-
Нека твојот напредок биде видливСтражарска кула 2001 | 1 Август
-
-
Покажувај ги „плодовите на духот“
12. Зошто е важно да ги покажуваме плодовите на духот додека се стремиме кон духовен напредок?
12 Иако доаѓањето до „единство во верата и во точното спознание“ е важно, за нас е подеднакво важно да ги покажуваме плодовите на Божјиот дух во секој аспект на нашиот живот. Зошто? Затоа што зрелоста, како што видовме, не е внатрешна или скриена, туку се одликува со јасно забележливи карактеристики, кои можат да им користат на другите и да ги изградат. Се разбира, нашето стремење кон духовен напредок не е само напор да изгледаме културни или да бидеме извештачени. Наместо тоа, додека духовно растеме, следејќи го водството на Божјиот дух, ќе дојде до прекрасно преобразување на нашите ставови и постапки. „Одете по духот и воопшто нема да ја извршувате желбата на телото“, рекол апостол Павле (Галатите 5:16).
13. Која промена е јасен показател за напредок?
13 Павле продолжил да ги набројува „делата на телото“, кои ги има многу и се ‚видливи‘. Пред некој да ги сфати Божјите барања, неговиот живот е обликуван според патиштата на светот и може да биде исполнет со некои од работите што Павле ги спомнал: „блуд, нечистота, распуштено однесување, идолопоклонство, вршење спиритизам, непријателства, кавги, љубомора, изливи на гнев, препирки, поделби, секти, зависти, пијанки, лумпувања и слично“ (Галатите 5:19-21). Но, како што човек духовно напредува така постепено стекнува контрола над овие непожелни ‚дела на телото‘ и отстапува простор за „плодовите на духот“. Оваа однадвор видлива промена е јасен показател дека лицето напредува кон христијанска зрелост (Галатите 5:22).
14. Објасни ги двата израза: „делата на телото“ и „плодовите на духот“.
14 Треба да ги забележиме двата израза: „делата на телото“ и „плодовите на духот“. „Делата“ се резултат на она што некој го прави, производ на нечии постапки. Со други зборови, работите што Павле ги набројал како дела на телото се резултат на нечиј свесен избор или на влијанието од паднатото човечко тело (Римјаните 1:24, 28; 7:21-25). Од друга страна, пак, од изразот „плодовите на духот“ се подразбира дека наброените особини не се резултат на напорите во таканаречениот развој на карактерот или подобрување на личноста, туку резултат на дејствувањето на Божјиот дух врз некого. Исто како што едно дрво ќе донесува плодови кога правилно се негува така и лицето ќе ги покажува плодовите на духот кога светиот дух слободно протекува во неговиот живот (Псалм 1:1-3).
15. Зошто е важно да им обрнеме внимание на сите аспекти на „плодовите на духот“?
15 Друга точка што треба да ја разгледаме е тоа што Павле го употребил зборот „плодовите“ за да ги опфати сите пожелни особини што ги спомнал. Духот не донесува различни плодови па ние да си го избереме омилениот. Сите особини што ги набројал Павле — љубов, радост, мир, долготрпеливост, љубезност, доброта, вера, кротост и самосовладување — се подеднакво важни и заедно ја овозможуваат новата христијанска личност (Ефешаните 4:24; Колошаните 3:10). Според тоа, иако можеби сфаќаме дека некои од овие особини се поочигледни во нашиот живот заради нашата личност и склоности, важно е да им обрнеме внимание на сите аспекти што ги спомнал Павле. На тој начин можеме уште поцелосно во животот да ја одразуваме личноста слична на Христовата (1. Петрово 2:12, 21).
16. Каква цел имаме додека се стремиме кон христијанска зрелост, и како можеме да ја постигнеме?
16 Важната лекција што можеме да ја научиме од дискусијата на Павле е дека при стремењето кон христијанска зрелост, нашата цел не е да стекнеме некакво големо спознание и ученост ниту, пак, да негуваме префинети карактерни црти. Целта ни е да имаме слободен проток на Божјиот дух во нашиот живот. До мерата до којашто нашето размислување и постапки реагираат на водството на Божјиот дух до таа мера стануваме духовно зрели. Како можеме да ја постигнеме оваа цел? Мораме да ги отвориме срцето и умот за влијанието на Божјиот дух. Тоа вклучува верно да ги посетуваме христијанските состаноци и да учествуваме на нив. Исто така, треба редовно да ја проучуваме Божјата реч и да медитираме за неа, дозволувајќи нејзините начела да ги водат нашите постапки со другите, нашите избори и одлуките што ги донесуваме. Тогаш нашиот напредок сигурно ќе биде јасно видлив.
-
-
Нека твојот напредок биде видливСтражарска кула 2001 | 1 Август
-
-
• На кои начини може да биде видлива духовната зрелост?
-