ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • Можеш ли да веруваш во чудата запишани во Библијата?
    Стражарска кула 2012 | 1 Август
    • Можеш ли да веруваш во чудата запишани во Библијата?

      АКО некој ти раскаже некоја неверојатна случка, зар нема доверливоста на личноста што ти ја кажува да влијае на тоа дали ќе веруваш или не? А дали ќе имаш доверба не зависи само од начинот на кој ти ја раскажува случката туку и од впечатокот за таа личност што си го стекнал во минатото. Ако со години секогаш ти ја кажувал само вистината и никогаш намерно не те излажал, би имал добра основа да му веруваш и овојпат.

      Истото важи и за чудата запишани во Библијата. Никој од нас не бил жив кога се случиле. Но, има начин да се утврди дали се вистина. Како? Еве неколку причини заради кои можеме да веруваме во чудата запишани во Библијата.

      Многу од чудата биле извршени на јавни места. Понекогаш биле направени пред илјадници, а можеби и пред милиони набљудувачи (2. Мојсеева 14:21-31; 19:16-19). Не биле извршени тајно, далеку од очите на јавноста.

      Чудата биле направени на едноставен начин. Не биле користени посебни реквизити или помпезни изведби, и немало светлосни трикови. Најголемиот број од чудата запишани во Библијата се случиле сосема непланирано или затоа што некој лично замолил за нешто (Марко 5:25-29; Лука 7:11-16). Во таков случај настаните не можеле да бидат однапред наместени од оној што го правел чудото.

      Мотивите на оние што ги правеле чудата не биле да стекнат популарност, слава или богатство. Напротив, преку чудата му се оддавала слава на Бог (Јован 11:1-4, 15, 40). Секој обид некој да стекне богатство преку моќта да прави чуда бил осуден (2. Царевите 5:15, 16, 20, 25-27; Дела 8:18-23).

      Разноликоста на чудата запишани во Библијата покажува дека не е можно да се дело на човек. На пример, биле смирени разбранувано море и силен ветар, обична вода била претворена во вино, престанало па одново почнало да врне, биле излечени болни луѓе и им бил вратен видот на слепи. Сите овие, и уште многу други чуда, покажуваат дека зад нив мора да стои надчовечка сила што може да влијае врз сите облици на материја (1. Царевите 17:1-7; 18:41-45; Матеј 8:24-27; Лука 17:11-19; Јован 2:1-11; 9:1-7).

      Противниците што биле очевидци на чудата не негирале дека тие навистина се случиле. Кога Исус го воскреснал својот пријател Лазар, неговите верски противници не негирале дека Лазар навистина бил мртов. А како би можеле да го направат тоа, кога Лазар бил погребан веќе четири дена (Јован 11:45-48; 12:9-11). Дури и со векови по смртта на Исус, писателите на еврејскиот Талмуд сѐ уште признавале дека Исус имал моќ да прави чуда. Тие само оспорувале дека Бог е изворот на таа моќ. Слично, кога учениците на Исус биле изведени пред еврејскиот суд, не им било поставено прашањето: „Вистина ли правевте чуда?“ туку: „Со каква сила или во чие име го направивте тоа?“ (Дела 4:1-13).

      Според тоа, можеш ли да веруваш во чудата запишани во Библијата? Кога ќе се земат предвид сите работи што ги спомнавме, јасно е дека чудата запишани во Библијата навистина се случиле. А има и други причини зошто можеме да веруваме во нив. На пример, кога во Библијата се раскажува некој настан, честопати е наведено во кое време и на кое место се случил, како и имињата на луѓето што биле вклучени. Дури и критичарите на Библијата се вчудовидени од точноста на историските детали запишани во Библијата. Стотици библиски пророштва се исполниле дури до најситен детаљ. Освен тоа, во Библијата се дадени и голем број совети за тоа како можеме да ги подобриме меѓусебните односи — совети што им помогнале на луѓе од најразлична возраст и од сите општествени слоеви. А на полето на меѓучовечки односи, советите од Библијата не можат да се мерат со ништо друго.

      Ако до сега не си стекнал целосна доверба во Библијата, зошто не одвоиш малку време повнимателно да ја испиташ? Колку повеќе ја запознаваш, толку поголема доверба ќе имаш во неа (Јован 17:17). Ќе увидиш дека можеш да веруваш во чудата од минатото запишани во неа. А тоа ќе ти даде основа за доверба и во она што Библијата кажува дека ќе се случи наскоро.

      [Слика на страница 7]

      Противниците на Исус не негирале дека Лазар бил мртов

  • Чуда што ќе се случат наскоро
    Стражарска кула 2012 | 1 Август
    • Чуда што ќе се случат наскоро

      ЗАМИСЛИ СИ дека имаш закажано термин за некоја сложена операција. Како ќе се чувствуваш ако дознаеш дека хирургот што треба да ја изврши интервенцијата никогаш пред тоа не направил таква операција? Без сомнение, тоа ќе те загрижи. А што би било во обратен случај — ако дознаеш дека хирургот е многу ценет и способен и дека има извршено стотици успешни операции како твојата? Зар не би имал многу поголема доверба дека ќе успее и во твојот случај?

