Среќни се оние кои остануваат будни!
„Ете, Јас доаѓам како крадец: блажен е оној, кој што бдее и пази на алиштата свои“ (ОТКРОВЕНИЕ 16:15).
1. Со оглед на тоа дека Јеховиниот ден е близу, што можеме да очекуваме?
ЈЕХОВИНИОТ голем ден е близу, а тоа значи војна! Во визија, апостол Јован видел ‚демонски инспирирани изјави‘ (НС) слични на жаби, како одат кај сите ‚цареви‘, односно владетели на Земјата. За што? Па, „да ги соберат за војна во оној голем ден на Бога Седржителот“! Јован додал: „Ги собраа на местото наречено по еврејски Армагедон“ (Откровение 16:13—16).
2. Кој е Гог од Магог, и што ќе се случи кога тој ќе го нападне Јеховиниот народ?
2 Наскоро, Јехова ќе ги наведе политичките елементи на овој систем да го уништат Големиот Вавилон, светското царство на лажната религија (Откровение 17:1—5, 15—17). Потоа, Гог од Магог, Сатана Ѓаволот понижен во близината на Земјата, ќе ги построи своите орди и ќе изврши еден сеопшт напад врз Јеховиниот мирољубив, навидум беспомошен народ (Језекиил 38:1—12). Но, Бог ќе дејствува за да го избави својот народ. Тоа ќе го означи избувнувањето на „денот Господен, великиот и страшниот“ (Јоил 2:31; Језекиил 38:18—20).
3. Како би ги опишал настаните проречени во Језекиил 38:21—23?
3 Да, Јехова ќе го избави својот народ и ќе ја уништи секоја последна трага од Сатановиот систем кога ќе ја достигнеме светската ситуација наречена Хар-Магедон, односно Армагедон. Прочитај ги пророчките зборови од Језекиил 38:21—23 и претстави си ја сцената. Јехова ја употребува својата моќ за да предизвика поројни дождови, опустошувачки град, молњи од оган, смртоносни чуми. Паника владее ширум светот кога Гоговите орди се фрлени во конфузија, борејќи се едни против други. Сите преживеани непријатели на Семоќниот Бог се погубени кога Јехова користи натприродни средства за да ги спаси своите слуги. Кога проречената „голема неволја“ ќе заврши, ништо нема да преостане од Сатановиот безбожен систем (Матеј 24:21, НС). Меѓутоа, дури и во нивните смртни болки, злобните ќе дознаат кој е одговорен за нивната неволја. Самиот наш победнички Бог вели: „Тие ќе мораат да знаат дека јас сум Јехова“ (НС). Овие извонредни настани ќе се случат во нашево време, во текот на Исусовата присутност.
Доаѓа како крадец
4. На кој начин Исус ќе дојде за да го уништи овој злобен систем на ствари?
4 Прославениот Господ Исус Христос рекол: „Ете, Јас доаѓам како крадец“. Доаѓањето на крадецот е ненадејно, во неочекувано време, кога повеќето луѓе се заспани. Кога Исус ќе дојде како крадец за да го уништи овој зол систем, тој ќе ги сочува оние кои навистина се будни. Тој му рекол на Јован: „Блажен е оној, кој што бдее и пази на алиштата свои, за да не оди гол, и да не се гледа срамот негов“ (Откровение 16:15). Какво е значењето на овие зборови? И како можеме да останеме духовно будни?
5. Каква подготовка за храмска служба постоела кога Исус бил на Земјата?
5 Општо земено, еден стражар не би бил соблечен гол ако би заспал на работното место. Но, токму тоа се случувало во храмот во Ерусалим кога Исус бил на Земјата и кога во храмот во Ерусалим служеле одделенија од свештеници и левити. Во XI век пр. н. е., цар Давид ги подредил стотиците израелски свештеници и нивните илјадници левитски помошници во една организација составена од по 24 одделенија (1. Летописи 24:1—18). Секое одделение составено од над 1.000 обучени работници наизменично ги извршувало обележјата на храмската служба најмалку двапати годишно по една цела седмица. Сепак, на празникот Сеници сите 24 одделенија биле присутни на должност. Додатна помош била потребна и на празникот Пасха.
6. На што Исус можеби алудирал кога рекол: „Блажен е оној, кој што бдее и пази на алиштата свои“?
