ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w95 15/11 стр. 21-24
  • Дали ти би угаснал фитил што тлее?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Дали ти би угаснал фитил што тлее?
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1995
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Разгледување на пророштвото
  • Последици од критикувањето
  • Што е со правењето споредби?
  • Некои начини за да се биде изградувачки
  • Секогаш биди изградувачки
  • Исполнување на пророштвото на Исаија
    Најголемиот човек кој некогаш живеел
  • Се исполнило едно пророштво на Исаија
    Исус — патот, вистината и животот
  • Новитет на состанокот Нашиот живот и служба
    Нашиот живот и служба како христијани — работни листови (2017)
  • Биди понизен и сочувствителен како Исус
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2015
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1995
w95 15/11 стр. 21-24

Дали ти би угаснал фитил што тлее?

ИСУС ХРИСТОС им ја објавувал добрата вест за Божјето Царство на сите луѓе. Многу од нив биле измачени и обесхрабрени. Но, Исус им пренел охрабрувачка порака. Тој сочувствувал со луѓето кои страдале.

Матеј, писателот на истоименото Евангелие, го истакнал Исусовото сочувство свртувајќи го вниманието врз едно пророштво кое го запишал Исаија. Цитирајќи ги зборовите што ги исполнил Исус, Матеј напишал: „Трските прекршени нема да ги докрши, ниту запалените светила ќе ги угасне [нема да изгасне ленен фитил што тлее, НС], дури не го изведе судот кон победа“ (Матеј 12:20; Исаија 42:3). Што се мисли со овие зборови, и на кој начин Исус го исполнил ова пророштво?

Разгледување на пророштвото

Трската обично расте во предели со мочуришта и таа не е цврсто и стабилно растение. Една ‚прекршена трска‘ навистина е слаба. Поради тоа, со неа очигледно се претставени угнетените луѓе или оние кои страдаат, како што бил човекот со исушена рака кого Исус го излечил на Сабат (Матеј 12:10-14). Но, што е со пророчкото осврнување на ламбен фитил?

Една вообичаена домашна ламба од првиот век н. е. била направена од мал земјен сад, сличен на стомна, со тркалезна дршка. Ламбата обично се полнела со маслиново масло. Со помош на капиларната привлечност, ленениот фитил го влечел маслото нагоре за да го одржува пламенот. Се разбира, „фитил што тлее“ е оној фитил кој само што не изгаснал.

Исус им ја објавил својата утешна порака на многумина кои во преносна смисла биле како скршена трска, свиткани и отфрлени. Овие луѓе биле како ленен фитил што тлее и од таа причина што нивната последна искра на живот речиси била изгасната. Тие навистина биле измачени и обесхрабрени. Меѓутоа, Исус не згмечил некоја симболична скршена трска ниту угаснал некој симболичен фитил што тлее. Неговите љубезни, нежни и сочувствителни зборови не ги обесхрабрувале ниту ги потиштувале во уште поголема мера луѓето кои веќе пателе. Напротив, неговите коментари и начинот на кој постапувал со нив, имале закрепнувачко дејство (Матеј 11:28-30).

Исто така, и денес на многумина им е потребно сочувство и охрабрување бидејќи се соочуваат со обесхрабрувачки проблеми. Дури и Јеховините слуги не се секогаш силни како тврдина. Понекогаш, некои од нив се како фитили што тлеат. Затоа христијаните треба да охрабруваат — да го распалуваат пламенот, така да се каже, и на тој начин да се зајакнуваат еден со друг (Лука 22:32; Дела 11:23).

Како христијани, ние сакаме да служиме за изградување на другите. Не би се обидувале намерно да ослабнеме некого кој бара духовна помош. Кога ги охрабруваме другите, ние навистина имаме желба да го имитираме Исусовиот пример (Евреите 12:1-3; 1. Петрово 2:21). Фактот што можеме ненамерно да згмечиме некој кој бара охрабрување од нас, е добра причина сериозно да размислиме за начинот на кој постапуваме со другите луѓе. Секако дека не сакаме да ‚угаснеме некој фитил што тлее‘. Кои библиски упатства ќе ни помогнат во овој поглед?

