Што открива огледалото?
ПОГЛЕДНИ во едно огледало. Што гледаш? Понекогаш, само еден брз поглед во огледалото открива некоја непријатна маана во твојата појава која би сакал веднаш да ја отстраниш, пред другите да ја забележат.
Библијата по многу нешто наликува на огледало. Таа може да ни помогне да стекнеме една реална претстава за самите нас, што ќе нѐ заштити од тоа да размислуваме превисоко или прениско за нашата вредност во Божји очи (Матеј 10:29-31; Римјаните 12:3). Освен тоа, Библијата може да открие маани во нашиот говор, постапки или ставови кои треба да ги исправиме. Кога ќе се случи ова, дали ќе го игнорираш она што го открива огледалото?
Библискиот писател Јаков вели: „Кој го слуша словото а не го извршува, тој прилега на човек, кој го гледа сопственото си лице во огледало; ќе се погледне, па ќе си замине, и веднаш заборава каков бил“ (Јаков 1:23, 24).
Спротивно на тоа, Јаков опишува и еден друг човек — оној ‚кој се задлабочува [се загледува, НС] во совршениот Закон на слободата и останува во него‘ (Јаков 1:25). Грчкиот збор преведен со „се загледува“ значи да се застане покрај или да се наведне напред за да гледа. „Изразот ‚се загледува‘ вклучува повеќе отколку само еден краток поглед“, вели Theological Dictionary of the New Testament (Теолошки речник на Новиот завет). Зборот подразбира внимателно барање на некој скриен предмет. „Има нешто важно што набљудувачот сака да види, иако можеби е тешко во истиот момент да го види и да го сфати неговото значење“, пишува библискиот коментатор Р. В. Г. Таскер.
Па, според тоа, ќе се испиташ ли себеси во огледалото на Божјата Реч и ќе се прилагодиш ли потоа на она што се бара? Јаков продолжува: „Тој, бидејќи е незаборавлив слушател, туку извршител на делото, ќе биде блажен во своето делување“ (Јаков 1:25).