ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w93 15/9 стр. 9-14
  • Истрајноста — животоважна за христијаните

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Истрајноста — животоважна за христијаните
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1993
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Истрајност—што значи тоа
  • Истрајност—зошто?
  • Да се истрае до крајот—како?
  • Погледнете го добро оној што истраја
    „Појди по мене!“
  • „Истрајноста нека го доврши своето дело“
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2016
  • Тесно соработувај со Јеховината организација
    Организирани за да ја вршиме Јеховината волја
  • Истрајност која ја добива победата
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1991
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1993
w93 15/9 стр. 9-14

Истрајноста — животоважна за христијаните

„Додајте ѝ на вашата вера . . . истрајност“ (2. ПЕТРОВО 1:5, 6, NW).

1, 2. Зошто мора секој од нас да истрае до крајот?

ЕДЕН патувачки надгледник и неговата сопруга биле во посета кај еден сохристијанин кој бил во своите 90-ти години. Тој со децении бил во полновремената служба. Додека разговарале, постариот брат се присетил на некои од предностите што ги уживал низ годините. „Но“ — се жалел тој, додека по лицето му се лизгале солзи — „сега не сум способен да направам баш многу“. Патувачкиот надгледник ја отворил својата Библија и прочитал Матеј 24:13, каде што е цитиран Исус Христос кога вели: „Кој истрае до крајот, тој ќе биде спасен“ (NW). Потоа надгледникот погледнал во драгиот брат и рекол: „Последната задача што ја имаме сите ние, без разлика колку многу или колку малку можеме да направиме, е да истраеме до крајот“.

2 Да, како христијани сите ние мораме да истраеме до крајот на овој систем на ствари или до крајот на нашиот живот. Не постои друг начин за добивање на Јеховино одобрување за спасение. Ние сме во трка за живот и мораме ‚со истрајност да трчаме‘ сѐ додека не ја поминеме целната линија (Евреите 12:1, NW). Апостолот Петар напишал колку е важна оваа особина кога ги поттикнал сохристијаните: „Додајте ѝ на вашата вера . . . истрајност“ (2. Петрово 1:5, 6, NW). Но што точно е истрајноста?

Истрајност—што значи тоа

3, 4. Што значи да истраеш?

3 Што значи да се истрае? Грчкиот глагол за „истрае“ (hypoméno) буквално значи „да остане или стои под“. Во Библијата се појавува 17 пати. Според лексикографите В. Бауер (W. Bauer), Ф. В. Гингрич (F. W. Gingrich) и Ф. Данкер (F. Danker), тоа значи „да остане наместо да бега . . . ‚ останува на своето, истрајува“. Грчката именка за „истрајност“ (hypomoné), се појавува преку 30 пати. Во врска со тоа, A New Testament Wordbook (Новиот Новозаветен речник) од Вилијам Баркли (William Barclay), вели: „Таа (истрајноста) е духот кој може да ги сноси работите, не така што ќе се помири со нив туку со горлива надеж . . . Тоа е особината која го држи човека на нозе кога е соочен со ветрот. Тоа е доблеста која може најтешкиот испит да го претвори во слава затоа што зад болката ја гледа целта“.

4 Според тоа, истрајноста ни овозможува да останеме на своето и да не изгубиме надеж кога сме соочени со препреки или тешкотии (Римјаните 5:3-5). Таа гледа подалеку од сегашната болка, гледа кон целта — кон наградата, односно дарот на вечен живот било на небото или на Земјата (Јаков 1:12).

Истрајност—зошто?

5. а) Зошто на сите христијани ‚им е потребна истрајност‘? б) На кои две категории можат да се поделат нашите искушенија?

5 Како христијани, на сите нам ‚ни е потребна истрајност‘ (Евреите 10:36, NW). Зошто? Во основа, затоа што ‚паѓаме во разни искушенија‘. Грчкиот текст овде во Јаков 1:2, сугерира на неочекувана или непожелна средба, како кога човек ќе се соочи со некој разбојник. (Спореди Лука 10:30.) Се соочуваме со испити кои можат да се поделат на две категории: на такви кои се вообичаени за луѓето како резултат на наследениот грев и на такви кои се случуваат поради нашата оддаденост на Бог (1. Коринтјаните 10:13; 2. Тимотеј 3:12). Кои се некои од овие испити?

6. Како истрајал еден Сведок кога бил соочен со тешка болест?

6 Сериозна болест. Како Тимотеј, некои христијани мораат да поднесуваат „чести боледувања“ (1. Тимотеј 5:23). Особено кога сме соочени со хронична, можеби многу тешка болест, треба да истраеме, да не попуштаме, со Божја помош, и да не ја изгубиме од вид нашата христијанска надеж. Разгледај го примерот на еден Сведок во неговите рани 50-ти години, кој водел долга, тешка битка со малиген тумор што забрзано растел. При две операции останал непоколеблив во својата решеност да не прифати трансфузија на крв (Дела на св. апостоли 15:28, 29). Но туморот повторно му се појавил во стомакот и продолжил да расте во близина на ’рбетот. За тоа време доживувал таква незамислива физичка болка што никаква количина на лекарства не можела да ја прекине. Сепак, тој гледал зад сегашната болка, гледал кон наградата на животот во новиот свет. Продолжил да ја споделува својата горлива надеж со докторите, сестрите и посетителите. Истрајал сѐ до крајот — до крајот на својот живот. Можеби твојот здравствен проблем не е опасен по живот или не е толку болен колку оној што го доживеал овој драг брат, но сѐ уште може да претставува голем испит на истрајност.

7. Каков вид болка вклучува истрајноста за некои наши духовни браќа и сестри?

7 Емоционална болка. Одвреме-навреме некои Јеховини сведоци се соочуваат со „болка во срцето“ која доведува до „потиштен дух“ (Изреките 15:13, NW). Тешката депресија не е невообичаена во овие „критични времиња со кои тешко ќе се излегува на крај“ (2. Тимотеј 3:1, NW). Списанието Science News од 5. декември 1992, извести: „Во секоја наредна генерација родена после 1915 година, се зголемиле стапките на тешки, честопати онеспособувачки депресии“. Причините за такви депресии се различни и се движат од физиолошки фактори до болни непријатни искуства. За некои христијани истрајноста вклучува секојдневна борба да не попуштат кога се соочени со емоционална болка. Сепак, тие не се предаваат. Остануваат верни на Јехова и покрај солзите. (Спореди Псалми 125:5, 6.)

8. На каква финансиска неволја можеме да наидеме?

8 Различните испити на кои наидуваме, можат да вклучуваат сериозни економски тешкотии. Кога еден брат од Њу Џерси (САД) неочекувано останал без работа, разбирливо дека бил загрижен како ќе го прехрани своето семејство и да не го загуби својот дом. Меѓутоа, тој не ја изгубил од вид надежта за Царството. Додека барал друга работа, ја искористил приликата да служи како помошен пионер. Конечно, нашол работа (Матеј 6:25-34).

9. а) Како може смртта на некој близок да изискува истрајност? б) Кои стихови покажуваат дека не е неисправно да се пуштат солзи од жалост?

9 Ако си доживеал смрт на некој близок, потребна ти е истрајност која ќе трае долго откако оние околу тебе му се вратат на нивното нормално секојдневие. Можеби ќе забележиш дека ти е особено тешко секоја година во времето кога умрел твојот близок. Ако претрпиш таква загуба, тоа не значи дека е неисправно да пуштиш солзи од жалост. Природно е да се жали за смртта на некој што сме го сакале и тоа на никој начин не покажува недостаток на вера во надежта за воскресение (1. Мојсеева 23:2; спореди Евреите 11:19). Исус ‚просолзил‘ откако Лазар умрел, иако уверено ѝ рекол на Марта: „Твојот брат ќе воскресне“. И Лазар воскреснал! (Јован 11:23, 32-35, 41-44).

10. Зошто Јеховиниот народ има една единствена потреба од истрајност?

10 Освен поднесувањето на испити што се вообичаени за сите луѓе, Јеховиниот народ има една единствена потреба од истрајност. „Ќе бидете мразени од сите народи, заради Моето име“ — предупредил Исус (Матеј 24:9). Исто така рекол: „Ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат“ (Јован 15:20). Зошто сета таа омраза и прогонување? Затоа што, без оглед каде живееме на оваа Земја како Божји слуги, Сатана се труди да ја скрши нашата беспрекорност кон Јехова (1. Петрово 5:8; спореди Откровение 12:17). За таа цел, Сатана често разгорува жестоки прогонства, ставајќи ја нашата истрајност на тежок испит.

11, 12. а) Со каков испит на истрајност се соочиле Јеховините сведоци и нивните деца во 1930-тите и кон почетокот на 1940-тите? б) Зошто Јеховините сведоци одбиваат да ги поздрават националните симболи?

11 На пример, во 1930-те и почетокот на 1940-те, Јеховините сведоци и нивните деца во Соединетите Држав и Канада станаа предмет на прогонство затоа што не ги поздравуваа националните симболи поради совеста. Сведоците ги почитуваат симболите на народот во кој живеат, но се потчинуваат на начелото поставено со Божјиот закон во 2. Мојсеева 20:4, 5: „Не прави за себе идол, ниту каква слика на она, што е горе на небото, што е долу на земјата и што е во водата под земјата; немој да им се клањаш, ниту да им служиш, оти Јас сум Господ, Бог твој; Бог ревнител [кој бара исклучителна оддаденост, NW]“. Кога некои деца на Сведоци на школска возраст беа истерани затоа што сакале своето обожавање да го упатат само на Јехова Бог, Сведоците отворија Училишта на Царството за нивното поучување. Тие ученици се вратија во јавните училишта кога Врховниот суд на Соединетите Држави ја призна нивната религиозна положба, како што просветлените народи ја признаваат денес. Меѓутоа, храбрата истрајност на тие младинци служи како извонреден пример особено за христијанските младинци кои можеби сега се соочуваат со исмејувања затоа што настојуваат да живеат според библиските мерила (1. Јованово 5:21).

12 Различните испити на кои наидуваме — и оние кои се вообичаени за луѓето и оние со кои се соочуваме заради нашата христијанска вера — покажуваат зошто ни е потребна истрајност. Но, како можеме да истраеме?

Да се истрае до крајот—како?

13. Како Јехова пружа истрајност?

13 Божјиот народ има една јасна предност пред оние кои не го обожаваат Јехова. За помош, ние можеме да се обратиме на „Богот кој дава истрајност“ (Римјаните 15:5, NW). Но, како Јехова дава истрајност? Еден начин е преку примерите на истрајност запишани во неговата Реч, Библијата (Римјаните 15:4). Додека ги разгледуваме, не само што сме охрабрени да истраеме туку и учиме многу за тоа како да истраеме. Разгледај два истакнати примера — храбрата истрајност на Јов и беспрекорната истрајност на Исус Христос (Евреите 12:1-3; Јаков 5:11).

14, 15. а) Какви искушенија издржал Јов? б) Како бил Јов во можност да ги издржи искушенијата со кои се соочил?

14 Кои ситуации ја ставиле Јововата истрајност на испит? Тој претрпел економска тешкотија кога го изгубил поголемиот дел од својот имот (Јов 1:14-17; спореди Јов 1:3). Јов ја почувствувал болката на губитокот кога сите негови десет деца погинале при силен ветар (Јов 1:18-21). Доживеал сериозна, многу тешка болест (Јов 2:7, 8; 7:4, 5). Неговата сопствена жена вршела притисок врз него да се одврати од Бог (Јов 2:9). Блиските пријатели зборувале работи што биле болни, нељубезни и невистинити. (Спореди Јов 16:1-3 и Јов 42:7.) Но, низ сево ова, Јов не попуштил и ја зачувал беспрекорноста (Јов 27:5). Работите што ги претрпел тој се слични на оние со коишто се среќаваат Јеховините сведоци денес.

