ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • Не дозволувај ништо да те оддалечи од Јехова
    Стражарска кула 2013 | 15 Јануари
    • Не дозволувај ништо да те оддалечи од Јехова

      „Изберете си денес кому ќе му служите“ (ИС. НАВ. 24:15)

      ОБИДИ СЕ ДА ОДГОВОРИШ

      • Како можеш да задржиш урамнотежен став кон световното вработување?

      • Како можеш да направиш добар избор во поглед на разонодата и рекреацијата?

      • Како можеш полесно да ја поднесеш болката ако некој од твоите најблиски го напушти Јехова?

      1-3. а) Зошто Исус Навин е добар пример за нас? б) Што треба да имаме на ум кога донесуваме одлуки?

      СЕКОЈ од нас сака да има право на избор. Тоа ни овозможува да одлучиме во кој правец ќе се движи нашиот живот. На пример, замисли си еден човек што оди по пат и доаѓа до раскрсница. Кој правец ќе го избере? Ако знае каде оди, веројатно ќе тргне по патот што ќе му помогне да стигне до целта, а не по патот што ќе го оддалечи од неа.

      2 Во Библијата се зборува за многу луѓе кои се нашле пред избор. На пример, Каин требало да избере дали ќе го надвладее гневот или, пак, ќе му се препушти (1. Мој. 4:6, 7). Исус Навин требало да избере дали ќе му служи на вистинскиот Бог или на лажните богови (Ис. Нав. 24:15). Тој сакал да остане близок со Јехова, и затоа избрал правец што му помогнал да ја постигне таа цел. Каин немал таква цел, и затоа избрал правец што уште повеќе го оддалечил од Јехова.

      3 Понекогаш можеби и ние ќе се најдеме пред избор. Ако се случи такво нешто, не треба да заборавиме која е нашата главна цел — да го прославиме Јехова во сѐ што правиме и да внимаваме да не отстапиме од него. (Прочитај Евреите 3:12.) Во оваа и во следната статија ќе видиме на кои седум полиња од животот не смееме да дозволиме ништо да нѐ оддалечи од Јехова.

      ВРАБОТУВАЊЕ И КАРИЕРА

      4. Зошто вработувањето е важен дел од животот?

      4 Христијаните се должни да работат за да се издржуваат себеси и своите семејства. Библијата покажува дека, ако некој не сака да се грижи за домашните, тој е полош од неверник (2. Сол. 3:10; 1. Тим. 5:8). Според тоа, јасно е дека вработувањето е важен дел од животот. Сепак, ако не внимаваме, работата и кариерата можат да нѐ оддалечат од Јехова. Како?

      5. За што треба да размислиш пред да прифатиш некоја работа?

      5 Да речеме дека бараш работа. Ако живееш во земја каде што има голема невработеност, можеби ќе се најдеш на искушение да ја прифатиш првата работа што ќе ти се понуди. Но, што ако таа не е во склад со библиските начела? Што ако ти одзема толку многу време што едвај успеваш да си го видиш семејството и да ги вршиш христијанските активности? Дали сепак ќе ја прифатиш понудата мислејќи си дека е подобро да работиш нешто отколку ништо? Не заборавај, ако направиш погрешен избор, би можел да се оддалечиш од Јехова (Евр. 2:1). Што ќе ти помогне да донесеш мудра одлука сеедно дали бараш работа или размислуваш да ја смениш?

      6, 7. а) Од кои две причини некој би можел да работи? б) Кој став во врска со работата ќе ни помогне да останеме блиски со Јехова, и зошто?

      6 Немој да ја изгубиш од вид твојата крајна цел. Прашај се: ‚Во кој правец сакам да ме одведе мојата работа или кариера?‘ Ако главната причина зошто работиш е да се издржуваш себеси и семејството за да можете да му служите на Јехова, тогаш тој ќе го благослови твојот труд (Мат. 6:33). Бог може да ти помогне дури и ако ја изгубиш работата или ако настапи економска криза (Иса. 59:1). Тој „знае како да ги избави... луѓето што му се оддадени“ (2. Пет. 2:9).

