Прашања од читателите
Што укажува Библијата во врска со казнувањето со смрт, смртната казна за криминалците?
Се разбира, секој од нас би можел да има свои лични мислења околу ова, темелени на нашето искуство или ситуација во животот. Сепак, како Јеховини сведоци, треба да се трудиме да се прилагодиме на Божјите мисли во врска со смртната казна, додека остануваме неутрални во поглед на политичките ставови што мнозина ги заземаат по ова спорно прашање.
Отворено речено, во својата пишана Реч, Бог не укажува дека казната со смрт е неисправна.
На почетокот од човечката историја, Јехова ги изразил своите мисли за таа работа, како што читаме во 1. Мојсеева, поглавје 9. Ова ги вклучувало Ное и неговото семејство, кои станале предци на целото човечко семејство. Откако излегле од арката, Бог рекол дека можат да јадат животни — то ест, животните можеле да бидат убивани, да им се исцедува крвта и да се јадат. Потоа, во 1. Мојсеева 9:5, 6, Бог рекол: „А и вашата крв, односно вашиот живот, ќе го барам; од секој ѕвер ќе го барам, ќе ја барам, исто така, душата човечка од раката на човек, од раката на братот негов; кој ќе пролее крв човечка, и неговата крв ќе се пролее од човечка рака; зашто човекот го создадов според образот Божји“. Значи, Бог овластил смртна казна во случај на убијци.
Додека Бог постапувал со Израел како со свој народ, со смрт биле казниви разни други сериозни престапи против божествениот закон. Во 4. Мојсеева 15:30 ја читаме следнава општа изјава: „Ако некој од тукашните или придојдените изврши нешто со дрска рака, тој хули на Господа; да се истреби таа душа од народот свој“.
Но, како било после основањето на христијанското собрание? Па, знаеме дека Јехова ги овластил човечките влади да постојат и ги нарекол како виши власти. Всушност, откако ги посоветувал христијаните да им бидат послушни на таквите државни власти, Библијата вели дека таквите служат како „слугинка Божја, за твое добро. Ако, пак, правиш зло, тогаш страхувај, бидејќи тој не носи залудо оружје; тој е служител Божји и со гнев се одмаздува на оној што прави зло“ (Римјаните 13:14).
Дали тоа значи дека владите се овластени дури и да им ги одземаат животите на оние кои вршат сериозни злочини? Од зборовите во 1. Петрово 4:15 би морале да заклучиме: да. Во тој пасус, апостолот ги советувал своите браќа: „Никој, пак, од вас да не страда како убиец, или крадец, или злочинец, ниту како оној што се меша во туѓи работи“. Дали забележа: ‚Никој од вас да не страда како убиец‘? Петар не сугерирал на тоа дека владите немаат право да предизвикаат убиецот да страда поради својот злочин. Напротив, тој укажал дека еден убиец со право би можел да си добие заслужена казна. Дали тоа би вклучувало и казна со смрт?
Би можело. Тоа е јасно од Павловите зборови што се наоѓаат во Дела, поглавје 25. Евреите го обвиниле Павла за престапи против нивниот Закон. Кога го испраќал својот затвореник Павле кај римскиот управител, како што е забележано во Дела 23:29, воениот заповедник известил: „Дознав дека го обвинуваат по прашања од нивниот Закон, но дека нема никаква вина, поради која би заслужувал смрт или окови“. По две години, Павле се нашол пред управителот Фест. Во Дела 25:8 читаме: „А тој, бранејќи се, рече: ‚Со ништо не се огрешив ни против Законот јудејски, ни против црквата, ниту, пак, против ќесарот‘ “. А сега сосредоточи се на неговите забелешки во врска со казната, па дури и смртната казна. Во Дела 25:10, 11 читаме:
„Павле одговори: ‚Стојам пред ќесаревиот суд, каде што и треба да бидам суден. Јудејците не сум ги навредил со ништо, како што и ти тоа многу добро го знаеш. Оти, ако сум виновен и сум направил нешто што заслужува смрт, јас не се откажувам да умрам; но, ако од сето тоа нема ништо, во што ме обвинуваат тие, тогаш никој не може да ме предаде на нив. Ќесарев суд сакам‘ “.
Стоејќи пред прописно назначен авторитет, Павле признал дека Цезарот го има правото да казнува престапници, па дури и да ги погуби. Тој не приговорил на тоа да биде казнет доколку бил виновен. Понатаму, не рекол дека Цезарот би можел да употреби смртна казна само за убијци.
Како што е познато, римскиот правосуден систем не бил совршен ниту, пак, се совршени денешните човечки судски системи. Некои невини луѓе во тоа време, како и денес, биле осудувани и казнувани. Дури и Пилат за Исус рекол: „Јас не најдов во Него ништо, што заслужува смрт; па затоа ќе Го накажам и ќе Го пуштам“. Да, иако државната власт признала дека Исус е невин, овој невин човек бил погубен (Лука 23:22—25).
Таквите неправди не ги навеле ниту Павле ниту Петар да аргументираат дека смртната казна во основа е неетичка. Наместо тоа, Божјата мисла за таа работа е дека, сѐ додека постојат вишите власти на цезарот, тие ‚носат оружје за да се одмаздат на оној што прави зло‘. Тоа вклучува да се примени мечот во смисла на применување смртна казна. Но, кога станува збор за контроверзното прашање дали треба некоја влада од овој свет да го спроведе своето право да погубува убијци, вистинските христијани внимателно остануваат неутрални. За разлика од свештенството на христијанскиот свет, тие се чуваат настрана од секаква дебата околу оваа тема.