Комуницирање во семејството и во собранието
”Зборот ваш секогаш да биде благодатен, зачинет со сол“ (КОЛОСЈАНИТЕ 4:6).
1. Што рекол Адам кога Бог му ја претставил Ева?
”НИЕДЕН човек не е остров (...) Секој човек е дел од континентот.“ Така напишал еден учен човек пред неколку века. Кога тоа го кажал, само го потврдил она што Творецот го рекол за Адам: ”Не е добро човекот да е сам.“ Адам го имал дарот на говор и јазик, и затоа им дал имиња на сите животни. Но, Адам немал друго човечко суштество со кое би можел да комуницира. Не е чудно што, кога Бог му ја претставил прекрасната Ева како негова жена, тој извикал: ”Сега ете коска од моите коски, и тело од моето тело“! Така, тој започнал да комуницира кога започнало првото човечко семејство. Адам започнал да комуницира со останатие луѓе (1. Мојсијева 2:18, 23, ДК).
2. Каква штета може да произлезе од неконтролираното гледање ТВ?
2 Семејниот круг е идеално место за комуникација. Всушност, од тоа зависи самиот успех на семејниот живот. Меѓутоа, комуницирањето бара време и труд. Денес еден од најголемите крадци на времето е телевизијата. Таа може да биде штетно средство на најмалку два начина. Од една страна, може да биде толку примамлива така што членовите на семејството стануваат зависни од него, а тоа може да доведе до осиромашување на комуникацијата. Од друга страна, телевизорот може да служи како начин за избегнување кога има недоразбирања или чувство на повреденост. Наместо да ги решаваат проблемите, некои брачни партнери престанале да зборуваат и гледаат телевизија. Значи телевизорот може многу да придонесе за недостатокот на комуницирање, за кој се вели дека е главен уништувач на бракот. Оние на кои им е тешко гледањето на телевизија да го држат на споредно место, можат добро да размислат за тоа сосема да го отстранат (Матеј 5:29; 18:9).
3. Како некои имале корист од скратувањето на времето за гледање телевизија?
3 Впрочем, пристигнаа одушевувачки извештаи кои кажуваат за благословените резултати кога било намалено гледањето ТВ или дури се ослободиле од него. Едно семејство напишало: ”Повеќе зборуваме еден со друг (...), повеќе ја проучуваме Библијата (...). Заедно се рекреираме (...). На сите подрачја од нашата служба на проповедање имаше напредок.“ Едно друго семејство откако се ослободиле од телевизорот, рекло: ”Не само што штедиме пари [биле претплатени на кабловска телевизија], туку станавме поблиски како семејство и најдовме многу други вредни работи да го исполниме времето. Никогаш не ни е досадно.“
Гледање, зборување и слушање
4. Како може оженетата двојка да го соопшти ценењето еден за друг?
4 Постојат различни облици на комуникација во рамките на семејството. Некои облици се без зборови. Кога двајца само се погледнуваат, тоа е облик на комуникација. Заеднички поминатото време може да соопштува чувство на заинтересираност. Сопружниците би требало да избегнуваат да бидат одделени еден од друг за подолг временски период, освен ако постои неизбежна причина. Оженетиот пар може да негува чувство на взаемна среќа преку уживањето во блиското дружење што го има во рамките на брачната врска. Преку нежното однесување, а кое сепак е полно со почит, било во јавноста или приватно, со кое покажуваат исправно достоинство во облеката и однесувањето, можат без зборови да го соопштат меѓусебното длабоко ценење. Мудриот крал Соломон го изразил тоа со овие зборови: ”Благословен нека биде изворот твој, и весели се со жената на својата младост“ (Приче Саламунове 5:18, ДК).
5, 6. Зошто мажите би требало да бидат свесни за важноста на комуницирањето со своите жени?