15 Како успеал Јов да ги поднесе сите тие испити? Една ствар која особено го поткрепила Јов била надежта. „За дрвото сепак има надеж“ — изјавил тој. „Макар и да биде пресечено, пак ќе оживее, фиданки од него непрестајно избиваат“ (Јов 14:7). Каква надеж имал Јов? Како што е забележено неколку стиха понатаму, тој изјавил: „Кога ќе умре човек, ќе живее ли пак? . . . Ти би викнал [ќе викнеш, Даничиќ-Караџиќ], и јас би Ти дал одговор [ќе ти одговорам, ДК], и Ти би покажал благоволение кон [или: би копнеел по] созданието на Твоите раце“ (Јов 14:14, 15). Да, Јов гледал зад неговата моментална болка. Знаел дека неговите искушенија нема вечно да траат. Во краен случај, би морал да истрае до смрт. Неговото надежно очекување било дека Јехова, кој доброљубиво посакува да ги воскресне умрените, ќе го врати назад во живот (Дела на св. апостоли 24:15).

16. а) Што учиме за истрајноста од примерот на Јов? б) Колку реална мора да биде нашата надеж за Царството, и зошто?

16 Што учиме од Јововата истрајност? За да истраеме до крај, не смееме да ја изгубиме од вид нашата надеж. Запомни исто така, дека сигурноста на надежта во Царството значи дека кое и да било страдање со кое се соочуваме е релативно „моментално“ (2. Коринтјаните 4:16-18, Стварност). Нашата скапоцена надеж е цврсто втемелена на Јеховиното ветување за едно време во блиската иднина кога „ќе ја избрише Бог секоја солза од очите [наши], и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина“ (Откровение 21:3, 4). Таа надеж, која „не разочарува“, мора да го штити нашето размислување (Римјаните 5:4, 5, Ст; 1. Солунјаните 5:8). За нас таа мора да биде реална — толку реална та со очите на верата да можеме да се замислиме себеси во новиот свет — нема повеќе соочување со болести и депресии, туку секој ден будење со добро здравје и бистри мисли; нема повеќе загриженост заради сериозни економски притисоци, туку живот во безбедност; нема повеќе оплакување на смртта на блиските, туку ќе се доживее возбудувањето да ги видиме воскреснатите (Евреите 11:1). Без ваква надеж можеме да бидеме толку надвиени од нашите сегашни испити и да се предадеме. Со нашава надеж, колкав силен поттик имаме да продолжиме да се бориме, да истраеме понатаму сѐ до крајот!

17. а) Какви искушенија поднел Исус? б) Од кој факт може да се види жестокото страдање што го поднел Исус? (Види ја фуснотата.)

17 Библијата нѐ поттикнува да „гледаме“ на Исус и ‚точно да го набљудуваме‘. Какви искушенија поднел тој? Некои од нив дошле поради гревот и несовршеноста на другите. Исус поднел не само „противничко говорење од грешниците“ туку и проблемите што се јавиле помеѓу неговите ученици, вклучувајќи ги и нивните чести препирки околу тоа кој бил најголемиот. Освен тоа, наишол на еден неспоредлив испит на верата. ‚Претрпел маченички столб‘ (Евреите 12:1-3, NW; Лука 9:46; 22:24). Тешко е дури и да си го замислиме душевното и физичко страдање кое било вклучено во болката на распетието и срамот да се биде погубен како хулник.a

18. Според апостолот Павле, кои две работи го одржале Исус?

18 Што му овозможило на Исус да истрае до крајот? Апостолот Павле споменува две работи коишто го одржале Исус: ‚преколнувања и молби‘ како и „Неговата идна радост“. Исус, совршениот Син Божји, не се срамел да бара помош. Тој се молел „со силни извици и солзи“ (Евреите 5:7, NW; 12:2). Особено кога наближило неговото најголемо искушение, нашол за неопходно одново и одново и сериозно да моли за сила (Лука 22:39-44). Во одговор на Исусовите преколнувања, Јехова не го отстранил искушението, туку го зајакнал Исуса да истрае. Исус истрајал и затоа што гледал зад маченичкиот столб кон својата награда — радоста што би ја имал ако придонесе да се посвети Јеховиното име и да се откупи човечкото семејство од смрт (Матеј 6:9; 20:28).

19, 20. Како ни помага Исусовиот пример да имаме реалистично гледиште за тоа што вклучува истрајноста?

19 Од примерот на Исус учиме повеќе работи кои ни помагаат да имаме реалистично гледиште за тоа што вклучува истрајноста. Патот на истрајноста не е лесен. Ако мислиме дека е тешко да поднесеме некое одредено искушение, можеме да се утешиме со спознанието дека истото било случај дури и со Исус. За да истраеме до крај, мораме секогаш одново да молиме за сила. Кога сме под искушение можеби понекогаш се чувствуваме недостојни да молиме. Но Јехова нѐ повикува да му ги излиеме срцата нему ‚зашто Он се грижи за нас‘ (1. Петрово 5:7). А поради она што Јехова го ветил во својата Реч, тој се обврзал да им пружа ‚сила која е над она што е нормално‘ на оние кои го повикуваат со вера (2. Коринтјаните 4:7-9 NW).

20 Понекогаш мораме да истраеме со солзи. За Исус болката на маченичкиот столб сама по себе не била причина за радост. Наместо тоа, радоста се состоела во наградата која била поставена пред него. Во нашиот случај не е реалистично да очекуваме секогаш да бидеме ведри и восхитени кога сме под искушение. (Спореди Евреите 12:11, ДК.) Но ако гледаме напред на наградата, можеме да ‚сметаме дека е потполна радост‘ дури и кога се среќаваме со најискушувачките ситуации (Јаков 1:2-4, Ст; Дела на св. апостоли 5:41). Важно е да останеме непоколебливи — па ако мора дури и со солзи. На крајот на краиштата, Исус не рекол: ‚Оној кој ќе пролее најмалку солзи, ќе биде спасен‘, туку: „Кој истрае до крајот, ќе биде спасен“ (Матеј 24:13, NW).

21. а) Што нѐ поттикнува 2. Петрово 1:5, 6 (NW) да ѝ додадеме на нашата истрајност? б) Кои прашања ќе се разгледаат во следната статија?

21 Според тоа, истрајноста е битна за спасение. Меѓутоа, во 2. Петрово 1:5, 6 (NW), поттикнати сме на нашата истрајност да ѝ додадеме оддаденост на Бог. Што е оддаденоста на Бог? Како е поврзана таа со истрајноста и како можеш да ја стекнеш? Овие прашања ќе бидат разгледани во следната статија.

[Фуснота]

a Жестокото страдање што го поднел Исус може веројатно да се види од фактот дека неговиот совршен организам издивнал после само неколку часа на столбот, додека на злосторниците, распнати покрај него, морале да им ги скршат колената за да се забрза смртта (Јован 19:31-33). Тие не го доживеале душевното и физичко страдање што го доживеал Исус за време на бессоните маки во текот на ноќта, кои му претходеле на распетието, можеби до таа мера што не можел да го носи ниту својот маченички столб (Марко 15:15, 21).

Како би одговорил?

◻ Што значи да се истрае?

◻ Зошто Јеховиниот народ има една единствена потреба од истрајност?

◻ Што му овозможило на Јов да истрае?

◻ Како Исусовиот пример ни помага да имаме реалистично гледиште за истрајноста?

[Слика на страница 10]

Училиштата на Царството беа отворени за поучување на христијански деца кои беа истерани од училиштата затоа што своето обожавање го упатувале само на Јехова

[Слика на страница 12]

Одлучен да му оддаде чест на својот Татко, Исус се молел за сила за да издржи

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели