Дванаесетто поглавје
Ти можеш да ги надминеш проблемите кои му наштетуваат на семејството
1. Какви скриени проблеми постојат во некои семејства?
СТАРИОТ автомобил тукушто е измиен и исполиран. На минувачите тој им изгледа блескав, речиси нов. Но, под површината, нагризувачката ’рѓа ја разјадува каросеријата на возилото. Слично е и со некои семејства. Иако однадвор гледано сѐ изгледа добро, насмевнатите лица кријат страв и болка. Зад затворени врати, семејниот мир го разјадуваат нагризувачки елементи. Два проблема кои можат да имаат вакво влијание се алкохолизмот и насилството.
ШТЕТАТА ШТО ЈА ПРЕДИЗВИКУВА АЛКОХОЛИЗМОТ
2. а) Кое е библиското гледиште за употребата на алкохолните пијалаци? б) Што е алкохолизам?
2 Библијата не ја осудува умерената употреба на алкохолни пијалаци, туку го осудува пијанството (Изреки 23:20, 21; 1. Коринтјаните 6:9, 10; 1. Тимотеј 5:23; Тит 2:2, 3). Меѓутоа, алкохолизам е повеќе отколку пијанство — тоа е хронична преокупираност со алкохолни пијалаци и губење контрола над нивната употреба. Алкохоличарите можат да бидат возрасни луѓе. За жал, тие можат да бидат и млади.
3, 4. Опиши како влијае алкохолизмот врз брачниот другар и врз децата на алкохоличарот.
3 Уште многу одамна Библијата дала до знаење дека злоупотребата на алкохолот може да го наруши семејниот мир (5. Мојсеева 21:18—21). Нагризувачките дејства на алкохолизмот ги чувствува целото семејство. Сопругата може да се преокупира со напори да го прекине пиењето на алкохоличарот или да се справува со неговото непредвидливо однесување.a Таа прави обиди со тоа што го крие алкохолниот пијалак, го истура, ги крие парите и се повикува на неговата љубов кон семејството, кон животот, па дури и кон Бог — но алкохоличарот сѐ уште пие. Додека нејзините напори да го контролира неговото пиење наидуваат на постојан неуспех, таа се чувствува исфрустрирана и недостаточна. Може да почне да страда од страв, гнев, вина, нервоза, вознемиреност и недостиг на самопочитување.
4 Децата не се поштедени од последиците на алкохолизмот на родителот. Некои се физички напаѓани. Други, пак, се сексуално злоупотребувани. Можеби дури и се обвинуваат себеси поради тоа што родителот е алкохоличар. Честопати нивната способност да имаат доверба во другите е разнишана поради недоследното однесување на алкохоличарот. Затоа што не можат слободно да зборуваат за она што се случува дома, децата можеби ќе научат да ги потиснуваат своите чувства, честопати со штетни физички последици (Изреки 17:22). Таквите деца можеби го носат во себе овој недостиг на самодоверба или на самопочитување дури и тогаш кога ќе станат возрасни.
ШТО МОЖЕ ДА СТОРИ СЕМЕЈСТВОТО?
5. Како може да се излезе на крај со проблемот со алкохолизмот, и зошто тоа е тешко?
5 Иако многу стручни лица велат дека алкохолизмот не може да се излечи, повеќето од нив се сложуваат со тоа дека со помош на една програма на тотална апстиненција, можна е одредена мера на опоравување. (Спореди Матеј 5:29.) Меѓутоа, да се натера еден алкохоличар да прифати помош е полесно да се рече отколку да се стори, бидејќи тој обично одрекува дека има некаков проблем. Сепак, кога членовите на семејството преземаат чекори за да се справат со начинот на кој алкохолизмот влијае врз нив, алкохоличарот може да почне да увидува дека тој сепак има проблем. Еден лекар со искуство во помагањето на алкохоличарите и на нивните семејства, рекол: „Мислам дека најважната работа е семејството едноставно да си ги врши своите работи во животот колку што може подобро. Алкохоличарот сѐ повеќе се соочува со тоа колку е голема разликата меѓу него и останатите во семејството“.
6. Кој е најдобриот извор на совет за семејствата кои имаат член кој е алкохоличар?
6 Ако во твоето семејство има алкохоличар, инспирираниот совет од Библијата може да ти помогне да живееш колку што можеш подобро (Исаија 48:17; 2. Тимотеј 3:16, 17). Разгледај некои начела што им помогнале на некои семејства успешно да се соочат со алкохолизмот.
7. Ако некој член на семејството е алкохоличар, кој е одговорен за тоа?
7 Престани да си ја придаваш себеси сета вина. Библијата вели: „Секој ќе го понесе своето бреме“ и „секој од нас ќе одговара пред Бога за себе“ (Галатјаните 6:5; Римјаните 14:12). Алкохоличарот можеби ќе се обиде да наведе на мислата дека за тоа се одговорни членовите на семејството. На пример, тој може да рече: „Да се однесувавте подобро кон мене, јас немаше да пијам“. Ако другите покажат дека се согласуваат со него, тие го охрабруваат да продолжи да пие. Но, дури и ако сме жртви на околностите или на другите луѓе, сите ние — вклучувајќи ги и алкохоличарите — сме одговорни за она што го правиме. (Спореди Филипјаните 2:12.)
8. Кои се некои начини како може да му се помогне на алкохоличарот да се соочи со последиците од својот проблем?
8 Немој да чувствуваш дека ти секогаш мораш да го штитиш алкохоличарот од последиците на неговото пиење. Една библиска изрека за некој кој е разгневен би можела подеднакво да се примени и на алкохоличарот: „Ако го ослободиш, ти исто така ќе го правиш тоа секогаш одново“ (Изреки 19:19, НС). Допушти алкохоличарот да ги почувствува последиците од своето пиење. Самиот нека расчисти после себе или нека го повика својот работодавач утрото после една партија пиење.
9, 10. Зошто семејствата на алкохоличарите треба да прифатат помош, и особено чија помош треба да ја бараат?
9 Прифати помош од другите. Изреки 17:17 вели: „Пријателот сака во секое време и како брат ќе се јави во време на неволја“. Ако во твоето семејство има алкохоличар, тогаш има и неволја. Потребна ти е помош. Не двоуми се да се ослониш на ‚вистинските пријатели‘ за да те поддржат (Изреки 18:25). Разговорот со другите кои го разбираат тој проблем или се соочиле со слична ситуација, може да ти даде практични предлози за тоа како да постапуваш, а како да не постапуваш. Но, биди урамнотежен. Разговарај со оние во кои имаш доверба, оние кои ќе го чуваат твојот „доверлив разговор“ (Изреки 11:13, НС).
10 Научи да имаш доверба во христијанските старешини. Старешините во христијанското собрание можат да бидат еден огромен извор на помош. Овие зрели мажи се школувани од Божјата Реч и искусни се во применувањето на нејзините начела. Тие можат да бидат „како заштита од ветар и засолниште за лошо време, како водни извори во степи, како сенка од висока карпа во жедна земја“ (Исаија 32:2). Не само што христијанските старешини го штитат собранието како целина од штетните влијанија туку тие исто така ги утешуваат, ги освежуваат и покажуваат личен интерес за поединците кои имаат проблеми. Потполно искористи ја нивната помош.
11, 12. Кој им ја дава најголемата помош на семејствата на алкохоличарите, и на кој начин се дава оваа поддршка?
11 Над сѐ, црпи сила од Јехова. Библијата срдечно нѐ уверува: „Јехова е близу до оние со скршено срце; а ги спасува оние со потиштен дух“ (Псалм 34:18, НС). Ако се чувствуваш како да си со скршено срце и со потиштен дух заради притисоците поради тоа што живееш со некој член на семејството кој е алкохоличар, знај дека „Јехова е близу“. Тој разбира колку е тешка ситуацијата во твоето семејство (1. Петрово 5:6, 7).
