„Секој ќе го носи својот сопствен товар“
„Секој од нас ќе положи сметка за себе пред Бог“ (РИМЈАНИТЕ 14:12).
1. Која одговорност биле спремни да ја понесат тројцата Евреи?
ТРОЈЦА млади Евреи што живеат во Вавилон стојат пред одлука од која зависи нивниот живот. Ќе се поклонат ли пред еден огромен кип, како што барал законот на таа земја? Или ќе одбијат да го обожаваат тој кип и ќе бидат фрлени во вжарена печка? Седрах, Мисах и Авденаго немаат време да се посоветуваат со никого. Но, немаат ни потреба од такво нешто. Без трошка двоумење, тие велат: „Знај, о цару: ние нема да им служиме на твоите богови, ниту ќе му се поклониме на кипот што си го подигнал“ (Даниел 3:1-18). Тројцата Евреи биле спремни да го носат својот сопствен товар на одговорност.
2. Кој, всушност, влијаел врз одлуката што ја донел Пилат во врска со Исус Христос, и дали со тоа римскиот управител бил ослободен од одговорноста?
2 Околу шест века подоцна, управителот ги сослушува обвиненијата против еден човек. Го разгледува случајот и се уверува дека обвинетиот е невин. Но, мноштвото бара човекот да биде погубен. Откако се обидува да се спротивстави на тоа барање, управителот не е спремен да го носи својот товар на одговорност и попушта под притисокот. Миејќи си ги рацете, тој вели: „Јас сум невин за крвта на овој човек“. Потоа дозволува човекот да биде прикован на столб. Да, наместо да преземе одговорност самиот да донесе одлука во врска со Исус Христос, Понтиј Пилат остава другите да одлучат за него. Но, никакво количество вода не може да го ослободи од одговорноста што лежела врз него кога ја изрекол таа неправедна пресуда против Исус (Матеј 27:11-26; Лука 23:13-25).
3. Зошто не треба да дозволиме другите да донесуваат одлуки наместо нас?
3 А како е со тебе? Кога треба да донесеш некоја одлука, дали си како тројцата Евреи или дозволуваш друг да одлучува наместо тебе? Не е лесно да се донесуваат одлуки. Потребна е зрелост за да се избере она што е исправно. На пример, родителите треба да донесуваат добри одлуки за своите малолетни деца. Се разбира, тешко е да се донесуваат одлуки кога некоја ситуација е сложена и мора да се одмерат многу фактори. Сепак, одговорноста да се донесуваат одлуки не е толку тешка за да биде вклучена во бремињата, или маките, што треба да ги носат за нас оние што имаат „духовни квалификации“ (Галатите 6:1, 2). Напротив, тоа е товар за кој „секој од нас ќе положи сметка за себе пред Бог“ (Римјаните 14:12). „Секој ќе го носи својот сопствен товар“, пишува во Библијата (Галатите 6:5). Тогаш, како можеме да донесуваме исправни одлуки во животот? Прво, мораме да бидеме свесни за нашите човечки ограничувања и да сфатиме што треба да правиме за да излеземе на крај со нив.
Што е најважно
4. Која важна лекција во врска со донесувањето одлуки треба да ја научиме од непослушноста на првите маж и жена?
4 Уште во почетокот на човечката историја, првите маж и жена донеле одлука што имала катастрофални последици. Тие решиле да јадат од дрвото на спознанието на доброто и злото (Битие 2:16, 17). На што се темелела оваа одлука? „Жената виде дека дрвото е добро за јадење, пријатно за очите“, вели Библијата. Затоа „набра од неговиот плод и го јаде. Му даде и на својот маж, кој беше со неа, па и тој јадеше“ (Битие 3:6). Ева донела одлука на темел на својата себична желба. Нејзината постапка го навела и Адам да го стори истото. Како последица од тоа, гревот и смртта ‚се прошириле на сите луѓе‘ (Римјаните 5:12). Од непослушноста на Адам и Ева треба да научиме една важна лекција во врска со ограничувањата на луѓето: Ако не го следи Божјето водство, човекот е склон да донесува погрешни одлуки.
5. Какво водство ни дава Јехова, и што мораме да правиме за да имаме корист од тоа водство?