5 Комуникацијата исто така бара разговор, дијалог — меѓусебен разговор во кој се земаат во обѕир чувствата и реакцијата на соговорникот. Иако некои жени се подобри од мажите во изразувањето на своите чувства, тоа не е изговор сопрузите да бидат молчеливи партнери. Христијанските мажи [сопрузи] треба да бидат свесни дека недостигот на комуникација е главен проблем во многу бракови, па затоа треба многу да се трудат да ги држат линиите на комуникација отворени. Всушност, тие ќе го сторат тоа ако заедно со своите жени внимаваат на добриот совет што апостол Павле го дава во Ефесјаните 5:25-33. За да мажот ја сака својата жена како своето тело, тој мора да биде заинтересиран за нејзиното добро и среќа, а не само за сопствената. За таа цел, неопходна е комуникација.
6 Сопругот не треба да го заземе ставот дека неговата сопруга треба да претпоставува или да погодува дека тој ја цени. Таа треба да биде уверена во неговата љубов кон неа. Тој може своето ценење да го покаже на повеќе начини — со изрази на наклонетост и со неочекувани подароци, како и со тоа постојано потполно да ја информира за она што можеби нејзе ја засега. Постои и предизвикот да се изрази ценење за напорот на жената, сеедно дали се работи за нејзиното лично дотерување, за нејзината напорна работа во корист на семејството или во нејзиното безрезервно поддржување на духовните активности. Освен тоа, за да сопругот внимава на советот на апостол Петар во 1. Петрова 3:7, (Ст), да ’живее заедно со својата жена според (верското) спознание‘, мора да се соживее со неа, кое се покажува кога комуницира со неа за сите работи кои се од заеднички интерес, оддавајќи ѝ чест како на послаб сад (Изреките 31:28, 29).
7. Каква обврска има сопругата да комуницира со својот сопруг?
7 Исто така, за да жената внимава на советот од Ефесјаните 5:22-24 во врска со подложноста, таа треба да се грижи линиите на комуникација со мажот да бидат отворени. Треба да му искажува на својот маж ”длабоко почитување“, како со својот говор така и со однесувањето. Никогаш не треба да постапува независно или да ги занемарува неговите желби (Ефесјаните 5:33, NW). Таа и нејзиниот сопруг би требало секогаш да водат доверливи разговори. (Спореди Изреките 15:22.)
8. За што мораат да бидат спремни сопругите за да ги чуваат отворени линиите на комуникација?
8 Понатаму, сопругата треба да се варди да не почне своето незадоволство да го крие во себе, изразувајќи на тој начин самосожалување. Ако постои недоразбирање, нека избере вистинско време да разговара за тоа. Да, земи пример од кралицата Естера. Таа морала на својот сопруг да му изнесе еден проблем во кој се работело за живот и смрт. Нејзината брза реакција со мудрост и тактичност значела спасение за Евреите. Ако сме биле или сѐ уште сме повредени, му должиме и на својот партнер и на себеси да комуницираме. Тактичноста и смислата за хумор со кој се зема предвид односот на другиот со Бог, може да помогне полесно да се комуницира (Естера 4:15–5:8).
9. Каква улога игра слушањето при комуникацијата?
9 Од тоа произлегува дека, кога се разгледува прашањето за користење на говорот во одржувањето на отворените линии на комуникација, должност на секого е да сослуша што другиот има да каже — и да преземе напори да забележи што останало неискажано. За тоа е потребно да му се обрати внимание на оној кој зборува. Не само што треба да се запази содржината на мислите, туку треба да се обрати внимание на вистинските чувства, на начинот на кој нешто е кажано. Сопругот често прави пропусти на ова подрачје. Сопругите можат да страдаат поради тоа што мажите не слушаат. И сопругите од своја страна треба внимателно да слушаат така што ќе избегнуваат пребрзо да донесуваат заклучоци. ”Мудар човек ќе слуша и ќе прими повеќе поука“ (Изреките 1:5, NW).
Комуникација помеѓу родителите и децата
10. На што мораат да бидат спремни родителите за да бидат праведни во комуницирањето со своите деца?
