Изградувајте се еден со друг
„Никаков лош збор да не излегува од устата ваша, туку само добар, за издигање [изградување, NW]“ (ЕФЕСЈАНИТЕ 4:29, NW).
1, 2. а) Зошто со право може да се каже дека говорот е чудо? б) Кое предупредување е прикладно во врска со тоа како го употребуваме нашиот јазик?
„ГОВОРОТ е волшебна нишка која поврзува пријатели, семејства и општества . . . Со помош на човечкиот ум и со коордирирани контракции на група мускули [на јазикот], создаваме звуци кои побудуваат љубов, завист, почитување — навистина секаква човечка емоција“ (Hearing, Taste and Smell).
2 Нашиот јазик е многу повеќе отколку само орган за голтање или за вкус; тој е дел од нашата способност да го споделуваме она што го мислиме и чувствуваме. „Јазикот е мал член“, напишал Јаков. „Со него го благословуваме Јехова, Таткото, а сепак со него ги колнеме луѓето кои настанале во ‚по Божја слика‘“ (Јаков 3:5, 9, NW). Да, јазикот можеме да го користиме на прекрасни начини, како на пример, да го фалиме Јехова. Но, затоа што сме несовршени, лесно можеме да го употребиме за да зборуваме штетни или негативни работи. Јаков напишал: „Не треба, браќа мои, тоа така да биде“ (Јаков 3:10).
3. На кои два аспекта од нашиот говор треба да обрнеме внимание?
3 Иако ниеден човек не може совршено да го контролира својот јазик, сигурно дека треба да се стремиме да се подобриме. Апостол Павле нѐ советува: „Никаков лош збор да не излегува од устата ваша, туку само добар, за издигање [изградување, NW] кадешто треба, за да им принесе благодат на оние што слушаат“ (Ефесјаните 4:29). Забележи дека овој налог има две страни: она што треба да се стремиме да го избегнуваме и она што треба да се трудиме да го правиме. Да ги разгледаме двете страни.
Да се избегнува расипан говор
4, 5. а) Каква борба имаат христијаните во врска со неисправниот говор? б) Која слика би можела да одговара на изразот „лош збор“?
4 Во Ефесјаните 4:29 прво сме поттикнати: „Никаков лош збор да не излегува од устата ваша“. Тоа може да не биде лесно. Една причина е таа што бесрамноста често е вообичаена во светот околу нас. Многу христијански младинци секојдневно слушаат пцуење, затоа што школските другари можеби мислат дека пцовките се добри за нагласување на говорот или ги прават да изгледаат посилни. Можеби не сме во можност во потполност да избегнуваме да слушаме вулгарни зборови, но можеме и треба совесно да се трудиме да не ги впиваме. За нив нема никакво место во нашите мисли или на нашите усни.
5 Во позадината на Павловото предупредување стои грчки збор кој се однесува на расипана риба или на гнило овошје. Претстави си го следново: Посматраш како еден човек станува нестрплив, а потоа потполно бесен. На крајот избувнува, и гледаш како од устата му излегува една скапана риба. Потоа гледаш како му излегува смрдливо, гнило овошје, распрснувајќи сѐ наоколу. Кој е тој? Колку ужасно кога тоа би било некој од нас! Сепак, таквата слика токму би одговарала кога ‚од нашата уста би излегувале расипани зборови‘.
6. Како Ефесјаните 4:29 се однесува на критизерски и негативен говор?
6 Уште една примена на Ефесјаните 4:29 е да избегнуваме постојано да бидеме критички настроени. Се разбира, сите ние имаме мислења и вкусови за нешта кои не ги сакаме или не ги прифаќаме, но дали си бил со некого кој се чини дека има негативен коментар (или многу коментари) за секој човек, место или спомената работа? (Спореди Римјаните 12:9; Евреите 1:9, NW.) Неговиот говор урива, депримира или уништува (Псалми 10:7; 64:2-4, ДК; Соломонови изреки 16:27; Јаков 4:11, 12). Тој можеби не сфаќа колку многу личи на оние кои биле критички настроени, а коишто ги опишал Малахија (Малахија 3:13-15). Колку би се шокирал кога некој минувач би му рекол дека од устата му се лизга скапана риба или гнило овошје!
7. Какво самоиспитување треба да изврши секој од нас?
7 Иако е лесно да се препознае кога некој друг постојано дава негативни или критизерски коментари, запрашај се: ‚Дали јас сум склон да бидам таков? Навистина, дали сум таков?‘ Би било мудро повремено да размислуваме за духот на нашите зборови. Дали тие зборови првенствено се негативни, критизерски? Дали звучиме како тројцата Јовови лажни утешители? (Јов 2:11; 13:4, 5; 16:2; 19:2). Зошто да не споменеме некоја позитивна страна? Ако некој разговор е главно критизерски, зошто да не го насочиме кон изградувачки работи?
8. Каква поука за говорот ни дава Малахија 3:16, и како можеме да покажеме дека ја применуваме?
8 Малахија ја дал оваа разлика: „Оние кои се плашеа од Јехова, зборуваа меѓусебе, секој со својот другар, и Јехова постојано внимаваше и слушаше. И пред него почна да се пишува книга на сеќавање за оние кои се плашат од Јехова, и за оние кои размислуваат за неговото име“ (Малахија 3:16, NW). Дали забележа како Бог реагирал на изградувачкиот говор? Какво било можното влијание на таквиот разговор меѓу другарите? Можеме лично да извлечиме поука во врска со нашиот секојдневен говор. Колку е подобро за нас и за другите ако нашиот вообичаен говор ја одразува нашата ‚пофална жртва на Бога‘ (Евреите 13:15).
Работи на тоа да ги изградуваш другите
9. Зошто христијанските состаноци се одлична прилика за изградување на другите?
9 Собраниските состаноци се одлична прилика да се зборува ‚сѐ што е добро за изградување според потребата, за да им биде корисно на слушателите‘ (Ефесјаните 4:29, NW). Тоа можеме да го правиме кога имаме говор на библиска основа, кога учествуваме во приказ или кога коментираме за време на прашања и одговори. Со тоа ги потврдуваме Соломонови изреки 20:15: „Разумната уста е поскапоцена од сѐ“. И кој знае до колку срца допираме или ги изградуваме?
10. Откако ќе размислиме со кого обично сме разговарале, каква измена можеби би била во ред? (2. Коринтјаните 6:12, 13).
10 Времето пред и после состаноците е соодветно за изградување на другите со разговор кој е корисен за слушателите. Лесно би било ова време да го поминеме во пријатен разговор со роднини и мал број пријатели со кои се чувствуваме угодно (Јован 13:23; 19:26). Меѓутоа, во согласност со Ефесјаните 4:29, зошто да не наоѓаме други луѓе за разговор? (Спореди Лука 14:12-14.) Би можеле однапред да одлучиме да сториме повеќе отколку само едно формално или на поминување добар ден на некои поединци, на постари или на помлади, па дури да седнеме со малите за повеќе да бидеме на нивното ниво. Нашата вистинска заинтересираност и времето кога зборуваме изградувачки ќе им овозможи на другите да ги повторат чувствата на Давид од Псалм 122[121]:1.
11. а) Каква навика развиле многумина во врска со седењето? б) Зошто некои намерно седат на различни места?
11 Друга помош за изградувачки разговор е да седиме на различни места на состаноците. Можеби некоја мајка со дете би требало да седи близу до тоалетот, или можеби некој болен човек треба да седи на крајот од редот, но како е со нас останатите? Можеби навика нѐ наведува да седиме на една одредена столица или во еден дел; па дури и птицата инстинктивно се враќа на своето седело (Исаија 1:3; Матеј 8:20). Но, искрено речено, кога можеме секаде да седиме, зошто да не седиме на различни места — десна страна, лева страна, напред и слично — и така подобро да се запознаеме со различни? Иако нема правило да го правиме тоа, старешините и другите зрели кои седат на различни места, откриле дека е полесно да им го пренесат она што е корисно на многумина, а не само на релативно малку блиски пријатели.
Изградувај на богобојазлив начин
12. Каква непожелна тенденција се покажала во текот на историјата?
12 Желбата на христијанинот да ги изградува другите треба да го поттикне да го имитира Бог во овој поглед, наместо да ја следи човечката склоност да спроведува голем број правила.a Несовршените луѓе долго имаат наклоност да владеат со оние околу нив, па дури и некои од Божјите слуги попуштиле под таа склоност (1. Мојсеева 3:16; Проповедник 8:9). Во Исусово време еврејските водачи ‚врзувале бремиња тешки на другите а сами не сакале да ги помрднат‘ (Матеј 23:4). Безопасните обичаи ги претвориле во задолжителни традиции. Во нивната прекумерна загриженост за човечките правила, превиделе работи кои Бог ги означил за поважни. Никој не се изградил со составување на многу небиблиски правила; нивниот начин едноставно не бил Божји начин (Матеј 23:23, 24; Марко 7:1-13).
13. Зошто не е на место да се измислуваат безбројни правила за другите христијани?