6 Кога Исус рекол: „Блажен е оној, кој што бдее и пази на алиштата свои“, можеби алудирал на една процедура што се следела тогаш а која вклучувала стражарска должност во храмот. Еврејската Мишна вели: „Свештениците чувале стража на три места во храмот: кај Собата на Абтина, кај Собата на пламенот и кај Собата на огништето; левитите, пак, на дваесет и едно место: петмина кај петте порти на Храмското брдо, четворица на неговите четири агли однатре, петмина на пет порти од Храмскиот двор, четворица на неговите четири агли однадвор, еден кај Собата на приносите, еден кај Собата на завесата и еден зад местото на Седиштето на Милоста [однадвор на задниот ѕид на Најсветата светиња]. Службеникот на Храмското брдо обично одел наоколу до секој стражар со запалени факели пред себе и, доколку некој стражар не станел и му речел: ‚О службенику на Храмското брдо, мир на тебе!‘ и доколку било очигледно дека заспал, тој би го тепал со својот стап и имал право да му ја запали облеката“ (Мишна, Мидот [„Димензии“], 1, пасуси 1, 2, преведена од Херберт Данби).
7. Зошто свештениците и левитите што биле на стражарска должност во храмот требало да останат будни?
7 Многуте левити и свештеници од одделенијата што служеле, останувале будни цела ноќ за да стражарат и да спречат некој нечист да влезе во храмските дворови. Поради тоа што „службеникот на Храмското брдо“, односно „старешината на храмот“, ги обиколувал сите 24 положаи во текот на ноќните стражи, секој стражар морал да остане буден на своето стражарско место доколку не сакал да биде затечен дека е невнимателен (Дела 4:1).
8. Што претставуваат христијанските симболични надворешни облеки?
8 Помазаните христијани и нивните сослуги треба да останат духовно будни и да ги чуваат своите надворешни симболични облеки. Тие се надворешни докази за нашето наименување за службата во Јеховиниот духовен храм. Признавајќи го ова, ние го имаме Божјиот свет дух, односно делотворна сила, за да ни помогне да ги извршиме нашите должности и да ги исполнуваме нашите предности како објавители на Царството. Заспивањето на нашите положаи како Божји слуги би нѐ ставило во опасност да бидеме фатени од Исус Христос, Старешината на големиот духовен храм. Ако би биле духовно заспани во тоа време, на симболичен начин би биле соблечени голи и нашите симболични облеки би биле запалени. Тогаш, како можеме да останеме духовно будни?
Како можеме да останеме будни
9. Зошто проучувањето на Библијата со помош на христијанските публикации е толку важно?
9 Марливото проучување на Писмото со помош на христијанските публикации претставува стимуланс за духовна будност. Таквото проучување ќе нѐ опреми за службата, ќе ни помогне да излеземе на крај со кризите и ќе ни го покаже патот до вечна среќа (Изреки 8:34, 35; Јаков 1:5—8). Нашето проучување треба да биде темелно и напредно (Евреите 5:14—6:3). Редовното јадење на добрата храна може да ни помогне да останеме будни и подготвени. Тоа може да ја спречи летаргијата која може да биде знак за неисхранетост. Ние немаме причина да бидеме духовно неисхранети и сонливи, бидејќи Бог прави изобилни подготовки за духовна храна преку помазаниот „верен и разборит роб“ (Матеј 24:45—47, НС). Редовното консумирање духовна храна преку личната и семејната студија е еден начин да се остане буден и да се биде ‚здрав во верата‘ (Тит 1:13).
10. На кој начин христијанските состаноци, собирите и конгресите ни помагаат да останеме духовно будни?
10 Христијанските состаноци, собири и конгреси помагаат да останеме духовно будни. Тие даваат охрабрување и прилики да ‚се поттикнуваме кон љубов и добри дела‘. Треба редовно да се собираме особено како што ‚гледаме дека се приближува судниот ден‘. Тој ден сега навистина е близу. Тоа е „Јеховин ден“ кога Тој ќе ја оправда својата сувереност. Ако тој ден навистина ни е важен — а би требало — нема да го ‚напуштаме своето собрание‘ (Евреите 10:24, 25; 2. Петрово 3:10, НС).
11. Зошто може да се рече дека христијанската служба е битна за духовната будност?
11 Сесрдното учество во христијанската служба е битно за духовната будност. Редовниот и ревносен удел во проповедањето на добрата вест нѐ држи подготвени. Нашата служба ни дава многу прилики да им зборуваме на луѓето за Божјата Реч, за неговото Царство и за неговите намери. Задоволувачки е да се сведочи од куќа до куќа, да се прават повторни посети и да се водат домашни библиски студии со такви публикации како што е Спознание кое води до вечен живот. Старешините во древниот Ефес можеле да посведочат дека Павле ги поучувал „пред народот и по куќите“ (Дела 20:20, 21). Се разбира, некои верни Сведоци на Јехова имаат сериозни здравствени проблеми кои донекаде ја спречуваат нивната служба, но тие изнаоѓаат начини да им кажуваат на другите за Јехова и за неговото царување и црпат голема радост од тоа (Псалм 144:10—14).
12, 13. Од кои причини треба да избегнуваме преголема попустливост во храната и пиењето?
12 Ако избегнуваме преголема попустливост, тоа ќе ни помогне да останеме духовно будни. Кога зборувал за својата присутност, Исус ги поттикнал своите апостоли: „Пазете се: вашите срца да не бидат оптоварени со прејадување и пијанство, и грижа за овој свет, за да не ве затече оној ден ненадејно; оти тој ќе дојде како примка за сите што живеат по целата земја“ (Лука 21:7, 34, 35). Ненаситноста и пијанството не се во склад со библиските начела (5. Мојсеева 21:18—21). Изреки 23:20, 21 велат: „Не биди меѓу оние, што се опиваат со вино, меѓу оние, што се презаситуваат со месо, — зашто пијаницата, и блудникот и оној што се прејадува, ќе осиромашат, а сонливоста ќе ги облече во партали“ (Изреки 28:7).
13 Меѓутоа, дури и ако прејадувањето и пијанчењето не достигнале толкав степен, тие можат да го направат човека дремлив, дури и мрзлив и немарен во поглед на вршењето на Божјата волја. Се разбира, ќе има грижи во кои е вклучен семејниот живот, здравјето и така натаму. Сепак, ќе бидеме среќни доколку интересите на Царството ги ставиме на прво место во животот и доколку имаме доверба дека нашиот небесен Татко ќе се грижи за нас (Матеј 6:25—34). Инаку, „оној ден“ ќе дојде врз нас „како примка“, можеби како камуфлирана стапица која ќе нѐ фати неочекувано или како некоја стапица со мамка, како оние кои ги привлекуваат а потоа ги фаќаат непретпазливите животни. Тоа нема да се случи доколку останеме будни, потполно свесни дека живееме во „последното време“ (Даниил 2:44).
14. Зошто треба сериозно да се молиме?
14 Сериозната молитва е уште една помош за духовна будност. Во своето големо пророштво, Исус понатаму поттикнал: „Бидете будни во секое време и молете се, за да го избегнете сето она, што ќе настане, и да се исправите пред Синот Човечки“ (Лука 21:36). Да, да се молиме да можеме секогаш да бидеме на Јеховината страна и да се радуваме на одобрена положба кога Исус, Синот човечки, ќе дојде да го уништи овој зол систем на ствари. Заради наше лично добро и заради доброто на соверниците за кои се молиме, треба да ‚останеме будни во молитвата‘ (Колосјаните 4:2, НС; Ефесјаните 6:18—20).
Времето истекува
15. Што се постигнува со нашата служба како проповедници на праведноста?
15 Додека го очекуваме големиот Јеховин ден, несомнено посакуваме да сториме сѐ што можеме во неговата служба. Ако сериозно му се молиме на Бог за тоа, може да ни се отвори „голема врата што води кон активност“ (1. Коринтјаните 16:8, 9, НС). Во Божје одредено време, Исус ќе изврши суд и ќе ги одвои праведните ‚овци‘ кои се достојни за вечен живот, од безбожните ‚кози [јарци, НС]‘ кои заслужуваат вечно уништување (Јован 5:22). Ние не сме тие кои ги одвојуваат овците од јарците. Но, нашата служба како проповедници на праведноста, сега им нуди на луѓето прилика да изберат живот во служба на Бог и на тој начин да ја имаат надежта да бидат одвоени за живот кога Исус ‚ќе дојде во Својата слава‘. Краткото време што му преостанува на овој систем на ствари ја засилува потребата од сесрдна активност додека ги бараме оние ‚кои се исправно настроени за вечен живот‘ (Матеј 25:31—46; Дела 13:48, НС).
16. Зошто треба да бидеме ревносни објавители на Царството?
16 Времето за светот од Ноевото време истекло, а наскоро ќе истече и за овој систем на ствари. Затоа, да бидеме ревносни објавители на Царството. Нашето проповедничко дело напредува, бидејќи секоја година стотици илјади се крштаваат во знак на своето предание на Бог. Тие стануваат дел од Јеховината благословена организација — „Негов народ и овци од Неговото пасиште“ (Псалм 99:3). Колкава само радост е да се учествува во делото на проповедање на Царството кое им донесува надеж на толку многу лица пред да дојде „денот Господен, великиот и страшниот“!
17, 18. а) Каква реакција треба да очекуваме од некои додека проповедаме? б) Што сигурно ќе ги снајде исмејувачите?
17 Како Ное, и ние ја имаме Божјата поддршка и заштита. Да, луѓето, материјализираните ангели и нефилимите сигурно се потсмевале на Ноевата порака, но тоа не го запрело него. Денес, некои се потсмеваат кога укажуваме на надмоќниот доказ дека живееме во ‚последните денови‘ (2. Тимотеј 3:1—5). Таквото исмејување претставува исполнување на библиското пророштво во врска со Христовата присутност, бидејќи Петар напишал: „Во последните дни ќе се јават подигрувачи, кои ќе живеат според своите желби и ќе велат: ‚Каде е ветувањето на Неговото доаѓање [Каде е таа негова ветена присутност, НС]? Оти, откако татковците наши изумреа, сѐ си стои така, како од созданието на светот“ (2. Петрово 1:16; 3:3, 4).
18 Денешните исмејувачи можеби мислат: ‚Ништо не се изменило уште од создавањето. Животот си тече, а луѓето јадат, пијат, се женат и се мажат и подигаат семејства. Па дури и ако Исус е присутен, тој нема да изврши суд во мое време‘. Колку само грешат! Ако во меѓувреме не умрат од други причини, Јеховиниот ден што влева страв сигурно ќе ги стигне, исто како што катаклизмичкото уништување во општиот потоп ѝ донело крај на една зла генерација во времето на Ное (Матеј 24:34, НС).
Секако, остани буден!
19. Како треба да гледаме на нашите активности на правење ученици?
19 Ако сме му предадени на Јехова, никогаш да не бидеме успиени преку неисправно резонирање. Ова е време да останеме будни, да покажуваме вера во божественото пророштво и да го извршуваме нашиот налог да ‚ги научиме [да правиме ученици од луѓето од, НС] сите народи‘ (Матеј 28:19, 20). Додека овој систем се соочува со својот конечен крај, не би можеле да имаме поголема предност отколку да му служиме на Јехова Бог под водството на Исуса Христа и да учествуваме во светското дело на проповедање на ‚Евангелието за царството‘ пред да дојде крајот (Матеј 24:14; Марко 13:10).
20. Какви примери дале Халев и Исус Навин, и што ни покажува нивниот животен пат?
20 Некои од Јеховиниот народ му служеле со децении, можеби и цел живот. И дури и ако од неодамна сме го прифатиле вистинското обожавање, да бидеме како Израелецот Халев, кој ‚потполно го следел Јехова‘ (5. Мојсеева 1:34—36, НС). Тој и Исус Навин биле сосема подготвени да влезат во Ветената земја, кратко по ослободувањето на Израел од египетското ропство. Меѓутоа, гледано во целина, на возрасните Израелци им недостигала вера и морале да поминат 40 години во пустината, каде што умреле. Халев и Исус Навин ги издржале тешкотиите заедно со нив за сето тоа време, ама најпосле овие двајца мажи влегле во земјата на ветувањето (4. Мојсеева 14:30—34; Исус Навин 14:6—15). Ако ‚потполно го следиме Јехова‘ и останеме духовно будни, ќе ја имаме радоста да влеземе во Божјиот ветен нов свет.
21. Што ќе доживееме ако останеме духовно будни?
21 Доказите јасно покажуваат дека ние живееме во времето на крајот и дека големиот Јеховин ден е близу. Ова не е време да станеме сонливи и немарни во вршењето на божествената волја. Ќе бидеме благословени само ако останеме духовно будни и ги чуваме своите облеки на идентификација како христијански министри и слуги на Јехова. Да бидеме одлучни да ‚останеме будни, да стоиме цврсто во верата, да се однесуваме како мажи, да стануваме јаки‘ (1. Коринтјаните 16:13, НС). Како Јеховини слуги, нека секој од нас биде непоколеблив и храбар. Тогаш ќе бидеме меѓу оние кои се спремни кога ќе букне големиот Јеховин ден, верно служејќи во редовите на среќните лица кои остануваат будни.
Како би одговорил?
◻ Како би ги дефинирал нашите симболични надворешни облеки, и како можеме да ги чуваме?
◻ Кои се некои начини да останеме духовно будни?
◻ Зошто треба да ги очекуваме исмејувачите, и како треба да гледаме на нив?
◻ Како треба да гледаме на нашето дело на правење ученици во овие последни денови?
[Истакната мисла на страница 16]
Христијаните го имаат Божјиот свет дух за да им помага да останат будни и да ги исполнат своите должности
[Слика на страница 15]
Дали си одлучен да останеш духовно буден и да ги задржиш на себе своите симболични надворешни облеки?