ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w04 15/5 стр. 29-31
  • Прашања од читателите

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Прашања од читателите
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2004
  • Сличен материјал
  • Не жалостете го Јеховиниот свет дух
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2010
  • Јеховиниот дух го води неговиот народ
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1992
  • ‚Во името на светиот дух‘
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1992
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2004
w04 15/5 стр. 29-31

Прашања од читателите

• Како би можеле да го жалостиме Божјиот свет дух кога тој не е личност?

Апостол Павле напишал: „Не жалостете го Божјиот свет дух“ (Ефешаните 4:30). Некои сметаат дека овие зборови укажуваат на тоа дека светиот дух е личност. Меѓутоа, публикациите на „верниот настојник“ честопати дале библиски и историски доказ дека раните христијани не гледале на светиот дух ниту како на личност ниту како на бог кој му е рамен на Севишниот и кој е дел од таканареченото тројствоa (Лука 12:42). Според тоа, Павле не се осврнал на Божјиот свет дух како на личност.

Божјиот свет дух е неговата невидлива активна сила (Битие 1:2, NW). Исус требало да крштава „со свет дух“, исто како што Јован крштавал со вода (Лука 3:16). На Пентекост 33 н.е. околу 120 ученици ‚се исполниле со свет дух‘ — очигледно не со некоја личност (Дела 1:5, 8; 2:4, 33). Овие помазаници добиле небесна надеж и Божјиот дух ги водел во живот на верност (Римјаните 8:14—17; 2. Коринќаните 1:22). Духот создал побожни плодови и им помогнал да ги избегнуваат грешните ‚дела на телото‘ од кои последица може да биде неодобрување од Бог (Галатите 5:19—25).

Ако сме Божји слуги со земна надеж, не сме помазани со свет дух. Сепак, и ние можеме да имаме исто толку Божји дух колку и оние со небесна надеж. Според тоа, и ние би можеле да го жалостиме духот. Но, како?

Ако го игнорираме советот од Библијата запишан под водството на светиот дух, може да развиеме особини кои би можеле да доведат до намерен грев против духот, губење на Јеховината наклоност, а на крајот и уништување (Матеј 12:31, 32). Можеби сѐ уште не правиме некои сериозни гревови, но можеби сме тргнале по лош пат, пат кој полека-полека би нѐ одвел во правец спротивен на водството од духот. Во тој случај, би го жалостеле светиот дух.

Тогаш, како можеме да избегнеме да го жалостиме Божјиот дух? Мораме да си ги контролираме мислите и постапките. Во своето писмо до Ефешаните, 4. поглавје, апостол Павле зборува за тоа да се избегнува склоноста кон неискрени изјави, постојан гнев, мрзливост и непристоен јазик. Ако сме ја облекле „новата личност“ а сепак си дозволуваме да се навраќаме на тие работи, тогаш што правиме? Одиме против советот од Божјата реч, Библијата, кој е инспириран од духот. На тој начин би го жалостеле светитот дух.

Во Ефешаните 5. поглавје, го читаме советот на Павле дека треба да се избегнува похотниот интерес за блуд. Апостолот, исто така, ги поттикнува соверниците да избегнуваат срамно однесување и безобразни шеги. Ако не сакаме да го жалостиме Божјиот свет дух, треба да го имаме ова на ум кога избираме забава. Зошто воопшто да се интересираме за такви работи зборувајќи за нив, читајќи за нив и гледајќи ги кога се прикажуваат на телевизија или на друго место?

Се разбира, можеме да го жалостиме духот и на други начини. Јеховиниот дух придонесува за единството во собранието, но да си претпоствиме дека шириме штетно озборување или поттикнуваме формирање табори во собранието. Зарем не би постапувале спротивно на духот кој нѐ води кон единство? Општо речено, би го жалостеле светиот дух, исто како и оние што предизвикале поделби во собранието во Коринт (1. Коринќаните 1:10; 3:1—4, 16, 17). Исто така, би го жалостеле духот ако намерно ја поткопуваме почитта за мажите во собранието што се наименувани со дух (Дела 20:28; Јуда 8).

Тогаш, очигледно, мудро е да ги разгледаме нашиот став и нашите постапки од гледна точка на она што знаеме дека е водство од светиот дух изнесено во Библијата и во христијанското собрание. Исто така, да ‚се молиме со свет дух‘, препуштајќи се на неговото влијание, и секогаш да постапуваме во склад со она што е кажано во Божјата инспирирана реч (Јуда 20). Да бидеме решени никогаш да не го жалостиме духот туку тој секогаш да нѐ води за да го славиме Јеховиното свето име.

