Читателите прашуваат...
Дали Земјата ќе биде уништена?
▪ Некои веруваа дека крајот на светот ќе дојде на 21 октомври 2011 год. Сепак, тоа не се случи. Значи, пророштвото на американскиот радио-коментатор Харолд Кампинг не се исполни. Според неговите предвидувања, Судниот ден требаше да дојде на 21 мај 2011 год. Тогаш, еден силен земјотрес требаше да ја потресе целата Земја, а по пет месеци, на 21 октомври, Земјата требаше да биде уништена.
Меѓутоа, Земјата никогаш нема да биде уништена. Тоа нема да го дозволи Оној што ја создал. Во неговата Реч пишува: „Си ја зацврстил земјата, и таа стои“ (Псалм 119:90).
Сепак, некои читатели на Библијата можеби ќе приговорат дека нашава планета ќе биде уништена во оган. За да го поткрепат своето тврдење, тие ги посочуваат зборовите од 2. Петрово 3:7, 10, каде што пишува: „Сегашните небеса и земја преку истата таа реч се зачувани за оган и се чуваат сѐ до денот на судот и уништувањето на безбожниците... А Јеховиниот ден ќе дојде како крадец. Во тој ден небесата брзо ќе поминат со татнеж и основата, вжарена, ќе се распадне, а земјата и делата на неа ќе бидат разоткриени“. Дали зборовите на апостол Петар треба да ги сфатиме буквално?
Не. Зошто? Затоа што толкувањето на овие стихови мора да биде во склад со контекстот на писмото на Петар и со останатиот дел од Библијата. Ако го сфатиме буквално тој текст, тоа би значело дека небото, односно вселената која се состои од милијарди ѕвезди и друга материја, ќе бидат проголтани од оган само затоа што во едно минијатурно делче од тој бескраен простор живеат злобни луѓе. Дали ти би уништил километри крајбрежје само затоа што не ти се допаѓа едно зрнце песок? Тоа не би било логично! Така, ни Јехова не би ја уништил целата вселена што ја создал само затоа што избила побуна во едно делче од неговото создание.
Освен тоа, таквото гледиште е сосема спротивно на она што го рекол Исус Христос: „Среќни се кротките, зашто ќе ја наследат земјата“ (Матеј 5:5; Псалм 37:29). Зарем еден татко би вложил голем труд да направи убава куќа за своето семејство, за потоа да ја запали? (Псалм 115:16). Тоа би било незамисливо! Јехова не е само Творец туку и грижлив Татко (Псалм 103:13; 1. Јованово 4:8).
Петар го користи зборот „земја“ во симболична смисла, осврнувајќи се на човештвото — во овој случај на злобните луѓе. Забележи дека тој направил споредба со Потопот од времето на Ное (2. Петрово 3:5, 6). Тогаш биле уништени само злобните, а Земјата и праведниот Ное со неговото семејство преживеале. Слично на тоа, Петар го употребил и зборот „небеса“ во симболична смисла. Во овој случај, тој збор се однесува на човечките влади кои управуваат со безбожните луѓе. Тоа значи дека повеќе ќе ги нема оние што се непоправливо злобни, како и расипаните влади, кои ќе бидат уништени и заменети со Божјата небесна влада, односно Царство (Даниел 2:44).
Според тоа, дали Земјата ќе биде уништена? Не. Ќе биде уништена симболичната земја, односно злите луѓе. Планетата Земја и побожните луѓе што ќе живеат на неа ќе останат засекогаш (Изреки 2:21, 22).