Од зборови кои повредуваат до зборови кои лекуваат
„Смртта и животот му се потчитени на јазикот“ (ИЗРЕКИ 18:22).
ХУЛЕЊЕТО — намерно користење навредлив и погрден говор — јасно е осудено во Библијата. Под Мозаитскиот Закон, оној кој хулел на своите родители можел да си навлече смртна казна (2. Мојсеева 21:16). Според тоа, Јехова Бог не гледа несериозно на таа работа. Неговата Реч, Библијата, не ја поддржува идејата дека, без разлика што ќе се случи ‚зад затворени врати‘, тоа нема да има важност сѐ додека некој тврди дека му служи на Бог. Библијата наведува: „Ако некој од вас мисли дека е благочестив, а не го обуздува јазикот свој, туку го мами срцето свое, неговата благочестивост [облик на обожавање, НС] е суетна“ (Јаков 1:26; Псалм 14:1, 3). Значи, ако мажот вербално ја навредува својата сопруга, сите други негови христијански дела би можеле да се сметаат за безвредни во Божји очиa (1. Коринтјаните 13:1—3).
Понатаму, христијанинот кој користи навредлив и погрден говор би можел да се соочи со исклучување од собранието. Тој би можел дури и да ги изгуби благословите на Божјето Царство (1. Коринтјаните 5:11; 6:9, 10). Јасно, личноста која повредува со своите зборови треба да направи драстична промена. Но, како може да се постигне тоа?
Проблемот да се изнесе на виделина
Очигледно, виновникот нема да се промени сѐ додека не сфати дека има сериозен проблем. За жал, како што забележала една советничка, многу мажи кои користат погрден говор „не сметаат дека нивното однесување всушност е навредливо. За тие мажи, таквите постапки се сосема нормални и претставуваат еден ‚природен‘ начин на кој сопрузите и сопругите меѓусебно се однесуваат“. Според тоа, многумина нема да ја увидат потребата да се променат сѐ додека отворено не им се укаже на ситуацијата.
Честопати, откако искрено ќе ја одмери својата ситуација, сопругата се чувствува принудена да зборува отворено — поради нејзино добро и доброто на нејзините деца, како и поради грижа за положбата на нејзиниот сопруг пред Бог. Вистина, секогаш постои веројатност дека отвореното зборување може да ги влоши работите и дека нејзините зборови би можеле да наидат на излив одрекувања. Можеби сопругата може да го одбегне тоа ако однапред внимателно размисли како да започне разговор на таа тема. „Умесно кажаниот збор е како златно јаболко во сребрена кошничка“, вели Библијата (Изреки 25:11). Еден благ но сепак отворен пристап во момент на смиреност може да го достигне неговото срце (Изреки 15:1).
Наместо да обвинува, сопругата треба да се потруди да каже како влијае врз неа говорот кој повредува. Изјавите со „јас“ честопати се најделотворни. На пример: ‚Се чувствувам повредено затоа што . . .‘ или ‚Се чувствувам скршено кога ми велиш . . .‘ Постои поголема веројатност таквите изјави да го достигнат срцето, затоа што го напаѓаат проблемот, а не лицето. (Спореди 1. Мојсеева 27:46—28:1.)
Цврстата но тактична интервенција на сопругата може да донесе добри резултати. (Спореди Псалм 140:5.) Еден човек кого ќе го наречеме Стефан открил дека тоа е така. „Мојата сопруга го препозна во мене навредувачот кој јас не можев да го видам, и ја имаше силата отворено да зборува за тоа“, вели тој.
Да се добие помош
Но што може една сопруга да стори ако нејзиниот сопруг одбива да го признае проблемот? Во таква ситуација некои сопруги бараат помош од надвор. При таква неволја, Јеховините сведоци можат да им пристапат на своите собраниски старешини. Библијата ги поттикнува овие мажи да бидат полни со љубов и љубезни кога го пасат духовното стадо Божјо, а истовремено да ги ‚караат оние кои противречат‘ на здравото учење на Божјата Реч (Тит 1:9, НС; 1. Петрово 5:1—3). Иако не е нивна работа да се мешаат во личните работи на брачните двојки, старешините со право се загрижени кога едниот партнер е погоден од грубиот говор на другиот (Изреки 21:13). Тесно држејќи се за библиските мерила, овие мажи не го оправдуваат или потценуваат погрдниот говор.b
Старешините би можеле да ја олеснат комуникацијата помеѓу сопругот и сопругата. На пример, на еден старешина му пристапила една жена која му кажала за години вербално малтретирање од страна на нејзиниот маж, сообожавател. Старешината се договорил да се состане со нив двајцата. Додека секој од нив зборувал, го замолил другиот да слуша без прекинување. Кога дошол редот на сопругата, таа рекла дека не може повеќе да го поднесува избувливиот гнев на својот сопруг. Со години, објаснила таа, на крајот од секој ден имала грутка во стомакот, никогаш не знаејќи дали тој ќе биде во гневно расположение кога ќе влезе низ вратата. Кога ќе избувнел, кажувал понижувачки работи за нејзиното семејство, за нејзините пријатели и за неа самата.
Старешината ја замолил сопругата да објасни какви чувства ѝ создавале зборовите на нејзиниот сопруг. „Се чувствував како да сум толку лоша личност што никој не би можел да ја сака“, одговорила таа. „Понекогаш ја прашував мајка ми: ‚Мамо, дали е тешко да се живее со мене? Дали е невозможно некој да ме сака?‘“ Додека опишувала како се чувствува поради неговите зборови, нејзиниот сопруг почнал да плаче. Првпат можел да види колку длабоко неговите зборови ја повредувале неговата сопруга.
Можете да се промените
Некои христијани во првиот век имале проблем со погрдниот говор. Христијанскиот апостол Павле ги советувал да ги отфрлат „гневот, лутината, злобата, хулењето, срамните зборови“ (Колосјаните 3:8). Меѓутоа, грубиот говор повеќе е проблем на срцето отколку на јазикот (Лука 6:45). Затоа, Павле додал: ‚Соблечете го стариот човек со неговите дела, и облечете се во новиот‘ (Колосјаните 3:9, 10). Значи, промената не вклучува само поинаку да се зборува туку и поинаку да се чувствува.
На еден сопруг кој употребува говор што повредува можеби му е потребна помош за да одреди што точно го мотивира неговото однесување.c Тој ќе сака да го има ставот на псалмистот: „Испитај ме, Боже, и познај го срцето мое; испитај ме и запознај ги патеките мои; и види дали сум на пат на беззаконија“ (Псалм 138:23, 24). На пример: Зошто тој ја чувствува потребата да доминира, односно да го контролира својот партнер? Што предизвикува еден вербален напад? Дали неговите напаѓања се симптом на подлабока огорченост? (Изреки 15:18). Дали тој страда од чувства на безвредност, кои можеби произлегуваат од воспитување кое било обележано со критизерски говор? Таквите прашања можат да му помогнат на мажот да ги открие корењата на неговото однесување.
Но, тешко е да се искорени погрдниот говор, особено ако го всадиле родители кои и самите биле вербално зајадливи или култура која унапредува доминантно однесување. Сепак, сѐ што е научено — со време и со труд — може да биде одучено. Библијата е најголемата помош во овој поглед. Таа може да помогне некому да надмине дури и цврсто вкоренето однесување. (Спореди 2. Коринтјаните 10:4, 5.) Како?
Исправно гледиште за улогите доделени од Бог
Честопати, мажите кои вербално нанесуваат повреда имаат искривено гледиште за улогите на сопругот и сопругата кои се доделени од Бог. На пример, библискиот писател Павле наведува дека сопругите треба да ‚им се покоруваат на мажите свои‘ и дека „мажот е глава на жената“ (Ефесјаните 5:22, 23). Сопругот можеби мисли дека поглаварството му дава право на апсолутна контрола. Но тоа не е така. Иако е во подложност, неговата сопруга не му е роб. Таа му е „помошничка“ и „дополнување“ (1. Мојсеева 2:18, НС). На тој начин, Павле додал: „Мажите се должни да ги сакаат жените свои како што ги сакаат своите тела; оти, кој ја сака жената своја, тој се сака и самиот себеси. Зашто никој никогаш не го намразил телото свое, туку го храни и го стоплува, како и Господ Црквата“ (Ефесјаните 5:28, 29).
Како глава на христијанското собрание, Исус никогаш не ги прекорувал своите ученици, предизвикувајќи нервозно да се прашуваат кога пак ќе ги критикува. Наместо тоа, тој бил нежен, и со тоа го задржал нивното достоинство. „Јас ќе ве успокојам“, им ветил. „[Јас] сум кроток и смирен по срце“ (Матеј 11:28, 29). Искреното медитирање за начинот како Исус го спроведувал неговото поглаварство може да му помогне на сопругот да гледа на своето поглаварство во едно поурамнотежено светло.
Кога ќе се појават напнатости
Да се знаат библиските начела е едно, да се применуваат под притисок е сосема нешто друго. Како може сопругот да избегне да почне повторно да употребува груб говор кога ќе се појават напнатости?
Не е знак на мажественост ако сопругот е вербално агресивен кога е налутен. Библијата наведува: „Долготрпеливиот е подобар од храбриот, а кој владее со себеси, подобар е и од завојувачот на градови“ (Изреки 16:32). Вистинскиот маж си го контролира духот. Тој се соживува размислувајќи: ‚Како моите зборови влијаат врз мојата сопруга? Како јас би се чувствувал кога би бил на нејзино место?‘ (Спореди Матеј 7:12.)
Но, Библијата признава дека некои ситуации можат да предизвикаат гнев. Во врска со таквите околности псалмистот напишал: „Не грешете, гневејќи се; размислете во срцата свои и на постелите свои, и смирете се“ (Псалм 4:4). Истото тоа е изразено на следниот начин: „Нема ништо погрешно во тоа да се биде лут, но погрешно е ако вербално се напаѓа некој служејќи се со сарказам, понижување и омаловажување“.
Ако сопругот почувствува дека губи контрола над својот говор, може да научи да свика „тајм аут“. Можеби би било мудро да ја напушти собата, да се прошета или да најде тивко место за да се смири. Изреки 17:14 гласи: „Отстапи од караницата пред да се разгори“. Продолжете го разговорот откако емоциите ќе се смират.
Се разбира, никој не е совршен. Сопругот кој имал проблем со грубиот говор може да ја направи истата грешка. Кога ќе се случи тоа, тој треба да се извини. Облекувањето на ‚новиот човек‘ е постојан процес, но процес кој жнее големи награди (Колосјаните 3:10).
Зборови кои лекуваат
Да, „смртта и животот му се потчинети на јазикот“ (Изреки 18:22). Говорот кој повредува мора да се замени со зборови кои се изградувачки и кои го зајакнуваат бракот. Една библиска изрека гласи: „Пријатните зборови се восочен мед: за душата слатки, а за коските лековити“ (Изреки 16:24).
Пред неколку години, се водело едно истражување за да се одреди кои фактори предизвикале јаките семејства успешно да функционираат. „Истражувањето открило дека членовите на тие семејства се сакале еден со друг и постојано си кажувале дека се сакаат“, известува брачниот специјалист Дејвид Р. Мејс. „Си оддавале признание еден на друг, си давале чувство на лична вредност и ја искористувале секоја разумна прилика срдечно да зборуваат и да постапуваат. Сосема нормално е што, како резултат на тоа, тие уживале да бидат заедно и се зајакнувале меѓусебно на начини кои правеле нивните односи да им причинуваат големо задоволство.“
Ниеден богобојазлив сопруг не може веродостојно да каже дека ја љуби својата сопруга ако намерно ја повредува со своите зборови (Колосјаните 3:19). Се разбира, истото би важело и за сопруга која вербално го малтретира својот сопруг. Навистина, обврска е и на двајцата партнера да го следат Павловиот совет до ефесјаните: „Никаков лош збор да не излегува од устата ваша, туку само добар, за издигање каде што треба, за да им принесе благодат на оние што слушаат“ (Ефесјаните 4:29).
[Фусноти]
a Иако укажуваме на виновникот како на машко, начелата кои се овде наведени подеднакво се однесуваат и на жените.
b За да ги исполни условите да служи или да продолжи да служи како старешина, мажот не смее да биде тепач. Не може да биде лице кое физички ги тепа луѓето или ги застрашува со зајадливи забелешки. Старешините и слугите помошници треба да управуваат со своите домаќинства на еден добар начин. Без разлика колку љубезно можеби постапува на друго место, мажот не ги исполнува условите доколку дома е тиранин (1. Тимотеј 3:2—4, 12).
c Дали христијанинот ќе побара лекарски третман е лична одлука. Меѓутоа, треба да се увери дека лекувањето кое го добива не се коси со библиските начела.
[Слика на страница 9]
Христијанскиот старешина можеби би можел да ѝ помогне на двојката да комуницира
[Слика на страница 10]
Сопрузите и сопругите треба вистински да се потрудат да се разбираат еден со друг