      7 Но, што ако главната причина зошто работиш е да станеш богат? Дури и да успееш во тоа, постои голема опасност таквиот „успех“ скапо да го платиш. (Прочитај 1. Тимотеј 6:9, 10.) Ако дозволиш парите и кариерата да ти станат најважни во животот, тоа може да те оддалечи од Јехова.

      8, 9. Кои прашања треба да си ги постават родителите во врска со нивниот став кон световната работа, и зошто?

      8 Ако си родител, размисли како твојот пример влијае врз твоите деца. Што гледаат дека ти е поважно — работата или пријателството со Јехова? Ако гледаат дека тебе ти се најважни парите и угледот, зарем не е голема веројатноста и тие да тргнат во истиот погрешен правец? Освен тоа, би можеле да ја изгубат и почитта кон тебе како родител. Една млада христијанка вели: „Од како памтам за себе, татко ми е преокупиран со својата работа. Во почетокот изгледаше дека работи толку многу затоа што сакаше да се грижи што е можно подобро за нас. Но, во последните години нешто се смени. Тој работи без престан, а потоа купува скапи работи што не ни се неопходни. Поради тоа сме познати како богато семејство, но не и како семејство што ги охрабрува другите да му служат на Јехова. Би била многу посреќна да ми помага во духовен поглед отколку да заработува толку пари“.

      9 Родители, не дозволувајте работата и кариерата да ве оддалечат од Јехова. Со својот личен пример, покажете им на вашите деца дека за вас навистина е најважно духовното, а не материјалното богатство (Мат. 5:3).

      10. За што треба да размисли еден млад човек пред да реши на што ќе го посвети својот живот?

      10 Ако си млад и треба да донесеш одлука на што ќе го посветиш својот живот, како можеш да направиш исправен избор? Како што веќе видовме, твојата одлука ќе зависи од твоите цели. Дали вработувањето за кое размислуваш и обуката што ти е потребна за него ќе ти овозможи да правиш повеќе за Царството или ќе те оддалечи од Јехова? (2. Тим. 4:10). Дали сакаш да бидеш како луѓето во светот чија среќа зависи од тоа колку им е длабок џебот или колку им е голема сметката во банка? Или ќе имаш иста доверба во Бог како Давид, кој рекол: „Бев млад и остарев, но никогаш не видов праведник да биде оставен, ниту неговите деца да просат за леб“? (Пс. 37:25). Не заборавај, едниот пат ќе те оддалечи од Јехова, а другиот ќе те води во најдобриот можен живот. (Прочитај Изреки 10:22; Малахија 3:10.) Кој пат ќе го избереш ти?a

      РЕКРЕАЦИЈА И ЗАБАВА

      11. Што вели Библијата за рекреацијата и разонодата, но што треба да имаме на ум?

      11 Библијата не е против забавата и не вели дека разонодата и рекреацијата се губење време. „Телесното вежбање малку користи“, му напишал апостол Павле на Тимотеј (1. Тим. 4:8). Библијата кажува дека има „време за смеење“ и „време за танцување“, и нѐ советува да се одмораме (Проп. 3:4; 4:6). Но, ако не внимаваме, рекреацијата и забавата можат да нѐ оддалечат од Јехова. Како? Опасноста главно лежи во две работи — каква разонода избираш и колку време трошиш на неа.

      Рекреацијата ќе нѐ освежи само ако внимаваме како и колку се рекреираме

      12. Што треба да земеш предвид кога избираш како да се рекреираш и забавуваш?

      12 Прво, размисли каква забава избираш. Иако е можно да се најде добра забава и рекреација, мора да признаеме дека во поголемиот дел од забавата се величаат работи што Бог ги мрази, како што се насилството, спиритизмот и недозволениот секс. Затоа, мора внимателно да размислиш каква забава и рекреација избираш. Како таа влијае врз тебе? Дали те поттикнува на насилство, натпреварувачки дух или национализам? (Изр. 3:31). Дали трошиш премногу пари на неа? Дали може да ги спрепне другите? (Рим. 14:21). Со кого се дружиш преку овој вид рекреација? (Изр. 13:20). Дали те тера да правиш нешто погрешно? (Јак. 1:14, 15).

      13, 14. Зошто треба да размислиш колку време трошиш на забава?