10 Има и случаи кога родителите и нивните деца имаат проблеми во комуницирањето. Да се ”поучи (...) момчето во почетокот на патот негов“ бара да се воспостават линии на комуникација. Тоа ќе му помогне да се осигури дека ”нема да скршне од него и кога ќе остари“ (Изреки 22:6). Фактот што некои родители ги губат децата во светот понекогаш се поврзува со комуникацискиот јаз што се развил во текот на периодот на созревање. Обврската на родителите постојано да комуницираат со своите деца е истакната во 5. Мојсеева 6:6, 7: ”Овие зборови, што ти ги заповедам денес, да бидат во срцето твое и во душата твоја; и пренесувај им ги на децата свои и говори за нив, кога седиш дома и кога си на пат, кога си легнуваш и кога стануваш.“ Да, родителите мора да поминуваат време со своите деца! Мораат да бидат спремни да се жртвуваат во корист на децата.
11. Кои се некои од работите кои родителите треба да им ги соопштуваат на своите деца?
11 Родители, соопштете им на своите деца дека Јехова ги љуби и дека и вие ги љубите (Изреките 4:1-4). Нека ја видат вашата спремност да ги жртвувате удобностите и задоволствата заради нивниот умствен, емоционален, физички и духовен развој. Во овој поглед важно е разбирањето, а тоа е способноста на родителите да ги гледаат работите со очите на своите деца. Ако покажувате несебична љубов, вие родители ќе можете да изградите цврста врска на единство со вашите деца и да ги охрабрите да ви се доверуваат вам наместо на своите врсници (Колосјаните 3:14).
12. Зошто младите треба слободно да комуницираат со своите родители?
12 Од друга страна, вие млади, ја имате обврската да комуницирате со своите родители. Ако го цените тоа што го направиле за вас ќе ви помогне да можете да им се доверите. Ви треба нивната помош и поддршка, и за нив ќе биде полесно да ви ја пружат ако слободно комуницирате со нив. Да, зошто врсниците да ви бидат главниот извор на советување? Тие веројатно малку направиле за вас во споредба со вашите родители. Тие немаат поголемо животно искуство од вас, и ако не се дел од собранието, тогаш не се вистински заинтересирани за вашето трајно добро.
Комуникација во собранието
13, 14. Кои библиски начела бараат комуникација меѓу христијаните?
13 Друг предизвик е да се држат отворени линиите на комуникација со браќата во собранието. Строго сме советувани да не го занемариме ”своето собрание“. Со која цел се собираме? ”Да се поттикнуваме кон љубов и добри дела.“ Тоа бара комуникација (Евреите 10:24, 25). Ако некој те навреди, тоа никако не е причина да не доаѓаш на состаноци. Чувај ги линиите на комуникација отворени со начелното следење на советот што го дал Исус, а кој е запишан во Матеј 18:15-17. Разговарај со оној за кој мислиш дека ти создава проблеми.
14 Кога имаш потешкотии со некој од браќата, внимавај на библиските совети како оној во Колосјаните 3:13, (NW): ”Продолжете да се поднесувате еден со друг и да си простувате слободно еден на друг ако некој има причина за поплака против друг. Токму како што Јехова слободно ви простил вам, така правете и вие.“ Под тоа се подразбира комуникација, а не да се одбива да се разговара со некого. Ако забележиш дека некој се однесува ладно спрема тебе, обрни внимание на советот во Матеј 5:23, 24. Комуницирај и потруди се да се помириш со братот. Тоа бара љубов и понизност од твоја страна, но обврзан си спрема себеси и спрема братот да внимаваш на Исусовиот совет.
Совет и охрабрување
15. Зошто христијаните не треба да пропуштаат да соопштат совет кога се во состојба да го сторат тоа?
15 Обврската за комуницирање исто така бара да се внимава на Павловиот совет во Галатјаните 6:1: ”Браќа, и да падне човек во некаков грев, вие духовните поправајте го таков со духот на кротоста, пазејќи се и вие да не бидете искушани.“ Скромноста треба да нѐ натера да прифатиме кога некој ќе ни укаже каде сме погрешиле во говорот или однесувањето. Всушност, сите треба да го имаме ставот што го имал псалмистот Давид кога напишал: ”Ако праведниот треба да ме удри, тоа би било љубезна доброљубивост; и ако треба да ме укори, тоа би било како масло на главата, кое мојата глава не би го одбила“ (Псалми 141:5, NW). Старешините треба особено да бидат истакнати примери на понизност, да не го нагласуваат своето лично гледиште, туку секогаш да бидат спремни да прифатат исправка, имајќи на ум дека ’ударите на пријателот покажуваат верност‘ (Пословице 27:6, Ба).
16. Каков вид на комуникација треба да прифаќаат младите говорници?
16 Младите ќе го следат патот на мудроста и скромноста ако бараат совет и упатство од зрелите христијани, кои веројатно би имале да понудат нешто изградувачки. На овој начин би можеле да имаат корист дури и старешините. На пример, еден старешина во едно предавање рекол дека благословите што се споменати во Откровение 7:16, 17, во врска со тоа дека повеќе нема да има глад и жед, се работи на кои другите овци можат да се надеваат во новиот свет. Меѓутоа, истакнато било дека овој стих првенствено се однесува на сегашново време. (Види Откривење — близу је величанствени врхунац!, 126-128 стр.) Еден старешина во публиката сметал дека треба да разговара со говорникот, но пред да има прилика да го стори тоа, говорникот сам телефонирал и побарал предлози за подобрување на говорот. Да им олесниме на оние кои сакаат да ни помогнат така што ќе ја соопштиме нашата желба за совет. Да не бидеме раздразливи или непотребно осетливи.
17. Како може комуникацијата да служи за изградување на нашите браќа?
17 Крал Соломон поставил едно начело кое добро може да се примени во нашево разгледување. Тој рекол: ”Не откажувај да му направиш добро на оној, кој има потреба, кога раката твоја има сила да му помогне“ (Изреки 3:27). На браќата им должиме љубов. Павле рекол: ”И не должете никому ништо освен да се сакате еден со друг; зашто оној, што го љуби ближниот, го исполнува Законот“ (Римјаните 13:8). Затоа биди дарежлив со зборови на охрабрување. Ако млад слуга помошник држи свое прво јавно предавање, пофали го. Ако некоја сестра многу се трудела или постигнала извонредни резултати во својата задача во Теократската школа на проповедање, кажи ѝ колку си уживал во нејзините напори. Во целина, нашите браќа и сестри се трудат да го дадат најдоброто и ќе бидат охрабрени со нашите љубезни изрази на ценење.
18. Што би било доброљубиво да се направи кога некој покажува претерана самоувереност?
18 Во спротивно, еден млад говорник може да е прилично способен, но поради тоа што е млад можеби покажува дури поголема самоувереност во себе отколку што е потребно за таа прилика. Каков вид на комуникација е потребна овде? Зарем не би било доброљубиво ако еден зрел старешина го пофали за добрите точки во неговото излагање, но истовремено благо да му предложи како би можел да развива скромност во иднина? Таквата комуникација ќе покаже братска љубов и помага младите рано да се ослободат од лоши ставови пред тие да пуштат корен.
19. Зошто старешините и поглаварите на семејствата треба да бидат комуникатори?
19 Старешините комуницираат меѓусебе и со собранието за работи кои се корисни — се разбира, избегнувајќи да откриваат работи кои се доверливи, како што се правните проблеми. Меѓутоа, претераната тајност доведува до недоверба и обесхрабрувања и може да го оштети топлиот дух во собранието — или во семејството. На пример, секој се радува да чуе извештај кој е изградувачки. Како што апостол Павле сакал да соопштува духовни дарови, така старешините треба да сакаат да им пренесуваат изградувачки информации на другите (Изреките 15:30; 25:25; Римјаните 1:11, 12).
20. Со кое подрачје на комуникација ќе се занимава следната статија?
20 Да, комуникацијата е важна и во христијанското собрание и во христијанското семејство. Дури и повеќе, таа е итна и во уште една област. Каде? Во христијанската служба. Во следната статија ќе разгледаме начини на кои можеме да ги подобриме своите комуникациски вештини во оваа многу важна активност.
Како би одговорил?
◻ Како може да се совладаат честите препреки во семејната комуникација?
◻ Како можат сопрузите и сопругите да се соочат со предизвикот на комуникација?
◻ Како родителите и децата можат да го избегнат генерацискиот јаз?
◻ Како може комуникацијата во собранијата и во семејствата да се покаже како изградувачка?
[Слика на страница 23]
Добрата комуникација ја унапредува семејната благосостојба и среќа