Последици од критикувањето

Ако некој христијанин ‚падне во некаков грев, оние кои се духовни треба да го поправат таквиот со дух на кротост‘ (Галатјаните 6:1). Меѓутоа, дали би било во ред да бараме грешки кај другите и да ја користиме секоја прилика за да ги исправаме? Дали би било исправно да вршиме притисок да се трудат повеќе, укажувајќи им дека нивните сегашни напори не се доволни и предизвикувајќи во нив чувство на вина? Не постојат докази дека Исус постапувал на таков начин. Иако имаме намера да им помогнеме на другите да се подобрат, оние кои се критикувани на нељубезен начин можат да се чувствуваат ослабени, а не зајакнати. Дури и изградувачката критика може да биде многу обесхрабрувачка доколку е претерана. Ако и најдобрите обиди на некој совесен христијанин наидуваат само на неодобрување, тој може дословно да дигне раце од сѐ и да рече: ‚Зошто воопшто да се обидувам?‘ Тој навистина може потполно да се предаде.

Иако давањето библиски совет е важно, тоа не треба да биде обележје на наименуваните старешини или на другите во собранието. Христијанските состаноци не се одржуваат првенствено за да се даваат и за да се примаат совети. Наместо тоа, ние редовно се состануваме за да се изградуваме и охрабруваме еден со друг така што секој може да се радува на дружењето и на својата света служба за Бог (Римјаните 1:11, 12; Евреите 10:24, 25). Колку е добро кога ја увидуваме разликата меѓу сериозна грешка и несовршеност за која би било мудро и би покажале љубов ако поминеме преку неа (Проповедник 3:1, 7; Колосјаните 3:13).

Луѓето многу побрзо реагираат на охрабрувањето отколку на критиката. Всушност, кога некои поединци сметаат дека се неправедно критикувани, тие може во уште поголема мера да ја покажуваат критикуваната особина! Но кога се оправдано пофалени, нивното расположение се подигнува и тие се мотивирани да се подобрат (Изреки 12:18). Затоа, да охрабруваме како Исус и никогаш да не ‚угаснуваме фитил што тлее‘.

Што е со правењето споредби?

Може да биде многу поттикнувачки да се слушаат искуства од други христијани. И самиот Исус се радувал кога слушнал за успехот на неговите ученици додека ја проповедале пораката за Царството (Лука 10:17-21). Слично на тоа, кога ќе слушнеме за успехот, за добриот пример или за беспрекорноста на другите во верата, охрабрени сме и се чувствуваме поодлучни да се придржуваме за нашиот христијански начин на живот.

Но, што ако нешто се каже на таков начин со кој, всушност, како да се вели: ‚Ти не си толку добар како што се овие христијани; мораш да се трудиш повеќе‘? Зарем тогаш слушателот навистина ќе почне да се подобрува? Можно е да се обесхрабри, па дури и да се предаде, особено ако често се прават споредби или се насетува такво нешто. Тоа би било многу слично на еден родител кој го прашува своето дете: ‚Зошто не си како брат ти?‘ Таквиот коментар може да предизвика огорченост и обесхрабрување, а тешко дека ќе доведе до подобро однесување. Споредувањата можат да имаат слично влијание и врз возрасните, создавајќи дури и непријателски став кон оние со кои се споредени.

Не можеме да очекуваме сите подеднакво да ја извршуваат Божјата служба. Според една Исусова илустрација, еден господар им дал на своите робови еден, два или пет сребрени таланти. Тие биле дадени „секому според силата негова“. Двата роба кои мудро тргувале и ги умножиле своите таланти, биле пофалени поради тоа што биле верни, иако нивната работа дала различни резултати (Матеј 25:14-30).

Со право апостол Павле напишал: „Секој нека си ги испита делата свои, и тогаш ќе има пофалба само во себеси, а не пред друг [во споредба со други, НС]“ (Галатјаните 6:4). Значи, за да бидеме вистинско охрабрување за другите, треба да избегнуваме да правиме негативни споредби.

