ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w97 15/2 стр. 21-24
  • Донесување духовна слобода на оние в затвор

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Донесување духовна слобода на оние в затвор
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1997
  • Поднаслови
  • Како се врши делото
  • Успешна програма за рехабилитација
  • Ислас Мариас
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1997
w97 15/2 стр. 21-24

Донесување духовна слобода на оние в затвор

„НИЕ ве очекувавме.“ „Изминативе неколку ноќи сонував дека ќе дојдете.“ „Ви благодарам што доделивте некого да нѐ посетува редовно.“ „Сакаме да ви ја изразиме нашата благодарност за секој благослов што незаслужено го добиваме од Јехова и од неговата организација, и за духовната храна што ја дава во право време.“

Која била причината за овие изрази на благодарност? Тоа се некои изрази од затвореници кои се осудени во различни затвори во Мексико. Тие го ценат вниманието што го добиваат од Јеховините сведоци, кое им донело духовна слобода уште додека биле в затвор. Во Мексико постојат 42 затвора каде што Јеховините сведоци редовно им служат на духовните потреби на затворениците. Овие места се наречени Centro Readaptación Social (Центар за социјална рехабилитација). Во некои од овие затвори редовно се одржуваат дури и христијански состаноци со многу добри резултати. На пример, при едно неодамнешно броење, на состаноците во овие места присуствуваа околу 380 лица. Во тоа време, во просек се водеа 350 библиски студии. Триесет и седуммина ги исполнија условите да почнат да проповедаат, а 32 лица му го предадоа својот живот на Јехова, симболизирајќи го тоа преку крштавање во вода.

Како се врши делото

Како го извршуваат Јеховините сведоци своето дело во овие места? Првин, одат кај одговорните службеници за да побараат писмено овластување да влезат во затворот, објаснувајќи ја целта на посетите — да ги поучуваат затворениците како да го подобрат квалитетот на својот живот и да му служат на Бог на начин кој му е допадлив.

Во сите случаи властите ја дадоа својата дозвола. Овие службеници ја ценат библиската поука што им се нуди на затворениците. Затворските власти забележале дека Јеховините сведоци ги слушаат безбедносните прописи што се воведени за овие места. Тие им дозволија на овие слуги кои ги посетуваат да користат канцеларии, трпезарии и работилници за одржување на своите состаноци. На едно место, на Сведоците дури им беше дозволено да изградат и една мала Сала на Царството, како што покажува следново искуство што го раскажа еден патувачки надгледник во југоисточно Мексико.

„Во почетокот на 1991 година, почнавме да го посетуваме затворот во Техуантепек (Оаксака), каде што наидовме на огромен духовен глад. Набргу започнавме 27 библиски студии. Со оглед на интересот на затворениците, беа испланирани пет собраниски состаноци. Еден од затворениците, кој покажа голема љубов кон Јехова, одлучи да изгради една мала Сала на Царството на подрачјето на затворот за да имаме место за одржување состаноци. Отиде кај управникот на затворот и побара дозвола, а властите покажаа голема спремност за соработка. На почетокот од декември 1992 година, шестмина затвореници ги исполнија условите да бидат објавители на добрата вест. Поради покажаниот напредок, беа направени подготовки за одржување на Споменот внатре во затворот. Побаравме дозвола од управникот на затворот за да ги внесеме симболите — лебот и виното — и после четиричасовна дискусија, дозволата беше дадена.

На 3 април 1993 година, (три дена пред прославата на Споменот), некои затвореници беа пуштени. Кога еден од нив, кој беше објавител, ги доби своите документи за пуштање, тој замоли да разговара со управникот на затворот за да добие дозвола да остане сѐ до крајот на прославата на Споменот. Ова навистина го изненади управникот, бидејќи тоа не е некое вообичаено барање. Но поради големиот интерес на затвореникот да присуствува на Споменот во затворот, тој му ја одобри молбата. На Споменот присуствуваа 53 лица, кои ронеа солзи радосници на крајот од програмата. Се согласивме оваа група да ја наречеме ‚Сересо Слобода‘, бидејќи тие се слободни во духовна смисла.“

Делото на Јеховините сведоци многу се цени во овие места. Во еден од овие казнено-поправни заводи, одговорното лице отворено го препорачува присуствувањето на состаноците на Јеховините сведоци како „терапија“ за брзо рехабилитирање на затвореници.

Успешна програма за рехабилитација

Активноста на Јеховините сведоци доведе до потполна рехабилитација на многу затвореници. Иако честопати е точно тоа дека оние кои биле в затвор му се враќаат на криминалниот живот штом ќе бидат ослободени, во овој случај оние кои навистина ја прифатиле пораката од Божјата Реч потполно се промениле. Нивната преобразба нѐ потсетува на зборовите на апостол Павле: „Ни прељубодејците . . . ниту крадците, ни користољупците, ни пијаниците, ниту хулниците, ни грабачите нема да го наследат царството Божјо. А такви беа и некои од вас; туку се измивте, се осветивте, се оправдавте во името на нашиот Господ Исус Христос преку Духот на нашиот Бог“ (1. Коринтјаните 6:9—11).

