Како ти служат христијанските пастири
НА МНОГУ места може да се види како пастирите се грижат за некое стадо. Тие ги водат, ги штитат и се грижат за овците. Тоа е од интерес за христијанските старешини, бидејќи нивното дело вклучува пастирски активности. Всушност, нивна одговорност е да ‚ја пасат Црквата на Господа‘ и да ‚пазат на целото стадо‘ (Дела 20:28).
Ако си член на христијанското собрание, како можат да ти служат духовните пастири? И како треба ти да реагираш на нивните напори во твоја корист? Зошто на собранието му е потребна нивната помош?
Заштита — од што?
Во стари времиња, лавовите и другите диви животни ги загрозувале стадата и демнеле поединечни овци. Пастирите морале да ги штитат (1. Царства 17:34, 35). Па, Сатана Ѓаволот „обиколува како лав што рика и бара некого да го проголта“ (1. Петрово 5:8). Тој гневно води војна не само против Јеховината земна организација во целина туку и против секој поединечен Божји слуга. Која е Сатановата цел? Тој сака да го обесхрабри Јеховиниот народ, па дури и да го спречи да ‚ги пази Божјите заповеди‘ и да го врши „сведоштвото на [делото на сведочење за, НС] Исуса Христа“ (Откровение 12:17).
Јехова ги обвинил владините пастири од древниот Израел за немарност, бидејќи неговите овци станале „плен на сите полски ѕверови“ (Језекиил 34:8). Меѓутоа, христијанските старешини имаат искрена желба да ги штитат оние кои се во собранието за да не се изгуби никој заради немар или заради влијанието на Сатана, светот или отпадничките „волци“ (Дела 20:29, 30). Како пастирите им помагаат на сите членови на стадото да бидат трезвени и претпазливи? Еден начин е преку држење на добро подготвени библиски предавања од подиумот во Салата на Царството. Друг начин е преку позитивни, охрабрувачки разговори пред и после состаноците. Трет делотворен начин е преку лична посета на „овците“ во нивниот дом. (Спореди Псалм 94:7.) Но, што е пастирска посета? Како треба да се изврши една таква посета? И кој треба да биде посетен?
Што е пастирска посета?
Пастирската посета не е само друштвена посета заради разговор околу секојдневни работи. Еден старешина забележал: „Повеќето објавители чувствуваат длабока радост кога ќе прочитаат некој библиски стих или ќе дискутираат за некој библиски лик. Се разбира, не зборува цело време само старешината. Објавителот на Царството којшто се посетува, обично се радува да ги изрази своите мисли за Библијата, а тоа ја зајакнува неговата лична вера. Старешината би можел да понесе некоја Стражарска кула или Разбудете се! за да дискутира за одредена изградувачка статија. Можеби оваа духовна дискусија е она што ја разликува пастирската посета од друштвената посета“.
Еден друг искусен старешина коментирал: „Одлучувачки е пред посетата старешината духовно да размисли за објавителот што сака да го посети. Што би можело да го изгради, за што заслужува да биде пофален? Искрената пофалба е битен составен дел од пастирската посета. Таа му дава храброст да истрае“. Да, пастирската посета е повеќе од една обична пријателска посета која би можел да ја направи секој од собранието.
Зошто те посетува пастирот?
Кога старешината ќе посети некој дом, тој е подготвен да ги охрабри соверниците и да им помогне да бидат цврсти во верата (Римјаните 1:11). Според тоа, како реагираш кога еден или двајца старешини сакаат да те посетат? Еден патувачки надгледник рекол: „Ако доаѓаш само тогаш кога нешто не е в ред, тогаш првото прашање по најавувањето на пастирската посета е: ‚Што сум згрешил?‘“ Љубезните духовни пастири го имитираат Јехова, кој се грижел за псалмистот и секогаш ‚ја поткрепувал неговата душа‘, посебно во времиња на немир и особена потреба (Псалм 22:1-4).
Целта на една пастирска посета е ‚да издига, а не да растури‘ (2. Коринтјаните 13:10). Навистина делуваат охрабрувачки изразите на ценење за истрајноста, ревноста и верната работа на оној кој е посетен. Еден старешина забележал: „Не е добро за време на пастирската посета да се остави впечаток дека си дошол со намера да разоткриеш некои проблеми или да дискутираш за нив. Секако, самиот објавител можеби ќе сака да зборува за некоја особена тешкотија. А ако овцата куца или се изолира од останатото стадо, старешината треба да стори нешто за да помогне“.
Несомнено, христијанските пастири посебно ќе се погрижат за секој кој наликува на оние што се опишани во следниве зборови: „[Јас Јехова] изгубена ќе најдам и истерана ќе вратам, ранета ќе превијам и болна ќе излекувам“ (Језекиил 34:16). Да, можеби овците треба да се побараат, да се вратат, да се превијат или зајакнат. Пастирите на Израел ги занемариле овие одговорности. Вршењето на ова дело бара пастирот да се доближи до овцата и да се грижи за нејзините потреби. Во основа, ова би требало да биде карактеристична одлика на секоја пастирска посета денес.
На здравите овци им е потребна нега
Дали треба да заклучиме дека денешните духовни пастири не треба да им посветуваат особено внимание на здравите овци? Па, кога некоја дословна овца ќе загази во проблеми, ќе биде многу полесно да ѝ се помогне ако таа има доверба во пастирот. Еден прирачник забележува дека „овците по природа се плашат од човекот и не е секогаш лесно да се стекне нивната доверба“. Истата книга, меѓу другото, го предлага следново основно упатство за придобивање на довербата на овците: „Редовно зборувај им на животните. Тие се навикнуваат на гласот и тоа делува смирувачки врз нив. Често посетувај ги овците на пасиштето“ (Alles für das Schaf. Handbuch für die artgerechte Haltung — Сѐ за овцата. Прирачник за исправно чување).
Според тоа, за да постои доверлив однос помеѓу пастирот и овцата, неопходен е личен контакт. Истото важи и за христијанското собрание. Еден старешина забележал: „Ако си познат во собранието како старешина кој редовно ги посетува овците, тоа ќе ти олесни да го посетиш оној кој има проблеми“. Затоа, духовните пастири не треба да се трудат да ги хранат овците и да се грижат за нив само во Салата на Царството. Колку што допуштаат околностите, старешините треба да ги запознаат овците така што ќе вршат пастирски посети во нивните домови. Еден христијанин се сеќава дека, додека бил новонаименуван старешина, претседавачкиот надгледник му телефонирал и го замолил да посети и утеши некој брат кој штотуку ја загубил својата ќерка во една страшна автомобилска несреќа. Старешината признава: „Колку страшно се чувствував, бидејќи никогаш не го имав посетено братот, дури не знаев ни каде живее! Ми олесни кога еден зрел старешина се понуди да дојде со мене“. Да, старешините си помагаат еден на друг при пастирските посети.
Кога се подготвува и кога врши некои пастирски посети, старешината може да биде придружуван од некој слуга помошник кој тежнее по ‚добрата работа‘ на надгледник (1. Тимотеј 3:1, 13). Колку само тој слуга помошник ќе биде благодарен кога ќе види како еден старешина им служи на овците на пастирските посети! На тој начин, старешините и слугите помошници се зближуваат со сите во собранието и ги зајакнуваат врските на христијанска љубов и единство (Колосјаните 3:14, НС).
Да се планира време за пастирски посети
Кога едно старешинство ѝ ги препуштило пастирските посети на иницијативата на водителите на Собраниска студија на книга, во некои групи сите објавители биле посетени во рок од шест месеци, додека во други групи никој не бил посетен. Тоа го поттикнало еден старешина да рече: „Изгледа дека некои старешини преземаат иницијатива и вршат голем дел од пастирското дело, додека други треба да бидат охрабрени од останатите старешини за да го прават тоа“. Затоа, некои старешинства прават подготовки сите објавители да бидат посетени од пастирите во одреден временски период.
Се разбира, старешината или кој и да е друг објавител може да посети некого во собранието и без да чека да се направат некакви посебни подготовки. Пред да направи пастирска посета, еден старешина телефонира и вели: „Јас секој месец посетувам по едно семејство. Дали можам во текот на идниот месец да ве посетам на отприлика еден час? Кога би ви одговарало вам?“
Благослови од пастирските посети
Додека притисоците од овој зол систем продолжуваат да се зголемуваат, охрабрувачките посети од разборитите пастири стануваат сѐ покорисни. Кога на сите поединци во стадото им се дава охрабрување и помош преку пастирски посети, секоја овца се чувствува безбедна и сигурна.
За едно собрание во кое сите објавители на Царството биле редовно посетувани од пастирите, било известено: „Објавителите станаа многу позитивни спрема пастирските посети. Беше сосема вообичаено некој објавител да му пријде на некој старешина за да праша кога ќе го посети повторно, затоа што самиот уживал во изградувачката дискусија за време на последната посета. Пастирските посети беа еден од факторите кои помогнаа да се подобри духот на собранието“. Други извештаи покажуваат дека кога пастирите љубезно служат на еден ваков начин, собранието може да расте во љубовта, во единството и во срдечноста. Колкав благослов!
Христијанските пастири вршат посети со цел да ја унапредуваат духовната благосостојба на овците. Старешините сакаат да ги охрабруваат и да ги зајакнуваат своите соверници. Ако при една посета се појави сериозен проблем за кој е потребен совет, може да е најдобро да се направат подготовки за дискусија во некое друго време, особено ако старешината е придружуван од некој слуга помошник. Во секој случај, соодветна е молитва на крајот од пастирската посета.
Дали во блиска иднина некој духовен пастир сака да те посети во твојот дом? Ако да, радосно очекувај го охрабрувањето кое те чека. Тој доаѓа за да ти служи и да те зајакне во твојата решеност да останеш на патот што води во вечен живот (Матеј 7:13, 14).
[Рамка на страница 26]
Предлози за пастирски посети
◻ Договори се: Обично е добро да се договориш. Ако старешината планира да решава некој сериозен проблем, би било исправно однапред да го информира објавителот за тоа.
◻ Подготовка: Размисли за карактерот на лицето и за ситуацијата. Дај срдечна пофалба. Имај за цел да дадеш охрабрувачки „духовен дар“ кој ја зајакнува верата (Римјаните 1:11, 12).
◻ Кого да поведеш: Некој друг старешина или способен слуга помошник.
◻ За време на посетата: Старешината треба да биде опуштен, полн со љубов, позитивен и флексибилен. Распрашај се за семејството, дали се добро, итн. Слушај внимателно. Ако излезе на површина некој сериозен проблем, можеби би било најдобро да договориш една посебна пастирска посета.
◻ Времетраење на посетата: Држи за за договореното време и замини уште додека твојот домаќин ужива во посетата.
◻ Завршеток на посетата: Молитвата е соодветна и навистина се цени (Филипјаните 4:6, 7).
[Слика на страница 24]
Христијанските пастири даваат духовна заштита
[Слики на страница 26]
Пастирските посети даваат добри прилики за духовно охрабрување