12 Верата во она што го вели Јехова во својата Реч, може да ти помогне да се бориш со загриженоста (Псалм 129:3, 4; Матеј 6:25—34; 1. Јованово 3:19, 20). Проучувањето на Божјата Реч и живеењето според нејзините начела ќе ти овозможат да добиеш помош од Божјиот свет дух, кој може да те опреми со „силата која е над она што е нормално“ за да се бориш од еден до друг ден (2. Коринтјаните 4:7, НС).b
13. Кој е вториот проблем кој им наштетува на многу семејства?
13 Злоупотребата на алкохолот може да доведе до уште еден проблем кој им наштетува на многу семејства — куќното насилство.
ШТЕТАТА ШТО ЈА ПРЕДИЗВИКУВА КУЌНОТО НАСИЛСТВО
14. Кога започнало куќното насилство, и каква е ситуацијата денес?
14 Првото дело на насилство во човечката историја била случката на куќно насилство во кое биле вклучени двајца браќа, Каин и Авел (1. Мојсеева 4:8). Оттогаш наваму човештвото е измачувано од сите видови куќно насилство. Постојат сопрузи кои ги претепуваат своите жени, сопруги кои ги напаѓаат своите мажи, родители кои сурово ги тепаат своите мали деца, како и израснати деца кои ги малтретираат своите остарени родители.
15. На кој начин членовите на семејството се емоционално погодени од куќното насилство?
15 Штетата што ја предизвикува куќното насилство е многу подлабока од физичките лузни. Една претепана жена рекла: „Мораш да се соочуваш со големо чувство на вина и срам. Многу утра едноставно сакаш да останеш в кревет, надевајќи се дека тоа било само лош сон“. Децата кои гледаат или доживуваат куќно насилство може и самите да станат насилни кога ќе пораснат и ќе имаат свои семејства.
16, 17. Што е емоционално малтретирање, и на кој начин членовите на семејството се погодени од него?
16 Куќното насилство не е ограничено само на физичко малтретирање. Честопати нападот е вербален. Во Изреки 12:18 (НС) се вели: „Постои некој кој зборува непромислено како бодежи од меч“. Во овие „бодежи“ со кои се карактеризира куќното насилство спаѓаат погрдните имиња и викањето, како и постојаното критикување, понижувачките навреди и заканувањата со физичко насилство. Раните од емоционалното насилство не се видливи и честопати другите не ги забележуваат.
17 Особено е жално емоционалното малтретирање на детето — постојаното критикување и омаловажување на способностите, интелигенцијата или вредноста на детето како личност. Таквото вербално малтретирање може да го уништи духот на детето. Точно е тоа дека на сите деца им е потребна стега. Но, Библијата ги поучува татковците: „Не дразнете ја челадта своја, за да не паѓаат со духот“ (Колосјаните 3:21).
КАКО ДА СЕ ИЗБЕГНЕ КУЌНОТО НАСИЛСТВО
18. Каде започнува куќното насилство, и кој е библискиот начин за да се спречи тоа?
18 Куќното насилство започнува во срцето и во умот — начинот на кој постапуваме започнува со тоа како размислуваме (Јаков 1:14, 15). За да престане со насилството, напаѓачот треба да го промени начинот на размислување (Римјаните 12:2). Дали е можно тоа? Да. Божјата Реч има моќ да ги менува луѓето. Таа може да ги искорени дури и ‚цврсто утврдените‘ погубни гледишта (2. Коринтјаните 10:4, НС; Евреите 4:12). Точното спознание за Библијата може да помогне луѓето да направат една толку целосна промена што за нив се вели дека облекле нова личност (Ефесјаните 4:22—24; Колосјаните 3:8—10).
19. Како треба еден христијанин да гледа на својот брачен другар и да се однесува кон него?
19 Гледиште за брачниот другар. Божјата Реч вели: „Мажите се должни да ги сакаат жените свои како што ги сакаат своите тела; оти, кој ја сака жената своја, тој се сака и самиот себеси“ (Ефесјаните 5:28). Исто така, Библијата вели дека сопругот треба да ѝ оддава на својата жена „чест како на послаб сад“ (1. Петрово 3:7, НС). Сопругите се опоменати „да ги сакаат мажите свои“ и да имаат „длабоко почитување“ кон нив (Тит 2:4; Ефесјаните 5:33, НС). Сигурно дека ниту еден богобојазлив сопруг не може со право да тврди дека навистина ја почитува својата жена доколку ја напаѓа физички или вербално. Исто така, ниту една сопруга која му вика на својот маж, му се обраќа саркастично или постојано се кара со него, не може да рече дека навистина го сака и го почитува.
20. Пред кого се одговорни родителите за своите деца, и зошто родителите не треба да имаат нереални очекувања од своите деца?
20 Исправно гледиште за децата. Децата ги заслужуваат — да, потребни им се љубовта и вниманието од родителите. Божјата Реч ги нарекува децата ‚наследство Господово‘ и „дар“ (Псалм 126:3). Родителите се одговорни пред Јехова да се грижат за тоа наследство. Библијата зборува за „обележјата на дете“ и за „безумието“ на детството (1. Коринтјаните 13:11, НС; Изреки 22:16). Родителите не треба да се изненадат ако наидат на безумие кај своите деца. Децата не се возрасни. Родителите не треба да бараат повеќе отколку што е соодветно на возраста, семејното потекло и способноста на детето. (Види 1. Мојсеева 33:12—14.)
21. Кој е божествениот начин како да се гледа на остарените родители и да се постапува со нив?
21 Гледиште за остарените родители. Трета Мојсеева 19:32 вели: „Пред седо лице станувај, почитувај го лицето на старец“. На тој начин Божјиот закон поттикнувал на почитување и на голема обѕирност кон постарите. Ова може да биде предизвик тогаш кога изгледа дека еден остарен родител премногу бара или е болен и можеби не се движи и не размислува брзо. Сепак, децата се потсетени „да им се отплатуваат на родителите свои“ (1. Тимотеј 5:4). Ова би значело да се однесуваат кон нив со достоинство и со почит, можеби дури и да се грижат за нив и во финансиски поглед. Физичкото или, пак, некој друг облик на малтретирање на остарените родители, сосема е во спротивност со начинот на постапување што ни го советува Библијата.
22. Која е една клучна особина за да се надмине куќното насилство, и како може таа да се покажува?
22 Негувај самосовладување. Изреки 29:11 вели: „Безумниот го излева сиот свој гнев, а мудриот се воздржува“. Како можеш да го совладаш својот дух? Наместо да дозволиш однатре да се таложи фрустрација, дејствувај брзо за да ги решиш тешкотиите кои се појавуваат (Ефесјаните 4:26, 27). Напушти ја сцената ако чувствуваш дека го губиш совладувањето. Моли се Божјиот свет дух да создаде самосовладување во тебе (Галатјаните 5:22, 23). Одењето на прошетка или физичкото вежбање можат да ти помогнат да ги совладаш своите емоции (Изреки 17:14, 27). Труди се да бидеш „бавен на гнев“ (Изреки 14:29, НС).
ДА СЕ ОДВОИТЕ ИЛИ ДА ОСТАНЕТЕ ЗАЕДНО?
23. Што може да се случи ако еден член на христијанското собрание секогаш одново и непокајнички подлегнува на насилнички изливи на гнев, во кои можеби спаѓа физичко малтретирање на неговото семејство?
23 Меѓу делата што ги осудува Бог, Библијата вбројува „непријателство, кавги, . . . гнев“, и изјавува дека „оние што го прават тоа, нема да го наследат царството Божјо“ (Галатјаните 5:19—21). Според тоа, секој оној што тврди дека е христијанин, но секогаш одново и непокајнички подлегнува на насилнички изливи на гнев, во кои можеби спаѓа физичко малтретирање на сопружникот или на децата, може да биде исклучен од христијанското собрание. (Спореди 2. Јованово 9, 10.) На овој начин собранието се зачувува чисто од оние што се насилни (1. Коринтјаните 5:6, 7; Галатјаните 5:9).
