-
Дали чудата се возможни? Три вообичаени приговориСтражарска кула 2012 | 1 Август
-
-
Дали чудата се возможни? Три вообичаени приговори
ПРИГОВОР 1: Чудата се невозможни затоа што ги кршат природните закони. Нашето разбирање на законите што владеат во природата се темели на она што го забележале научниците во природниот свет околу нас. Меѓутоа, тие закони се слични на граматичките правила на еден јазик — може да има исклучоци од правилата. Нашето разбирање на тие „правила“ може да биде многу ограничено (Јов 38:4). Еден научник можеби го посветил целиот свој живот на изучување на некој закон на природата. Но, потребен е само еден „исклучок“ за да го преиспита она што го знае за тој закон. Како што вели една изрека: „Само еден црн лебед ја побива теоријата дека сите лебеди се бели“.
Една интересна случка покажува колку е лесно да се изгради мислење на темел на некомплетни факти. Џон Лок (1632-1704) го раскажал следново во врска со холандскиот амбасадор и кралот на Сијам: Додека му ја опишувал на царот својата земја, Холандија, амбасадорот спомнал дека понекогаш слонот можел да оди по водата. Царот не поверувал во такво нешто и мислел дека амбасадорот го лаже. Меѓутоа, амбасадорот само опишувал нешто што царот никогаш го немал видено. Царот не знаел дека, кога водата ќе замрзне, може да ја издржи тежината на еден слон. На царот тоа му се чинело невозможно затоа што не му биле познати сите факти.
Да разгледаме некои денешни достигнувања кои само пред неколку децении можеби ќе се сметаа за невозможни:
● Еден авион може да пренесе повеќе од 800 патници од Њујорк до Сингапур без да запре, летајќи со неверојатна брзина од 900 километри на час.
● Преку видео конференции, луѓе од различни континенти можат да разговараат лице в лице.
● Илјадници песни може да се складираат во една направа помала од кутивче за кибрит.
● Хирурзите можат да пресадуваат срца и други органи.
До каков логичен заклучок можеме да дојдеме на темел на овие факти? Следниов: Ако луѓето можат да постигнат некои работи кои само до пред неколку години изгледаа невозможни, тогаш Богот што ја создал вселената и сѐ што е во неа сигурно може да направи чудесни дела кои сѐ уште не можеме потполно да ги разбереме ниту да ги повториме во денешно времеa (1. Мојсеева 18:14; Матеј 19:26).
ПРИГОВОР 2: Во Библијата се спомнуваат чуда за да се придобијат што повеќе верници. Библијата не вели дека треба да веруваме во сите чуда. Всушност, точно е сосема спротивното. Таа нѐ опоменува да бидеме многу внимателни кога станува збор за тоа дали да веруваме во чуда и чудесни знаци. Обрни внимание на следниве зборови запишани во Библијата: „Присутноста на беззаконикот, која Сатана ја овозможува со своето дејствување, проследена е со секое моќно дело и со лажни чудесни знаци и предзнаци и со секаква неправда и измама“ (2. Солуњаните 2:9, 10).
И Исус Христос предупредил дека мнозина ќе тврдат дека го следат, но нема да му бидат вистински следбеници. Некои дури и ќе му речат: „Господи, Господи, не во Твое ли име пророкувавме? И зар во Твое име бесови не изгонувавме? И не во Твое ли име многу чуда правевме?“ (Матеј 7:22, Превод на МПЦ). Но, Исус рекол дека нема да ги прифати таквите луѓе како свои следбеници (Матеј 7:23). Очигледно, тој не тврдел дека сите чуда се од Бог.
Бог не сака неговите слуги да ја темелат верата само на чуда. Наместо тоа, нивната вера треба цврсто да се темели и на други добро потврдени факти (Евреите 11:1).
Да спомнеме како пример едно познато чудо запишано во Библијата — воскресението на Исус Христос. Со години по тој настан, некои христијани во Коринт почнале да се сомневаат дали Исус навистина воскреснал. Како им помогнал апостол Павле на тие христијани? Дали само им рекол: „Имајте повеќе вера?“ Не. Забележи како ги потсетил на докажаните факти. Тој рекол: „[Исус] беше погребан и воскресна на третиот ден, како што пишува во Писмата; му се појави на Кифа, а потоа на дванаесеттемина. Потоа им се појави на браќата, кои заедно беа повеќе од петстотини. Повеќето од нив се живи“ (1. Коринќаните 15:4-8).
Важно ли било дали тие христијани верувале во тоа чудо? Павле понатаму рекол: „Ако Христос не воскреснал, нашето проповедање навистина е залудно и нашата вера е залудна“ (1. Коринќаните 15:14). Павле сметал дека ова е многу сериозно. Исус или воскреснал или не воскреснал! А Павле знаел дека тоа чудо навистина се случило затоа што во тоа време сѐ уште биле живи стотици очевидци кои можеле да го потврдат. Всушност, тие очевидци биле поспремни да умрат отколку да го негираат она што го виделе (1. Коринќаните 15:17-19).
ПРИГОВОР 3: Чудата се само природни појави што неуките погрешно ги толкуваат. Некои изучувачи се обидуваат да ги објаснат чудата што се спомнуваат во Библијата само како природни појави што се случиле без никаква интервенција од Бог. Тие сметаат дека на тој начин ќе им олеснат на луѓето да веруваат во библиските извештаи. Иако е точно дека некои чуда можеби биле поврзани со некои природни појави — како што се земјотресите, чумите и лизгањето на земјиштето — на сите вакви објаснувања една работа им е заедничка. Во нив не е земено предвид времето кога се случило чудото како што стои во Светото писмо.
На пример, некои тврдат дека првата неволја што му била нанесена на Египет, кога водата во реката Нил станала крв, била резултат на црвената почва со која се измешале водите на Нил, како и на црвените организми наречени флагелати. Меѓутоа, библискиот извештај вели дека реката била претворена во крв, а не во црвена кал. Ако внимателно прочитаме што пишува во 2. Мојсеева 7:14-21, ќе видиме дека ова чудо се случило во моментот кога Арон, по заповед на Мојсеј, удрил со својот стап во реката Нил. Дури и кога преобразувањето на реката би било предизвикано од некоја природна појава, чудо е самото тоа што Арон удрил во реката баш во тој момент!
Друг пример за тоа колку е важно времето кога било направено некое чудо е она што се случило непосредно пред Израелците да влезат во Ветената земја. Патот им го попречувала реката Јордан, која тогаш била многу надојдена. Библискиот извештај ни кажува што се случило потоа: „Штом носачите на ковчегот дојдоа до Јордан, штом нозете на свештениците што го носеа ковчегот загазија во водата на работ од реката... водата што течеше одозгора застана. Застана како ѕид на едно место, многу далеку оттаму, кај Адам“ (Исус Навин 3:15, 16). Дали ова било резултат на земјотрес или на лизгање на земјиштето? Извештајот не ни кажува. Но, вистинско чудо било тоа во кој момент се случил овој настан. Сѐ се одиграло токму тогаш кога Јехова рекол дека ќе се случи (Исус Навин 3:7, 8, 13).
Значи, постојат ли чуда? Библијата вели дека постојат. Според она што ни го кажува таа, не станува збор само за природни појави. Всушност, дали е логично да се рече дека е невозможно да се случиле чуда само затоа што тие не се случуваат секој ден?
[Фуснота]
a Ако се сомневаш дека Бог постои, прочитај ги брошурите Се грижи ли Бог навистина за нас? и Дали животот е Божје дело?, или побарај повеќе информации од оној што ти го дал ова списание.
[Слика на страница 5]
Пред само неколку децении, мнозина ќе помислеа дека е невозможно луѓето да патуваат со брзина од стотици километри на час
-
-
Можеш ли да веруваш во чудата запишани во Библијата?Стражарска кула 2012 | 1 Август
-
-
Можеш ли да веруваш во чудата запишани во Библијата?
АКО некој ти раскаже некоја неверојатна случка, зар нема доверливоста на личноста што ти ја кажува да влијае на тоа дали ќе веруваш или не? А дали ќе имаш доверба не зависи само од начинот на кој ти ја раскажува случката туку и од впечатокот за таа личност што си го стекнал во минатото. Ако со години секогаш ти ја кажувал само вистината и никогаш намерно не те излажал, би имал добра основа да му веруваш и овојпат.
Истото важи и за чудата запишани во Библијата. Никој од нас не бил жив кога се случиле. Но, има начин да се утврди дали се вистина. Како? Еве неколку причини заради кои можеме да веруваме во чудата запишани во Библијата.
Многу од чудата биле извршени на јавни места. Понекогаш биле направени пред илјадници, а можеби и пред милиони набљудувачи (2. Мојсеева 14:21-31; 19:16-19). Не биле извршени тајно, далеку од очите на јавноста.
Чудата биле направени на едноставен начин. Не биле користени посебни реквизити или помпезни изведби, и немало светлосни трикови. Најголемиот број од чудата запишани во Библијата се случиле сосема непланирано или затоа што некој лично замолил за нешто (Марко 5:25-29; Лука 7:11-16). Во таков случај настаните не можеле да бидат однапред наместени од оној што го правел чудото.
Мотивите на оние што ги правеле чудата не биле да стекнат популарност, слава или богатство. Напротив, преку чудата му се оддавала слава на Бог (Јован 11:1-4, 15, 40). Секој обид некој да стекне богатство преку моќта да прави чуда бил осуден (2. Царевите 5:15, 16, 20, 25-27; Дела 8:18-23).
Разноликоста на чудата запишани во Библијата покажува дека не е можно да се дело на човек. На пример, биле смирени разбранувано море и силен ветар, обична вода била претворена во вино, престанало па одново почнало да врне, биле излечени болни луѓе и им бил вратен видот на слепи. Сите овие, и уште многу други чуда, покажуваат дека зад нив мора да стои надчовечка сила што може да влијае врз сите облици на материја (1. Царевите 17:1-7; 18:41-45; Матеј 8:24-27; Лука 17:11-19; Јован 2:1-11; 9:1-7).
Противниците што биле очевидци на чудата не негирале дека тие навистина се случиле. Кога Исус го воскреснал својот пријател Лазар, неговите верски противници не негирале дека Лазар навистина бил мртов. А како би можеле да го направат тоа, кога Лазар бил погребан веќе четири дена (Јован 11:45-48; 12:9-11). Дури и со векови по смртта на Исус, писателите на еврејскиот Талмуд сѐ уште признавале дека Исус имал моќ да прави чуда. Тие само оспорувале дека Бог е изворот на таа моќ. Слично, кога учениците на Исус биле изведени пред еврејскиот суд, не им било поставено прашањето: „Вистина ли правевте чуда?“ туку: „Со каква сила или во чие име го направивте тоа?“ (Дела 4:1-13).
Според тоа, можеш ли да веруваш во чудата запишани во Библијата? Кога ќе се земат предвид сите работи што ги спомнавме, јасно е дека чудата запишани во Библијата навистина се случиле. А има и други причини зошто можеме да веруваме во нив. На пример, кога во Библијата се раскажува некој настан, честопати е наведено во кое време и на кое место се случил, како и имињата на луѓето што биле вклучени. Дури и критичарите на Библијата се вчудовидени од точноста на историските детали запишани во Библијата. Стотици библиски пророштва се исполниле дури до најситен детаљ. Освен тоа, во Библијата се дадени и голем број совети за тоа како можеме да ги подобриме меѓусебните односи — совети што им помогнале на луѓе од најразлична возраст и од сите општествени слоеви. А на полето на меѓучовечки односи, советите од Библијата не можат да се мерат со ништо друго.
Ако до сега не си стекнал целосна доверба во Библијата, зошто не одвоиш малку време повнимателно да ја испиташ? Колку повеќе ја запознаваш, толку поголема доверба ќе имаш во неа (Јован 17:17). Ќе увидиш дека можеш да веруваш во чудата од минатото запишани во неа. А тоа ќе ти даде основа за доверба и во она што Библијата кажува дека ќе се случи наскоро.
[Слика на страница 7]
Противниците на Исус не негирале дека Лазар бил мртов
-
-
Чуда што ќе се случат наскороСтражарска кула 2012 | 1 Август
-
-
Чуда што ќе се случат наскоро
ЗАМИСЛИ СИ дека имаш закажано термин за некоја сложена операција. Како ќе се чувствуваш ако дознаеш дека хирургот што треба да ја изврши интервенцијата никогаш пред тоа не направил таква операција? Без сомнение, тоа ќе те загрижи. А што би било во обратен случај — ако дознаеш дека хирургот е многу ценет и способен и дека има извршено стотици успешни операции како твојата? Зар не би имал многу поголема доверба дека ќе успее и во твојот случај?
И светот денес е болен и му треба итна „операција“. Во својата Реч, Библијата, Јехова Бог ветил дека ќе го обнови рајот на Земјата (2. Петрово 3:13). Но, за да се случи тоа, од Земјата прво мора да биде отстранета, односно потполно исчистена сета злоба (Псалм 37:9-11; Изреки 2:21, 22). Секоја причина за тага што ја гледаме околу нас мора да биде трајно искоренета пред да биде обновен рајот на Земјата. За да се случи ова, потребно е чудо во вистинска смисла на зборот! (Откровение 21:4, 5).
Јеховините сведоци се уверени дека до такви огромни промени ќе дојде многу скоро. Зошто? Затоа што чудата што Јехова Бог веќе ги направил се доказ дека има моќ да ги исполни своите ветувања. Ќе направиме споредба меѓу шест чуда запишани во Библијата и шест ветувања за нашата иднина дадени во неа.
Дознај нешто повеќе за библиските ветувања во врска со нашата иднина. Колку повеќе ќе расте твојата вера, толку посигурна ќе станува и твојата надеж — надеж дека ќе го доживееш времето кога на своја кожа ќе ги почувствуваш користите од чудата што ќе ги прави Јехова.
[Рамка/слики на страници 9 и 10]
ЧУДО:
ИСУС НАХРАНИЛ ИЛЈАДНИЦИ ЛУЃЕ СО НЕКОЛКУ ЛЕБА И РИБИ (МАТЕЈ 14:13-21; МАРКО 8:1-9; ЈОВАН 6:1-14).
ВЕТУВАЊЕ:
„Земјата ќе го даде својот род, ќе нѐ благослови Бог, нашиот Бог“ (ПСАЛМ 67:6).
ШТО ЗНАЧИ ТОА ЗА НАС:
НИКОЈ ПОВЕЌЕ НЕМА ДА БИДЕ ГЛАДЕН.
ЧУДО:
ИСУС ИМ ГО ВРАТИЛ ВИДОТ НА СЛЕПИТЕ (МАТЕЈ 9:27-31; МАРКО 8:22-26).
ВЕТУВАЊЕ:
„Ќе им се отворат очите на слепите“ (ИСАИЈА 35:5).
ШТО ЗНАЧИ ТОА ЗА НАС:
НА СИТЕ СЛЕПИ ЌЕ ИМ БИДЕ ВРАТЕН ВИДОТ.
ЧУДО:
ИСУС ГИ ЛЕКУВАЛ САКАТИТЕ (МАТЕЈ 11:5, 6; ЈОВАН 5:3-9).
ВЕТУВАЊЕ:
„Сакатиот ќе скока како елен“ (ИСАИЈА 35:6).
ШТО ЗНАЧИ ТОА ЗА НАС:
СИТЕ ИНВАЛИДНОСТИ ЌЕ БИДАТ МИНАТО.
ЧУДО:
ИСУС ЛЕКУВАЛ СЕКАКВИ БОЛЕСТИ (МАРКО 1:32-34; ЛУКА 4:40).
ВЕТУВАЊЕ:
„Никој од жителите нема да рече: ‚Болен сум‘“ (ИСАИЈА 33:24).
ШТО ЗНАЧИ ТОА ЗА НАС:
СИТЕ БОЛЕСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗЛЕКУВАНИ. ЌЕ ИМАМЕ СОВРШЕНО ЗДРАВЈЕ.
ЧУДО:
ИСУС ГИ КОНТРОЛИРАЛ ПРИРОДНИТЕ СИЛИ (МАТЕЈ 8:23-27; ЛУКА 8:22-25).
ВЕТУВАЊЕ:
„Тие ќе градат куќи и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе го јадат нивниот род. Нема да се трудат залудно“ (ИСАИЈА 65:21, 23).
„Ќе бидеш далеку од угнетувањето, зашто нема да се плашиш од никого, а и далеку од стравотиите, зашто нема да ти се приближат“ (ИСАИЈА 54:14).
ШТО ЗНАЧИ ТОА ЗА НАС:
НЕМА ДА ИМА ПРИРОДНИ КАТАСТРОФИ.
ЧУДО:
ИСУС ВОСКРЕСНУВАЛ МРТВИ (МАТЕЈ 9:18-26; ЛУКА 7:11-17).
ВЕТУВАЊЕ:
„Сите оние што се во гробовите... ќе излезат“ (ЈОВАН 5:28, 29).
„Морето ги предаде мртвите што беа во него, и смртта и гробот ги предадоа мртвите што беа во нив“ (ОТКРОВЕНИЕ 20:13).
ШТО ЗНАЧИ ТОА ЗА НАС:
НАШИТЕ НАЈБЛИСКИ ШТО УМРЕЛЕ ЌЕ ВОСКРЕСНАТ.
-