Да се служи како рибари на луѓе
„Исус му рече на Симон: ‚Не плаши се. Отсега ќе ловиш живи луѓе‘“ (ЛУКА 5:10, NW).
1, 2. а) Каква улога одиграл риболовот во човечката историја? б) Кој нов облик на риболов бил воведен пред скоро 2.000 години?
ИЛЈАДНИЦИ години, човештвото за исхрана лови риби во морињата, езерата и реките на Земјата. Рибите од Нил биле значаен дел од исхраната во древниот Египет. Кога водите на Нил биле претворени во крв во времето на Мојсеј, Египќаните страдале не само поради настанатиот недостиг на вода, туку и поради изумирањето на рибите, со што биле погодени нивните залихи со храна. Подоцна, на Синај, кога Јехова му го дал Законот на Израел, им рекол дека можат да јадат одредени риби, додека други биле нечисти и не смееле да ги јадат. Тоа покажувало дека Израелците ќе јадат риби кога ќе дојдат во Ветената земја, што значи дека некои од нив би биле рибари (2. Мојсеева 7:20, 21; 3. Мојсеева 11:9-12).
2 Меѓутоа, пред скоро 2.000 години, на човештвото му бил претставен еден друг вид риболов. Тоа било рибарење во духовна смисла кое ќе биде од корист не само за рибарите, туку и за рибите! Таков вид риболов се врши и денес, со огромни користи за милиони ширум светот.
‚Ловење на живи луѓе‘
3, 4. Кои двајца риболовци покажале голем интерес за Исус Христос?
3 Во 29 година н. е., Јован Крстител во реката Јордан го крстил Исус, Оној кој требало да го воведе овој нов облик на риболов. После неколку седмици, Јован му покажал на Исус двајца свои ученици и рекол: „Еве Го Јагнето Божјо!“ Еден од тие ученици, кој се викал Андреј, брзо му кажал на својот брат Симон Петар: „Го најдовме Месијата“! Занимливо, и Андреј и Симон биле рибари по занимање (Јован 1:35, 36, 40, 41; Матеј 4:18).
4 После доста време, Исус им проповедал на мноштвата покрај Галилејското Море, недалеку од местото кадешто живееле Петар и Андреј. Тој на луѓето им кажувал: „Покајте се, зашто се приближи царството небесно!“ (Матеј 4:13, 17). Можеме да си замислиме како Петар и Андреј биле желни да ја чујат неговата порака. Но, најверојатно, не сфатиле дека Исус ќе им каже нешто што засекогаш ќе ги измени нивните животи. Освен тоа, она што Исус требало да го каже и да го направи во нивно присуство има важно значење за сите нас денес.
5. Како рибарот Петар можел да му послужи на Исус?
5 Читаме: „Еднаш, кога народот се притискаше кон Него за да го чуе словото Божјо, Он стоеше покрај Генесаретското Езеро. Тогаш виде два кораба, што стоеја покрај езерото; а рибарите, излегле од нив, си ги плавеа мрежите“ (Лука 5:1, 2). Во тоа време, професионалните рибари често работеле ноќе, и овие мажи си ги чистеле мрежите после еден ноќен риболов. Исус одлучил да употреби еден од нивните кораби за поделотворно да му проповеда на мноштвото. „Како влезе во еден од корабите, кој беше на Симона, го замоли да се оддалечи малку од брегот, па седна и го поучуваше народот од коработ“ (Лука 5:3).
6, 7. Кое чудо во врска со риболовот го извршил Исус, и до која изјава за риболовот довело тоа?
6 Обрни внимание на тоа дека Исус имал повеќе на ум отколку само да ги почува мноштвата: „А штом престана да говори, му рече на Симона: ‚Заплови во подлабоко и фрлете ги мрежите свои за лов!‘“. Присети се, овие рибари веќе работеле цела ноќ. Не е за изненадување што Петар одговара: „Наставниче, цела ноќ се трудевме и ништо не уловивме; но по Твоја волја ќе ја фрлам мрежата“. Што се случило кога го направиле тоа? „Тие уловија голема количина риба, та дури и мрежата им се скина. Им дадоа знак на другарите, што беа во другиот кораб, да дојдат и да им помогнат; и тие дојдоа и ги наполнија и двата кораба така, што за малку ќе потонеа“ (Лука 5:4-7).
7 Исус направил чудо. Тоа пространо море било неплодно цела ноќ; а сега вриело од риби. Тоа чудо оставило силен впечаток на Петар. „Симон Петар падна пред Исусовите колена и рече: ‚Оди од мене, бидејќи сум грешен човек, Господе‘. Зашто поради уловот риби што го направија, го обзеде ужас него и сите оние коишто беа со него, а исто и Јаков и Јован, синовите на Зеведеј, кои беа ортаци со Симон“. Исус го смирил Петар, а потоа ги изговорил зборовите кои требало да го изменат животот на Петар. „Не плаши се. Отсега ќе ловиш живи луѓе“ (Лука 5:8-10, NW).
Рибари на луѓе
8. Како реагирале четворицата професионални риболовци на повикот да ‚ловат живи луѓе‘?
8 На тој начин Исус ги споредил луѓето со риби, и ги повикал овие понизни рибари да се откажат од своето световно занимање за еден повеличествен облик на риболов — ловење на живи луѓе. Петар и неговиот брат Андреј го прифатиле повикот. „И ете, тие веднаш ги оставија мрежите и тргнаа по Него“ (Матеј 4:18-20). Исус потоа им довикнал на Јаков и Јован кои биле во својот кораб и си ги крпеле мрежите. И нив ги повикал да станат ловци на луѓе. Како одговориле тие? „И тие наеднаш го оставија коработ и татка си и тргнаа по Него“ (Матеј 4:21, 22). Исус покажал вештина како рибар на души. Во оваа прилика уловил четворица живи луѓе.
9, 10. Каква вера покажале Петар и неговите придружници, и како биле поучени во духовното ловење?
9 Професионалниот рибар заработува за живот со продавање на својот улов, но еден духовен рибар не може да го прави тоа. Затоа, овие ученици покажале голема вера кога напуштиле сѐ за да го следат Исус. Меѓутоа не се сомневале дека нивното духовно рибарење ќе биде успешно. Исус бил способен неплодните води да ги направи да вријат од дословни риби. Слично на тоа, кога ги спуштиле своите мрежи во водите на израелската нација, учениците можеле да бидат сигурни дека, со Божја помош, ќе уловат живи луѓе. Делото на духовно ловење, кое почнало уште тогаш, продолжува, и Јехова сѐ уште дава богат улов.
10 Повеќе од две години, Исус ги поучувал тие ученици во ловењето на луѓе. Кога било потребно им давал внимателни упатства и ги испраќал пред себе за да проповедаат (Матеј 10:1-7; Лука 10:1-11). Кога Исус бил предаден и убиен, учениците биле вчудоневидени. Но дали Исусовата смрт значела дека нема повеќе ловење на луѓе? Настаните набргу го дале одговорот.
Ловење во морето на човештвото
11, 12. После своето воскресение, кое чудо го извршил Исус кое било поврзано со ловењето?
11 Наскоро после Исусовата смрт надвор од Ерусалим и неговото воскресение, учениците се вратиле во Галилеја. Во една прилика седуммина од нив отишле близу Галилејското Море. Петар рекол дека ќе оди да лови, а другите му се придружиле. Како обично, ловеле навечер. Всушност, повторно ја фрлале својата мрежа во морето цела ноќ без нешто да уловат. А в зори, една фигура која ја виделе дека стои на брегот, им довикнала преку водата: „Деца, имате ли нешто за јадење?“ Учениците возвратиле: „Не.“ Затоа оној што стоел на брегот, им рекол: „,Фрлете ја мрежата од десната страна на коработ и ќе најдете!‘ Ја фрлија, и не можеа веќе да ја извлечат од многу риби“ (Јован 21:5, 6).
12 Какво запрепастувачко доживување! Веројатно учениците се присетиле на поранешното чудо со рибите, и барем еден од нив сфатил која била фигурата на брегот. „Ученикот, што го сакаше Исус, му рече на Петра: ‚Господ е.‘ А Симон Петар, штом чу дека е Господ, си ја препаша облеката — оти беше необлечен, и се фрли во морето. А другите ученици, влечејќи ја мрежата со риби, дојдоа со кораб, оти не беа далеку од брегот, но само околу двесте лакти“ (Јован 21:7, 8).
13. Каква меѓународна програма на рибарење започнала по Исусовото вознесување на небото?
13 Што покажало тоа чудо? Дека делото на ловење луѓе не било завршено. Тој факт бил нагласен кога Исус трипати продолжил да му кажува на Петар — а преку него и на сите ученици — да ги храни Исусовите овци (Јован 21:15-17). Да, претстоела духовна програма за хранење. Пред својата смрт, тој прорекол: „Ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет, за сведоштво на сите народи“ (Матеј 24:14). Сега било време да започне исполнувањето на тоа пророштво кое се однесувало на првиот век. Неговите ученици требало да ги спуштат своите мрежи во морето на човештвото, а мрежите немало да излезат празни (Матеј 28:19, 20).
14. На кој начин било благословено ловењето на Исусовите следбеници во годините пред уништувањето на Ерусалим?
14 Пред да се искачи на Татковиот престол на небото, Исус им рекол на своите следбеници: „Ќе примите сила, кога врз вас ќе слезе Светиот Дух; и ќе Ми бидете сведоци во Ерусалим и во целата Јудеја и Самарија, и дури до крајот на земјата“ (Дела на св. апостоли 1:8). Кога светиот дух бил излиен на учениците на Пентакост 33 н. е., започнало големото дело на духовно меѓународно ловење. Само на ден Пентакост биле уловени живи три илјади души, а набргу потоа „бројот на луѓето достигна до пет илјади“ (Дела на св. апостоли 2:41; 4:4). Порастот продолжил. Извештајот ни кажува: „Се зголемуваа оние, што веруваа во Господа, мноштво луѓе и жени“ (Дела на св. апостоли 5:14). Наскоро Самарјаните се одѕвале на добрата вест, а набрзо потоа и необрежаните Пагани (Дела на св. апостоли 8:4-8; 10:24, 44-48). Околу 27 години по Пентакост, апостол Павле им напишал на колоските христијани дека добрата вест била ‚проповедана на сета творба која е под небото‘ (Колосјаните 1:23, NW). Јасно, Исусовите ученици ловеле далеку од водите на Галилеја. Тие ги спуштиле своите мрежи меѓу Евреите кои биле растурени по Римската Империја, како и во морињата што на не-еврејските народи наизглед не им ветувале ништо добро. А нивните мрежи се враќале полни. За потребите на христијаните од првиот век, Исусовото прорштво од Матеј 24:14 било исполнето пред Ерусалим да биде уништен во 70 н. е.
Ловење луѓе во ‚Господовиот ден‘
15. Кое понатамошно дело на ловење било проречено во книгата Откровение, и кога требало да се изврши?
15 Меѓутоа, претстоело повеќе. Кон крајот на првото столетие, Јехова му дал на последниот жив апостол, Јован, откровение за нештата кои требало да се случат за време на „денот Господов“ (Откривење 1:1, 10, Стварност). Едно истакнато обележје требало да биде објавувањето на добрата вест ширум светот. Читаме: „Видов еден друг ангел како лета по средината на небото, и имаше вечна добра вест за да им ја објави како радосна новост на оние кои живеат на земјата, и на секоја нација и племе и јазик и народ“ (Откровение 14:6, NW). Под ангелско водство, Божјите слуги требало да ја проповедаат добрата вест дословно по целата населена Земја, а не само по Римската Империја. Требало да се преземе светско дело на ловење на души, а нашето време сведочи за исполнувањето на таа визија.
16, 17. Кога во поново време започнало делото на духовно рибарење, и како Јехова го благословил?
16 Каков бил риболовот во текот на овој 20. век? Во почетокот, риболовците биле релативно малку. Откако завршила I Светска војна, имало само околу четири илјади активни проповедници на добрата вест, ревносни мажи и жени од кои повеќето биле помазаници. Тие ги фрлале своите мрежи секаде кадешто Јехова им го отворал патот, и многу души биле живи уловени. По II Светска војна, Јехова отворил нови води за ловење. Мисионерите кои ја посетувале Библиската школа Гилеад на Друштвото Стражарска кула го предводеле делото во многу земји. Земјите како Јапонија, Италија и Шпанија, кои на почетокот можеби изгледале прилично неплодни, на крај дале богати жетви на души. А неодамна сознавме колку било успешно и ловењето во Источна Европа.
17 Денес, во многу земји мрежите скоро пукаат. Големата жетва на души ја наметнала потребата од организирање на нови собранија и покраини. За да можат сите тие да се сместат, постојано се градат нови Царски и Конгресни сали. Потребни се повеќе старешини и слуги помошници да се грижат за порастот. Тие верни во 1919 започнале огромно дело. Исаија 60:22, (Даничиќ-Караџиќ) се исполнил во дословна смисла. ‚Малиот постанал илјада‘, затоа што тие четири илјади рибари денес станале повеќе од четири милиони. А тоа сѐ уште не е крај.
18. Како можеме да го имитираме добриот пример на духовните ловци на луѓе од I век?
18 Што значи сето тоа за нас како поединци? Стихот вели дека Петар, Андреј, Јаков и Јован кога биле повикани да постанат рибари на луѓе, „оставија сѐ и тргнаа по Него [Исус]“ (Лука 5:11). Каков прекрасен пример на вера и оддаденост! Можеме ли и ние да го развиваме истиот дух на самопожртвуваност, истата спремност да му служиме на Јехова без оглед на цената? Милиони одговориле дека можат. Во првиот век учениците ловеле луѓе секаде кадешто Јехова дозволувал. Сеедно дали било тоа меѓу Евреите или Паганите, ловеле без притеснување. Нека и ние проповедаме на секого без воздржување или предрасуда.
19. Што треба да правиме ако водите кадешто ловиме не изгледаат плодни?
19 Но што ако твоето подрачје засега изгледа непродуктивно? Немој да се обесхрабруваш. Запомни, Исус ги наполнил мрежите на учениците откако ловеле цела ноќ без резултат. Истото може да се случи и во духовна смисла. На пример во Ирска, верните Сведоци со години работеле со релативно ограничени резултати. Сепак, неодамна тоа се изменило. Годишникот на Јеховини сведоци за 1991 известува дека до крајот на 1990 службена година, Ирска се радувала на 29-от највисок број на објавители едноподруго! Можеби и твоето подрачје еден ден ќе роди нешто слично. Додека Јехова дозволува, продолжи да ловиш!
20. Кога треба да се вклучиме во ловењето на луѓе?
20 Во Израел, риболовците ловеле навечер, кога сите други биле на топло и в кревет. Тие излегувале не кога ним им одговарало, туку тогаш кога можеле да фатат најмногу риба. И ние треба да го проучиме своето подрачје за да одиме на риболов, така да се каже, кога повеќето луѓе се дома и се приемливи. Тоа може да биде навечер, за викенд или во некое друго време. Кога и да е, да сториме сѐ што можеме да ги пронајдеме луѓето со исправно срце.
21. Што треба да запомниме ако нашето подрачје е често обработувано?
21 Што ако нашето подрачје често се обработува? Професионалните рибари во светот често се жалат дека прекумерно се лови на нивните риболовни подрачја. Но дали може прекумерно да се лови на нашите духовни риболовни подрачја? Навистина не! Многу подрачја носат пораст дури и кога се често обработени. Некои раѓаат повеќе бидејќи добро се обработуваат. Сепак, кога домовите често се посетувани, не заборавај да ги забележиш сите оние кои не биле дома и подоцна да ги побараш. Научи различни теми за разговор. Имај на ум дека некој наскоро повторно ќе ги посети, и затоа немој да останеш подолго отколку што треба или неразумно да го лутиш станарот. Развиј ги и вештините за работа на улица како и неформално сведочење. Спушти ги твоите духовни мрежи во секоја прилика и на секој можен начин.
22. На која величествена предност ѝ се радуваме во ова време?
22 Запомни, во овој лов и риболовците и рибите имаат корист. Ако истрајат оние кои ќе ги уловиме, можат да живеат засекогаш. Павле го охрабрувал Тимотеј: „Биди постојано во тоа, оти, ако постапуваш така, ќе се спасиш и сам и оние што те слушаат“ (1. Тимотеј 4:16). Исус бил првиот кој ги поучил своите ученици во духовното ловење, и тоа дело сѐ уште се врши под негово водство. (Спореди Откровение 14:14-16.) Каква величествена предност имаме да работиме под негов надзор додека го извршуваме тоа! И понатаму да ги спуштаме нашите мрежи додека Јехова тоа го дозволува. Кое поголемо дело би можело да постои од ловењето живи души?
Дали се сеќаваш?
◻ За кое дело Исус ги поучувал своите следбеници?
◻ Како Исус покажал дека делото на духовно рибарење не било завршено со неговата смрт?
◻ На кој начин Јехова го благословил делото на духовен риболов во I век?
◻ Каков богат улов на риби бил постигнат во текот на „Господовиот ден“?
◻ Како можеме ние како поединци да бидеме уште поуспешни како рибари на луѓе?
[Слика на страница 15]
После Исусовото воскресение, неговите апостоли го прошириле божественото дело на рибарење на луѓе