Пејте му фалби на Јехова
„Да Го воспеам Господа, зашто славно се прослави“ (2. МОЈСЕЕВА 15:1).
1. Кои Јеховини обележја и особини ни даваат причина да го фалиме?
ПСАЛМ 149 тринаесет пати заповеда да го фалиме Јехова или Јах. Последниот стих објавува: „Сѐ што дише нека го слави Јах. Славете го Јах!“ (НС). Како Јеховини сведоци, знаеме дека Јехова ја заслужува нашата фалба. Тој е Универзалниот Суверен, Највишиот, Царот на вечноста, наш Творец, наш Добротвор. Тој е неспоредлив, единствен на многу начини. Сезнаен е, семоќен, совршен во правдата и олицетворение на љубов. Над сите други, тој е добар и лојален (Лука 18:19; Откровение 15:3, 4, НС). Ја заслужува нашата фалба. И тоа како ја заслужува!
2. Кои причини ги имаме да му изразуваме благодарност на Јехова?
2 Јехова го заслужува не само нашето обожавање и фалба туку и нашата благодарност за сѐ она што го сторил за нас. Тој е Дарителот на „секој добар дар и секој совршен подарок“ (Јаков 1:17). Тој е Изворот, Кладенецот на сиот живот (Псалм 35:9). Сите работи што ги уживаме како припадници на човечкиот род се од него, зашто тој е нашиот Голем Творец (Исаија 42:5). Тој е исто така Дарител на сите духовни благослови што доаѓаат до нас преку неговиот дух, неговата организација и неговата Реч. Имаме простување на гревовите врз основа на тоа што го дал својот Син како наша откупнина (Јован 3:16). Ја имаме надежта за Царството за ‚ново небо и нова земја, на кои ќе се настани правда‘ (2. Петрово 3:13). Го имаме извонредното друштво од сохристијани (Римјаните 1:11, 12). Ја имаме честа и благословот да бидеме негови Сведоци (Исаија 43:10-12). И ја имаме скапоцената предност на молитвата (Матеј 6:9-13). Навистина, имаме многу причини да му благодариме на Јехова!
Начини на кои можеме да го фалиме Јехова
3. На кои различни начини можеме го фалиме Јехова и да ја изразиме нашата благодарност кон него?
3 Како можеме ние, како Јеховини предадени слуги, да го фалиме и да ја изразиме нашата благодарност? Можеме да го сториме тоа со учествувањето во христијанската служба — сведочење од куќа до куќа, правење повторни посети, водење библиски студии и ангажирање во сведочење на улица. Можеме исто така да го фалиме преку неформално сведочење секогаш кога ќе се укаже прилика. Потоа, можеме да го фалиме Јехова со нашето исправно однесување, дури и преку уредниот и скромен начин на облекување и дотерување. Јеховините сведоци честопати биле пофалувани дека се примерни во овие погледи. Покрај тоа, можеме да го фалиме Јехова и да му благодариме преку молитва. (Види 1. Летописи 29:10-13.)
4. Кој е еден од најпрекрасните начини на кој можеме да го фалиме нашиот полн со љубов небесен Татко?
4 Освен тоа, еден од најпрекрасните начини на кои можеме да го фалиме нашиот полн со љубов небесен Татко е да го величаме него и неговите доблести со мелодични песни на Царството. Многу музичари и композитори се сложуваат дека најпрекрасниот музички инструмент е човечкиот глас. Мајсторите на класичната музика тежнееле да пишуваат опери затоа што причинува големо задоволство да се слуша распеаниот човечки глас.
5. Од кои причини треба да го сфатиме сериозно нашето пеење на песните на Царството?
5 Колку мора да ужива Јехова кога ги слуша луѓето како пеат, особено кога пеат песни на фалба и благодарност! Тогаш, секако дека треба сериозно да го сфатиме нашето пеење на песни на Царството при разни собири — собраниски состаноци, покраински собири, деновите на посебниот состанок, обласните и меѓународните конгреси. Нашата песнарка изобилува со навистина прекрасни мелодии, чија убавина честопати ја фалат и оние однадвор. Колку повеќе навлегуваме во духот на пеењето на песните на Царството, толку повеќе им донесуваме задоволство на другите, а извлекуваме корист и самите.
Пеење фалби на Јехова во библиски времиња
6. Како изразиле ценење Израелците за нивното избавување кај Црвеното Море?
6 Божјата Реч ни кажува дека Мојсеј и останатите Израелци пееле триумфално кога биле избавени од фараоновата војска кај Црвеното Море. Нивната песна почнувала со зборовите: „Да Го воспеам Господа, зашто славно се прослави: коњите и коњаниците ги фрли в море. Помошник и закрилник ми беше во спасението. Он е Бог мој, и ќе Го прославувам“ (2. Мојсеева 15:1, 2). Можеме да си ја замислиме одушевеноста и радоста на Израелците додека ги пееле овие зборови по нивното чудесно ослободување!
7. Кои други забележливи примери ги даваат Хебрејските списи за Израелците дека го фалеле Јехова преку песна?
7 Во 1. Летописи 16:1, 4-36 читаме дека Јехова бил фален преку пеење и свирење на музички инструменти кога Давид го донел Ковчегот во Ерусалим. Тоа навистина бил радосен настан. Се пеело фалба на Јехова во придружба на инструментална музика во времето кога цар Соломон го посветил храмот во Ерусалим. Во 2. Летописи 5:13, 14 читаме: „И додека трубеа и пееја како еден, испуштајќи еден глас за хвала и славословие на Господа и кога го подигнаа звукот од труби, кимвали и други свирки, и сите го фалеа Господа, дека е благ, дека милоста Негова е вечна, — тогаш домот Господов се исполни со облак, и поради облакот свештениците не можеа да стојат при служба, зашто славата Господова го исполни Божјиот дом“. Што покажува тоа? Дека Јехова ја слушал оваа мелодчна фалба и дека му било угодно, кое било покажано со натприродниот облак. Подоцна, во времето кога биле посветувани ерусалимските ѕидишта во деновите на Неемија, се пеело во два хора (Неемија 12:27-42).
8. Што покажува дека Израелците сериозно го сфатиле пеењето?
8 Всушност, пеењето било толку важен дел од обожавањето во храмот што биле избрани 4.000 левити за музичка служба (1. Летописи 23:4, 5). Тие требало да ги придружуваат пејачите. Музиката, особено пејачите, заземале важно место во обожавањето, не само за да ги всадат поважните работи од Законот туку и за да го дадат исправниот дух за обожавање. Таа им помогнала на Израелците да го обожаваат Јехова на еден жив начин. Забележи ги деталната подготовка и внимание што му биле посветувани на тоа: „Бројот нивни, заедно со браќата нивни, обучени да пеат пред Господа, на сите што ја знаеја таа вештина [сите стручњаци, НС], беше двесте осумдесет и осум“ (1. Летописи 25:7). Забележи ја сериозноста со која тие го сфаќале пеењето фалби на Јехова. Тие биле обучени за пеење и биле стручњаци!
9. Каков нагласок му е ставен на пеењето во Христијанските Грчки списи?
9 Одејќи кон првиот век од нашата ера, што наоѓаме? Ноќта кога бил предаден, со толку многу тешки работи на ум, Исус сѐ уште чувствувал потреба да ја заклучи својата прослава на Пасхата и воведувањето на Споменот на неговата смрт со пеење фалби на Јехова (Матеј 26:30). Исто така, читаме дека „во полноќ“ Павле и Сила, откако биле тепани и затворени, ‚се молеле и Го славеле Бога [со песна, НС], а затворениците ги слушале‘ (Дела 16:25).
Пеењето фалби — важен дел од нашето обожавање
10. Какви заповеди дава Божјата Реч за да го фалиме во песна?
10 Дали можеби мислиш дека пеењето песни на Царството не е толку важно за тебе за да му посветиш искрено внимание? Ако да, зарем не би требало повторно да ја просудиш работата, земајќи ја предвид важноста која Јехова Бог и Исус Христос му ја придаваат на пеењето фалби? Да, Божјата Реч е полна со заповеди да го фалиме Јехова и да му пееме фалби! На пример, во Исаија 42:10 читаме: „Пејте Му на Господа нова песна, похвална за Него од земните краишта, вие што пловите по море, и сѐ, што го полни, островите и оние што живеат на нив“. (Види и Псалм 95:1; 97:1.)
11. Каква опомена ни дал апостол Павле во врска со пеењето?
11 Апостол Павле знаел дека пеењето може да го подигне нашето расположение, и затоа двапати нѐ опоменува за таа работа. Читаме во Ефесјаните 5:18, 19: „Исполнувајте се со Дух, усовршувајќи се [говорете си еден на друг, НС] со псалми и славословија и духовни песни, пеејќи и воспевајќи Го Господа во срцата ваши“. А во Колосјаните 3:16 читаме: „Словото Христово изобилно нека се всели во нас; во секоја мудрост да се учите и да се советувате еден друг со псалми и химни, и со духовни песни, пеејќи Му на Господа со благодарност во срцата ваши!“
12. Какви примери имаме за тоа дека нашите песни ни помагаат да учиме и да се опоменуваме еден со друг?
12 Забележи дека во секој пример Павле постојано се осврнува на пеењето кога споменува ‚псалми, славословија [фалби на Бога, НС], духовни песни, пеејќи во срцата наши‘. Исто така, своите забелешки до Колосјаните ги започнува велејќи дека на овој начин можеме ‚да се учиме и советуваме еден друг‘. А ние тоа и го правиме, како што може да се види од самите наслови на нашите песни: „Сета творба нека го фали Јехова!“ (број 5), „Бидете цврсти, непоколебливи!“ (број 10), „Бидете радосни во надежта на Царството!“ (број 16), „Не бојте се од нив!“ (број 27), „Славете го Јехова, нашиот Бог!“ (број 100), да наведеме само неколку примери.
13. Како ја покажал „верниот и разумен роб“ важноста на пеењето како дел од нашето обожавање?
13 Во склад со овие заповеди, „верниот и разумен роб“ се погрижил нашите собири — собраниски состаноци, покраински состаноци, деновите на посебен состанок, обласните и меѓународните конгреси — да почнуваат и завршуваат со пеење на песни на Царството (Матеј 24:45, НС). Освен тоа, предвидено е да се пеат песни и во други термини во текот на овие собири. Бидејќи нашите состаноци обично почнуваат со пеење на некоја песна на Царството, зарем не треба да настојуваме да стигнеме навреме, доволно рано за да учествуваме во тој дел од нашето обожавање? И бидејќи состаноците завршуваат со пеење, зарем не треба да останеме сѐ до завршната песна и молитвата што следи непосредно по неа?
14. Какви примери имаме за изборот на песни што се прикладни за нашите програми?
14 Песните на нашите состаноци се грижливо избрани за да бидат во склад со програмата. На пример, на Обласните конгреси „Божествена поука“ во 1993, по песната број 191, „Направи ја вистината своја сопственост“, која ги охрабрува христијаните да се борат против Сатана, светот и паднатото тело, веднаш следеа три говори кои зборуваа за овие непријатели. На сличен начин, песната број 164, „Деца — скапоцен Божји дар“, која изобилува со совети за родителите, уследи веднаш по еден говор што ја истакнуваше обврската на родителите да ги воспитуваат своите деца. Песната број 70, „Биди како Јеремија“, воведе една серија од говори темелени на Јеремиините пророштва. А после еден циклус предавања за различни аспекти на нашата служба за Царството, следеше песна број 156, „Сакам“, особено ориентирана кон службата. Истата грижа е покажана кога се избираат песните за Студијата на Стражарска кула, за Службениот состанок и за Теократската школа на проповедање. Понатаму, кога старешините изнесуваат предавања за јавност и ја најавуваат песната со која започнува програмата, треба да изберат песна што одговара на темата на нивното предавање.
15. Како може претседавачот на состанокот да го зголеми ценењето за песната што треба да се пее?
15 Кога ја најавува песната што треба да се пее, претседавачот може да го зголеми ценењето за песната така што ќе го наведе нејзиниот наслов или тема. Ние не пееме бројки, туку библиски теми. А собранието повеќе ќе ја цени песната ако се наведе и стихот што е забележан под насловот. Потоа, може да бидат на место неколку забелешки, како на пример, дека сите треба да навлезат во духот на песната.
Покажи ценење за Јеховината доброта преку пеењето
16. Како можеме да навлеземе во духот на нашите песни?
16 Бидејќи текстовите на нашите песни на Царството имаат значење, треба да се концентрираме на зборовите додека ги пееме. Сакаме да навлеземе во духот на секоја песна. Некои, како оние кои зборуваат за љубовта, плод на духот, се срдечни (Галатјаните 5:22). Нив ги пееме со јачина и топлина. Други се радосни, и треба да се трудиме да ги пееме радосно. Трети, пак, се енергични, маршевни песни, и овие треба да се пеат со одушевеност и цврста увереност. Во нашата Теократска школа на проповедање сме советувани да изразуваме топлина и чувство како и одушевеност во нашите презентации. Да се покаже топлина, чувство и ентузијазам кога пееме е уште поважно.
17. а) Каков укор што им бил упатен на неверните Израелци не сакаме да се примени на нашето пеење? б) Што произлегува од тоа ако ја сфатиме сериозно опомената содржана во нашите песни?
17 Ако при пеењето на нашите песни на Царството мислиме на други работи, не ценејќи го потполно значењето на зборовите, зарем не би биле слични на неверните Израелци кои требало да бидат укорени затоа што, додека го фалеле Бог со своите усни, срцата им биле далеку од него? (Матеј 15:8). Не сакаме тоа кудење да се примени на начинот на кој ние ги пееме песните на Царството, зарем не? Ако го цениме пеењето на нашите песни на Царството, ќе се поттикнуваме не само себеси туку и оние околу нас, вклучувајќи ги и младите. Да, ако сите оние коишто пеат во нашите Сали на Царството ја сфатат сериозно опомената што ја содржат овие песни, тоа ќе биде силно охрабрување да бидеме ревносни во службата и да ги избегнуваме замките да постапуваме погрешно.
18. Каков ефект имало врз една жена пеењето на песни на Царството?
18 Одново и одново, оние однадвор се импресионирани од нашето пеење на песните на Царството. Стражарска кула еднаш ја објави следнава забелешка: „Дека [нашето] пеење може исто така да послужи некого да доведе до спознание за Јехова Бог, се покажа преку искуството на една жена која се крстила на конгресот ‚Божествена победа‘ во 1973 на Јенки Стадион, Њујорк Сити. За првпат самата посетила една месна Сала на Царството и останала на обата состанока. Кога собранието запеало . . . ‚Цврсто гледајте на наградата!‘, толку била импресионирана и од зборовите и од начинот на кој била испеана што одлучила дека тоа е местото каде што сака да припаѓа. Потоа му пришла на еден Сведок, замолила за библиска студија и напредувала така што станала христијански сведок на Јехова“.
19. Какво заклучно охрабрување е дадено за пеењето на нашите песни на Царството од сѐ срце?
19 На повеќето наши состаноци публиката има сразмерно малку прилики да ги изрази своите чувства и ценење. Но сите ние можеме да изразиме што чувствуваме спрема Јеховината доброта така што срдечно ќе се придружиме во пеењето на песните на Царството. Освен тоа, зарем не сме добро расположени и кога се состануваме? Затоа треба да ни се пее! (Јаков 5:13). Навистина, колку повеќе ја цениме Јеховината доброта и неговата незаслужена доброљубивост толку и ќе му пееме фалби од сѐ срце.
Како ќе одговориш?
◻ Кои се двете основни причини да го фалиме Јехова?
◻ На кои различни начини можеме да го фалиме Јехова?
◻ Кој е еден од најпрекрасните начини на кој можеме да го фалиме Јехова?
◻ Кои библиски примери ги имаме за фалењето на Јехова преку песна?
◻ Како можеме да го цениме нашето пеење на песните на Царството?
[Рамка на страница 11]
Радувај се на тие песни!
Се чини дека некои имале мала потешкотија да научат извесен број од песните. Но, некои собранија немале некаков проблем со пеењето на повеќето од овие песни. Сѐ што е потребно можеби е да се вложи малку повеќе напор да се научи она што отпрвин изгледа непознато. Штом еднаш ќе се запознае со таквите песни, собранието обично ги цени повеќе отколку оние за кои не бил вложен напор да се научат. Тогаш, сите во собранието можат да ги пеат уверливо. Да, тие можат да се радуваат на тие песни!
[Рамка на страница 12]
Пеј ги песните на Царството на друштвените собири
Нашето пеење на песните на Царството не мора да биде ограничено само во Салата на Царството. Павле и Сила му пееле фалби на Јехова додека се наоѓале в затвор (Дела 16:25). А ученикот Јаков рекол: „Расположен ли е некој? Нека му пее фалба на Бог“ (Јаков 5:13, НС, фуснота). На друштвените собири секој е добро расположен. Тогаш, зошто да не пееме песни на Царството? Тоа може да биде особено прекрасно ако е придружувано на пијано или на гитара. Инаку, постојат касети со наши песни на Царството со придружба на пијано, а многу семејства Сведоци го имаат албумот со овие касети. Тие не се добри само за придружба на пеењето туку се идеални и како музика за штимунг.
[Слика на страници 8 и 9]
По нивното избавување кај Црвено Море, Израел ја изразил својата радост преку песна
[Слика на страница 10]
Радосното пеење е дел од христијанското обожавање денес