Јехова треба да биде наша доверба
„Всушност, самиот Јехова ќе се докаже како твоја доверба“ (ИЗРЕКИ 3:26, NW).
1. Иако многумина тврдат дека имаат доверба во Бог, што покажува дека тие не го прават секогаш тоа?
МОТОТО „Нашата доверба е во Бог“ се појавува на парите на Соединетите Американски Држави. Но, дали сите оние кои ја користат оваа валута, било во таа земја или на друго место, навистина ја полагаат својата доверба во Бог? Или, пак, полагаат поголема доверба во самите пари? Таквата доверба во парите на таа или на која и да било друга земја не може да биде во склад со довербата во семоќниот Бог на љубовта, кој никогаш не ја злоупотребува својата моќ и кој во никој поглед не е алчен. Всушност, тој на јасен начин ја осудува алчноста (Ефесјаните 5:5).
2. Каков став имаат вистинските христијани во врска со моќта на богатството?
2 Вистинските христијани ја полагаат својата доверба во Бог, а не во богатството и неговата „измамничка моќ“ (Матеј 13:22, NW). Тие признаваат дека моќта на парите да ја унапредуваат среќата и да го сочуваат животот е сериозно ограничена. Со моќта на Семоќниот Бог тоа не е случај (Софонија 1:18). Затоа, колку само е мудра опомената: „Немојте да бидете среброљупци и задоволувајте се со она, што го имате. Зашто Сам Он рекол: ‚Нема да те оставам, ниту, пак, ќе те напуштам‘“ (Евреите 13:5).
3. Како контекстот на 5. Мојсеева 31:6 фрла светлина врз Павловото цитирање на стихот?
3 Кога им ги пишувал горенаведените зборови на еврејските христијани, апостол Павле ги цитирал упатствата кои им ги дал Мојсеј на Израелците кратко пред својата смрт: „Бидете цврсти и храбри, не бојте се, не ужасувајте се, ниту се плашете од нив, зашто Господ, твојот Бог, Самиот ќе тргне пред вас, и нема да отстапи од тебе и нема да те остави“ (5. Мојсеева 31:6). Контекстот покажува дека Мојсеј охрабрувал на доверба во Јехова која вклучувала повеќе од тоа само да се верува дека тој ќе ги обезбеди нивните материјални потреби. Како тоа?
4. Како Бог им докажал на Израелците дека можат да имаат доверба во него?
4 Во текот на 40-те години во кои Израел морал да лута низ пустината, Бог верно се грижел за нивните потреби за живот (5. Мојсеева 2:7; 29:5). Тој се грижел и за водство. Еден израз на таа грижа бил облакот дење и огнот ноќе, кои ги воделе Израелците до „земја, каде што тече мед и млеко“ (2. Мојсеева 3:8; 40:36—38). Кога дошло времето да влезат во Ветената земја, Јехова го избрал Исус Навин да биде Мојсеев наследник. Можело да се очекува дека жителите на земјата ќе пружат отпор. Но, Јехова со децении марширал со својот народ, така што немало потреба да се плашат. Израелците ја имале секоја причина да го познаваат Јехова како Бог во кого можеле да имаат доверба!
5. Како ситуацијата со денешните христијани е слична на онаа на Израелците пред да влезат во Ветената земја?
5 На својот пат до Божјиот нов свет денешните христијани маршираат низ пустината на сегашниов злобен свет. Некои од нив го следат овој правец подолго од 40 години. Сега стојат на границата на Божјиот нов свет. Сепак, непријателите сѐ уште стојат на патот, решени да спречат некои да влезат во она што ќе стане Ветена земја, пославна од древната во која течело мед и млеко. Затоа, колку само се соодветни за денешните христијани Мојсеевите зборови кои ги повторил Павле: „Нема да те оставам, ниту, пак, ќе те напуштам“. Сите кои остануваат јаки и храбри, полни со вера и ја полагаат својата доверба во Јехова, сигурно ќе добијат награда.
Доверба темелена на спознание и пријателство
6, 7. а) Што ја ставило на испит Авраамовата доверба во Јехова? б) Како можеби се чувствувал Авраам додека патувал кон местото каде што требало да го жртвува Исак?
6 Во еден момент, на прататкото на Израелците, Авраам, му било заповедано да го жртвува својот син Исак како пален принос (1. Мојсеева 22:2). Што му овозможило на овој татко полн со љубов да има таква непоколеблива доверба во Јехова, што веднаш бил спремен да послуша? Евреите 11:17—19 одговара: „Авраам со вера го принесе како жртва Исака, зашто беше искушуван; и тој, што го доби ветувањето, го принесе својот единороден син, за кого му беше речено: ‚Потомството [семето, NW] од Исака ќе се нарече со твое име‘; оти тој мислеше дека е Бог силен и дека мртви може да воскреснува, поради кое го прими како праобраз на воскресението“.
7 Задржи на ум дека на Авраам и на Исак им биле потребни три дена за да стигнат до местото каде што требало да се принесе жртвата (1. Мојсеева 22:4). Имало доволно време Авраам да се премисли за тоа што се барало од него. Можеме ли да си ги замислиме неговите чувства, неговите емоции? Исаковото раѓање било една толку неочекувана причина за радост. Тој доказ за божествена интервенција ја продлабочил приврзаноста што ја имале кон Бог Авраам и неговата сопруга Сара, која порано била неротка. Затоа, тие сигурно живееле во исчекување на она што ќе им го донесе иднината на Исак и на неговите потомци. Дали нивните сништа биле нагло окончани, како што можеби изгледало поради она што Бог сега го барал?
8. Како Авраамовата доверба во Бог вклучувала повеќе отколку само верување дека Тој можел да го воскресне Исак?
8 Сепак, Авраам имал доверба темелена на личното спознание кое меѓу себе го имаат присни пријатели. Како „Јеховин пријател“, Авраам ‚поверувал во Јехова, и тоа му се вброило како праведност‘ (Јаков 2:23, NW). Авраамовата доверба во Јехова вклучувала повеќе отколку само да верува дека Бог можел да го воскресне Исака. Авраам бил подеднакво убеден дека она што Јехова го барал од него било исправно, иако ги немал сите факти. Тој немал причина да се сомнева во тоа дека Јехова праведно го поставил ова барање. Потоа, Авраамовата доверба била зајакната кога Јеховиниот ангел интервенирал за да спречи Исак да биде убиен како жртва (1. Мојсеева 22:9—14).
9, 10. а) Кога претходно Авраам покажал доверба во Јехова? б) Која важна лекција можеме да ја научиме од Авраам?
9 Авраам ја покажал истата доверба во Јеховината праведност 25 години пред тоа. Откако бил предупреден дека Содом и Гомор ќе бидат уништени, тој секако бил загрижен за благосостојбата на сите праведни луѓе кои живееле таму, вклучувајќи го и неговиот внук Лот. Авраам му се обратил на Бог со зборовите: „Не е можно така да постапиш Ти, да погубиш праведни со неправедни заедно, та исто да се случи со праведникот како и со неправедникот; не, тоа од Тебе не; зарем Судијата на целата земја нема да суди право?“ (1. Мојсеева 18:25).
10 Патријархот Авраам бил убеден дека Јехова никогаш не прави нешто неправедно. Подоцна псалмистот испеал: „Праведен е Господ во сите Свои патишта и свет во сите Свои дела“ (Псалм 144:17). Добро ќе направиме ако се запрашаме: ‚Дали јас го прифаќам она што Јехова дозволува да го доживеам без да се сомневам во неговата праведност? Дали сум убеден дека што и да дозволи тој, ќе испадне за мое добро и за доброто на другите?‘ Доколку можеме да одговориме со ‚да‘, тогаш сме научиле една важна лекција од Авраам.
Покажување доверба во Јеховиниот избор
11, 12. а) Кој аспект на доверба им бил потребен на Божјите слуги? б) Што понекогаш би можело да биде проблем за нас?
11 Оние кои гледаат на Јехова како на своја доверба покажуваат доверба и во луѓето кои ги избира Јехова за да ги користи во извршувањето на своите намери. За Израелците, ова значело да се покаже доверба во Мојсеј, а подоцна и во неговиот наследник Исус Навин. За раните христијани, тоа значело да покажат доверба во апостолите и во постарите мажи од ерусалимското собрание. За нас денес, тоа значи да имаме доверба во ‚верниот и разборит роб‘ кој е наименуван да ни ја дава нашата духовна „храна во право време“, како и во оние меѓу нив кои го сочинуваат Водечкото тело (Матеј 24:45, NW).
12 Всушност, полагањето на нашата доверба во оние кои го преземаат водството во христијанското собрание е за наша лична корист. Нам ни е кажано: „Покорувајте им се на наставниците ваши и бидете послушни, оти тие, бидејќи се задолжени да одговараат, бдеат за вашите души, — та со радост тоа да го вршат, а не со воздишки, зашто тоа не е полезно за вас“ (Евреите 13:17).
Избегнувај да го критикуваш Јеховиниот избор откако веќе е направен
13. Која причина за доверба ја имаме во оние кои се наименувани да преземаат водство?
13 Библијата ни помага да бидеме урамнотежени во покажувањето доверба во оние кои го преземаат водството меѓу Јеховиниот народ. Би можеле да се запрашаме: ‚Дали Мојсеј некогаш правел грешки? Дали апостолите секогаш покажувале став сличен на Христос кој самиот тој сакал да го имаат?‘ Одговорите се очигледни. Јехова избира да користи лојални и оддадени мажи за да го водат неговиот народ, макар што се несовршени. Според тоа, иако старешините денес се несовршени, сепак треба да ги признаваме како ‚[наименувани од] светиот дух [да бидат] надгледници, да го пасат Божјето собрание‘. Тие ги заслужуваат нашата поддршка и почитување (Дела 20:28, NW).
14. Што е вредно за внимание во врска со тоа што Јехова го избрал Мојсеј за водач, а не Арон или Мирјам?
14 Арон бил три години постар од Мојсеј, но обајцата биле помлади од нивната сестра, Мирјам (2. Мојсеева 2:3, 4; 7:7). А бидејќи Арон зборувал потечно од Мојсеј, бил наименуван да служи како говорник на својот брат (2. Мојсеева 6:29—7:2). Сепак, за да ги води Израелците, Јехова не ја избрал најстарата Мирјам ниту, пак, Арон, кој зборувал потечно. Неговиот избор на Мојсеј бил направен во знак на целосно признание на сите факти и потреби во тој момент. Кога некое време им недостигал тој јасен увид, Арон и Мирјам се жалеле: „Само на Мојсеја ли му зборува Господ? Не ни говореше ли Он и нам?“ Мирјам, можеби главниот подбуцнувач, била казнета за овој став на непочитување на Јеховиниот избор, кого таа и Арон требало да го признаат како „најкроткиот човек меѓу сите луѓе на земјата“ (4. Мојсеева 12:1—3, 9—15).
15, 16. Како Халев докажал дека има доверба во Јехова?
15 Кога 12 шпиони биле испратени да ја извидат Ветената земја, 10-мина донеле негативен извештај. Тие влеале страв во срцата на Израелците зборувајќи за хананските ‚мажи кои биле многу поголеми‘. Ова, пак, од своја страна, предизвикало Израелците ‚да роптаат против Мојсеј и Арон‘. Сепак, сите шпиони не покажале недостиг на доверба во Мојсеј и во Јехова. Ние читаме: „Но Халев го успокојуваше народот пред Мојсеја, велејќи: ‚Да идеме и да ја преземеме, зашто можеме да ја завладееме!‘“ (4. Мојсеева 13:3, 26—34; 14:2). Цврстиот став на Халев го споделувал и еден друг шпион — Исус Навин. Обајцата покажале дека го направиле Јехова своја доверба кога рекле: „Ако Господ нѐ сака, ќе нѐ воведе во неа и ќе ни ја даде — таа земја, каде што тече мед и млеко; но . . . не плашете се од народот на таа земја . . . со нас е Господ; не плашете се од нив“ (4. Мојсеева 14:6—9). Оваа доверба во Јехова била наградена. Од полнолетната генерација која била жива во тоа време, само Халев, Исус Навин и некои Левити биле привилегирани да влезат во Ветената земја.
16 После неколку години, Халев рекол: „Но јас точно го следев Господа, мојот Бог . . . ете, Господ ме запази жив, како што говореше; четириесет и пет години веќе изминаа, откога Господ му ги беше кажал тие зборови на Мојсеја, и Израилот одеше по пустиња; сега, еве, јас сум на осумдесет и пет години; но и сега сум толку цврст, како и тогаш, кога ме прати Мојсеј: колку што имав сила тогаш, толку имам и сега“ (Исус Навин 14:6—11). Забележи го позитивниот став на Халев, неговата верност и физичките способности. Сепак, Јехова не го избрал Халев да биде Мојсеев наследник. Оваа предност му била дадена на Исус Навин. Можеме да бидеме сигурни дека Јехова имал причини за својот избор и дека тоа бил најдобриот избор.
17. Што можеби навидум го направило Петар неподобен за одговорност?
17 Апостол Петар се откажал од својот Господар три пати. Исто така, тој непромислено ги презел работите во свои раце, отсекувајќи му го увото на робот на првосвештеникот (Матеј 26:47—55, 69—75; Јован 18:10, 11). Некои би можеле да кажат дека Петар бил една страшлива, неурамнотежена личност, која не е достојна да ужива посебни предности. Сепак, кому му биле дадени клучевите на Царството со привилегија да го отвори патот за небесниот позив за трите групи? На Петар (Дела 2:1—41; 8:14—17; 10:1—48).
18. Која грешка, што ја спомнал Јуда, сакаме да ја избегнуваме?
18 Овие примери покажуваат дека мораме да бидеме внимателни во врска со судењето според надворешноста. Доколку ја положиме нашата доверба во Јехова, нема да се сомневаме во неговиот избор. Иако неговото земно собрание е составено од несовршени луѓе кои не тврдат дека се непогрешливи, тој ги користи нив на еден моќен начин. Јуда, Исусовиот полубрат, ги предупредил христијаните од првиот век на поединци кои „го занемаруваат господството и зборуваат навредливо за славните“ (Јуда 8—10, NW). Никогаш не би требало да бидеме како нив.
19. Зошто немаме причина да го критикуваме Јеховиниот избор откако веќе е направен?
19 Очигледно, за извесни одговорности Јехова избира поединци кои имаат особени квалитети што се потребни за да го водат неговиот народ на начинот на кој Тој сака да оди баш во тоа време. Треба да се стремиме да го признаеме овој факт, да не го критикуваме Божјиот избор откако веќе е направен, туку да бидеме задоволни понизно да служиме онаму каде што Јехова нѐ поставил поединечно. На тој начин покажуваме дека сме го направиле Јехова наша доверба (Ефесјаните 4:11—16; Филипјаните 2:3).
Да покажуваме доверба во Јеховината праведност
20, 21. Што би можеле да научиме од Божјиот начин на постапување со Мојсеј?
20 Ако понекогаш сме склони да положуваме преголема доверба во себе а премала во Јехова, тогаш да учиме од Мојсеј. Кога имал 40 години, тој почнал на своја рака да ги ослободува Израелците од египетско ропство. Неговите напори несомнено биле добронамерни, но не донеле непосредно избавување на Израелците ниту, пак, подобрување на сопствената ситуација. Всушност, бил принуден да бега. Само откако се подложил на 40-годишно напорно обучување во една странска земја, тој се квалификувал да биде избран да го стори она што претходно го сакал. Овојпат можел да биде сигурен во Јеховината поддршка бидејќи сега работите се вршеле на Јеховин начин во време кое одговарало на Неговиот временски распоред (2. Мојсеева 2:11—3:10).
21 Секој од нас би можел да се праша: ‚Дали понекогаш истрчувам пред Јехова и пред наименуваните старешини во собранието, обидувајќи се да ги забрзам работите или да ги извршам на мој сопствен начин? Наместо да мислам дека ме превиделе за извесни предности, дали спремно го прифаќам мојот продолжителен период на обучување?‘ Во основа, дали научивме една важна лекција од Мојсеј?
22. И покрај тоа што изгубил една голема предност, што мислел Мојсеј за Јехова?
22 Понатаму, можеме да научиме уште една лекција од Мојсеј. 4. Мојсеева 20:7—13 ни кажува за една грешка што ја направил тој, а која многу го чинела. Ја изгубил предноста да ги воведе Израелците во Ветената земја. Дали тогаш возвратил дека Јеховината одлука за таа работа е неправедна? Дали се повлекол во некој агол, така да се каже, лутејќи се бидејќи Бог постапил толку лошо со него? Дали Мојсеј изгубил доверба во Јеховината праведност? Одговорите можеме да ги најдеме во зборовите што самиот Мојсеј му ги кажал на Израел, кратко пред својата смрт. За Јехова, Мојсеј рекол: „Он е тврдина; делата Божји се вистина, а сите патишта Негови се праведни; Бог е верен и неправда нема (во Него); Он е праведен и вистинит“ (5. Мојсеева 32:4). Сигурно Мојсеј ја задржал својата доверба во Јехова до самиот крај. А што е со нас? Дали ние поединечно преземаме чекори за да ја зајакнеме својата доверба во Јехова и во неговата праведност? Како можеме да го правиме тоа? Да видиме.
Како би одговорил?
◻ Кои причини ги имале Израелците за да имаат доверба во Јехова?
◻ Што може да се научи од Авраам во врска со довербата?
◻ Зошто треба да избегнуваме да го критикуваме Јеховиниот избор откако веќе е направен?
[Слика на страница 13]
Довербата во Јехова вклучува да се почитуваат оние кои преземаат водство во собранието