Некои начини за да се биде изградувачки

Што можеме да сториме за да ги изградиме оние кои се обесхрабрени и за да избегнеме да ‚угаснеме фитил што тлее‘? Давањето охрабрување не е работа на следење на некое посебно правило. Меѓутоа, сосема е веројатно дека нашите зборови ќе ги изградат другите доколку ние ги применуваме библиските начела. Кои се некои од нив?

Биди понизен. Во Филипјаните 2:3 Павле нѐ советува ‚да не правиме ништо од љубов кон препирање или за празна слава‘. Наместо тоа, треба да зборуваме и да постапуваме понизно. ‚Од понизност да се сметаме еден друг за погорни од себе.‘ Павле не рекол дека не треба да мислиме на себеси. Но сепак, треба да сфатиме дека, на некој начин, секој друг е погорен од нас. Грчкиот збор што овде е преведен со „погорен“, укажува дека еден човек „ги одвратува своите очи од сопствените предности и длабоко размислува за оние дарби на другите, во кои тие се погорни“ (New Testament Word Studies од Џон Алберт Бенгел, II том, 432. страница). Ако постапуваме така и ги сметаме другите за погорни од себе, тогаш ќе постапуваме со нив на понизен начин.

Покажувај почитување. Ако искрено кажуваме нешто, ќе покажеме дека имаме доверба во верните соверници и дека гледаме на нив како на лица кои сакаат да му угодат на Бог. Но, да претпоставиме дека им е потребна духовна помош. Тогаш, да им ја дадеме на начин полн со почитување и достоинство. Во врска со тоа, Павле вели вака: „Натпреварувајте се во почитувањето еден кон друг“ (Римјаните 12:10).

Биди добар слушач. Да, за да ги охрабриме оние кои се соочуваат со обесхрабрувачки проблеми, треба да бидеме добри слушачи, а не да држиме лекции. Наместо да даваме брзи, површни предлози, треба да одвоиме време за да најдеме библиско водство кое вистински ги задоволува постоечките потреби. Ако не знаеме што да кажеме, истражувањето на Библијата ќе ни помогне да зборуваме утешно и да ги зајакнеме другите.

Биди полн со љубов. Треба да чувствуваме љубов кон оние што сакаме да ги охрабриме. Кога покажуваме љубов кон другите кои му служат на Јехова исто како што му служиме и ние, таа треба да вклучува нешто многу повеќе отколку само да постапуваме во нивна корист. Треба да покажуваме и силни чувства. Ако имаме таква љубов кон сиот Јеховин народ, нашите зборови ќе бидат вистинско охрабрување за нив. Дури и кога ќе биде потребно да им се каже некој предлог за да се подобрат, мала е веројатноста дека она што ќе им го кажеме ќе биде погрешно разбрано или дека ќе биде на нивна штета, доколку нашиот мотив не е само да го кажеме своето гледиште туку и да дадеме помош која е полна со љубов. Како што рекол Павле, „љубовта изградува“ (1. Коринтјаните 8:1; Филипјаните 2:4; 1. Петрово 1:22).

Секогаш биди изградувачки

Во овие критични ‚последни денови‘, Јеховиниот народ се соочува со многу искушенија (2. Тимотеј 3:1-5). Не е чудно што понекогаш кога страдаат се чини дека се на границата на својата истрајност. Како слуги на Јехова, сигурно дека не би сакале да речеме или да направиме нешто што може да биде причина некој наш сообожавател да се чувствува како фитил што тлее и кој само што не изгаснал.

Затоа, колку е важно да се охрабруваме еден со друг! Да вложуваме секакви напори за да служиме за изградување со тоа што ќе бидеме понизни и полни со почитување кон обесхрабрените соверници. Внимателно да ги слушаме кога ни се доверуваат и секогаш да се трудиме да им помогнеме со тоа што ќе го насочуваме вниманието кон Божјата Реч, Библијата. А над сѐ, да покажуваме љубов, затоа што тој плод на Јеховиниот свет дух ќе ни помогне да се зајакнуваме еден со друг. Никогаш да не зборуваме и да не постапуваме на начин кој може ‚да изгасне фитил што тлее‘.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели