„Мирот Божји, што надвишува секој ум“
НИЗ историјата верните Божји слуги доживувале периоди на силно емоционално измачување. А колку многу повеќе е тоа случај денес, бидејќи живееме во „критични времиња со кои тешко ќе се излегува на крај“! (2. Тимотеј 3:1, НС). Апостол Павле ги советувал христијаните да ги стават своите грижи на Јехова, преку молитва. Со каков резултат? „Мирот Божји, што надвишува секој ум, ќе ги запази [чува, НС] вашите срца и вашите мисли во Исуса Христа“ (Филипјаните 4:7).
Што претставува овој „мир Божји“? Тоа е спокојство кое доаѓа од присниот однос со Творецот. Ваквата блискост ни дава доверба дека, без разлика колкава е нашата неволја, Јехова „нема да го остави Својот народ и нема да ги напушти оние кои му припаѓаат нему“ (Псалм 94:14, Today’s English Version).
Ова не значи дека ние сме имуни на несреќи. „Бројни се маките на праведниците“, напишал псалмистот (Псалм 33:19). Но, мирот Божји може да донесе ослободување. Како?
Мирот Божји го „надвишува секој ум“, напишал Павле, или како што е изразено во Concordant Version, тој е „над секоја умствена состојба“. Загриженоста може да предизвика да претрпиме низа мачни емоции (Проповедник 7:7). Но, сепак, мирот Божји може да нѐ смири, особено кога ни е потребна „сила над она што е нормално“ (2. Коринтјаните 4:7, НС; 2. Тимотеј 1:7).
Освен тоа, мирот Божји е заштита. Тој може да „ги запази [чува, НС] вашите срца и вашите мисли“, како што им напишал Павле на Филипјаните. Грчкиот збор преведен со „чува“ е воен термин кој веројатно потсетува на стражари кои деноноќно стражарат. На сличен начин, мирот Божји може да делува како 24-часовен чувар на нашите срца и нашите умствени сили (1. Коринтјаните 10:13; спореди Ефесјаните 4:26).
Земајќи ги предвид стресните предизвици со кои денес се соочуваме, зарем мирот Божји не е нешто за што би требало да бидеме благодарни? (Псалм 17:2; спореди 2. Мојсеева 40:38).