Гледиште на Библијата
Треба ли да го обвинуваме Сатана за нашите гревови?
ЗА ПРВИОТ човечки грев бил обвинет Сатана. „Змијата ме измами, и јас јадев“, рекла Ева (1. Мојсеева 3:13). Оттогаш, „старата змија, наречена ѓавол и сатана“, продолжила да беснее против човештвото ‚заслепувајќи ги умовите‘ на луѓето и ‚мамејќи ја целата вселена‘ (Откровение 12:9; 2. Коринтјаните 4:4). Ниеден човек не може да го избегне неговиот притисок. Но дали тоа значи дека не можеме да се спротивставиме на неговото влијание? И кога ќе направиме грев, дали тоа секогаш е по негова вина?
Библијата објаснува дека Сатана, всушност, ја измамил Ева (1. Тимотеј 2:14). Таа била измамена да помисли дека со прекршувањето на Божјата заповед ќе може да добие божествен увид и независност (1. Мојсеева 3:4, 5). Под таква претпоставка, таа направила грев. Сепак, Бог ја сметал нејзе за одговорна и ја осудил на смрт. Зошто? Затоа што иако Сатана лажел, таа била потполно свесна за Божјата заповед. Никогаш не била присилена да не послуша; напротив, задржала контрола над своите постапки, потполно способна да се спротивстави на влијанието од Сатана.
Спротивставете му се на Ѓаволот
Можно е ние луѓето да му се спротивставиме на Ѓаволот. Во Ефесјаните 6:12 ни е речено дека „нашата борба“ е „против поднебесните духови на злобата“. Очигледно е дека Бог очекува да се бориме против влијанието на Сатана. Но, како може едно човечко суштество да биде дораснато на надчовечката сила на Сатана и неговите демони? Дали од нас се бара да се бориме во една нееднаква борба, борба во која сигурно ќе изгубиме? Не, бидејќи Бог не ни вели да се бориме против Сатана со сопствените сили. Јехова ни дава различни средства преку кои можеме да им се спротивставиме на Ѓаволовите искушенија и да излеземе како победници. Библијата ни кажува кој е Ѓаволот, како дејствува и како можеме да се заштитиме (Јован 8:44; 2. Коринтјаните 2:11; 11:14).
Како да се ,противиме на Ѓаволот‘
Писмото препорачува да се преземат два чекори во спротивставувањето на Ѓаволот. Опоменати сме: „Па затоа, покорете Му се на Бога; а противете се на ѓаволот, и тој ќе побегне од вас!“ (Јаков 4:7). Првиот чекор кога му се покоруваме на Бог вклучува послушност на неговите заповеди. Постојаната свесност за Божјето постоење, неговата добрина, неговата стравотна моќ и авторитет и неговите возвишени начела, ќе ни даде сила да му се спротивставиме на Сатана. Истрајната молитва до Бог исто така е многу важна (Ефесјаните 6:18).
Да ја разгледаме онаа ситуација кога Ѓаволот го искушувал Исус. Тоа што се присетил на и цитирал различни заповеди од Бог сигурно му помогнало на Исус да се спротивстави. Кога не успеал да го наведе Исус во искушение да направи грев, Сатана го оставил. После тоа мачно искушение, Јехова го зајакнал Исус преку своите ангели (Матеј 4:1—11). Значи, Исус можел со доверба да ги охрабри своите ученици да бараат од Бог ‚да ги избави од лукавиот‘ (Матеј 6:13).
Тоа што Бог ќе нѐ избави не значи дека ќе стави заштитна ограда околу нас. Наместо тоа, тој ни вели да тежнееме по божествени особини, како што се вистината, праведноста, мирот и верата. Овие особини дејствуваат како „оружје“ кое ни овозможува ‚да се одржиме против ѓаволското лукавство‘ (Ефесјаните 6:11, 13—18). Значи, со Божја помош е можно да ги осуетиме искушенијата од Ѓаволот.
Вториот чекор што е препорачан во Јаков 4:7 е ‚да му се противиме на ѓаволот‘. Тоа вклучува одлучна акција, да се побегне од неговото штетно влијание. Човек мора да избегнува да се изложува на неговата измамничка моќ и да ги отфрла материјалистичките и неморални филозофии кои се толку раширени во светот денес. Таквото противење на Ѓаволот заедно со еден живот оддаден на угодувањето на Бог е непроценлив во нашата борба против Сатана. Но, дали сите гревови се директен резултат на Сатановото влијание?
Нашата борба однатре
Библискиот писател Јаков објаснува: „Секого го искушува неговата похот, која го влече и мами. Потоа похотта, откако ќе се зачне, раѓа грев, а гревот извршен, раѓа смрт“ (Јаков 1:14, 15). За жал, не можеме потполно да ја надминеме наследната слабост и несовршеност (Римјаните 5:12). „Нема праведник на земјата, кој прави добро и никако не греши“, вели Библијата (Проповедник 7:20).
Тоа не значи дека сите гревови се сосема вон нашата контрола. Во некои случаи, самите се ставаме во искушение со нашите погрешни избори. Значи, иако некоја грешна желба може да се должи на нашата сопствена несовршеност или на Сатановото влијание, потполно ќе зависи од нас дали ќе ја потхрануваме или ќе ја отфрлиме. Со право апостол Павле напишал: „Што ќе си посее човекот, тоа и ќе си жнее“ (Галатјаните 6:7).
Прифати ја одговорноста
Честопати е тешко луѓето да ги признаат сопствените слабости, пропусти и недостатоци — да, гревови (Псалм 35:2). Едно нешто што може да ни помогне да ја прифатиме одговорноста за нашите гревови е спознанието дека Бог не бара од нас сега да бидеме совршени. „Он не ни направи ништо според нашите беззаконија и не постапи според нашите гревови“, изјавил псалмистот Давид (Псалм 102:10). Иако Бог простува, тој сепак бара од нас напорно да се бориме, да се дисциплинираме, против Ѓаволовите искушенија и против нашите сопствени склоности да грешиме (1. Коринтјаните 9:27).
Мораме да сфатиме дека, иако Бог признава дека Ѓаволот може да влијае врз нашите постапки и дека сноси голема мерка од одговорноста за грешната состојба на човештвото, тоа не нѐ ослободува од нашата лична одговорност. Затоа, во Римјаните 14:12 се вели: „Секој од нас ќе одговара пред Бога за себе“.
Меѓутоа, ако ‚се гадиме од она што е зло‘ и ‚цврсто се држиме за она што е добро‘, ќе можеме да постигнеме победа над злото (Римјаните 12:9, 21, NW). Првата жена, Ева, пропуштила да го стори тоа и била казнета поради нејзината непослушност; таа можела да се спротивстави и да му биде послушна на Бог (1. Мојсеева 3:16). Сепак, Бог не ја игнорирал улогата што ја одиграл Ѓаволот кога ја измамил. Ѓаволот бил проколнат и осуден на уништување (1. Мојсеева 3:14, 15; Римјаните 16:20; Евреите 2:14). Наскоро повеќе нема да мораме да се бориме против неговото злобно влијание (Откровение 20:1—3, 10).
[Извор на слика на страница 26]
Erich Lessing/Art Resource, NY