На вашата истрајност додајте ѝ одадденост на Бог
„Додајте ѝ на вашата вера . . . истрајност, на вашата истрајност оддаденост на Бог“ (2. ПЕТРОВО 1:5, 6, NW).
1, 2. а) Што им се случувало на Јеховините сведоци во земјите под нацистичка контрола почнувајќи од 1930-тите, и зошто? б) Како поминал Јеховиниот народ под ова сурово постапување?
ТОА беше мрачниот период на 20-от век. Почнувајќи во 1930-тите, илјадници Јеховини сведоци во земјите под нацистичка контрола беа неправедно апсени и одведувани во концентрациони логори. Зошто? Затоа што се осмелиле да останат неутрални и одбивале да поздравуваат со ‚хајл Хитлер‘. Како се постапувало со нив? „Ниту една друга група затвореници . . . не беше изложена на таков садизам од страна на есес-војниците како што беа Истражувачите на Библијата [Јеховините сведоци]. Тоа беше садизам од бескраен синџир на физички и душевни тортури коишто не може да се опишат со ниеден јазик на светот“ (Карл Витиг, бивш германски владин службеник).
2 Како поминале Сведоците? Во својата книга The Nazi State and the New Religions: Five Case Studies in Non-Conformity (Нацистичката држава и новите религии: Пет студии на парници за нонконформизам), д-р Кристин Е. Кинг забележала: „[За разлика од другите религиозни групи] власта беше неуспешна само против Сведоците“. Да, Јеховините сведоци како целина не попуштиле, иако за стотици од нив ова значело да истрајат до смрт.
3. Што им овозможило на Јеховините сведоци да издржат тешки искушенија?
3 Што им овозможило на Јеховините сведоци да издржат такви искушенија не само во нацистичка Германија туку и по целиот свет? Нивниот небесен Татко им помогнал да истрајат поради нивната оддаденост на Бог. „Господ знае како да ги избавува побожните [луѓето оддадени на Бог, NW] од искушенија“ — објаснил апостолот Петар (2. Петрово 2:9). Порано во истото писмо Петар ги упатил христијаните: „Додајте ѝ на вашата вера . . . истрајност, на вашата истрајност оддаденост на Бог“ (2. Петрово 1:5, 6, NW). Значи, истрајноста е тесно поврзана со оддаденоста на Бог. Всушност, за да истраеме до крајот, мораме ‚да тежнееме по оддаденост на Бог‘ и истата да ја покажуваме (1. Тимотеј 6:11, NW). Но што точно е оддаденоста на Бог?
Што е оддаденоста на Бог
4, 5. Што е оддаденост на Бог?
4 Грчката именка за „оддаденост на Бог“ (eusebeia) може да се преведе дословно како „добропочитување“a (2. Петрово 1:6, Kingdom Interlinear). Тоа означува срдечно, искрено чувство спрема Бог. Според В. Е. Вајн (W. E. Vine), придавката eusebes, која дословно значи „полн со добропочитување“, ја означува „енергијата која, управувана од света стравопочит кон Бог, наоѓа израз во оддадена активност“ (2. Петрово 2:9, Int.).
5 Според тоа, изразот „оддаденост на Бог“ се однесува на почитување или обожавање на Јехова кое нѐ поттикнува да го правиме она што му е угодно. Тоа го правиме дури и кога сме соочени со тешки искушенија затоа што го сакаме Бог од срце. Тоа е лојална, лична приврзаност кон Јехова која се изразува во начинот на којшто живееме. Вистинските христијани се поттикнати да се молат да можат да водат „мирен и тивок живот во потполна оддаденост на Бог“ (1. Тимотеј 2:1, 2, NW). Според лексикографите Ј. П. Лоу (J. P. Louw) и Е. А. Нида (E. A. Nida), „во поголем број јазици [eusebeia] во 1Тм 2:2 би можела соодветно да се преведе како ‚да живееме онака како што би сакал Бог да живееме‘ или ‚да живееме онака како што Бог ни кажал да живееме‘“.
6. Која е врската помеѓу истрајноста и оддаденоста на Бог?
6 Сега можеме подобро да ја сфатиме врската помеѓу истрајноста и оддаденоста на Бог. Бидејќи живееме онака како што Бог би сакал да живееме — со оддаденост на Бог — се изложуваме на омразата на светот кој постојано ни донесува искушенија за верата (2. Тимотеј 3:12). Но никако не би биле мотивирани да издржиме такви искушенија ако тоа не би било заради нашата лична приврзаност кон нашиот небесен Татко. Освен тоа, Јехова одговара на таква срдечна оддаденост. Само замисли си како мора да се чувствува кога гледа од небото и ги набљудува оние кои, поради својата оддаденост кон него, се трудат да му угодат и покрај разни видови противење. Не е ни чудно што е склон да ги ‚ослободи од искушение луѓето оддадени нему‘ (NW).
7. Зошто мора да се негува оддаденоста на Бог?
7 Меѓутоа, ние не се раѓаме со оддаденост на Бог, ниту автоматски ја стекнуваме од побожни родители (1. Мојсеева 8:21). Наместо тоа, таа мора да се негува (1. Тимотеј 4:7, 10). Мораме да работиме за на нашата истрајност и вера да им додадеме оддаденост на Бог. Петар вели дека тоа бара „сериозно напрегање“ (2. Петрово 1:5, NW). Тогаш, како можеме да стекнеме оддаденост на Бог?
Како стекнуваме оддаденост на Бог?
8. Кој е клучот за стекнување на оддаденост на Бог според апостолот Петар?
8 Апостолот Петар го објаснил клучот за стекнување на оддаденост на Бог. Тој рекол: „Нека незаслужената доброљубивост и мирот ви се зголемат преку точното спознание за Бог и Исус, нашиот Господ, со оглед на тоа што неговата божествена моќ ни дарувала сѐ што се однесува на животот и оддаденоста на Бог, преку точното спознание за оној кој нѐ повикал преку слава и добродетел“ (2. Петрово 1:2, 3, NW). Затоа, за на нашата вера и истрајност да им придадеме оддаденост на Бог, мораме да растеме во точното, т. е. потполното, односно комплетното спознание за Јехова Бог и Исус Христос.
9. Како може да се илустрира дека поседувањето точно спознание за Бог и Христос не е само да се знае кои се тие?
9 Што значи да имаш точно спознание за Бог и Христос? Јасно, тоа не е само да се знае кои се тие. Да илустрираме: Ти можеби знаеш кој е твојот сосед и можеби дури го поздравуваш по име. Но, дали би му позајмил голема сума пари? Не, ако не знаеш навистина каков човек е. (Спореди Соломонови изреки 11:15.) На сличен начин, точно или потполно да се познаваат Јехова и Исус значи повеќе отколку само да се верува дека тие постојат и да се знаат нивните имиња. За да бидеме спремни да поднесеме искушенија заради нив дури до смрт, мораме навистина да ги познаваме присно (Јован 17:3). Што вклучува тоа?
10. Кои две работи ги опфаќа поседувањето точно спознание за Јехова и Исус, и зошто?
10 Поседувањето точно, односно комплетно познавање на Јехова и Исус, опфаќа две работи: 1) да ги запознаеме како личности — нивните особини, чувства и патишта — и 2) да го имитираме нивниот пример. Оддаденоста на Бог вклучува срдечна, лична приврзаност кон Јехова и таа е видлива од начинот на кој живееме. Затоа, за да ја стекнеме, мораме лично да го запознаеме Јехова и темелно да се запознаеме со неговата волја и патишта, колку што тоа ни е можно како на луѓе. За навистина да го запознаеме Јехова, на чија слика сме создадени, мораме да го користиме таквото спознание и да тежнееме да бидеме како него (1. Мојсеева 1:26-28; Колосјаните 3:10). А бидејќи Исус совршено го имитирал Јехова во она што го говорел и правел, точното спознание за Христос претставува вредна помош во развивањето на оддаденост на Бог (Евреите 1:3).
11. а) Како можеме да стекнеме точно спознание за Бог и Христос? б) Зошто е важно да размислуваме за она што го читаме?
11 Но, како да постигнеме такво точно спознание за Бог и Христос? Така што марливо ќе ја проучуваме Библијата и на неа темелените публикации.b Меѓутоа, ако нашата лична студија треба да доведе до постигнување на оддаденост на Бог, битно е да одвојуваме време да медитираме, т. е., да размислуваме, односно се задлабиме во она што го читаме. (Спореди Исус Навин 1:8.) Зошто е важно тоа? Сети се дека оддаденоста на Бог е искрено, срдечно чувство кон Бог. Во Писмото, медитацијата секогаш одново се поврзува со симболичното срце — внатрешната личност (Псалми 18:14; 48:3; Приче Соломунове 15:28, ДК). Кога размислуваме со ценење за она што го читаме, тоа продира до внатрешната личност и така ги поттикнува нашите мисли, ги допира нашите емоции и влијае на нашето размислување. Само така проучувањето може да ја зајакне нашата лична приврзаност кон Јехова и да нѐ поттикне да живееме на начин што му е угоден на Бог дури и кога сме соочени со предизвикувачки околности или тешки искушенија.
Практикувај оддаденост на Бог дома
12. а) Како може, според Павле, еден христијанин да практикува оддаденост на Бог во својот дом? б) Зошто вистинските христијани се грижат за остарените родители?
12 Оддаденоста на Бог треба најпрво да се практикува дома. Апостолот Павле вели: „Ако, пак, некоја вдовица има деца или внуци, тие најнапред нека се научат да го почитуваат [да практикуваат оддаденост на Бог во, NW] својот дом и со тоа да им се отплатуваат на родителите свои, бидејќи тоа е добро и угодно пред Бога“ (1. Тимотеј 5:4). Грижата за остарените родители е, како што забележува Павле, израз на оддаденост на Бог. Вистинските христијани покажуваат таква грижа не само заради чувството на должност, туку и од љубов кон своите родители. Сепак, покрај тоа, тие ја увидуваат важноста што Јехова ѝ ја придава на грижата за сопственото семејство. Тие се сосема свесни дека ако им се сврти грб на родителите во време на неволја, тоа би било еднакво на ‚одрекување од христијанската вера‘ (1. Тимотеј 5:8).
13. Зошто може практикувањето на оддаденост на Бог дома да биде вистински предизвик, но какво задоволство произлегува од грижењето за своите родители?
13 Признаваме, не е секогаш лесно да се практикува оддаденост на Бог во својот дом. Членовите на семејсвото можат да бидат одделени со големи растојанија. Можеби нивните возрасни деца подигнуваат свои семејства и можеби се борат економски. Природата или степенот на грижата што е потребна за некој родител може физички, душевно и емоционално да го оптоварува здравјето на оние коишто се грижат. Но, може да се најде вистинска сатисфакција во спознанието дека грижата за родителите не само што е еднаква на „отплатување“, туку и му угодува на Оној „на кого секое семејство на небото и на земјата му го должи своето име“ (Ефесјаните 3:14, 15, NW).
14, 15. Раскажи едно искуство за побожна грижа за родител од страна на дете.
14 Разгледај еден навистина трогателен пример. Елис и неговите петмина браќа и сестри се соочуваат со тешка задача да се грижат за нивниот татко дома. „Во 1986 татко ми страдаше од мозочен удар кој го остави потполно парализиран“ — објаснува Елис. Шестте деца заеднички ја споделуваат грижата за потребите на татко им, од бањање до редовно свртување во креветот за да не добие рани од долгото лежење. „Му читаме, му зборуваме, му свириме. Не сме сигурни дали е сигурен што се случува околу него, но со него се однесуваме како да е наполно свесен за сѐ“.