      13 Размисли и за тоа колку време трошиш на забава и рекреација. Прашај се: ‚Дали трошам толку многу време на рекреација што на крајот немам време за духовните активности?‘ Ако премногу време ти оди на забава и разонода, тие можат уште повеќе да те исцрпат наместо да те освежат. Всушност, оние што не претеруваат со рекреација, уживаат многу повеќе во неа. Зошто? Затоа што можат да се забавуваат без грижа на совеста бидејќи прво ги завршиле поважните работи. (Прочитај Филипјаните 1:10, 11.)

      14 Иако може да биде интересно да користиш голем дел од времето на слободни активности, тоа може да те оддалечи од Јехова. Ким, една сестра која има 20 години, го научила тоа од лично искуство. „Порано не испуштав ниту една забава“, вели таа. „Секој викенд имаше каде да се оди, од петок до недела. Но, сега сфаќам дека има многу поважни работи. На пример, откако служам како пионер, станувам во 6 часот наутро за да се подготвам за служба, и затоа не можам да останувам на забава до еден или два наутро. Свесна сум дека сите дружења не се лоши, но можат да го украдат времето. Како и сѐ друго, и тие треба да се држат на исправно место“.

      15. Како родителите можат да изберат добра разонода за своите деца?

      15 Родителите имаат обврска да се грижат за своите деца во материјален, духовен и емоционален поглед. Тоа значи дека треба да најдат време и за разонода. Немој да бидеш расипувач на забави кој мисли дека секоја рекреација е лоша. Сепак, чувај се од работи што можат да ви наштетат (1. Кор. 5:6). Ако размислуваш однапред, ќе можеш да избереш рекреација што навистина ќе те освежи и тебе и семејството.b На тој начин, и ти и децата ќе одите по пат што уште повеќе ќе ве зближи со Јехова.

      СЕМЕЈНИ ВРСКИ

      16, 17. Каква болка доживуваат многу родители, и од каде знаеме дека Јехова ги разбира?

      16 Врската што постои помеѓу родителот и детето е толку силна што Јехова ја навел како пример за да покаже колку многу тој го сака својот народ (Иса. 49:15). Затоа е нормално да чувствуваме длабока болка ако некој близок член на семејството го напушти Јехова. „Бев скршена“, вели една сестра чија ќерка била исклучена. „Постојано се прашував: ‚Зошто му сврте грб на Јехова?‘ Мислев дека јас згрешив некаде и ме измачуваа чувства на вина“.

      17 Јехова сочувствува со тебе и разбира колку ти е тешко. И него ‚го доболело во срцето‘ кога се побунил првиот член на човечкото семејство, а подоцна и повеќето луѓе што живееле пред Потопот (1. Мој. 6:5, 6). На некои што никогаш не претрпеле таква загуба може да им биде тешко да сфатат колку е болно тоа. Сепак, не би било мудро да дозволиш поради неисправното однесување на некој исклучен член на семејството и ти да се оддалечиш од Јехова. Како можеш полесно да ја поднесеш болката ако некој близок член на семејството го напушти Јехова?

      18. Зошто родителите не треба да се обвинуваат себеси ако детето го напушти Јехова?

      18 Немој да се обвинуваш себеси за она што се случило. Јехова му дал избор на секого од нас, и секој крстен член на семејството мора да го „носи својот товар“ на одговорност (Гал. 6:5). На крајот на краиштата, Јехова смета дека престапникот е одговорен за изборот што го направил, а не ти (Езек. 18:20). Освен тоа, немој да ги обвинуваш ни другите. Почитувај го начинот на кој Јехова ги укорува своите слуги. Спротивстави му се на Ѓаволот, а не на пастирите кои преземаат мерки да го заштитат собранието (1. Пет. 5:8, 9).

      Не е погрешно да се надеваш дека некој од твоите најблиски пак ќе му се врати на Јехова

      19, 20. а) Како можат родителите чие дете било исклучено полесно да ја поднесат болката? б) На што можат со право да се надеваат тие родители?