5 Колку среќни треба да бидеме што Јехова Бог не нѐ оставил без водство! Во Светото писмо читаме: „Твоите уши ќе чујат слово како зборува зад тебе: ‚Тоа е патот, одете по него‘, било да тргнувате надесно или налево“ (Исаија 30:21). Јехова ни зборува преку својата инспирирана Реч, Библијата. Мораме да ја проучуваме и добро да се запознаеме со неа. За да донесуваме исправни одлуки, треба да се храниме со „цврстата храна [што] им припаѓа на зрелите луѓе“. Исто така, нашата „моќ за согледување преку употреба е извежбана да разликува исправно и неисправно“ (Евреите 5:14). Нашата моќ за согледување можеме да ја вежбаме на тој начин што ќе го применуваме она што го учиме од Божјата реч.
6. Што треба да правиме за совеста да нѐ води исправно?
6 Кога донесуваме одлуки, многу е битно да ја користиме совеста што ни е вродена. Таа може да даде суд и може да нѐ ‚обвини или да нѐ оправда‘ (Римјаните 2:14, 15). Но, за да нѐ води исправно, совеста мора да биде изострена со точното познавање на Божјата реч и да стане осетлива со тоа што ќе ја применуваме таа Реч. Неизострената совест лесно паѓа под влијание на локалните обичаи и навики. Средината и ставовите на другите луѓе исто така можат да нѐ насочат во погрешен правец. Што ќе се случи со нашата совест ако ја игнорираме секојпат кога нѐ пече и ако ги прекршуваме Божјите мерила? Со текот на времето може да стане жигосана, исто како врз неа да било притиснато „железо за жигосување“, и може да стане како изгорено месо покриено со кораво ткиво — затапена и неосетлива (1. Тимотеј 4:2). Од друга страна, пак, совеста што е изострена со помош на Божјата реч е сигурен водич.
7. Што е најважно за да можеме да донесуваме мудри одлуки?
7 Значи, за успешно да ја носиме одговорноста да донесуваме мудри одлуки, многу е важно добро да ја познаваме Библијата и да го применуваме тоа што го знаеме. Наместо да донесуваме избрзани и непромислени одлуки, мораме да одвоиме време да ги разгледаме библиските начела и добро да размислиме како да ги примениме. Дури и кога ќе треба да донесеме некоја одлука на лице место — како што било случај со Седрах, Мисах и Авденаго — ќе бидеме добро подготвени за тоа ако темелно ја познаваме Божјата реч и ако нашата совест е изострена на темел на тоа знаење. За да видиме како може напредокот кон зрелост да ја подобри нашата способност да донесуваме добри одлуки, да разгледаме две полиња од животот.
Со кого ќе се дружиме?
8, 9. а) Кои начела покажуваат дека треба да се тргаме настрана од лошо друштво? б) Дали лошото друштво се однесува само на директно дружење со безбожни луѓе? Објасни.
8 „Немојте да се залажувате“, напишал апостол Павле. „Лошите друштва ги расипуваат корисните навики“ (1. Коринќаните 15:33). Исус Христос им рекол на своите ученици: „Не сте дел од светот“ (Јован 15:19). Штом сме ги дознале овие начела, веднаш сме сфатиле дека не треба да се дружиме со блудници, прељубници, крадци, пијаници и други слични луѓе (1. Коринќаните 6:9, 10). Но, како што сѐ повеќе ја учиме библиската вистина, сфаќаме дека е подеднакво штетно да им посветуваме време на таквите лица гледајќи ги на филмови, на телевизија или на компјутерскиот екран или, пак, читајќи за нив. Истото важи и за контактите на чет-линиите на Интернет со „подмолните“ луѓе, односно со оние што кријат какви се (Псалм 26:4).
9 Но, дали е во ред да се дружиме со лица што се морално чисти, но не веруваат во вистинскиот Бог? Светото писмо ни кажува: „Целиот свет лежи во власта на злобниот“ (1. Јованово 5:19). Знаеме дека во лошо друштво не спаѓаат само оние што си допуштаат сѐ или само оние што се морално расипани. Затоа, мудро е да бидеме блиски пријатели само со лица што го сакаат Јехова.
10. Што ќе ни помогне да донесуваме зрели одлуки во врска со нашите контакти со светот?
10 Не е ниту можно ниту, пак, потребно потполно да ги избегнуваме контактите со луѓето во светот (Јован 17:15). Кога проповедаме и кога сме на училиште или на работното место, неизбежно доаѓаме во контакт со светот. Христијанинот што е во брак со неверник можеби мора да има контакти со светот повеќе од другите. Меѓутоа, ако нашата моќ за согледување е извежбана, сфаќаме дека една работа е да имаш неизбежни ограничени контакти со светот, а сосема друга работа е да одржуваш блиски врски со него (Јаков 4:4). Затоа, можеме да донесуваме зрели одлуки во врска со тоа дали ќе учествуваме во воншколски активности, како што се спортови и различни курсеви, и дали ќе одиме на забави и вечери организирани за вработените.
Избор на работно место
11. За што треба најнапред да размислиме кога донесуваме одлуки во врска со вработувањето?
11 Кога ги применуваме библиските начела на зрел начин, полесно можеме да донесуваме одлуки за тоа како ќе ја исполниме својата обврска ‚да се грижиме за своите домашни‘ (1. Тимотеј 5:8). Најнапред треба да размислиме за каква работа станува збор — што ќе се бара од нас. Сосема е погрешно да избереме работа со која се поддржува нешто што е директно осудено во Библијата. Затоа, вистинските христијани не прифаќаат работни места што на некој начин се поврзани со идолопоклонство, крадење, злоупотреба на крвта или други работи што не се одобрени во Библијата. Исто така, нема да лажеме ниту да се служиме со измама, дури и ако шефот го бара тоа од нас (Дела 15:29; Откровение 21:8).
12, 13. Кои други фактори освен самото работно место се важни кога донесуваме одлука во врска со вработувањето?
12 Што ако станува збор за работа со која не се прекршува некое конкретно барање од Бог? Како што учиме сѐ повеќе за вистината и како што се подобрува нашата способност за размислување, сфаќаме и кои други фактори треба да ги имаме на ум. Што ако во склоп на работата треба да правиме нешто што Библијата не го одобрува како, на пример, да одговараме на телефонски повици во коцкарница? Мора да земеме предвид и од каде ќе добиваме плата и каков е објектот каде што ќе работиме. На пример, дали еден христијанин што има своја фирма ќе ѝ ги понуди своите молерски услуги на некоја црква, и на тој начин ќе прави нешто што оди во прилог на лажната религија? (2. Коринќаните 6:14-16).
13 Но, што ако некогаш нашиот работодавач склучи договор да молериса некој објект на лажната религија? Во тој случај, ќе треба да размислиме колкава контрола имаме ние над она што се прави и колку самите ќе учествуваме во тоа. А што ако работиме нешто што смееме да го правиме од библиска гледна точка, на пример, вработени сме како поштар, но разнесуваме пошта и до објекти во кои се прават работи што се не се во ред? Зарем не би важело начелото од Матеј 5:45? Не смееме да занемариме ни како тоа што секој ден ја вршиме таа работа ќе влијае врз нашата совест (Евреите 13:18). За да го носиме својот товар на одговорност кога донесуваме зрели одлуки во врска со вработувањето, треба да ни биде изострена способноста за согледување и совеста што ни ја дал Бог.
„Мисли на Него на сите свои патишта“
14. За што треба да размислиме секогаш кога донесуваме одлуки?
14 Што да се каже за одлуките што ги донесуваме во врска со други работи, како што се световното образование и прифаќањето или одбивањето на извесен начин на лекување? Кога стоиме пред некоја одлука, најнапред мораме да утврдиме кои библиски начела се однесуваат на неа, а потоа треба да ја користиме способноста за размислување за да ги примениме тие начела во нашата ситуација. „Надевај се на Господа со сето свое срце и не се потпирај врз сопствениот разум“, рекол мудриот цар Соломон од древниот Израел. „Мисли на Него на сите свои патишта и Тој ќе ги исправи твоите патеки“ (Пословици 3:5, 6).
15. Што учиме од христијаните во првиот век во врска со донесувањето одлуки?
15 Честопати, одлуките што ги донесуваме влијаат и врз другите, па затоа треба да мислиме и на тоа. На пример, за христијаните во првиот век повеќе не важеле ограничувањата поврзани со исхраната што биле пропишани со Мојсеевиот закон. Христијаните можеле да одлучат да јадат извесна храна што според Законот се сметала за нечиста доколку немало што да ѝ се приговори во друг поглед. Меѓутоа, апостол Павле напишал нешто за месото од животни што можеби било носено во некој идолски храм: „Ако храната го наведува мојот брат на спрепнување, нема воопшто никогаш повеќе да јадам месо, за да не го наведам својот брат на спрепнување“ (1. Коринќаните 8:11-13). Првите христијани биле поттикнати да ја земат предвид совеста на другите за да не ги спрепнат. Со нашите одлуки не треба да им станеме „причина за спрепнување“ (1. Коринќаните 10:29, 32).
Барај мудрост од Бог
16. Како ни помага молитвата кога донесуваме одлуки?
16 Кога донесуваме одлуки, молитвата може многу да ни помогне. Ученикот Јаков вели: „Ако некому од вас му недостига мудрост, постојано нека бара од Бог, зашто тој им дава дарежливо на сите и без прекорување; и ќе му се даде“ (Јаков 1:5). Можеме со доверба да му се обратиме на Јехова во молитва и да ја бараме мудроста што ни е потребна за да донесеме исправна одлука. Додека му ги кажуваме нашите грижи на вистинскиот Бог и го бараме неговото водство, светиот дух може да ни помогне подобро да ги разбереме библиските стихови што ги разгледуваме, и да се сетиме на оние што можеби сме ги превиделе.
17. Како можат другите да ни помогнат кога донесуваме одлуки?
17 Можат ли другите да ни помогнат во донесувањето одлуки? Да, Јехова се погрижил да има зрели личности во собранието (Ефешаните 4:11, 12). Можеме да се посоветуваме со нив, особено ако станува збор за некоја многу важна одлука. Оние што ги разбираат длабоките духовни работи и имаат големо искуство во животот можат да ни обрнат внимание и на други библиски начела што се поврзани со нашата одлука, и со тоа можат да ни помогнат ‚да се увериме во поважните работи‘ (Филипјаните 1:9, 10). Меѓутоа, треба да предупредиме на една работа: Мораме да внимаваме да не дозволиме другите да донесуваат одлуки наместо нас. Ние треба да си го носиме својот товар на одговорност.
Дали исходот секогаш ќе биде добар?
18. Што може да се рече за исходот од некоја добра одлука?
18 Дали одлуките што сме ги донеле совесно и што цврсто се темелат на библиските начела секогаш водат до добри резултати? Долгорочно гледано, да. Меѓутоа, понекогаш краткорочниот ефект може да биде болен. Седрах, Мисах и Авденаго знаеле дека може да умрат поради својата одлука да не го обожаваат огромниот кип (Даниел 3:16-19). Слично, откако апостолите изјавиле пред еврејскиот Синедрион дека мораат да го слушаат Бог како владетел, а не луѓето, најнапред биле истепани, па дури потоа биле пуштени (Дела 5:27-29, 40). Освен тоа, „времето и непредвидените настани“ можат да влијаат лошо врз резултатот на некоја одлука (Проповедник 9:11, NW). Ако страдаме на некој начин и покрај тоа што сме донеле исправна одлука, можеме да бидеме уверени дека Јехова ќе ни помогне да издржиме и дека на крајот ќе нѐ благослови (2. Коринќаните 4:7).
19. Како можеме храбро да го носиме својот товар на одговорност кога донесуваме одлуки?
19 Значи, кога донесуваме одлуки, мораме да ги бараме библиските начела и да го користиме својот ум за да ги примениме тие начела. Колку сме благодарни што Јехова ни помага преку својот свет дух и преку зрелите лица во собранието! Со такво водство и помош, храбро да го носиме својот товар на одговорност кога донесуваме мудри одлуки.
Што научи?
• Која е една од најважните работи што треба да ја направиме за да донесуваме добри одлуки?
• Како напредокот кон зрелост влијае врз нашиот избор на друштво?
• Кои важни фактори треба да ги земеме предвид кога донесуваме одлуки во врска со вработувањето?
• Каква помош ни стои на располагање кога донесуваме одлуки?
[Слика на страница 22]
Од непослушноста на Адам и Ева учиме важна лекција
[Слика на страница 24]
Пред да донесеш некоја важна одлука, размисли за библиските начела