Да се покажува христијанска љубов спрема остарените
САМУЕЛ ЏОНСОН, писател од 18. век, раскажал приказна за еден млад човек кој, кога бил во посета кај пријателите, заборавил каде си ја ставил шапката. Неговата немарност не предизвикала никаков коментар. „Но, ако се открие истата невнимателност кај некој стар човек“, продолжил Џонсон, „луѓето ќе ги кренат рамениците и ќе речат: ‚Го губи памтењето‘“.
Џонсоновата приказна покажува дека старите, можеби како и други малцинства, се предмет на неправедно ставање во калап. Иако грижата за потребите на старите е предизвик, од тоа произлегуваат користи за обете страни. Кои се предизвиците и наградите, и зошто оваа тема влијае врз сѐ поголем број луѓе?
Според статистичките податоци, 6 отсто од светското население има 65 години или повеќе, а во развиените земји процентот е двапати поголем. Во Европската заедница, која ја означи 1993 како „европска година на старите луѓе и на солидарност меѓу генерациите“, секое трето лице е над 50 години. Таму, како и во повеќето индустријализирани земји, опаѓањето на стапката на раѓање и зголемувањето на животниот век придонесуваат поголемиот дел од населението да биде над средовечна возраст. Јасно е дека грижата за оние кои се во поодминати години претставува огромна задача. Колку поинакви биле работите на Ориентот во минатото!
„Складишта на спознание“
Handwörterbuch des Biblischen Altertums für gebildete Bibelleser (Прирачник на библиски старини за образованите читатели на Библијата) истакнува дека во старо време на Ориентот, „на старите се гледало како на чувари на традиционалните вредности на мудроста и повисокото спознание, поради што помладите биле советувани да го бараат нивното друштво и да учат од нив“. Smith’s Bible Dictionary објаснува: „Во приватниот живот [на старите] се гледало како на складишта на спознание . . . [Младите] им дозволувале прво тие да го дадат своето мислење“.
Почитувањето спрема старите се одразувало во Мојсеевиот закон во 3. Мојсеева 19:32: „Пред седо лице станувај, почитувај го лицето на старец“. На тој начин старите заземале една предносна положба во општеството и на нив се гледало како на скапоцено богатство. Очигледно, Моавката Рут така гледала на нејзината свекрва, Израелката Ноемина.
Рут била цврсто решена да ја придружува Ноемина од Моав до Израел, и според тоа внимателно го слушала Ноеминиот совет. Кога веќе биле во Витлеем, Ноемина била таа која забележала дека Јеховината рака ги водела работите и која потоа ја поучила Рут како да постапува (Рут 2:20; 3:3, 4, 18). Додека учела од искусната Ноемина, животот на Рута бил обликуван на еден теократски начин. Нејзината свекрва се покажала како складиште на спознание.
На сличен начин, помладите христијанки денес можат да имаат корист ако се дружат со постарите жени од собранието. Некоја сестра можеби размислува за брак или се бори со некој долготраен личен проблем. Колку е мудро да се побара совет и поддршка од некоја зрела постара сестра која има искуство во таа област!
Понатаму, старешинството може да извлече корист од искуството на старите во нивната средина. Можеме да научиме нешто од Лотовиот пропуст во тој поглед. Поради една караница меѓу пастирите на Авраам и на Лот требало да се донесе одлука која ќе влијае врз сите. Лот направил немудар избор. Колку ќе било подобро да побарал совет прво од Авраам! Лот ќе добиел зрело упатство и ќе можел да го поштеди своето семејство од несреќата која му била нанесена поради неговиот брз избор (1. Мојсеева 13:7-13; 14:12; 19:4, 5, 9, 26, 29). Дали внимателно слушаш што ти кажуваат зрелите старешини, пред самиот да одлучиш за некоја работа?
Безброј остарени луѓе имаат трајна ревност за Јеховиното дело, како што имале Симеон и Ана во првиот век (Лука 2:25, 36, 37). Знак на почитување и одраз на заинтересираност спрема таквите остарени е ако ги вклучуваме во собраниските активности колку што им дозволува силата, дури и да се во поодминати години. Можеби на некој млад човек му треба помош за да подготви задача во Теократската школа на проповедање. Еден остроумен старешина може да заклучи дека идеален советник би бил некој постар член на собранието, некој со блага мудрост, добронамерно однесување и слободно време.
Меѓутоа, грижата за посебните потреби на остарените вклучува повеќе. Многумина се вознемирени поради осаменоста, стравот од криминал и финансиските потешкотии. Освен тоа, кога старите ќе се разболат, тие проблеми се поврзани со слабото здравје и разочарувањето поради сопствената намалена сила. Тогаш им треба многу повеќе внимание. Како треба да реагираат поединците и собранието како целина?
‚Практикувај оддаденост на Бог‘
Во текот на првиот век, во 1. Тимотеј 5:4, 16, Павле под инспирација напишал: „Ако, пак, некоја вдовица има деца или внуци, тие најнапред нека се научат да го почитуваат [да практикуваат оддаденост на Бог во, НС] својот дом и со тоа да им се отплатуваат на родителите свои, бидејќи тоа е добро и угодно пред Бога. Ако некој верен или верна има во куќата вдовици, нека се грижи за нив, та да не се товари Црквата, за да може да пригледува вистински вдовици“. Грижата за остарените била семејна обврска. Ако на еден постар член од собранието му била потребна помош откако неговото семејство направило сѐ што е можно, тогаш одговорноста лежела на собранието. Овие начела не се промениле.
Што им помогнало на христијаните да покажуваат христијанска љубов спрема постарите, практикувајќи оддаденост на Бог во сопственото домаќинство? Забележи ги следниве коментари на неколку Сведоци кои имаат искуство во грижата за оние во поодминати години.
Редовно внимание за духовните потреби
„Заедничкото разгледување на дневниот стих беше од непроценлива вредност“, се сеќава Феликс, кој на својата сопруга ѝ помагал во грижата за нејзините родители. „Животното искуство и очекувањата беа испреплетени со Јеховините начела“. Навистина, во соочувањето со грижата за остарените роднини, како предизвик, првенствен фактор е да се посвети должно внимание на нивното духовно изградување. Тоа е логично, со оглед на Исусовите зборови во Матеј 5:3 (НС): „Среќни се оние кои се свесни за своите духовни потреби“. Дневниот стих може да се прошири со програма на читање на Библијата, со дискусија за публикациите темелени на Библијата и со молитва. „Се чини дека постарите сакаат одредена мера на редовност“, забележува Петер.
Да, редовноста во духовните работи е важна. Старите ги ценат рутинските работи и во секојдневниот живот, а не само во духовните работи. Дури и оние со незначителни болести можат да бидат срдечно охрабрени да „стануваат од кревет и убаво да се облекуваат секој ден“, вели Урсула. Се разбира, не сакаме да оставиме впечаток дека на старите им диктираме. Дорис признава дека нејзините добронамерни настојувања, за жал, честопати отишле во погрешна насока. „Правев секакви грешки. Еднаш го замолив татко ми да си ја менува кошулата секој ден. Тогаш мајка ми ме потсети: ‚Тој сѐ уште е мој сопруг!‘“
Остарените некогаш биле млади, но за младите е тешко да се стават во нивна кожа. Сепак, тоа е клучот за разбирање на нивните посебни потреби. Годините на староста со себе носат фрустрации. Герхард објаснува: „Мојот тест се нервираше затоа што не можеше повеќе да прави сѐ што правел порано. Му беше многу тешко да се помири со таа состојба. Неговата личност се промени“.
Под изменети околности, не е невообичаено некој стар човек избувливо да ја изрази својата насобрана фрустрација со критизирање на другите, особено на оние кои се грижат за него. Причината е едноставна. Нивното љубезно внимание го потсетува на неговата немоќ. Како треба да реагираш на овој неоправдан критицизам или жалба?
Запомни, таквите негативни емоции не го одразуваат Јеховиното гледиште за твоите напори. Продолжи и понатаму да правиш добро и задржи чиста совест, па дури и да доживееш повремени неосновани коментари. (Спореди 1. Петрово 2:19.) Месното собрание може да даде голема поддршка.
Што може да направи собранието
Многу собранија имаат причина да бидат длабоко благодарни за минатиот труд на нашите драги остарени браќа и сестри. Можеби тие биле оние кои го поставиле темелот на собранието и кои го изградиле од само неколку објавители пред децении. Каде би било собранието без нивната ревносна активност од минатото и, можеби, сегашна финансиска поддршка?
Кога зголемената грижа станува неопходна во случај на некој остарен објавител, роднините не мора сами да ја носат таа одговорност. Другите можат да помогнат така што ќе им извршуваат одредени работи, ќе им готват и чистат, ќе ги носат на прошетка, ќе им обезбедуваат превоз до христијанските состаноци, или едноставно ќе разговараат со нив во Салата на Царството. Сите можат да се вклучат, но ефикасноста и рутината најдобро се постигнуваат кога напорите се координирани.
Координираноста е нешто што треба да се има на ум кога старешините организираат пастирски посети. Некои собранија се примерни во овој поглед, и старешините се грижат да бидат извршени редовни пастирски посети кај остарените и слабите, дури и кај оние чии семејства добро се грижат за нив. Меѓутоа, се чини дека други собранија треба да бидат посвесни за својата одговорност спрема постарите.
Еден верен брат, во своите доцни 80-ти години, бил згрижен од својата ќерка и зетот, кои заради тоа го напуштиле Бетелот. Но, посетите од другите членови на собранието сѐ уште му биле важни. „Кога јас ги посетував болните“, се жалел братот, „се молев со нив. Но, со мене никој не се молеше“. Љубезното внимание од страна на роднините не ги ослободува старешините од обврската ‚да го пасат Божјето стадо, што го имаат‘ (1. Петрово 5:2). Освен тоа, оние кои се грижат за постарите треба да бидат изградувани и охрабрувани и понатаму да продолжат со нивната одлична работа.
‚Стари и сити од животот‘
Александар фон Хумболт, германски научник од 19. век, бил во доста одминати години кога една млада дама го прашала дали староста му е по малку досадна. „Потполно си во право“, одговорил учениот човек. „Но само на тој начин можеш да живееш долго“. На сличен начин, многу браќа и сестри денес даваат одличен пример со тоа што ги прифаќаат тешкотиите на староста, а за возврат ја имаат предноста да имаат долг живот. Тие го одразуваат ставот што го покажале Авраам, Исак, Давид и Јов, кои биле ‚стари и сити од животот‘ (1. Мојсеева 25:8; 35:29; 1. Летописи 23:1; Јов 42:17).
Стареењето го носи предизвикот да се прифати помош на еден благодарен начин и да се изрази благодарноста искрено. Мудроста бара секој да ги признае границите на својата сила. Меѓутоа, тоа не осудува некој стар човек на неактивност. Марија има преку 90 години, а сѐ уште присуствува на собраниските состаноци и дава коментари на нив. Како го постигнува тоа? „Повеќе не можам да читам, но ја слушам Стражарска кула на касета. Многу заборавам, но сепак успевам да дадам еден коментар“. Како Марија, зафатеноста со изградувачки работи може да ни помогне да останеме активни и да ја задржиме христијанската личност.
Под Божјето Царство, староста веќе нема да постои. Тогаш, оние кои остареле во овој систем и кои можеби умреле ќе имаат драги спомени за грижата и вниманието што им биле покажани. Кога тие стари повторно ќе добијат живот и сила, секако ќе чувствуваат огромна љубов спрема Јехова и длабока благодарност спрема оние кои останале со нив во нивните искушенија во овој стар систем. (Спореди Лука 22:28.)
Што со оние кои сега се грижат за остарените? Наскоро, кога Царството ќе преземе потполна контрола над Земјата, тие со радост и со олеснување ќе се сеќаваат дека не ја избегнале својата одговорност, туку дека практикувале божествен страв така што покажувале христијанска љубов спрема остарените (1. Тимотеј 5:4).
[Рамка на страница 30]
Старите ќе ги ценат твоите посети
Може да се постигнат многу добри ефекти ако се испланира посета, можеби од 15 минути, кај некој стар после службата на проповедање. Но најдобро е таквите посети да не се оставаат на случајноста, како што покажува следново искуство.
Бригите и Ханелоре проповедале заедно и започнале разговор со еден постар човек на неговата врата. Сестрите зборувале со него пет минути пред да откријат дека и тој бил Сведок на Јехова, член на истото собрание. Колку непријатно! Но искуството завршило позитивно. Ханелоре веднаш направила планови да се посети братот и да му се помогне да присуствува на собраниските состаноци.
Дали знаеш како се вика и каде живее секој постар објавител кој живее на подрачјето каде што ти проповедаш? Можеш ли да испланираш кратка посета? Веројатно тоа многу ќе се цени.