Истакнатата промена на нивната личност е очигледна кога тие ги изразуваат своите чувства. Мигел, кој е во затворот Кампече во градот Кампече, вака се изразил: „Денес можам со радост да кажам дека себеси се вбројувам меѓу другите овци кои ја имаат надежта запишана во 2. Петрово 3:13 и во Матеј 5:5“. Хозе, кој е во затворот Кобен (Кампече), коментирал: „Иако сум затвореник и мојот злочин можеби е многу сериозен, сфаќам дека Јехова е многу милостив и ги слуша моите молитви и преколнувања. Тој може да ги прости моите престапи и да ми даде прилика остатокот од мојот живот да го поминам во споделување на добрата вест за Божјето Царство. Благодарни сме им на нашите старешини за времето што го одвојуваа да нѐ посетуваат во затворот за да можеме да имаме корист од ветувањата за Божјето Царство. Какви само пријатни благослови! Можам ли да речам дека сум затвореник? Не, Јехова ми ја даде духовната слобода што ми беше потребна“.

Што е тоа што придонесува убијци, силувачи, пиромани, крадци и други такви да се променат за да станат христијани кои живеат исправно? Според самите овие луѓе, тоа е преобразувачката моќ на Божјата Реч и на доброто друштво од вистински оддадени луѓе. Случајот на Тибурсио, затворен во казнено-поправниот завод во Мазатлан (Синалоа), го илустрира успехот на оваа програма за рехабилитација. Тој бил во затворот во Конкордија (Синалоа), каде што имал проблеми поради својот силеџиски карактер. Неговата сопруга била Јеховин сведок, и тој многу лошо постапувал со неа, дури и кога доаѓала да го посетува во затворот. Но, таа била стрплива и продолжила да го посетува, па така тој ја замолил да му ја донесе книгата Ти можеш засекогаш да живееш во рајот на Земјата, која почнал самиот да ја проучува.a Потоа замолил да дојде некој во затворот за да проучува со него. Почнал да напредува духовно, и неговите односи со другите почнале да се менуваат на подобро. Бил префрлен во затворот Мазатлан, каде што постои една група што ја проучува Библијата, и сега е објавител. Тој коментира: „Сега, заедно со мојата сопруга и децата и со моите пријатели во затворот, многу сум благодарен што можам да ги слушам библиските вистини на ова место, со надеж дека во блиска иднина ќе бидам пуштен и дека ќе можам да присуствувам на сите конгреси и собраниски состаноци“.

Исто така, тука е и Конрадо, кој е многу благодарен за промените што можел да ги направи во својот живот. Тој имал толкави брачни проблеми поради кои неговата сопруга го напуштила. Затоа побарал утеха во дрогата. Со текот на времето, станал дилер на дрога. Бил уапсен и осуден на казна затвор поради транспортирање на една пратка со марихуана и кокаин. Во затворот имало една група што ја проучувала Библијата со Јеховините сведоци, па така бил поканет да проучува со нив. Тој вака ги изразува своите чувства: „Бев импресиониран од уредниот начин на кој се водеа состаноците, од програмата на истражување со помош на публикациите и од фактот дека сѐ беше темелено на Библијата. Веднаш замолив за библиска студија и почнав да присуствувам на состаноците“. Тоа било во јануари 1993 година. Сега Конрадо е излезен од затвор и продолжува да напредува во христијанското собрание.

Ислас Мариас

Во Мексико постои еден злогласен затвор кој се состои од четири острови, наречен Ислас Мариас. Затворениците можат да патуваат по казнените острови на кои се затворени. Некои живеат таму со своите сопруги и децата.

Основано е едно мало собрание. Тројца браќа од Мазатлан патуваат таму еднаш месечно за да помогнат во водењето на состаноците, да обезбедат литература и да дадат охрабрување. Понекогаш, покраинскиот надгледник оди таму за да ги посети. Просечната присутност е помеѓу 20 и 25 лица. Има четворица крстени и двајца некрстени објавители. Патувачкиот надгледник известува дека „некои пешачат и по 17 километри за да присуствуваат на состаноците во недела и мораат набрзина да го напуштат состанокот за да се вратат за прозивката. Дури и кога се оди брзо, потребни се преку два часа за да се вратат“. Еден од браќата, кој ја дознал вистината во тој затвор, неодамна рече: „Бев заинтересиран да излезам што побргу од затвор, но сега тоа може да биде кога ќе е Јеховина волја, бидејќи и онака имам да завршам доста работа овде внатре“.

Среќни сме што гледаме дека вистината е моќна да ги ослободи искрените лица кои бараат начин да му угодат на Јехова. Над десетина од нив, кои ја дознаа вистината в затвор, беа ослободени, се крстија и сега водат чесен живот како Божји слуги, а некои станаа дури и собраниски старешини. Моќта што ја има Библијата да ги лечи срцата и да ги направи луѓето подобри, се покажува на драматичен начин. Овие луѓе, кои беа затворени поради извршување лоши дела, штом ќе стапат на патеката на светлината од Божјата Реч, ја доживуваат вистинската слобода што ја ветил Исус кога рекол: „Ќе ја познаете вистината, и вистината ќе ве ослободи“ (Јован 8:32; Псалм 118:105).

[Фуснота]

a Издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.

[Слика на страница 23]

Мнозина извлекоа корист од христијанските вистини што ги дознаа в затвор

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели