Пастири и овци во теократија
„Господ [Јехова, НС] е наш судија, Господ е наш законодавец, Господ е наш цар: Он ќе нѐ спаси“ (ИСАИЈА 33:22).
1. Како може да се рече дека христијаните од I век и денешните христијани се теократија?
ТЕОКРАТИЈА значи Божја влада. Тоа подразбира да ја прифатиме Јеховината власт и да ги следиме неговите упатства и подуки во големите и малите одлуки што ги донесуваме во животот. Собранието од првиот век било вистинска теократија. Тогашните христијани можеле чесно да речат: „Господ [Јехова, НС] е наш судија, Господ е наш законодавец, Господ е наш цар“ (Исаија 33:22). Со помазаниот остаток како негово јадро, организацијата на Јехова Бог денес на сличен начин претставува вистинска теократија.
На кои начини сме денес теократија?
2. Кој е еден начин на кој Јеховините сведоци ѝ се подложуваат на Јеховината влада?
2 Како можеме да речеме дека Јеховината земска организација е теократија? Затоа што оние кои ѝ припаѓаат, навистина ѝ се потчинуваат на Јеховината влада и го следат водството на Исус Христос, оној кого Јехова го устоличил како Цар. На пример, во времето на крајот, Големиот Теократ му ја соопштил на Исус следнава директна заповед: „Замавни со српот и жнеј, зашто дојде твојот час за жетва: оти житото на земјата е зрело!“ (Откровение 14:15). Исус послушува и го презема жнеењето на Земјата. Христијаните го поддржуваат нивниот Цар во ова огромно дело така што ревносно ја проповедаат добрата вест и прават ученици (Матеј 28:19; Марко 13:10; Дела 1:8). Правејќи го тоа, тие се соработници и со Јехова, Големиот Теократ (1. Коринтјаните 3:9).
3. Како христијаните се подложуваат на теократијата во поглед на моралот?
3 Исто така, и во однесувањето христијаните ѝ се подложуваат на Божјата влада. Исус рекол: „Оној што твори вистина, оди кон светлината, за да се видат неговите дела, бидејќи се по Бога [во согласност со Бог, НС] извршени“ (Јован 3:21). Денес се водат бескрајни дебати околу моралните мерила, но ваквите расправи немаат место меѓу христијаните. Тие го сметаат за неморално она за кое Јехова вели дека е неморално и го избегнуваат како чума! Исто така се грижат за своите семејства, ги слушаат своите родители и им остануваат подложни на вишите власти (Ефесјаните 5:3-5, 22-33; 6:1-4; 1. Тимотеј 5:8; Тит 3:1). На тој начин, постапуваат теократски, во согласност со Бог.
4. Каков погрешен став покажале Адам и Ева и Саул, и како покажуваат христијаните поинаков став?
4 Адам и Ева го изгубиле Рајот затоа што сакале да донесуваат свои сопствени одлуки во поглед на тоа што е исправно а што погрешно. Исус го барал токму спротивното. Тој рекол: „Не ја барам волјата Моја, а волјата на Отецот, Кој што Ме пратил“. Христијаните го бараат истото (Јован 5:30; Лука 22:42; Римјаните 12:2; Евреите 10:7). Саул, првиот цар на Израел, го слушал Јехова — но само делумно. Поради тоа бил отфрлен. Самуил му рекол: „Послушноста е подобра од жртвата, и покорувањето — подобро отколку овнешкото месо“ (1. Царства 15:22). Дали е теократски да ја следиме Јеховината волја до извесна мера, можеби со тоа што ќе бидеме редовни во делото на проповедање или присутни на состаноците, а потоа да направиме компромис во поглед на моралот или на некој друг начин? Се разбира не! Ние се стремиме да ја ‚извршуваме Божјата волја од срце‘ (Ефесјаните 6:6; 1. Петрово 4:1, 2). За разлика од Саул, ние потполно ѝ се потчинуваме на Божјата влада.
Современа теократија
5, 6. Како постапува Јехова со човештвото денес, и што произлегува од соработката со ова уредување?
5 Во минатото, Јехова владеел и откривал вистини преку поединци, како пророци, цареви и апостоли. Денес тоа повеќе не е случај; нема инспирирани пророци или апостоли. Наместо тоа, Исус рекол дека за време на неговата царска присутност ќе идентификува една верна група на следбеници, „верен и разумен роб“, и дека ќе ја постави над сиот свој имот (Матеј 24:45-47, НС; Исаија 43:10). Во 1919, тој роб бил идентификуван како остаток од помазани христијани. Оттогаш, претставен со Водечкото тело, тој е седиште на теократијата на Земјата. Ширум светот, Водечкото тело на Јеховините сведоци го претставуваат Одбори на подружници, патувачки надгледници и собраниски старешини.
