ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g 4/08 стр. 16-19
  • Течното злато од Медитеранот

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Течното злато од Медитеранот
  • Разбудете се! 2008
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • „Најдоброто масло што постои“
  • Дел од здравата медитеранска исхрана
  • Маслиновото масло во библиски времиња
  • Плодна маслинка во Божјиот дом
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2000
  • Радувај се! — бочвите се прелеваат од масло
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1993
Разбудете се! 2008
g 4/08 стр. 16-19

Течното злато од Медитеранот

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ШПАНИЈА

„Бев зелена, станав црна, потоа ме згмечија и, на крајот, станав чисто злато“ (шпанска гатанка).

ШТОМ ќе узрее, зелената маслинка добива сјајна црна боја. Но, овој темен плод во себе крие „злато“. Кога се гмечат, зрелите маслинки испуштаат златно-жолта течност која со илјадници години е составен дел на медитеранската кујна. Ова течно злато е маслиновото масло — ценет производ од маслиновите дрвја, кои ги красат ридовите од Португалија, па сѐ до Сирија.

Маслото од овие издржливи дрвја е вкусно и добро за здравјето. За жителите на Медитеранот, зборот „масло“ отсекогаш значел „маслиново масло“. Всушност, шпанскиот збор за „масло“, асе́јте, потекнува од арапскиот збор азе́јт, што дословно значи „сок од маслинка“. И токму така би го опишале маслиновото масло — сок од гмечени маслинки без никакви други примеси. Бидејќи се цеди природно и нема потреба од адитиви или хемиски процеси, маслиновото масло не ги губи своите природни својства, вкус и арома.

„Најдоброто масло што постои“

Според историчарката Ерла Цвингл, маслиновото масло отсекогаш било „ценето како храна, гориво и мевлем, а се користело и при религиозни обреди“. Таа уште вели дека, до ден-денес, „маслиновото течно злато е најдоброто масло што постои“. Едноставниот начин на производство на маслиново масло не е променет со илјадници години. Најпрво, откако со стапови ќе ги исчукаат маслинките од гранките, берачите ги собираат од земја. Потоа, собраните плодови се гмечат сосе семки, се отстрануваат тврдите материи и, на крајот, се ставаат во посебни резервоари во кои маслото се двои од водата и е спремно за употреба.a

Меѓутоа, за разлика од златото, постојат толку многу видови маслиново масло што речиси би можеле да го споредиме со виното. Низ целиот свет се одгледуваат околу една милијарда маслинови дрвја,b а ботаничарите ги имаат поделено на повеќе од 680 видови. Но, вкусот, бојата и аромата на ова масло не зависат само од видот на дрвото туку и од видот на почвата, од временските услови, од времето на бербата (ноември-февруари) и од процесот на производство. Различни тимови на дегустатори го дефинираат вкусот на маслото како сладок, јак, овошен или пријатен. Дегустаторите се задолжени да го проверат квалитетот на финалниот производ.

Бидејќи медитеранската клима е многу погодна за одгледување на маслинки, 95 отсто од вкупната количина на маслиново масло во светот се произведува во Медитеранот. Оние што патуваат ќе забележат дека ридовите во Грција, Италија, Мароко, Португалија, Сирија, Тунис, Турција и Шпанија се прекриени со маслинови насади. Според тоа, маслиновото масло со право може да се опише како „течно злато од Медитеранот“.

Дел од здравата медитеранска исхрана

Медитеранската кујна со векови зависи од маслиновото масло кое им дава посебен вкус на јадењата типични за овие простори. Се користи за пржење, маринирање и како зачин. Хозе Гарсија Марин, главен шеф на кујна, истакнува колку важно е маслиновото масло за шпанските специјалитети. Тој вели: „Ако еден производ се користи 4.000 години, тогаш мора да е добар. А благодарение на прецизните методи на производство што беа воведени во последниве години, квалитетот на овој ‚нектар‘ е уште подобар“.

Истражувањата веќе долго време покажуваат дека традиционалната медитеранска храна е добра за здравјето.c Неодамна, нутриционистите организираа Меѓународна конференција за ефектот на нерафинираното маслиново масло врз здравјето. Тие заклучија дека медитеранската исхрана, во која спаѓа и нерафинираното маслиново масло, придонесува за подобро здравје и подолг живот. Исхраната богата со вакво масло може да го намали ризикот од срцеви заболувања и од рак. Според нутриционистите, „во сите земји во кои е застапена типична медитеранска исхрана... во која нерафинираното маслиново масло е главен извор на масни киселини, има многу помалку случаи на рак отколку во земјите од Северна Европа“.

Постојат повеќе причини зошто маслиновото масло е толку добро за здравјето. Една од нив е големото присуство на олеинска киселина (и до 80 отсто), која го подобрува крвотокот. Освен тоа, при производството не се вклучени хемиски процеси и не се користат конзерванси, поради што маслиновото масло ги задржува витамините, мононезаситените масни киселини и останатите природни состојки од зрелиот плод.

Маслиновото масло ја штити и ја зајакнува кожата затоа што содржи и витамин Е и полифеноли кои дејствуваат како антиоксиданси. Од таа причина, маслиновото масло влегува во составот на многу козметички средства, лосиони, шампони и сапуни. Грците и Римјаните си ја чистеле кожата и ѝ ја враќале влажноста со помош на маслиново масло збогатено со лековити билки. Нешто подоцна, во 6 век, изработувачите на сапуни во Франција почнале да прават сапун од маслиново масло измешано со пепел од морски растенија.

Маслиновото масло во библиски времиња

Во библиски времиња, маслиновото масло многу се користело, и тоа како храна, како козметичко средство, како гориво, како лек и слично. Библијата го спомнува повеќе од 250 пати — или како масло или како основна состојка на мирисливите масла.

Светото писмо покажува дека маслиновото масло играло важна улога во животот на едно типично израелско семејство. Бидејќи било главен дел од нивната исхрана, изобилството на масло било симбол на благосостојба (Јоил 2:24). И мажите и жените го користеле како лосион за тело. Пред да се сретне со Вооз, Рут ‚се намачкала со масло‘ (Рут 3:3). Откако постел седум дена, цар Давид ‚станал од земјата, се измил, се намачкал со масло и облекол друга облека, па отишол во Јеховиниот дом‘ (2. Самоилова 12:20).

За осветлување се користеле светилки на маслиново масло, па затоа морало да има доволно резерви на масло (Матеј 25:1-12). За осветлувањето на светиот шатор во пустината се користело „чисто масло од толчени маслинки“ (3. Мојсеева 24:2). До времето на цар Соломон, маслиновото масло станало важна меѓународна трговска стока (1. Царевите 5:10, 11). Пророците ги помазувале идните цареви со масло (1. Самоилова 10:1). Љубезните домаќини, како израз на гостопримство, со него им ја мачкале главата на гостите (Лука 7:44-46). Милосрдниот Самарјанин од споредбата на Исус му ги лечел раните на повредениот човек со масло и со вино (Лука 10:33, 34).

Бидејќи маслото се користело како лек, Светото писмо со него ги споредува пријатниот совет и утехата. Христијанскиот ученик Јаков напишал: „Болен ли е некој меѓу вас? Нека ги повика старешините од собранието, па тие нека се молат за него и нека го намачкаат со масло во името на Јехова. И молитвата упатена со вера ќе го оздрави болниот, и Јехова ќе го подигне“ (Јаков 5:14, 15).

Маслиновите дрвја даваат масло долго време. Само од едно дрво може да се добијат по три до четири литри масло секоја година, и тоа со векови! Во едно можеме да бидеме сигурни — ова течно злато може да ни го подобри здравјето, да послужи како лек за кожата и да го подобри вкусот на храната.

[Фусноти]

a Директни екстракти од маслинка се само нерафинираните масла extra-virgin и virgin. Рафинираното, односно обичното маслиново масло и маслото од маслинова пулпа (olive-pomace) се подложени на хемиски процес за да се неутрализира јакиот вкус.

b Од овие дрвја се добиваат околу 1,7 милијарди литри масло годишно.

c Овошјето и зеленчукот се исто така вообичаени за ваквиот начин на исхрана.

[Рамка на страница 19]

Што треба да знаеш за маслиновото масло

◼ Маслото ги задржува своите корисни својства и до 18 месеци.

◼ Бидејќи светлината му ги уништува состојките, маслото треба да се чува на ладно и темно место.

◼ Маслиновото масло ги губи антиоксидансите ако се користи за пржење повеќе од еднаш.

◼ Според нутриционистите, маслиновото масло има најдобар ефект врз здравјето ако се употребува постојано.

◼ Здравствената корист е уште поголема ако го јадете со медитеранска храна (риби, зеленчук, мешунки и овошје).

[Слики на страници 16 и 17]

Традиционален начин на производство на маслиново масло

Берачите го собираат родот чукајќи ги гранките

Мелничките камења ги гмечат маслинките сосе семки

Оваа машина го одвојува маслото од тврдите материи

Маслото излегува од мешалката

[Извор на слика]

Мелнички камења и машина за одвојување: Museo del Olivar y el Aceite de Baena

[Слика на страница 18]

Горе: насад со маслинки стари неколку века

[Слика на страница 18]

Десно: древна светилка на маслиново масло

[Извор на слика]

Светилка: Museo del Olivar y el Aceite de Baena

[Слика на страница 18]

Најдесно: приказ на споредбата на Исус за десетте девици со светилки на масло

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели