Јазикот и мудроста
,КАМО да не го речев тоа!‘ Ти се случило ли да си го кажеш ова себеси? На сите ни е тешко да си го контролираме јазикот. Можеме да го скротиме речиси секое животно, вели Библијата, „но јазикот никој од луѓето не може да го скроти“ (Јаков 3:7, 8). Дали тоа значи дека е залудно да се трудиме? Не! Следниве библиски начела можат да ни помогнат до одреден степен да го контролираме овој мал, но моќен орган.
● „Многуте зборови не остануваат без грев, а кој си ги зауздува усните, постапува разборито“ (Изреки 10:19). Колку повеќе зборуваме толку поголема е веројатноста да кажеме нешто непромислено, па дури и штетно. Незаузданиот јазик може да биде како оган, може брзо да рашири штетно озборување или клевета (Јаков 3:5, 6). Меѓутоа, ако ги ‚зауздаме усните‘, т.е. ако добро размислиме пред да кажеме нешто, ќе покажеме дека земаме предвид како би можеле да се одразат нашите зборови врз другите. На тој начин, стануваме познати како разборити личности и ја стекнуваме почитта и довербата на другите.
● „Секој човек треба да биде брз на слушање, а бавен на зборување и бавен на гнев“ (Јаков 1:19). Другите би сакале внимателно да ги слушаме кога ни кажуваат нешто бидејќи така покажуваме не само дека сме заинтересирани за нив туку и дека ги почитуваме. Но, што ако некој нѐ повреди или нѐ испровоцира? Во таков случај, ќе мора да се потрудиме да бидеме ‚бавни на гнев‘, наместо да вратиме мило за драго. Можеби другиот бил вознемирен од некоја причина, а можеби дури и ќе ни се извини за она што го рекол. Дали ти е тешко да бидеш „бавен на гнев“? Тогаш моли го Бог да ти помогне да се самосовладуваш. Тој нема да ги занемари твоите искрени барања (Лука 11:13).
● „Благиот јазик коски крши“ (Изреки 25:15). Општо е прифатено гледиштето дека благоста е знак на слабост, но тоа воопшто не е точно. На пример, благиот одговор може да скрши противење што изгледа тврдо како коска, кое можеби е предизвикано од гнев или предрасуди. Се разбира, може да биде многу тешко да се покажува благост, посебно во напнати ситуации. Во ваквите моменти, размислувај зошто е корисно да постапуваме во склад со Библијата и кои би биле можните последици ако не го правиме тоа.
Библиските начела се навистина ‚мудрост одозгора‘ (Јаков 3:17). Ако ја применуваме оваа мудрост во говорот, нашите зборови ќе бидат достоинствени, пријатни и позитивни. Ќе личат на „златни јаболка во сребрени садови“ — одмерени и соодветни во секоја прилика (Изреки 25:11).