13 Христијаните искрено сакаат да се придржуваат за божествените закони. Но, дури и ние би можеле да бидеме жртви на склоноста да поставуваме безброј тегобни правила. Зошто? Како прво, вкусовите и желбите се разликуваат, и така некои би можеле да прифатат нешто што другите не го сакаат и што мислат дека треба да се отстрани. А христијаните се разликуваат и во својот духовен напредок кон духовна зрелост. Но, дали создавањето на многу правила е богобојазлив начин на некого да му се помогне да напредува кон зрелост? (Филипјаните 3:15; 1. Тимотеј 1:19; Евреите 5:14). Дури и кога некој навистина следи пат кој изгледа екстремен или опасен, дали законот за забрана е најдобро решение? Божјиот начин на постапување е оспособените да се обидат повторно да го вратат оној кој згрешил и благо да разговараат со таквиот (Галатјаните 6:1).
14. За кои цели служеле законите кои Бог му ги дал на Израел?
14 Вистина, додека го употребувал Израел како свој народ, Бог поставил стотици закони за храмско обожавање, за жртви, па дури и за здравството. Тоа било прикладно за една посебна нација, и многу од законите имале пророчко значење и помогнале да ги водат Евреите до Месијата. Павле напишал: „Законот станал наш воспитувач кој води до Христос, за да можеме да бидеме оправдани поради верата. Но, сега бидејќи дојде верата, не сме повеќе под воспитувач“ (Галатјаните 3:19, 23-25, NW). Откако Законот бил поништен на маченичкиот столб, Бог не им дал на христијаните долг список со правила за повеќето области од животот, како тоа да е начин да останат изградени во верата.
15. Какво водство пружил Бог за христијанските обожаватели?
15 Се разбира, ние не сме без закон. Бог ни заповеда да се воздржуваме од идолопоклонство, блуд и прељуба, и од злоупотреба на крв. Тој конкретно забранува убиство, лажење, спиритизам и разни други гревови (Дела на св. апостоли 15:28, 29; 1. Коринтјаните 6:9, 10; Откровение 21:8). И тој во својата Реч ни дава јасен совет за многу работи. Сепак, во многу поголема мера отколку Израелците, ние сме одговорни да ги учиме и применуваме библиските начела. Старешините можат да ги изградуваат другите така што ќе им помогнат да ги најдат и да размислуваат за тие начела, наместо само да бараат или да составуваат правила.
Старешини кои изградуваат
16, 17. Каков одличен пример дале апостолите во врска со составување на правила за другите обожаватели?
16 Павле напишал: „До мерката до која сме напредувале, да одиме и понатаму уредно по истиот утврден ред“ (Филипјаните 3:16, NW). Во согласност со тоа Божје гледиште, апостолот постапувал со другите на начин кој изградувал. На пример, се појавило прашање во врска со тоа дали да се јаде месо кое можеби било од идолски храм. Дали овој старешина, можеби поради доследноста или едноставноста, поставил некое правило за сите во првите собранија? Не. Тој сфатил дека разновидноста во спознанието и напредокот кон зрелоста би можеле тие христијани да ги водат до различни избори. Што се однесува до него, тој бил одлучен да постави добар пример (Римјаните 14:1-4; 1. Коринтјаните 8:4-13).
17 Христијанските грчки списи покажуваат дека апостолите давале корисни совети за некои лични работи, како што е облекувањето и изгледот, но не оделе кон тоа да прават општи правила. Денес тоа е одличен пример за христијанските надгледници кои се заинтересирани за изградување на стадото. И тоа, всушност, проширува еден основен начин на постапување којшто Бог го применил уште кај древниот Израел.
18. Какви правила му дал Јехова на Израел во врска со облеката?
18 Бог не им дал на Израелците совршени закони за облекување. Очигледно мажите и жените користеле слични наметки, или горна облека, иако женската облека можеби била извезена или била повеќе шарена. Обата пола носеле и садин, или долна облека (Судиите 14:12; Соломонови изреки 31:24; Исаија 3:23, ДК). Какви закони за облекување дал Бог? Ниту мажите, ниту жените не смееле да носат облека која се поистоветувала со спротивниот пол, очигледно со хомосексуална склоност (5. Мојсеева 22:5). За да покажат дека се одвоени од околните нации, Израелците требало да стават ресест раб на нивната облека, со син конец над ресата, и можеби реси на аглите од наметките (4. Мојсеева 15:38-41). Во основа тоа е целото упатство кое Законот го дал за начинот на облекување.
19, 20. а) Какво упатство им дава Библијата на христијаните за облекувањето и изгледот? б) Какво гледиште требаат да имаат старешините спрема составувањето на правила во врска со личниот изглед?
19 Иако христијаните не се под Законот, дали во Библијата ни се поставени други подробни правила во врска со облекувањето или изгледот? Баш не. Бог дал урамнотежени начела кои можеме да ги примениме. Павле напишал: „Жените, облечени пристојно, со срамежливост и чесност да се украсуваат, не со плетенки, ни со злато, или со бисери, или со скапоцени облеки“ (1. Тимотеј 2:9). Наместо да се сосредоточуваат на физичко дотерување, Петар ги поттикнувал христијанските жени да се сосредоточат на „тајната личност на срцето во нераспадливата облека на тихиот и благ дух“ (1. Петрово 3:3, 4, NW). Тоа што бил запишан таков совет, укажува на тоа дека некои христијани од првиот век можеби требало да бидат поскромни и повоздржани во своето облекување и појава. Сепак, наместо да бараат — или да забрануваат — одредени стилови, апостолите само давале изградувачки совети.
20 Јеховините сведоци треба да бидат, и обично се почитувани заради нивниот скромен изглед. Сепак, стилот се разликува од земја до земја и дури и во една иста област или собрание. Се разбира, еден старешина кој има цврсто мислење или одреден вкус за облекувањето и изгледот, може според тоа да одлучува за себе и за своето семејство. Но, што се однесува до стадото, треба да ја има на ум Павловата главна мисла: „Не дека сме господари во вашата вера, туку сме соработници на вашата радост зашто со вашата вера стоите“ (2. Коринтјаните 1:24, NW). Да, кога се спротивставуваат на некоја побуда да постават правила за собранието, старешините работат на тоа да ја изградуваат верата на другите.
21. Како можат старешините да пружат изградувачка помош ако некој оди во крајност со облекувањето?
21 Како во првиот век, понекогаш некој кој е нов или духовно слаб може да следи сомнителен или немудар начин на облекување или на употребување на шминка или накит. Што тогаш? Уште еднаш, Галатјаните 6:1 дава совет за христијанските старешини кои искрено сакаат да помогнат. Пред да одлучи да даде совет, старешината може мудро да се посоветува со друг старешина, по можност да не оди кај старешина за кого знае дека го дели неговиот вкус или мислење. Ако некој световен тренд во облекувањето и изгледот се чини дека влијае на многумина во собранието, старешинството би можело да дискутира како најдобро да пружи помош, на пример со љубезен изградувачки совет на состанок или со пружање на поединечна помош (Соломонови изреки 24:6; 27:17). Нивната цел е да поттикнат на гледиштето одразено во 2. Коринтјаните 6:3, (NW): „Никако не даваме повод за препнување, за да не ѝ се најде мана на нашата служба“.
22. а) Зошто не треба да нѐ вознемирува ако постојат мали разлики во гледиштата? б) Каков одличен пример дал Павле?
22 Христијанските старешини ‚кои го пасат Божјето стадо, што е под нивна грижа‘ сакаат да прават како што зацртал Петар, а тоа е да не ‚господарат над оние кои се Божје наследство‘ (1. Петрово 5:2, 3, NW). Во текот на нивната љубезна работа, би можеле да се појават прашања околу работи за кои би постоеле различни гледишта. Можеби месен обичај е да се стои простум кога се читаат пасусите во текот на студирањето на Стражарска кула. Подготовките за служба на проповедање и многу други поединости за самата служба можат да се водат според вообичаениот начин. Сепак, зарем би било катастрофално кога некој би постапувал малку поинаку? Љубезните надгледници сакаат ‚сѐ да се одвива пристојно и уредно‘, израз кој Павле го употребил во врска со чудесните дарови. Но контекстот покажува дека Павловиот главен интерес бил „изградување на собранието“ (1. Коринтјаните 14:12, 40, NW). Тој не покажал никаква склоност да постави безброј правила, како апсолутната еднообразност или целосната делотворност да биле негова првенствена цел. Тој напишал: „Ни ја даде Господ [власта] за да ве изградуваме, а не да ве уриваме“ (2. Коринтјаните 10:8, NW).
23. Кои се некои од начините на кои можеме да го имитираме Павловиот пример за изградување на другите?
23 Без сомнение, Павле работел на тоа да ги изградува другите со позитивен и изградувачки говор. Наместо да се дружи само со мал круг на пријатели, тој се трудел да посетува многу браќа и сестри, и духовно јаките и оние кои имале посебна потреба да се изградуваат. И ја нагласувал љубовта — а не правила — затоа што „љубовта изградува“ (1. Коринтјаните 8:1).
[Фуснота]
a Во едно семејство би биле пожелни разновидни правила, во зависност од околностите. Библијата ги овластува родителите да одлучуваат за своите мали деца (2. Мојсеева 20:12; Соломонови изреки 6:20; Ефесјаните 6:1-3).
Мисли за повторување
◻ Зошто е на место да се промениме ако имаме склоност кон негативен или критизерски говор?
◻ Што можеме да правиме за повеќе да ги изградуваме оние во собранието?
◻ Кој е богобојазниот образец во врска со поставувањето многу правила за другите?
◻ Што ќе им помогне на старешините да избегнуваат да поставуваат човечки правила за стадото?