ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • Кој стои зад сето зло?
    Стражарска кула 2011 | 1 Септември
    • Кој стои зад сето зло?

      „СЕ РАКУВАВ со Ѓаволот.“ Ова го рекол командантот на воените сили на Обединетите нации во Руанда, кои не успеале да го прекинат геноцидот што се извршуваше во 1994 год. Коментирајќи за таа дивјачка свирепост, еден друг набљудувач рекол: „Ако некој се осмели да тврди дека Сатана не постои, нека дојде со мене кај една масовна гробница во Руанда“. Дали таквите ѕверства се навистина дело на Ѓаволот?

      Повеќето луѓе нема да се согласат со идејата дека ваквото ужасно насилство и ѕверска суровост се дело на некое невидливо духовно суштество. Мнозина мислат дека тие се резултат на злото што е длабоко вкоренето во човечката природа и дека главната причина за злото се нашите лоши склоности. Други велат дека една група богати и моќни луѓе од целиот свет, организирани во тајни друштва, со децении манипулираат со човештвото за да владеат со светот. Се разбира, има и такви што вината за сите неправди и страдања ја фрлаат врз државите и нивните владетели.

      Што мислиш ти? Зошто злото, суровоста, ѕверствата и страдањата земаат сѐ поголем замав и покрај обидите да се спречат? Зошто луѓето безглаво одат кон самоуништување и остануваат глуви на постојаните предупредувања? Дали некој стои зад сето тоа? Кој навистина владее со светот? Можеби ќе се изненадиш од одговорот на овие прашања.

  • Кој навистина владее со светот?
    Стражарска кула 2011 | 1 Септември
    • Кој навистина владее со светот?

      ВЕРОЈАТНО никогаш не си сретнал водач на некоја криминална организација. Дали тоа значи дека такви луѓе не постојат? Големите босови на мафијата умеат вешто да го скријат својот идентитет, па дури и да дејствуваат додека се зад решетки. Сепак, новинските извештаи за нарко-војните, проституцијата и трговијата со луѓе постојано нѐ потсетуваат на лошото влијание и страшните последици од активностите на таквите криминалци. Трагите што ги оставаат во општеството се доказ дека тие навистина постојат.

      Божјата Реч, Библијата, ни открива дека Сатана е вистинска личност. Како некој моќен криминалец, тој ги спроведува своите намери преку „лажни чудесни знаци“ и „неправда и измама“. Всушност, Сатана „се преправа дека е ангел на светлината“, пишува во Библијата (2. Солуњаните 2:9, 10; 2. Коринќаните 11:14). Но, трагите што ги остава зад себе докажуваат дека навистина постои. Сепак, на повеќето луѓе им е тешко да веруваат во постоењето на едно невидливо, злобно духовно суштество. Пред да дознаеме што вели Библијата за Ѓаволот, да разгледаме некои погрешни гледишта заради кои мнозина мислат дека тој не постои.

      ◼ „Како е можно Бог, кој е добар, да го создаде Ѓаволот?“ Бидејќи Библијата вели дека Бог е добар и совршен, изгледа неразумно да мислиме дека можел да создаде едно злобно, подло суштество. Меѓутоа, во Библијата воопшто не пишува дека Бог создал таква личност. Напротив, во неа стои: „Тој е Карпа, делото му е совршено, зашто сите негови патишта се правда. Тој е верен Бог, без неправда, праведен е и вистинољубив“ (5. Мојсеева 32:4; Псалм 5:4).

      Прашањето е дали една совршена личност што е создадена од Бог секогаш ќе постапува исправно. Бог не ги создал живите суштества како роботи, туку им дал слободна волја — способност да донесуваат одлуки. Значи, едно совршено, интелигентно суштество може самото да одлучи дали ќе постапи добро или лошо. Всушност, како морално исправни или погрешни можат да се проценат само постапките на оние созданија кои имаат слободна волја — како што се луѓето и ангелите.

      Според тоа, јасно е дека Бог не би им дал на своите созданија слобода да донесуваат одлуки, а во исто време да ги спречува да постапуваат лошо ако самите одлучиле да го направат тоа. Кога Исус рекол дека Ѓаволот ‚не останал постојан во вистината‘, укажал дека тој ја злоупотребил својата слободна волја (Јован 8:44). Овие зборови на Исус јасно покажуваат дека оној што станал Ѓавол во почетокот бил совршено духовно суштество, кое било ‚постојано во вистината‘.a Јехова Бог им дал слободна волја на своите созданија затоа што ги сака и има доверба во нив. (Види ја рамката „Може ли едно совршено суштество да стане несовршено?“ на страница 6.)

      ◼ „Ѓаволот му е слуга на Бог.“ Некои дошле до ваков заклучок на темел на она што го пишува во библиската книга Јов. Според еден прирачник, зборовите дека Ѓаволот ‚минувал низ земјата и ја обиколувал‘ укажуваат на улогата што ја имале древните персиски шпиони, кои патувале и го известувале својот цар за она што се случувало (Јов 1:7). Меѓутоа, ако Ѓаволот навистина бил Божји шпион, зошто требало да му објаснува на Бог дека ‚минувал низ земјата и ја обиколувал‘? Далеку од тоа да биде прикажан како сојузник на Бог, во извештајот за Јов Ѓаволот е наречен Сатана, што значи „Противник“. Ова покажува дека навистина му е главен Непријател на Бог (Јов 1:6). Тогаш, од каде доаѓа идејата дека Ѓаволот е во служба на Бог?

      Уште во првиот век од н.е., во апокрифните книги, како што се „Книгата на Јубилеите“ и „Општи правила“, напишани од кумранската секта, Ѓаволот е прикажан како се расправа со Бог, а сепак е подложен на Божјата волја. Во својата книга Мефистофел (Mephistopheles), историчарот Џ. Б. Расел објаснил дека протестантскиот реформатор Мартин Лутер го сметал Ѓаволот за Божја алатка, „како нож за кроење или мотика што Бог ја користи за да ја обработува својата бавча“. Како што вели Расел, „мотиката ужива да го уништува коровот“, но останува во Божјата моќна рака и со тоа ја исполнува Божјата волја. Ова учење на Лутер — кое подоцна го прифатил и францускиот теолог Жан Калвин — го повредило чувството за правда на многу верници. Како е можно еден грижлив Бог не само да го дозволува злото туку и да го предизвикува? (Јаков 1:13). Поради ова учење и поради ѕверствата што го одбележаа 20 век, многумина не веруваат ниту во Бог ниту во Ѓаволот.

      ◼ „Ѓаволот е само симбол на злото.“ Ако Ѓаволот е само симбол на злото, би било речиси невозможно да се разберат некои библиски стихови. На пример, на кого му се обратил Бог во разговорот што е запишан во Јов 2:3-6? Дали му зборувал на некое зло што се криело во Јов, или можеби си зборувал себеси? Освен тоа, дали Бог во еден момент би ги величал доблестите на Јов, а во друг би дозволил Јов да биде испитан од злото? Ако на Бог му се припишат такви мотиви, тоа би значело дека е неправеден, а не е некој ‚во кого нема неправда‘ (Псалм 92:15). Сосема спротивно на тоа, Бог не сакал ‚да ја пружи раката‘ и да му наштети на Јов. Значи, Ѓаволот не е само симбол на злото или темната страна на Божјата личност, туку духовно суштество кое свесно одлучило да му стане непријател на Бог.

      Кој владее со светот?

      Денес, мнозина сметаат дека е старомодно да се верува во Ѓавол. Меѓутоа, злото кое е наша сурова реалност, не може да се објасни со ништо друго освен со тоа дека зад него стои Ѓаволот. Всушност, бидејќи се негира постоењето на Ѓавол, многу луѓе го отфрлаат Бог и не почитуваат никакви морални мерила.

      „Најголемата измама на Ѓаволот е да нѐ убеди дека не постои“, напишал Шарл Пјер Бодлер, поет од 19 век. Со тоа што го скрил својот идентитет, Ѓаволот посеал сомнежи и во постоењето на Бог. Освен тоа, ако Ѓаволот не постои, тогаш би испаднало дека Бог е виновен за сето зло. Ѓаволот сака луѓето да веруваат токму во тоа.

      Исто како еден голем бос на мафијата, Ѓаволот го крие својот идентитет за да ја постигне својата цел. Која е таа? Одговорот го наоѓаме во Библијата: „Богот на овој свет им ги заслепил неверничките умови за да не продре до нив светлината на славната добра вест за Христос, кој е слика на Бог“ (2. Коринќаните 4:4).

      Останува едно важно прашање. Што ќе направи Бог со овој таен владетел кој стои зад сите зла и страдања во светот? Тоа ќе го разгледаме во следната статија.

      [Фуснота]

      a За да дознаеш зошто Бог не ѝ ставил веднаш крај на побуната на Ѓаволот, прочитај го 11. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.

      [Истакната мисла на страница 5]

      Ѓаволот е слуга или противник на Бог?

      [Рамка/слика на страница 6]

      Може ли едно совршено суштество да стане несовршено?

      Совршенството што Бог им го дал на своите созданија обдарени со разум било релативно. Иако Адам бил создаден како совршен човек, тој требало да ги почитува физичките ограничувања што му ги поставил Творецот. На пример, не можел да јаде земја, песок или дрво без да има последици. Ако го игнорирал законот за гравитација и скокнел од висока карпа, ќе умрел или ќе се повредел.

      Слично на тоа, ниедно совршено суштество — ниту човек ниту ангел — не може да ги пречекори моралните граници што ги поставил Бог без да претрпи лоши последици. Според тоа, кога едно суштество обдарено со разум ќе ја злоупотреби својата слободна волја, лесно паѓа во грев (1. Мојсеева 1:29; Матеј 4:4).

  • Разоткриен е тајниот владетел на светот
    Стражарска кула 2011 | 1 Септември
    • Разоткриен е тајниот владетел на светот

      „ВЛАДЕТЕЛОТ на овој свет ќе биде исфрлен надвор“, рекол Исус. Подоцна додал дека ‚владетелот на светот нема власт над него‘ и дека „владетелот на овој свет е осуден“ (Јован 12:31; 14:30; 16:11). За кого зборувал Исус?

      Ако се земе предвид што кажал за „владетелот на овој свет“, очигледно е дека не мислел на својот Татко, Јехова Бог. Тогаш, кој е „владетелот на овој свет“? Како ќе биде „исфрлен надвор“ и во која смисла е „осуден“?

      „Владетелот на овој свет“ се открива самиот

      Исто како што еден голем криминалец честопати горделиво се фали со својата моќ, така се фалел и Ѓаволот кога го искушувал Исус, Божјиот Син. Откако му ги покажал „сите царства на светот“, Сатана му рекол: „Ќе ти ја дадам власта над сите нив и нивната слава, бидејќи мене ми е предадена, и јас ја давам кому што сакам. Затоа, ако ми се поклониш, сета власт ќе биде твоја“ (Лука 4:5-7).

      Ако Ѓаволот е само симбол на злото, како што велат некои, тогаш како може да се објасни ова искушение? Дали Исус бил искушуван од некоја злобна мисла или од некој внатрешен немир што го обзел откако се крстил? Ако е така, зар може да се рече дека „во него нема грев“? (1. Јованово 3:5). Наместо да негира дека Сатана има власт над луѓето, Исус потврдил дека Сатана е „владетелот на светот“ и го нарекол „човекоубиец“ и „лажливец“ (Јован 14:30; 8:44).

      Околу 60 години откако Ѓаволот го искушал Исус, апостол Јован ги потсетил христијаните колку силно влијание има Сатана, велејќи дека „целиот свет е под власта на Злобниот“. За него Јован рекол и дека „го заведува целиот свет“ (1. Јованово 5:19; Откровение 12:9). Значи, од Библијата дознаваме дека „владетелот на овој свет“ е едно невидливо духовно суштество. Но, колкаво влијание има врз луѓето?

      Владетелот на светот им дава моќ и на други

      Кога ја опишал борбата за верата што ја водат христијаните, апостол Павле јасно кажал кои ни се најголеми непријатели: „Ние не се бориме против крв и месо, туку против владите, против властите, против светските владетели на оваа темнина, против злите духовни сили на небесата“ (Ефешаните 6:12). Значи, во таа борба не се бориме со луѓе, бидејќи не се води „против крв и месо“ туку „против злите духовни сили“.

      Според повеќето денешни преводи на Библијата, овие ‚зли духовни сили‘ не го претставуваат злото како поим туку тие се злобни и моќни духовни личности. Во некои преводи се користат изразите „поднебесните духови на злобата“ (Превод на МПЦ), „духовните сили на злото во небесните места“ (Превод на д-р Д. Х. Константинов) и „злите духови во небесните простори“ (Радосна Вест). Значи, Ѓаволот ја спроведува својата моќ преку други бунтовни ангели кои го напуштиле „своето вистинско живеалиште“ на небото (Јуда 6).

      Од библиската книга на пророкот Даниел дознаваме дека овие ‚светски владетели‘ управуваат со светот уште од древни времиња. Даниел бил многу загрижен за своите сонародници, Евреите кои во 537 год. пр.н.е. се вратиле во Ерусалим од изгнанството во Вавилон. Тој се молел за нив цели три недели. Еден ангел што Бог го испратил да го утеши, му кажал зошто не дошол порано. Тој му рекол на Даниел: „Кнезот на персиското царство ми стоеше на патот дваесет и еден ден“ (Даниел 10:2, 13).

      Кој бил „кнезот на персиското царство“? Ангелот очигледно не мислел на персискиот цар Кир, кој во тоа време имал наклоност кон Даниел и кон неговиот народ. Освен тоа, како можел еден човек да му се спротивставува на духовно суштество цели три недели, кога еден ангел само за една ноќ убил 185.000 силни војници? (Исаија 37:36). Овој непријателски ‚кнез на персиското царство‘ можел да биде само слуга на Ѓаволот, односно демон што имал власт над Персиското Царство. Во истиот извештај понатаму читаме дека Божјиот ангел требало повторно да се бори со „кнезот на Персија“ и со уште еден демон — „кнезот на Грција“ (Даниел 10:20).

      Што можеме да заклучиме од ова? Јасно е дека постојат невидливи ‚светски владетели‘, односно демони, кои владеат со светот под водство на Сатана Ѓаволот. Но, која е нивната цел?

      Владетелот на светот си го покажува вистинското лице

      Во последната библиска книга, Откровение, апостол Јован раскажува дека Исус, во улога на архангел Михаел, ги поразил Ѓаволот и неговите демони. Тоа што биле исфрлени од небото предизвикало страшни последици. Во Библијата стои: „Тешко вам, земјо и море, зашто Ѓаволот слегол кај вас со голем гнев, знаејќи дека има кратко време!“ (Откровение 12:9, 12).

      На кој начин Ѓаволот покажал голем гнев? Исто како што многу криминалци кога се во безизлезна ситуација постапуваат по принципот „владеј или уништи“, Ѓаволот и неговите демони сакаат заедно со нив да биде уништена и Земјата со нејзините жители. Бидејќи знае дека времето му истекува, Ѓаволот користи еден од главните елементи на човечкото општество со кое управува — трговијата — за да го рашири духот на неконтролирано трошење. Тоа води до исцрпување на природните богатства и уништување на животната средина во целиот свет, со што се доведува во опасност и опстанокот на луѓето (Откровение 11:18; 18:11-17).

      Уште од почетокот на човечката историја, својата жед за власт Ѓаволот ја задоволува и преку политиката и религијата. Книгата Откровение ги опишува политичките сили како диви ѕверки на кои Ѓаволот им дал „голема власт“. Бесрамниот сојуз меѓу политиката и религијата е опишан како одвратна духовна прељуба (Откровение 13:2; 17:1, 2). Помисли на вековите угнетување, ропство, војни и етнички судири кои однеле милиони животи. Може ли некој со право да рече дека шокантните и ужасни настани што ги испишале со крв страниците на историјата се нормална работа? Или тие настани се последица од влијанието на невидливи злобни духовни сили?

      Библијата јасно го посочува и го разоткрива оној кој ги држи в рака човечките водачи и светските сили. Свесно или несвесно, луѓето ги одразуваат особините на нивниот владетел и го следат неговиот принцип „владеј или уништи“. Но, до кога човештвото ќе биде во стисокот на Ѓаволот?

      Последните мигови на Ѓаволот

      Во првиот век, кога Исус ја извршувал својата служба на Земјата, било јасно дека на Ѓаволот и демоните им се ближи крај. Кога учениците му раскажувале на Исус дека ги истерувале невидливите демони, тој им рекол: „Го гледав Сатана како падна од небото како молња“ (Лука 10:18). Со тие зборови Исус покажал дека се радува што во иднина, кога ќе се врати на небото во улога на архангел Михаел, ќе го победи владетелот на светот (Откровение 12:7-9). Темелното проучување на библиските пророштва покажува дека оваа победа на небото била извојувана кратко по 1914 год.a

      Оттогаш, Ѓаволот знае дека му останува уште малку време пред да биде уништен. Иако ‚целиот свет е под негова власт‘, милиони луѓе не се заведени од неговите очајни обиди да ги држи под контрола. Библијата им го разоткрила неговиот вистински идентитет и неговите намери (2. Коринќаните 2:11). Тие црпат надеж од зборовите на апостол Павле, кој на христијаните им рекол: „Бог, кој дава мир, наскоро ќе го сотре Сатана под вашите нозе“b (Римјаните 16:20).

      Наскоро, последните мигови на Ѓаволот ќе истечат! Кога Христос со љубов ќе владее, праведните луѓе ќе ја претворат Земјата во рај. Засекогаш ќе исчезнат насилството, омразата и лакомоста. „Она што беше порано нема да доаѓа во сеќавање“, пишува во Библијата (Исаија 65:17). Тоа ќе биде големо олеснување за сите што ќе се ослободат од стисокот на тајниот владетел на овој свет!

      [Фусноти]

      a Нешто повеќе за овој датум можеш да прочиташ на страници 215-218 од додатокот во книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.

      b Овие зборови на Павле ја пренесуваат истата мисла што ја содржи првото библиско пророштво од 1. Мојсеева 3:15, кое покажува дека еден ден Ѓаволот ќе биде уништен. Кога го опишувал овој настан, Павле употребил еден грчки збор што значи „распарчува, разбива, столчува“ (Vine’s Complete Expository Dictionary of Old and New Testament Words).

      [Истакната мисла на страница 9]

      Кога Христос со љубов ќе владее, праведните луѓе ќе ја претворат Земјата во рај

Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
Одјави се
Најави се
  • македонски
  • Сподели
  • Подесување
  • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
  • Услови за користење
  • Полиса за приватност
  • Поставки за приватност
  • JW.ORG
  • Најави се
Сподели