      И светот денес е болен и му треба итна „операција“. Во својата Реч, Библијата, Јехова Бог ветил дека ќе го обнови рајот на Земјата (2. Петрово 3:13). Но, за да се случи тоа, од Земјата прво мора да биде отстранета, односно потполно исчистена сета злоба (Псалм 37:9-11; Изреки 2:21, 22). Секоја причина за тага што ја гледаме околу нас мора да биде трајно искоренета пред да биде обновен рајот на Земјата. За да се случи ова, потребно е чудо во вистинска смисла на зборот! (Откровение 21:4, 5).

      Јеховините сведоци се уверени дека до такви огромни промени ќе дојде многу скоро. Зошто? Затоа што чудата што Јехова Бог веќе ги направил се доказ дека има моќ да ги исполни своите ветувања. Ќе направиме споредба меѓу шест чуда запишани во Библијата и шест ветувања за нашата иднина дадени во неа.

      Дознај нешто повеќе за библиските ветувања во врска со нашата иднина. Колку повеќе ќе расте твојата вера, толку посигурна ќе станува и твојата надеж — надеж дека ќе го доживееш времето кога на своја кожа ќе ги почувствуваш користите од чудата што ќе ги прави Јехова.

      [Рамка/слики на страници 9 и 10]

      ЧУДО:

      ИСУС НАХРАНИЛ ИЛЈАДНИЦИ ЛУЃЕ СО НЕКОЛКУ ЛЕБА И РИБИ (МАТЕЈ 14:13-21; МАРКО 8:1-9; ЈОВАН 6:1-14).

      ВЕТУВАЊЕ:

      „Земјата ќе го даде својот род, ќе нѐ благослови Бог, нашиот Бог“ (ПСАЛМ 67:6).

      ШТО ЗНАЧИ ТОА ЗА НАС:

      НИКОЈ ПОВЕЌЕ НЕМА ДА БИДЕ ГЛАДЕН.

      ЧУДО:

      ИСУС ИМ ГО ВРАТИЛ ВИДОТ НА СЛЕПИТЕ (МАТЕЈ 9:27-31; МАРКО 8:22-26).

      ВЕТУВАЊЕ:

      „Ќе им се отворат очите на слепите“ (ИСАИЈА 35:5).

      ШТО ЗНАЧИ ТОА ЗА НАС:

      НА СИТЕ СЛЕПИ ЌЕ ИМ БИДЕ ВРАТЕН ВИДОТ.

      ЧУДО:

      ИСУС ГИ ЛЕКУВАЛ САКАТИТЕ (МАТЕЈ 11:5, 6; ЈОВАН 5:3-9).

      ВЕТУВАЊЕ:

      „Сакатиот ќе скока како елен“ (ИСАИЈА 35:6).

      ШТО ЗНАЧИ ТОА ЗА НАС:

      СИТЕ ИНВАЛИДНОСТИ ЌЕ БИДАТ МИНАТО.

      ЧУДО:

      ИСУС ЛЕКУВАЛ СЕКАКВИ БОЛЕСТИ (МАРКО 1:32-34; ЛУКА 4:40).

      ВЕТУВАЊЕ:

      „Никој од жителите нема да рече: ‚Болен сум‘“ (ИСАИЈА 33:24).

      ШТО ЗНАЧИ ТОА ЗА НАС:

      СИТЕ БОЛЕСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗЛЕКУВАНИ. ЌЕ ИМАМЕ СОВРШЕНО ЗДРАВЈЕ.

      ЧУДО:

      ИСУС ГИ КОНТРОЛИРАЛ ПРИРОДНИТЕ СИЛИ (МАТЕЈ 8:23-27; ЛУКА 8:22-25).

      ВЕТУВАЊЕ:

      „Тие ќе градат куќи и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе го јадат нивниот род. Нема да се трудат залудно“ (ИСАИЈА 65:21, 23).

      „Ќе бидеш далеку од угнетувањето, зашто нема да се плашиш од никого, а и далеку од стравотиите, зашто нема да ти се приближат“ (ИСАИЈА 54:14).

      ШТО ЗНАЧИ ТОА ЗА НАС:

      НЕМА ДА ИМА ПРИРОДНИ КАТАСТРОФИ.

      ЧУДО:

      ИСУС ВОСКРЕСНУВАЛ МРТВИ (МАТЕЈ 9:18-26; ЛУКА 7:11-17).

      ВЕТУВАЊЕ:

      „Сите оние што се во гробовите... ќе излезат“ (ЈОВАН 5:28, 29).

      „Морето ги предаде мртвите што беа во него, и смртта и гробот ги предадоа мртвите што беа во нив“ (ОТКРОВЕНИЕ 20:13).

      ШТО ЗНАЧИ ТОА ЗА НАС:

      НАШИТЕ НАЈБЛИСКИ ШТО УМРЕЛЕ ЌЕ ВОСКРЕСНАТ.

Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
Одјави се
Најави се
  • македонски
  • Сподели
  • Подесување
  • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
  • Услови за користење
  • Полиса за приватност
  • Поставки за приватност
  • JW.ORG
  • Најави се
Сподели