6 Соработувањето со теократската организација претставува витален дел од подложувањето на теократијата. Таквата соработка придонесува за единството и редот во „целото братство“ ширум светот (1. Петрово 2:17, НС). Ова, пак, му е по волја на Јехова, кој „не е Бог на безредие, туку на мирот“ (1. Коринтјаните 14:33).
Старешините во теократијата
7. Зошто може да се рече дека христијанските старешини се наименувани на теократски начин?
7 Сите наименувани постари мажи, без оглед на нивната положба на власт, ги исполнуваат условите што се истакнати во Библијата во врска со службата на надгледник, или постар маж (1. Тимотеј 3:1-7; Тит 1:5-9). Понатаму, Павловите зборови до ефеските старешини важат за сите старешини: „Пазете, пак, на себе и на целото стадо, меѓу кое Духот Свети ве постави за епископи [надгледници, НС], за да ја пасете црквата [собранието, НС] на Господа“ (Дела 20:28). Да, старешините се наименувани преку свет дух кој доаѓа од Јехова Бог (Јован 14:26). Нивното наименување е теократско. Освен тоа, тие го пасат Божјето стадо. Стадото не им припаѓа на старешините, туку на Јехова. Божјата организација е теократија.
8. Кои се главните одговорности на старешините денес?
8 Во своето писмо до Ефесјаните, апостол Павле ги истакнал главните одговорности на старешините, велејќи: „Он постави едни за апостоли, други за пророци, трети за евангелисти, четврти за пастири и учители, за усовршување [исправање, НС] на светиите во делото на служењето, за изградување на Христовото тело“ (Ефесјаните 4:11, 12). После раните почетоци на „Христовото тело“, повеќе немало апостоли и пророци. (Спореди 1. Коринтјаните 13:8.) Но, старешините сѐ уште се многу зафатени со евангелизирање, пастирење и поучување (2. Тимотеј 4:2; Тит 1:9).
9. Како треба старешините да се подготвуваат за да ја претставуваат Божјата волја во собранието?
9 Бидејќи теократијата е Божја влада, делотворните старешини се темелно запознаени со Божјата волја. На Исус Навин му било заповедано да го чита Законот секојдневно. Старешините треба исто така редовно да ја проучуваат и да се консултираат со Библијата и да бидат темелно запознаени со библиската литература што ја издава класата на верниот и разумен роб (2. Тимотеј 3:14, 15). Тоа ги вклучува списанијата Стражарска кула и Разбудете се! и другите публикации кои покажуваат како да се применат библиските начела во специфични ситуации.a Меѓутоа, иако е важно старешината да ги знае и да ги следи упатствата кои се објавени во литературата на Watch Tower Society, тој исто така треба да биде темелно запознаен со библиските начела на коишто тие се засноваат. Тогаш ќе биде во состојба да ги примени библиските упатства со разбирање и сочувство. (Спореди Михеј 6:8.)
Да се служи со христијански дух
10. Од кој лош став треба да се чуваат старешините, и како?
10 Околу 55. н. е., апостол Павле го напишал своето прво писмо до собранието во Коринт. Еден од проблемите коишто ги обработувал се однесувал на извесни мажи кои барале да бидат проминентни во собранието. Павле напишал: „Презаситени сте веќе, се збогативте веќе и се зацаривте без нас; камо да се бевте зацариле, та и ние да царуваме со вас!“ (1. Коринтјаните 4:8). Во првиот век н. е., сите христијани ја имале надежта да владеат како небесни цареви и свештеници со Исус (Откровение 20:4, 6). Но, очигледно, некои во Коринт заборавиле дека на Земјата во христијанската теократија нема цареви. Наместо да постапуваат како царевите од овој свет, христијанските пастири негуваат понизност, особина која му е угодна на Јехова (Псалм 137:6; Лука 22:25-27).
11. а) Кои се некои истакнати примери на понизност? б) Какво гледиште за себеси треба да имаат старешините и сите други христијани?
11 Дали е понизноста слабост? Никако! Самиот Јехова е опишан како понизен (Псалм 18:35, НС). Израелските цареви ги воделе војските во битка и владееле со нацијата под Јехова. Сепак, секој морал да внимава „да не се возгордее срцето негово пред неговите браќа“ (5. Мојсеева 17:20). Воскреснатиот Исус е небесен Цар. Меѓутоа, кога бил на Земјата, им ги измил нозете на своите ученици. Каква понизност! И откако покажал дека бара и неговите ученици да бидат слично понизни, рекол: „Ако, пак, Јас, Господ и Учител, ви ги измив нозете, тогаш и вие сте должни еден на друг да ги миете нозете“ (Јован 13:14; Филибљанима Фп 2:5-8, ДК). Сета слава и фалба треба да му припадне на Јехова, а не на некој човек (Откровение 4:11). Сеедно дали се старешини или не, сите христијани треба да мислат за себеси во светлината на Исусовите зборови: „Ние сме слуги негодни, оти го извршивме она, што бевме должни да го извршиме“ (Лука 17:10). Секое друго гледиште е нетеократско.