24. а) Како може да одлучат да постапат сопружниците кои се малтретирани? б) На кој начин загрижените пријатели и старешини можат да му дадат поддршка на сопружникот кој е малтретиран, но што не треба да прават?
24 Што е со христијаните кои моментално се малтретирани од насилен сопружник кој не покажува знаци на промени? Од различни причини некои одлучиле да останат со насилниот сопружник. Други, пак, одлучиле да го напуштат, сметајќи дека нивното физичко, ментално и духовно здравје — па можеби дури и нивниот живот — се во опасност. Како ќе избере да постапи во овие околности оној кој е жртва на куќно насилство претставува лична одлука пред Јехова (1. Коринтјаните 7:10, 11). Добронамерните пријатели, роднини или христијанските старешини можеби ќе сакаат да понудат помош и совет, но не треба да вршат притисок врз жртвата да преземе некој посебен начин на постапување. Таа одлука треба да ја донесе секој за себе лично (Римјаните 14:4; Галатјаните 6:5).
КРАЈ НА ПРОБЛЕМИТЕ КОИ НАНЕСУВААТ ШТЕТА
25. Која е Јеховината намера со семејството?
25 Кога Јехова ги соединил во брак Адам и Ева, тој немал намера семејствата да бидат нагризувани од проблеми кои нанесуваат штета, како што се алкохолизмот или насилството (Ефесјаните 3:14, 15). Семејството требало да биде место каде што ќе цветаат љубовта и мирот и каде што ќе бидат задоволени менталните, емоционалните и духовните потреби на секој член. Меѓутоа, со навлегувањето на гревот, семејниот живот брзо почнал да пропаѓа. (Спореди Проповедник 8:9.)
26. Каква иднина ги очекува оние кои се трудат да живеат во согласност со Јеховините барања?
26 За среќа, Јехова не се откажал од својата намера со семејството. Тој ветува дека ќе воведе еден мирољубив нов свет во кој луѓето „ќе живеат спокојно и никој нема да ги заплашува“ (Језекиил 34:28). Во тоа време алкохолизмот, куќното насилство и сите други проблеми кои денес им наштетуваат на семејствата, ќе бидат работи на минатото. Луѓето ќе се насмевнуваат, но не за да ги сокријат стравот и болката, туку затоа што „ќе се насладуваат во изобилен мир“ (Псалм 36:11).
[Фусноти]
a Иако зборуваме за алкохоличарот како за маж, начелата што се наведени овде подеднакво важат и кога алкохоличарот е жена.
b Во некои земји има центри за лекување, болници и програми за опоравување, кои оспособуваат како да им се помага на алкохоличарите и на нивните семејства. Лична одлука е дали ќе се побара таква помош или не. Watch Tower Society не застапува некое посебно лекување. Меѓутоа, додека некој бара помош, мора да води грижа за тоа да не стане вовлечен во постапки кои ги компромитираат библиските начела.
КАКО МОЖАТ ОВИЕ БИБЛИСКИ НАЧЕЛА ДА ИМ ПОМОГНАТ . . . НА СЕМЕЈСТВАТА ДА ГИ ИЗБЕГНАТ ПРОБЛЕМИТЕ КОИ БИ НАНЕЛЕ СЕРИОЗНА ШТЕТА?
Јехова ја осудува злоупотребата на алкохолот (Изреки 23:20, 21).
Секој поединец е одговорен за своите постапки (Римјаните 14:12).
Без самосовладување, не можеме да му служиме на Бог на еден прифатлив начин (Изреки 29:11).
Вистинските христијани ги почитуваат своите остарени родители (3. Мојсеева 19:32).
[Слика на страница 146]
Христијанските старешини можат да бидат еден огромен извор на помош во решавањето на семејните проблеми
[Слика на страница 151]
Христијанските сопружници кои се сакаат и се почитуваат, брзо ќе дејствуваат за да ги средат тешкотиите