15 Зошто децата се грижат за својот татко на ваков начин? Елис продолжува: „По смртта на нашата мајка во 1964, тато нѐ одгледуваше сам. Во тоа време бевме на возраст од 5 до 14 години. Тогаш тој ни стоеше на располагање нам, сега ние му стоиме на располагање нему“. Сигурно дека не е лесно да се пружа таква грижа и повремено децата се обесхрабруваат. „Но ние увидуваме дека состојбата на татко ни е привремен проблем“ — вели Елис. „Нетрпеливо го очекуваме времето кога на нашиот татко ќе му биде вратено добро здравје и кога ќе можеме пак да се обединиме со нашата мајка“ (Исаија 33:24; Јован 5:28, 29). Секако, таквата предана грижа за родителот го радува срцето на Оној кој им заповеда на децата да им оддаваат чест на своите родители!c (Ефесјаните 6:1, 2).
Оддаденоста на Бог и службата
16. Што би требало да биде првенствената причина за она што го правиме во службата?
16 Кога ја прифаќаме Исусовата покана да ‚го следиме постојано‘, се согласуваме со божествениот налог да ја проповедаме добрата вест за Царството и да правиме ученици (Матеј 16:24, NW; 24:14; 28:19, 20). Се разбира, учествувањето во службата е христијанска обврска во овие „последни денови“ (2. Тимотеј 3:1). Меѓутоа, нашиот мотив за проповедање и поучување мора да го надминува обичното чувство за должност или обврска. Длабоката љубов кон Јехова мора да биде првенствената причина за она што го правиме и колку правиме во службата. „Од преполнето срце прикажува устата“ — рекол Исус (Матеј 12:34). Да, кога нашите срца се прелеваат со љубов за Јехова, се чувствуваме поттикнати да им сведочиме на другите за него. Кога љубовта кон Бог е нашиот мотив, тогаш нашата служба претставува значаен израз на нашата оддаденост на Бог.
17. Како можеме да го негуваме исправниот мотив за службата?
17 Како можеме да го негуваме исправниот мотив за службата? Размисли со ценење за трите причини коишто Јехова ни ги дал за да го сакаме. 1) Го сакаме Јехова поради она што тој веќе го сторил за нас. Тој не можел да покаже поголема љубов отколку да ја обезбеди откупнината (Матеј 20:28; Јован 15:13). 2) Го сакаме Јехова поради она што тој сега го прави за нас. Имаме слобода на говор со Јехова кој одговара на нашите молитви (Псалми Давидови 65:2, ДК; Евреите 4:14-16). Додека им даваме предност на интересите на Царството, го уживаме потребното за живот (Матеј 6:25-33). Добиваме постојана залиха на духовна храна која ни помага да излеземе на крај со проблемите со кои се соочуваме (Матеј 24:45). И го имаме благословот да бидеме дел од христијанското братство ширум светот кое навистина нѐ одделува од останатиот свет (1. Петрово 2:17). 3) Исто така го сакаме Јехова поради она што тој допрва ќе го стори за нас. Поради неговата љубов, ‚цврсто се држиме за вистинскиот живот‘ — вечен живот во иднината (1. Тимотеј 6:12, 19, NW). Кога размислуваме за Јеховината љубов во наша корист, сигурно дека нашите срца ќе нѐ мотивираат да имаме предан удел во кажувањето на другите за него и неговите скапоцени намери! Не ќе мораат другите да ни кажуваат што или колку да сториме во службата. Нашите срца ќе нѐ тераат да го сториме она што можеме.
18, 19. Каква препрека совладала една сестра за да учествува во службата?
18 Срцето што е поттикнато од оддаденост на Бог ќе биде подбудено да зборува дури и под околности кои претставуваат предизвик. (Спореди Јеремија 20:9). Тоа се гледа од примерот на Стела, една крајно срамежлива христијанка. Кога најпрво почнала да ја проучува Библијата, си мислела: ‚Никогаш не би можела да одам од куќа до куќа!‘. Таа објаснува: „Отсекогаш сум била многу тивка. Никогаш не би можела да им пристапам на другите за да започнам разговор“. Додека продолжила да проучува, нејзината љубов кон Јехова пораснала и таа развила горлива желба да зборува со другите за него. „Се сеќавам кога ѝ реков на мојата библиска учителка: ‚Толку многу сакам да разговарам, но едноставно не можам, и тоа многу ме мачи‘. Никогаш нема да заборавам што ми одговори таа: ‚Стела, биди благодарна што сакаш да разговараш‘“.
19 Наскоро, Стела ѝ сведочела на својата прва сосетка. Потоа го сторила она што за неа било огромен чекор — за првпат учествувала во службата од куќа до куќа (Дела на св. апостоли 20:20, 21). Таа се сеќава: „Ја имав напишано мојата понуда. Но толку бев исплашена што дури иако ја имав пред себе, бев премногу нервозна за да погледнам во моите забелешки!“ Сега, после 35 години, Стела сѐ уште е многу срамежлива по природа. Сепак, ја сака службата и понатаму има значаен удел во неа.
20. Кој пример покажува дека ниту прогонство ниту затворање не може да ги замолчи оддадените Сведоци на Јехова?
20 Ниту прогонство ниту затворање не може да им ги затвори устите на оддадените Сведоци на Јехова. Разгледај го примерот на Ернст и Хилдегард Зелигер од Германија. Поради нивната вера, заедно поминале повеќе од 40 години во нацистички концентрациони логори и комунистички затвори. Дури и во затвор, тие истрајале во сведочењето на другите затвореници. Хилдегард се сеќава: „Затворските службеници ме класифицираа како особено опасна бидејќи, како што рече една чуварка, цел ден сум зборувала за Библијата. Затоа ме ставија во една подрумска ќелија“. Откако конечно биле ослободени, брат и сестра Зелигер сето свое време го посветиле на христијанската служба. Обајцата служеа верно до својата смрт. Брат Зелигер умре во 1985, а неговата сопруга во 1992.
21. Што мораме да правиме за да ѝ додадеме оддаденост на Бог на нашата истрајност?
21 Ако марливо ја студираме Божјата Реч и одвојуваме време да размислуваме со ценење за она што го учиме, ќе растеме во точното спознание за Јехова Бог и Исус Христос. Тоа, пак, ќе доведе до тоа да стекнеме попотполна мера на оваа скапоцена особина — оддаденост на Бог. Без оддаденост на Бог не постои начин да ги поднесеме различните искушенија што нѐ снаоѓаат како христијани. Затоа, да го следиме Петровиот совет, и понатаму ‚на нашата вера да ѝ додадеме истрајност, а на нашата истрајност оддаденост на Бог‘ (2. Петрово 1:5, 6, NW).
[Фусноти]
a Во поглед на eusebeia, Вилијам Баркли (William Barclay) забележува: „Делот [коренот] seb- на зборот значи почитување или обожавање. Eu е грчки збор за добро; според тоа, eusebeia е обожавање, добро и исправно упатено почитување“ (New Testament Words).
b Дискусија околу тоа како да проучуваме за да го продлабочиме спознанието за Божјата Реч, се наоѓа во Стражарска кула од 15. август 1993, стр. 12-17.
c Детална дискусија за тоа како да се практицира оддаденост на Бог кон постари родители се наоѓа во Стражарска кула од 1. октомври 1987, стр. 12-17.
Како ќе одговориш?
◻ Што е оддаденост на Бог?
◻ Каква е врската помеѓу истрајноста и оддаденоста на Бог?
◻ Кој е клучот за стекнување на оддадност на Бог?
◻ Како може еден христијанин да практикува оддаденост на Бог во својот дом?
◻ Која мора да биде првенствената причина за она што го правиме во службата?
[Слика на страница 18]
Сведоците на Јехова, затворени во нацистичкиот концентрационен логор во Равенсбрук, покажале истрајност и оддаденост на Бог