12. Зошто е љубовта витална особина која христијанските старешини треба да ја негуваат?
12 Заедно со понизноста, христијанските старешини негуваат и љубов. Апостолот Јован го покажал значењето на љубовта кога рекол: „Кој не сака, тој не Го познал Бога, оти Бог е љубов“ (1. Јованово 4:8). Поединците без љубов немаат теократски став. Тие не го познаваат Јехова. Во врска со Божјиот Син, Библијата вели: „Бидејќи ги засака Своите во светот, до крај ги засака“ (Јован 13:1). Говорејќи им на 11-мина мажи кои требало да бидат дел од водечкото тело на христијанското собрание, Исус рекол: „Ова е Моја заповед: да се љубите еден со друг, како што ве возљубив Јас“ (Јован 15:12). Љубовта е знак за препознавање на вистинското христијанство. Таа ги привлекува оние со скршени срца, жалосните и духовните затвореници кои копнеат по слобода (Исаија 61:1, 2; Јован 13:35). Старешините мораат да бидат примерни во покажувањето на љубов.
13. Како може старешината да има корисно влијание во сите ситуации, иако проблемите денес може да бидат тешки?
13 Денес, од старешините често се бара да решаваат сложени проблеми. Брачните проблеми можат да бидат длабоко вкоренети и долготрајни. Младите имаат проблеми коишто на возрасните можеби им се чинат тешки да ги разберат. Душевните болести честопати тешко можат да се сфатат. Старешината кој е соочен со такви работи може да е несигурен што да стори. Но, може да биде уверен дека ако во молитва се потпира на Јеховината мудрост, ако ја истражува Библијата и информациите издадени од верниот и разумен роб, и ако понизно и доброљубиво постапува со овците, тој ќе има корисно влијание дури и во најтешката ситуација.
14, 15. Кои се некои изрази кои покажуваат дека Јехова го благословил својот народ со многумина извонредни старешини?
14 Јехова богато ја благословил својата организација со „дарови во облик на луѓе“ (Ефесјаните 4:8, НС). Одвреме навреме, Watch Tower Society добива трогателни писма кои сведочат за љубовта што ја покажуваат понизните старешини кои сочувствително ги пасат Божјите овци. На пример, еден собраниски старешина пишува: „Не можам да се сетам на друга посета на покраински надгледник која повеќе влијаела на мене или за која сѐ уште се коментира во собранието. Покраинскиот надгледник ми помогна да увидам колку е важно да се има позитивен став во постапувањето со браќата, при што ја нагласи пофалбата“.
15 Една сестра, која морала да патува во една оддалечена клиника на лекување, пишува: „Колку е охрабрувачки да сретнеш еден старешина во таа прва загрижувачка ноќ, во болница толку далеку од дома! Тој и други браќа поминаа многу време со мене. Дури и луѓето од светот кои беа запознаени со она што го проживував, мислеа дека никогаш не би преживеала да не беа утехата, грижата и молитвите на тие доброљубиви и предадени браќа“. Една друга сестра пишува: „Денес сум жива затоа што старешинството стрпливо ме водеше низ мојата битка против тешки депресии . . . Еден брат и неговата сопруга не знаеја што да ми речат . . . Она што најмногу ме трогна беше фактот што иако не разбираа потполно низ што минував, тие љубезно се грижеа за мене“.
16. Која опомена им ја дава Петар на старешините?
16 Да, многумина старешини ја применуваат опомената на апостол Петар: „Пасете го Божјото стадо, што го имате, надгледувајќи го не присилно, туку драговолно и според Бога; не заради неправедна корист, туку од добро срце. И не како да управувате со народот, туку давајќи му пример на стадото“ (1. Петрово 5:1-3). Колкав благослов се таквите теократски старешини!
Овци во теократијата
17. Наведи некои особини коишто треба да ги негуваат сите членови на собранието.
17 Меѓутоа, теократијата не се состои само од старешини. Ако мораат пастирите да имаат теократски став, тогаш мораат и овците. На кои начини? Па, истите начела кои ги водат пастирите, мораат да ги водат и овците. Сите христијани, не само старешините, мораат да бидат понизни ако сакаат да добијат Јеховин благослов (Јаков 4:6). Сите мораат да негуваат љубов, бидејќи без неа нашите жртви за Јехова нема да му бидат угодни (1. Коринтјаните 13:1-3). И сите ние, а не само старешините, треба да бидеме ‚исполнети со познавање [точното спознание, НС] на Неговата [Јеховината] волја во секоја мудрост и духовно разбирање“ (Колосјаните 1:9).
18. а) Зошто не е доволно само површното познавање на вистината? б) Како можеме сите ние да бидеме исполнети со точно спознание?
18 Покрај тоа што живеат во Сатановиот свет, и млади и стари постојано се соочуваат со тешки одлуки додека се трудат да останат верни,. Световните трендови во облекувањето, музиката, филмовите и литературата претставуваат испит за духовноста на некои. Површното познавање на вистината не е доволно да ни помогне да ја сочуваме нашата рамнотежа. За да бидеме сигурни дека ќе останеме верни, треба да бидеме исполнети со точно спознание. Ни треба разборот и мудроста кои само Божјата Реч може да ни ги даде (Изреки 2:1-5). Тоа значи да негуваме добри навики на проучување, да медитираме за она што го учиме и да го спроведуваме во пракса (Псалм 1:1-3; Откровение 1:3). Павле им пишувал на сите христијани, а не само на стрешините кога рекол: „Тврдата храна е за совршените [зрелите, НС], кои благодарејќи на навиката, имаат чувства и се научени да разликуваат добро и зло“ (Евреите 5:14).
Пастирите и овците работат заедно
19, 20. Кои опомени им се даваат на сите за да соработуваат со старешините, и зошто?
19 На крајот, треба да се рече дека вистински теократски дух покажуваат оние кои соработуваат со старешините. Павле му напишал на Тимотеј: „А презвитерите [постарите мажи, НС], што добро ја извршуваат својата претстојна служба, нека се удостојуваат со двојна почит; а најмногу, пак, оние, кои се трудат во словото и во поуката“ (1. Тимотеј 5:17; 1. Петрово 5:5, 6). Старешинството е прекрасна предност, но повеќето старешини се семејни луѓе кои секој ден одат на својата световна работа и кои имаат сопруги и деца за кои треба да се грижат. Иако се среќни што служат, нивната служба е полесна и понаградувачка кога собранието ги поддржува, а не премногу да критизира и да бара (Евреите 13:17).
20 Апостолот Павле рекол: „Помнете ги и вашите наставници, што ви го проповедаа словото Божјо, и, имајќи го пред очи крајот на нивниот живот, подражавајте ја верата нивна“ (Евреите 13:7). Не, Павле не ги охрабрувал браќата да ги следат старешините (1. Коринтјаните 1:12). Да се следи човек не е теократски. Но сигурно е мудро да се имитира докажаната вера на еден старешина со теократски став кој е активен во делото на евангелизирање, кој е редовен на состаноците и кој понизно и доброљубиво постапува со собранието.
Сведоштво за верата
21. Како покажуваат христијаните цврста вера како онаа на Мојсеј?
21 Навистина, постоењето на една теократска организација во ова најдегенерирано време од човечката историја претставува сведоштво за моќта на Големиот Теократ (Исаија 2:2-5). Тоа е и сведоштво за верата на скоро пет милиони христијански мажи, жени и деца, кои се борат со проблемите на секојдневниот живот, но никогаш не забораваат дека Јехова е нивниот Владетел. Исто како што Мојсеј ‚верувал во Оној, Кој не се гледал‘, така и христијаните денес имаат слична силна вера (Евреите 11:27). Тие имаат предност што живеат во теократија и секојдневно му благодарат на Јехова за тоа (Псалм 99:4, 5). Додека ја доживуваат спасувачката моќ на Јехова, среќни се да објават: „Господ [Јехова, НС] е наш судија, Господ е наш законодавец, Господ е наш цар: Он ќе нѐ спаси“ (Исаија 33:22).
[Фуснота]
a Во таквите публикации спаѓа книгата „Внимавајте на себе и на сето стадо“, која содржи библиски упатства и е наменета за наименувани собраниски надгледници, односно старешини.
Што вели Библијата?
◻ На кој начин ѝ се потчинуваат христијаните на теократијата?
◻ Како е организирана теократијата денес?
◻ На кои начини треба да се подготвуваат старешините за извршување на своите одговорности?
◻ Кои христијански особини е битно старешините да ги негуваат и покажуваат?
◻ Каков однос треба да постои помеѓу овците и пастирите во теократијата?
[Слика на страница 16]
Адам и Ева го изгубиле Рајот затоа што сакале да донесуваат свои сопствени одлуки во поглед на тоа што е исправно а што погрешно
[Слика на страница 18]
Ако старешината постапува понизно и доброљубиво со овците, тој секогаш ќе има корисно влијание