Чувај се од исмејувачи!
Денес изобилуваат предвидувања, а бизнисот со футурологијата доживува бум. „Како што 2000-та година сѐ повеќе се приближува“, забележува лондонски The Daily Telegraph, „се случува нешто необично, а сепак не тотално неочекувано. Илјадници луѓе ширум светот доживуваат бизарни и честопати застрашувачки визии за иднината.“ За многу набљудувачи, овој силен интерес за иднината е едно чисто повторување на претходните промени на кои се надевале, а кои не се материјализирале.
КАКО што се зголемувал сообраќајот со коњско влечење во 19 век, еден човек предвидел дека европските градови на крајот би се задушиле со шталско ѓубриво. Секако, неговото предвидување се докажало лажно. На тој начин, свртувајќи внимание на начинот на кој предвидувањата честопати потфрлаат, лондонски The Times навел: „Иднината е само еден куп коњско ѓубриво“.
Други, пак, им се исмејуваат на оние кои однапред ја гледаат опасноста. На пример, еден професор по бизнис на еден универзитет во САД, ги предизвикувал оние кои предупредуваат на распаѓање на природната средина да се обложат дали трендот би се влошил или не. Како што е известено во списанието New Scientist, тој тврди дека „квалитетот на нашиот живот се подобрува и така ќе продолжи неограничено“.
Среде конфузијата од тврдења и противтврдења, многумина веруваат дека сѐ во основа ќе остане непроменето. Исмејувајќи се на каква и да било помисла за божествена интервенција во човечките работи, тие покажуваат став како исмејувачите во првиот век н. е.
Дали сѐ уште е сѐ исто?
Второто инспирирано писмо од христијанскиот апостол Петар, напишано околу 64 н. е., предупредило: „Во последните дни ќе се јават подигрувачи [исмејувачи со нивното исмејување, NW], кои ќе живеат според своите желби“ (2. Петрово 3:3).
Исмејувачите настојуваат да постигнат предметот на нивното исмејување да изгледа апсурден. Лицето кое подлегнува на исмејувањето може да падне во една себична клопка бидејќи честопати исмејувачот сака оние кои го слушаат да го усвојат неговото гледиште. Можеби некои од исмејувачите за кои Петар предупредил биле вакви, ‚живееле според своите желби‘. Подготвувајќи ги своите читатели, апостолот употребил еден нагласувачки облик на изразување. Тој предупредил на доаѓање на „исмејувачи со нивното исмејување“.
Тие исмејувачи од првиот век се сомневале во реалноста на Христовата „ветена присутност“, велејќи: „Каде е ветувањето на Неговото доаѓање [ветена присутност, NW]? Оти, откако татковците наши изумреа, сѐ си стои така, како од созданието на светот“ (2. Петрово 3:4). Ним така им се чинело. Сепак, уште во 33 година н. е., Исус претскажал катастрофа за градот Ерусалим. „Ќе дојдат денови за тебе“, изјавил тој, „и непријателите твои ќе те опкружат со окопи и ќе те опколат, и ќе те притеснат од сите страни; и ќе те разрушат тебе и ќе ги избијат децата твои во тебе и нема да остават камен на камен од тебе.“ Колку само биле во заблуда оние кои се исмејувале на тоа предупредување! Во 70 н. е. римските војски го опколиле Ерусалим и го уништиле градот, со широко распространета загуба на животи за неговите жители. Зошто мнозинството од жителите на градот не било подготвено за таа катастрофа? Бидејќи не проникнале дека Бог ги испитал преку својот Син, Исус (Лука 19:43, 44).
Апостол Петар укажува на една идна интервенција на Семоќниот Бог. „Ќе дојде денот Господов, како крадец“, предупредува Петар (2. Петрово 3:10). Во тоа време Бог ќе ги отстрани безбожниците од целата Земјина топка и ќе ги поштеди оние кои се просудени за праведни. Како што овој журнал честопати објаснувал, „присутноста“ на Христос Исус започнала во 1914. Но, неговото преземање акција како Божји Погубител за да ја отстрани злобата, сѐ уште е иднина. Како последица на тоа, предупредувањето на апостолот да се чуваме од исмејувачи, сега се применува со уште поголема итност.
Можеби ти веќе долго време чекаш божествена интервенција во човечките работи. Што ќе ти помогне да продолжиш стрпливо да чекаш без да станеш плен на исмејувачите? Те молиме, читај понатаму.
[Истакната мисла на страница 4]
„Ќе дојдат денови за тебе и непријателите твои ќе . . . те опколат, и ќе те притеснат од сите страни . . . и нема да остават камен на камен од тебе.“ Тоа предупредување не било за исмејување. Римските војски го уништиле Ерусалим, со широко распространета загуба на животи.