Немој да негуваш огорченост
ДА ИЗБЕГНЕМЕ да се налутиме кога некој ќе нѐ навреди — тоа можеби изгледа поголем предизвик од кој и да е друг. Библијата има практичен совет за таквите ситуации. „Гневете се“, напишал апостол Павле, „но не грешете: сонцето да не зајде во гневот ваш“ (Ефесјаните 4:26).
Кога некој ќе ни згреши, сосема е нормално да чувствуваме одреден степен на гнев. Тоа што Павле вели ‚да се гневиме‘ значи дека повремено лутината може да биде исправна — можеби како реакција на некоја нечесна постапка или неправедна судска одлука. (Спореди 2. Коринтјаните 11:29.) Но ако не се реши, дури и оправданата лутина би можела да има страшни последици кои можат да доведат до голем грев (1. Мојсеева 34:1-31; 49:5-7; Псалм 105:32, 33). Затоа, што можеш да сториш кога ќе почувствуваш дека си предизвикан да се гневиш?
Во повеќето случаи кога се работи за помали престапи, ти можеш самиот да ја решиш работата во своето срце ‚и да се смириш‘ или, пак, да му пристапиш на оној кој те навредил и да разговарате за спорната ситуација (Псалм 4:4; Матеј 5:23, 24). Во обата случаја е најдобро работата да се реши брзо за да не се развие огорченост која ќе доведе до трагични последици (Ефесјаните 4:31).
Јехова обилно ги простува нашите гревови, дури и оние за коишто не сме ни свесни дека ги правиме. Зарем не можеме како него и ние да ги простиме помалите престапи на другите луѓе? (Колосјаните 3:13; 1. Петрово 4:8).
Интересно е тоа што грчкиот збор за „простува“ дословно значи „да отпушти“. Простувањето не бара од нас да ја намалиме грешката или да преминеме преку неа. Понекогаш тоа едноставно може да значи да се остави ситуацијата, увидувајќи дека негувањето на огорченост само ќе го зголеми твојот товар и ќе го наруши единството во христијанското собрание. Освен тоа, ако негуваш огорченост, таа би можела да биде штетна и за твоето здравје! (Псалм 102:9).