• Исус Христос дал споредба дека за еден богаташ е исто толку тешко да влезе во Царството колку и кога една камила би се обидела да помине низ иглени уши. Дали Исус имал на ум дословна камила и вистинска игла за шиење?

Два од трите библиски извештаи со оваа изјава се доста слични. Според извештајот на Матеј, Исус рекол: „Полесно ѝ е на камила да помине низ иглени уши, отколку на богаташ да влезе во Божјето царство“ (Матеј 19:24). Слично на тоа, во Марко 10:25 читаме: „Полесно ѝ е на камила да пројде низ иглени уши отколку на богаташ да влезе во Божјето царство“.

Некои прирачници укажуваат дека „иглени уши“ била една мала порта во една од големите порти во Ерусалим. Ако големата порта ноќе била затворена, можело да се отвори малата. Се смета дека една камила можела да помине низ неа. Дали ова е она што Исус го имал на ум?

По сѐ изгледа не. Очигледно, Исус укажал на шијачка игла. Бидејќи во таа област биле најдени и коскени и метални игли од древни времиња, тие сигурно биле вообичаен предмет во домаќинството. Лука 18:25 ја отфрла секоја нејаснотија во врска со зборовите на Исус, зашто таму е цитиран: „Всушност, полесно ѝ е на камила да помине низ увото од шијачка игла отколку богаташ да влезе во Божјето царство“.

Различни лексикографи се согласуваат со преводот „шијачка игла“ како што стои во Превод Нов свет. Грчкиот збор за ‚игла‘ во Матеј 19:24 и во Марко 10:25 (рафис) е изведен од еден глагол што значи „шие“. А грчкиот израз што стои во Лука 18:25 (белони) се употребува за да укаже на дословна хируршка игла. Vine’s Expository Dictionary of Old and New Testament Words (Толковниот речник на Вајн на зборови од Стариот и од Новиот завет) вели: „Идејата дека ‚иглени уши‘ значи мала порта изгледа дека е современа; нема никаква трага од древно време за такво нешто. Целта на Господ во оваа изјава е да покаже нешто невозможно за човекот и нема потреба да се настојува да се ублажи смислата со тоа што ќе се толкува дека иглата значи нешто друго а не обична алатка“ (1981, том 3, страница 106).

Некои предлагаат дека во овие стихови „камила“ треба да се преведе со „јаже“. Грчките зборови „јаже“ (камилос) и „камила“ (камелос) се слични. Меѓутоа, во најстарите постоечки грчки ракописи на евангелието на Матеј (Синајскиот, Ватиканскиот бр. 1209 и Александрискиот), во Матеј 19:24 стои грчкиот збор за „камила“ а не за „јаже“. Се вели дека Матеј прво го напишал своето евангелие на хебрејски и дека можеби самиот го превел на грчки. Тој точно знаел што рекол Исус и, според тоа, го употребил точниот збор.

Значи, Исус мислел на дословна шијачка игла и на вистинска камила. Ги употребил овие изрази за да нагласи дека нешто е невозможно. Но, дали Исус мислел дека ниеден богаташ не би можел некогаш да влезе во Царството? Не, зашто изјавата на Исус не требало да се сфати дословно. Тој употребил хипербола за да покаже дека како што една вистинска камила не може да помине низ увото на една вистинска шијачка игла, исто така и за еден богаташ е невозможно да влезе во Царството ако и понатаму цврсто се држи за своето богатство и не го става Јехова на прво место во својот живот (Лука 13:24; 1. Тимотеј 6:17—19).

Исус го кажал ова набрзо откако еден млад богат човек ја отфрлил прекрасната предност да стане негов следбеник (Лука 18:18—24). Еден богат човек што повеќе го сака својот имот отколку духовните работи не може да очекува да добие вечен живот во уредувањето на Царството. Сепак, некои богати луѓе станале ученици на Исус (Матеј 27:57; Лука 19:2, 9). Значи, еден богат човек кој е свесен за своите духовни потреби и кој бара помош од Бог може да добие спасение од Бог (Матеј 5:3; 19:16—26).

[Фуснота]

a Види ја брошурата Дали треба да се верува во тројство?, издадена од Јеховините сведоци.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели