ (Евреите 6:10).
Можеби ние ја немаме приликата да се трошиме на слични начини како што правеле Акила и Прискила, но сепак, можеме да го имитираме нивниот извонреден пример. Ќе имаме длабоко задоволство додека ја посветуваме својата енергија и живот на светата служба, никогаш не заборавајќи го ‚доброчинството и милосрдноста, зашто такви жртви Му се благоугодни на Бога‘ (Евреите 13:15, 16).