Млади — поставувајте си цели што му носат слава на Бог
„Вежбај да му бидеш оддаден на Бог“ (1. ТИМОТЕЈ 4:7).
1, 2. а) Зошто Павле го пофалил Тимотеј? б) На кој начин младите денес ‚вежбаат да му бидат оддадени на Бог‘?
„НЕМАМ никој друг како него, кој вистински би се грижел за вашата благосостојба... Како дете со татко, робуваше со мене во ширењето на добрата вест“ (Филипјаните 2:20, 22). Апостол Павле ја вклучил оваа искрена пофалба во своето писмо до христијаните во Филипи во првиот век. За кого го рекол тоа? За Тимотеј, својот помлад придружник во патувањата. Замисли си колку мора да се израдувал Тимотеј на оваа пофалба со која Павле потврдил дека има доверба во него!
2 Духовно настроените млади, како што бил Тимотеј, отсекогаш претставувале скапоцен посед за Јеховиниот народ (Псалм 110:3). Денес, Божјата организација е благословена со многу млади што служат како пионери, мисионери, градежни доброволци и бетелски работници. За голема пофалба се и оние што ревносно учествуваат во собраниските активности додека истовремено извршуваат и други одговорни задачи. Таквите млади чувствуваат вистинско задоволство затоа што си поставиле цели што му носат слава на нашиот небесен Татко, Јехова. Тие навистина ‚вежбаат да му бидат оддадени на Бог‘ (1. Тимотеј 4:7, 8).
3. Кои прашања ќе ги разгледаме во оваа статија?
3 Како млад човек, дали си имаш поставено конкретни духовни цели? Кој може да ти помогне и да те охрабри да ги постигнеш? Како да им одолееш на притисоците на овој материјалистички свет? Какви благослови можеш да очекуваш ако си поставиш цели што му носат слава на Бог? Да ги најдеме одговорите на овие прашања со тоа што ќе поразговараме за животот и за службата на Тимотеј.
Детството на Тимотеј
4. Накратко опиши каков бил животот на Тимотеј како христијанин.
4 Тимотеј пораснал во Листра, едно гратче во римската провинција Галатија. Веројатно дошол во допир со христијанството на тинејџерска возраст, кога Павле проповедал во Листра некаде во 47 год. од н.е. Тимотеј брзо стекнал добар глас меѓу браќата од тамошното христијанско собрание. Кога по две години Павле се вратил во Листра и чул дека Тимотеј толку напредувал, го избрал да му биде придружник на мисионерските патувања (Дела 14:5-20; 16:1-3). Како што зреел Тимотеј, добивал уште поголеми одговорности, вклучувајќи ги и важните мисии да ги зајакне браќата. Кога Павле му пишал на Тимотеј од затворот во Рим некаде во 65 год. од н.е., Тимотеј служел како христијански старешина во Ефес.
5. Според 2. Тимотеј 3:14, 15, кои два фактора придонеле Тимотеј да одлучи да си постави духовни цели?
5 Јасно е дека Тимотеј решил да го посвети својот живот на духовни цели. Но, што го навело на тоа? Во своето второ писмо до Тимотеј, Павле спомнал два многу битни фактора. „Остани во она што си го научил и во кое си се уверил“, напишал тој, „бидејќи знаеш од кого си го научил сето тоа и дека од рано детство ги познаваш светите списи“ (2. Тимотеј 3:14, 15). Најнапред да разгледаме каква улога одиграле и некои други христијани во одлуките што ги донел Тимотеј.
Лица што му влијаеле позитивно
6. Како бил воспитан Тимотеј, и како реагирал на таквото воспитание?
6 Тимотеј израснал во религиозно разделен дом. Татко му бил Грк, а мајка му, Евника, и баба му, Лоида, биле Еврејки (Дела 16:1). Евника и Лоида го поучиле Тимотеј за вистините од Хебрејските списи уште од неговото најрано детство. Откако станале христијанки, несомнено му помогнале да изгради вера во христијанските учења. Се разбира, Тимотеј извлекол целосна корист од ова одлично воспитание. Павле рекол: „Се сеќавам на твојата нелицемерна вера, вера која најпрвин ја имаа твојата баба Лоида и твојата мајка Евника, а која, уверен сум, ја имаш и ти“ (2. Тимотеј 1:5).
7. Какви семејни околности имаат многу млади денес, и како може да им користи тоа?
7 Денес, многу млади имаат богобојазливи родители и баби и дедовци кои, како Лоида и Евника, сфаќаат колку се важни духовните цели. На пример, Самира сѐ уште се сеќава на долгите разговори што ги воделе со неа нејзините родители кога била тинејџерка. „Мама и тато ме научија да гледам на работите онака како што гледа Јехова и најважно да ми биде делото на проповедање“, вели таа. „Секогаш ме мотивираа на полновремена служба“. Самира го прифатила охрабрувањето од своите родители и на своја голема радост сега служи како член на бетелската фамилија во својата земја. Ако твоите родители те охрабруваат да си поставуваш духовни цели, послушај го нивниот совет. Тие ти го мислат најдоброто (Изреки 1:5).
8. Како му користело на Тимотеј тоа што се дружел со христијани кои го изградувале?
8 Исто така, важно е да бараш добро друштво во христијанското собрание. Тимотеј добро го запознале христијанските старешини од неговото собрание и старешините од Иконија, која била оддалечена 30-тина километри (Дела 16:1, 2). Тој станал близок пријател со Павле, кој бил многу енергична личност (Филипјаните 3:14). Од писмата на Павле се гледа дека Тимотеј спремно прифаќал совети и дека веднаш се поведувал по убавите примери за вера (1. Коринќаните 4:17; 1. Тимотеј 4:6, 12-16). Павле напишал: „Ти добро ги запозна моето учење, мојот начин на живот, мојата животна цел, мојата вера, мојата долготрпеливост, мојата љубов, мојата истрајност“ (2. Тимотеј 3:10). Значи, Тимотеј во сѐ го следел примерот на Павле. Слично, ако се зближиш со духовно јаки личности од собранието, ќе ти биде полесно да си поставиш добри духовни цели (2. Тимотеј 2:20-22).
Проучувај ги „светите списи“
9. Освен тоа што ќе избереш добро друштво, што мора да правиш за да ‚вежбаш да му бидеш оддаден на Бог‘?
9 Но, за да можеш да ги постигнеш своите духовни цели, дали е доволно само да избереш добро друштво? Не. Како Тимотеј, и ти треба внимателно да ги истражуваш „светите списи“. Можеби не ти е баш најомилено нешто да проучуваш, но потсети се дека и Тимотеј морал ‚да вежба да му биде оддаден на Бог‘. Спортистите честопати напорно вежбаат со месеци за да ја постигнат својата цел. Слично, за да се постигнат духовните цели, потребно е да се прават жртви и да се вложи голем напор (1. Тимотеј 4:7, 8, 10). Но, можеби ќе прашаш: ‚Како може проучувањето на Библијата да ми помогне да ги постигнам моите цели?‘ Да разгледаме три работи што ќе ти помогнат во тоа.
10, 11. Зошто Светото писмо ќе те мотивира да си поставиш духовни цели? Дај пример.
10 Прво, Светото писмо ќе ти даде исправна мотивација. Од него учиме каква прекрасна личност е нашиот небесен Татко, со каков возвишен чин ја покажал својата љубов кон нас, и како ќе ги благослови засекогаш оние што верно му служат (Амос 3:7; Јован 3:16; Римјаните 15:4). Колку повеќе ќе го запознаваш Јехова, толку повеќе ќе го сакаш и ќе имаш поголема желба да му го посветиш нему својот живот.
11 Многу млади христијани велат дека редовното проучување на Библијата било клучен фактор што им помогнал да им се прилепи вистината за срце. На пример, Адела била воспитана во христијанско семејство, но никогаш не си имала поставено духовни цели. „Татко ми и мајка ми ме носеа во Салата на Царството“, вели таа, „но јас не проучував ниту, пак, слушав што се изнесува на состаноците.“ Откако се крстила сестра ѝ, Адела почнала посериозно да ја сфаќа вистината. „Почнав да ја читам Библијата. Ќе прочитав малку, а потоа ќе си запишев нешто за она што сум го прочитала. Сѐ уште си ги чувам тие белешки. Ја прочитав целата Библија за една година.“ Како резултат на тоа, кај Адела се родила желба да му вети на Јехова дека ќе му служи. И покрај сериозниот инвалидитет што го има, таа сега е пионер, односно полновремен проповедник.
12, 13. а) Какви промени ќе можеш да направиш ако ја проучуваш Библијата, и како? б) Дај примери за мудроста што ја содржи Божјата реч.
12 Второ, Библијата ќе ти помогне да ги направиш потребните промени во својата личност. Павле му рекол на Тимотеј дека „светите списи“ се ‚корисни за поучување, за укорување, за поправање, за воспитување во праведноста, за да биде Божјиот човек вистински способен и потполно опремен за секое добро дело‘ (2. Тимотеј 3:16, 17). Ако редовно и длабоко размислуваш за теми од Божјата реч и ги применуваш библиските начела, ќе му овозможиш на Божјиот дух да те подобри како личност. Така ќе стекнеш многу важни особини, како што се понизноста, истрајноста, трудољубивоста и вистинската љубов кон сохристијаните (1. Тимотеј 4:15). Тимотеј ги имал овие особини, и затоа им бил од голема помош на Павле и на собранието во кое служел (Филипјаните 2:20-22).
13 Трето, Божјата реч претставува ризница на мудрост (Псалм 1:1-3; 19:7; 2. Тимотеј 2:7; 3:15). Таа ќе ти помогне мудро да ги избираш своите пријатели, да избереш здрава забава и да излезеш на крај со безброј други проблеми (1. Мојсеева 34:1, 2; Псалм 119:37; 1. Коринќаните 7:36). За да можеш да ги постигнеш духовните цели што си ги имаш поставено, многу е важно сега да донесуваш мудри одлуки.
„Води ја добрата борба на верата“
14. Зошто не е толку лесно да се постигнат духовните цели?
14 Иако е најмудро да се стават на прво место целите што му носат слава на Јехова, тоа не е и најлесно. На пример, кога ќе треба да избереш животна професија, можеби ќе ти вршат голем притисок роднините, врсниците и добронамерните педагози што веруваат дека, за да бидеш навистина успешен и среќен човек, најважно е да имаш високо образование и да изградиш добра кариера (Римјаните 12:2). Како Тимотеј, и ти ќе треба ‚да ја водиш добрата борба на верата‘ за да ‚го освоиш вечниот живот‘ што ти го нуди Јехова (1. Тимотеј 6:12; 2. Тимотеј 3:12).
15. Со какво противење веројатно се соочил Тимотеј?
15 Кога некој член од семејството што не ти е соверник не се согласува со твоите одлуки, тогаш испитот може да биде особено тежок. Веројатно и Тимотеј морал да се бори со такво противење. Според една публикација, семејството на Тимотеј по сѐ изгледа „припаѓало на образованите и богати слоеви“. Татко му веројатно очекувал од него да стекне високо образование и да продолжи со семејниот бизнис.a Замисли си како реагирал кога чул дека син му решил да го придружува Павле на мисионерските патувања, што значело дека Тимотеј постојано ќе биде изложен на опасности и нема да може да се обезбеди финансиски!
16. Како се справил со противењето од својот татко еден млад човек?
16 И денес младите христијани стојат пред слични одлуки. Метју, кој служи во една подружница на Јеховините сведоци, раскажува: „Кога почнав да служам како пионер, татко ми беше многу разочаран. Сметаше дека сум го ‚прокоцкал‘ своето образование бидејќи почнав да работам како чувар за да се издржувам финансиски додека служам како пионер. Ме исмеваше, потсетувајќи ме на тоа колку повеќе пари ќе имав ако работев цело работно време“. Како се справил Метју со ваквото противење? „Не пропуштав редовно да ја читам Библијата и постојано се молев, особено кога ќе почувствував дека ме фаќа лутина“. Цврстиот став на Метју бил награден. Со текот на времето, се подобриле односите меѓу него и татко му. Исто така, станал поблизок со Јехова. „Видов како Јехова се грижи за мене, ме охрабрува и ме штити од лоши одлуки“, вели Метју. „Немаше да искусам ништо од тоа ако не си поставев духовни цели.“
Не губи ги од вид духовните цели
17. Како може некои да ги обесхрабрат оние што планираат да започнат со полновремена служба? (Матеј 16:22).
17 Во постигнувањето на твоите духовни цели може ненамерно да ти отежнат дури и твоите соверници. ‚Зошто да бидеш пионер?‘, можеби ќе те прашаат некои. ‚Можеш да проповедаш, а сепак да си живееш нормално. Најди си добра работа и обезбеди се финансиски‘. Можеби ова звучи како добар совет, но ако го послушаш, дали навистина ќе покажеш дека се вежбаш да му бидеш оддаден на Бог?
18, 19. а) Како можеш да го задржиш погледот на духовните цели? б) Кажи какви жртви за Царството правиш ти како млад човек.
18 Изгледа дека и некои христијани во времето на Тимотеј размислувале слично (1. Тимотеј 6:17). За да му помогне на Тимотеј да не ги изгуби од вид духовните цели, Павле го охрабрил со зборовите: „Ниту еден војник не се впушта во работите на секојдневниот живот, бидејќи сака да му угоди на оној што го зел за војник“ (2. Тимотеј 2:4). Еден војник што е на должност не може да си дозволи вниманието да му го одвлечат цивилните работи. Неговиот живот и животот на другите зависи од тоа дали секогаш е спремен да ги послуша наредбите од неговиот претпоставен. И ти, како Христов војник, мора да бидеш подеднакво насочен на една цел за да не се вплеткаш во непотребни потфати за да се збогатиш, кои би можеле да те спречат потполно да ја извршиш животоспасувачката служба (Матеј 6:24; 1. Тимотеј 4:16; 2. Тимотеј 4:2, 5).
19 Наместо да си поставиш за цел да водиш удобен живот, научи се да бидеш самопожртвуван. „Биди спремен да се откажеш од удобен живот, како војник на Исус Христос“ (2. Тимотеј 2:3, The English Bible in Basic English). Додека соработувал со Павле, Тимотеј научил како да биде задоволен дури и во најтешките околности (Филипјаните 4:11, 12; 1. Тимотеј 6:6-8). И ти можеш да го научиш истото. Дали си спремен да правиш жртви за Царството?
Благослови сега и во иднина
20, 21. а) Опиши некои благослови што доаѓаат од постигнувањето духовни цели. б) Што си решен да правиш?
20 Тимотеј соработувал со Павле околу 15 години. Тој од прва рака видел како се формираат нови собранија додека добрата вест се ширела речиси низ целиот северен Медитеран. Животот му бил повозбудлив и поисполнет отколку што би му бил ако изберел да живее „нормален“ живот. Ако си поставиш духовни цели, и ти ќе пожнееш скапоцени духовни благослови. Ќе се зближиш со Јехова и ќе ја придобиеш љубовта и почитта на сохристијаните. Наместо да живееш со болката и фрустрациите што ги носи борбата да се збогатиш, ќе бидеш вистински среќен затоа што несебично даваш. Што е најважно од сѐ, ќе ‚го освоиш вистинскиот живот‘ — вечен живот во рај на Земјата (1. Тимотеј 6:9, 10, 17-19; Дела 20:35).
21 Затоа, ако веќе не си го направил тоа, срдечно те поттикнуваме да почнеш веднаш да се вежбаш да му бидеш оддаден на Бог. Зближи се со оние во собранието што можат да ти помогнат да си поставиш духовни цели и да ги постигнеш, и барај совети од нив. Најважно нека ти биде редовно да ја проучуваш Божјата реч. Биди решен да одолееш на материјалистичкиот дух на овој свет. И никогаш не заборавај дека Бог, „кој богато ни дава сѐ за да уживаме во тоа“, ти ветува дека ќе можеш да добиеш богати благослови сега и во иднина ако си поставуваш цели што му носат слава нему (1. Тимотеј 6:17).
[Фуснота]
a Грчкото општество ставало голем акцент на образованието. Плутарх, кој живеел во времето на Тимотеј, напишал: „Да се добие добро образование е извор и корен на сето добро... Јас велам дека само така ќе бидеш добра личност и ќе бидеш среќен... Сите други придобивки се човечки, безначајни и не се вредни за да им се посвети сериозно внимание“ (Moralia I, „Образованието на децата“).
Се сеќаваш ли?
• Каде можат младите да најдат помош да ги постигнат своите духовни цели?
• Зошто е толку важно внимателно да се проучува Библијата?
• Како можат младите да одолеат на материјалистичкото влијание на овој свет?
• Кои благослови ќе ги добиеш ако си поставуваш духовни цели?
[Слика на страница 24]
Тимотеј си поставил добри цели
[Слики на страница 25]
Кои личности позитивно му влијаеле на Тимотеј?
[Слики на страница 26]
Дали си поставуваш духовни цели?