      19 Од друга страна, ако решиш да му се лутиш на Јехова поради она што се случило со детето, ќе се оддалечиш од Него. Всушност, тој член на семејството кој многу ти значи треба да види дека си решен да го ставиш Јехова пред сѐ друго, дури и пред семејните врски. Затоа, за да ти биде полесно, труди се да останеш близок со Бог. Немој да се изолираш, туку продолжи и понатаму да се дружиш со своите верни христијански браќа и сестри (Изр. 18:1). Излеј му го своето срце на Јехова во молитва (Пс. 62:7, 8). Не барај изговори за да се дружиш со исклучениот роднина, на пример, преку имејл или СМС-пораки (1. Кор. 5:11). Биди зафатен со духовни активности (1. Кор. 15:58). Сестрата што беше цитирана погоре вели: „Знам дека морам да бидам зафатена во службата и да останам духовно јака за да ѝ помогнам на ќерка ми кога ќе му се врати на Јехова“.

      20 Библијата вели дека „љубовта... на сѐ се надева“ (1. Кор. 13:4, 7). Не е погрешно да се надеваш дека некој од твоите најблиски пак ќе му се врати на Јехова. Секоја година, многу престапници се покајуваат и се враќаат во Јеховината организација. Откако ќе се покаат, Бог повторно ги прифаќа како свои слуги. Тој ‚спремно им простува‘ (Пс. 86:5).

      НАПРАВИ МУДАР ИЗБОР

      21, 22. Како си решен да ја користиш слободната волја?

      21 Јехова ги обдарил луѓето со слободна волја. (Прочитај 5. Мојсеева 30:19, 20.) Но, таа слобода со себе повлекува и голема одговорност. Секој христијанин треба да се праша: ‚На кој пат сум јас? Дали можеби сум дозволил работата, разонодата и рекреацијата или, пак, семејните врски да ме оддалечат од Јехова?‘

      22 Бог никогаш не престанува да го сака својот народ и ништо не може да нѐ одвои од неговата љубов. Единствено ние самите би можеле да се оддалечиме од него ако избереме да тргнеме во погрешен правец (Рим. 8:38, 39). Но, такво нешто не мора да ни се случи. Биди решен ништо да не те оддалечи од Јехова. Во следната статија ќе видиме уште на кои четири полиња не смееме да дозволиме да се оддалечиме од Бог.

      a Оние што размислуваат на што ќе го посветат својот живот можат да најдат повеќе информации на таа тема во 38. поглавје од книгата Младите прашуваат — делотворни одговори, том 2.

      b За предлози, види во Разбудете се! од ноември 2011, страници 17-19.

  • Станувај сѐ поблизок со Јехова
    Стражарска кула 2013 | 15 Јануари
    • Станувај сѐ поблизок со Јехова

      „Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам!“ (ЈАК. 4:8)

      МОЖЕШ ЛИ ДА ОБЈАСНИШ?

      • Како може да задржиме исправен став кон технологијата и здравјето?

      • Што ќе ни помогне да задржиме урамнотежен став кон парите и гордоста?

      • Како може да останеме блиски со Јехова?

      1, 2. а) Како Сатана се обидува да ги заведе луѓето? б) Што ќе ни помогне да станеме уште поблиски со Бог?

      ЈЕХОВА БОГ ги создал луѓето со потреба да бидат блиски со него. Но, Сатана сака да размислуваме како што размислува тој — дека Јехова не ни е потребен. Тој ја шири оваа лага уште откако ја измамил Ева во рајската градина (1. Мој. 3:4-6). За жал, низ историјата многу луѓе поверувале дека не им треба Бог.

      2 Но, ние не мора да паднеме во оваа стапица на Сатана. „Неговите намери не ни се непознати“ (2. Кор. 2:11). Тој се обидува да нѐ оддалечи од Јехова со тоа што нѐ наведува да направиме погрешен избор. Сепак, како што видовме од претходната статија, можеме да направиме исправен избор во поглед на работата, забавата и семејните врски. Во оваа статија ќе видиме како урамнотеженото гледиште за технологијата, здравјето, парите и гордоста може да ни помогне ‚да му се приближиме на Бог‘ (Јак. 4:8).

      ТЕХНОЛОГИЈА

      3. Објасни како некој може да ја користи технологијата на добар или на лош начин.

      3 Денес насекаде во светот луѓето користат компјутери и други електронски уреди. Тие можат да ни бидат од голема помош ако имаат исправно место во нашиот живот. Но, ако ги користиме на погрешен начин, тогаш можат да нѐ оддалечат од нашиот небесен Татко. На пример, компјутерите се многу корисни. Списанието што го читаш е напишано и отпечатено со помош на компјутери. Тие можат да ни помогнат да истражуваме и да комуницираме со другите, а понекогаш можат да бидат и добар извор на забава. За жал, би можеле да станеме и зависници од компјутерската технологија. Рекламната индустрија се обидува да ги убеди луѓето дека мора да ги имаат најновите производи. Еден младич толку многу посакувал да има еден нов модел на компјутер што си го продал бубрегот за да го купи. Колку неразумно!

      4. Што му помогнало на еден брат да престане да седи со часови пред компјутерот?

      4 Уште пострашно е некој да си го жртвува добриот однос со Јехова поради погрешната или претерана употреба на технологијата. „Знам дека Библијата вели ‚да си откупуваме време‘ за духовни активности“, вели Јон, христијанин кој има 28 години.a „Но, кога станува збор за компјутери, јас сум си најголем непријател.“ Тој честопати останувал пред компјутер до доцна во ноќта. „Колку поуморен бев, толку потешко ми беше да престанам да се допишувам на Интернет и да прекинам да гледам видеоклипови — кои понекогаш и не беа баш за гледање“, раскажува тој. За да се одвикне од оваа лоша навика, Јон го програмирал компјутерот автоматски да се исклучува кога требало да си легне. (Прочитај Ефешаните 5:15, 16.)

      Родители, помогнете им на вашите деца мудро да ја користат технологијата

      5, 6. а) Какви одговорности имаат родителите во однос на своите деца? б) Како родителите можат да им помогнат на децата да имаат изградувачко друштво?

      5 Родители, иако не мора да го следите секој чекор на вашите деца, мора да внимавате како го користат компјутерот. Не дозволувајте им да отвораат неморални или спиритистички интернет-страници, да играат насилни видеоигри или да контактираат со лошо друштво. Ако им дозволите да прават сѐ што сакаат само за да не ви пречат, тие можеби ќе заклучат дека она што го прават не е погрешно. Вие сте должни да ги заштитите вашите деца од сѐ што би можело да ги оддалечи од Јехова — сеедно дали се мали или на тинејџерска возраст. Дури и животните ги штитат своите младенчиња од опасности. Замисли си што ќе стори една мечка ако постои опасност некој да ги нападне нејзините мечиња! (Спореди со Осија 13:8.)

      6 Помогнете им на вашите деца да се дружат со примерни христијани на различна возраст. И, не заборавајте, вие сте им најпотребни, и затоа треба да поминувате време со нив. Одвојте време заедно да се смеете, да си играте, да работите и ‚да му се приближите на Бог‘.b

      ЗДРАВЈЕ

      7. Зошто сите сакаме да бидеме здрави?

      7 „Како си?“ Ова вообичаено прашање нѐ потсетува на суровата реалност. Бидејќи нашите први родители му дозволиле на Сатана да ги оддалечи од Јехова, сите ние се разболуваме. Болестите му одат во прилог на Сатана бидејќи ни отежнуваат да му служиме на Јехова. А ако умреме, не можеме воопшто да му служиме (Пс. 115:17). Затоа е нормално да правиме сѐ што можеме за да бидеме здрави.c Освен тоа, заинтересирани сме и за здравјето на нашите браќа и сестри.

      8, 9. а) Што ќе ни помогне да не одиме во крајности кога станува збор за здравјето? б) Зошто е добро да останеме радосни?

      8 Меѓутоа, важно е да не одиме во крајности. Некои зборуваат со поголема воодушевеност за одредени начини на исхрана, лекување или производи отколку за добрата вест за Божјето Царство. Тие можеби најискрено сакаат да им помогнат на другите. Дури и да е така, не е во ред да препорачуваме и да наметнуваме медицински или козметички производи и третмани пред или по состаноците во Салата на Царството или на конгресите. Зошто?

      9 Ние се состануваме за да дискутираме за духовни работи и да ја почувствуваме радоста која е плод на светиот дух (Гал. 5:22). Ако во овие прилики даваме совети за здравјето или препорачуваме медицински производи — сеедно дали некој нѐ прашува за тоа или не — ова може да ни го одврати вниманието од духовните работи и да им ја одземе радоста на другите (Рим. 14:17). Секој мора сам да си донесе одлука во врска со своето здравје. Освен тоа, никој нема лек за сите болести. Дури и најдобрите лекари стареат и се разболуваат, и на крајот умираат. Колку и да сме загрижени за нашето здравје, нема да си го продолжиме животот (Лука 12:25). Спротивно на тоа, „веселото срце дејствува добро како лек“ (Изр. 17:22).

      10. а) Што е најважно за Јехова? б) Кога ќе бидеме потполно здрави?

      10 Исто така, нормално е да водиме сметка и за нашиот изглед. Но, не треба по секоја цена да се трудиме да ги избришеме сите траги што ги носи староста. Тие можат да бидат доказ за нечија зрелост, достоинство и внатрешна убавина. На пример, Библијата вели: „Седата коса е прекрасна круна кога се наоѓа на патот на праведноста“ (Изр. 16:31). За Јехова е најважно каков е некој однатре, а не однадвор, и така треба и ние да гледаме на себеси. (Прочитај 1. Петрово 3:3, 4.) Според тоа, дали е мудро да се изложуваме на непотребни или опасни хируршки зафати само за да си го подобриме надворешниот изглед? „Јеховината радост“ е извор на вистинска убавина која зрачи однатре, без оглед на годините или на здравјето (Неем. 8:10). Дури во новиот свет ќе бидеме потполно здрави и ќе ни се обнови младешката убавина (Јов 33:25; Иса. 33:24). Дотогаш треба да носиме мудри одлуки и да имаме вера бидејќи тоа ќе ни помогне да останеме блиски со Јехова додека ги користиме сегашните околности најдобро што можеме (1. Тим. 4:8).

      ПАРИ

      11. Како парите можат да нѐ оддалечат од Јехова?

      11 Не е погрешно човек да има пари ниту да се труди да заработи на чесен начин (Проп. 7:12; Лука 19:12, 13). Но, „љубовта кон парите“ неминовно ќе нѐ оддалечи од Јехова (1. Тим. 6:9, 10). „Грижите од овој свет“ — односно претераната загриженост за материјалните потреби — можат да нѐ задушат во духовна смисла. Исто влијание врз нас може да има и „примамливото богатство“, односно погрешната идеја дека богатството може да ни донесе трајна среќа и сигурност (Мат. 13:22). Исус јасно ставил до знаење дека „никој“ не може да му робува и на Бог и на богатството (Мат. 6:24).

      12. На кои начини луѓето сакаат да дојдат до брза и лесна заработка? Што ќе ни помогне да донесеме добра одлука во овој поглед?

      12 Погрешното гледиште за парите може да води до погрешно постапување (Изр. 28:20). Водени од желбата за брза и лесна заработка, некои учествувале во игри на среќа. Други се вклучиле во пирамидални или мултилевел маркетинг шеми. За да си го прошират бизнисот, некои се обиделе да ги поттикнат и другите од собранието да се вклучат во него. А други земале заем од браќа во собранието за да започнат некој бизнис надевајќи се на нереално голема добивка. Ако сме алчни, би можеле да прифатиме некоја понуда со која би изгубиле многу пари. Затоа, биди претпазлив. Доколку некоја понуда ти се чини премногу добра за да биде вистинита, веројатно е таква.

      13. Во кој поглед Јеховиното гледиште за парите се разликува од гледиштето на светот?

      13 Кога ги ставаме на прво место „царството и Божјата праведност“, Јехова го благословува трудот што го вложуваме за да го имаме она што навистина ни е потребно (Мат. 6:33; Еф. 4:28). Тој не сака да заспиваме на состаноците затоа што сме преморени од работа или да седиме во Салата, а да мислиме на пари. Многу луѓе во светот прават сѐ за да заработат многу пари мислејќи дека само така можат да си обезбедат удобен живот и сигурна иднина. Тие обично ги насочуваат и своите деца во истиот правец. Исус покажал дека таквото размислување е неразумно. (Прочитај Лука 12:15-21.) Ова можеби нѐ потсетува на Гиезиј, кој мислел дека може да биде лаком и во исто време да има добар однос со Јехова (2. Цар. 5:20-27).

      14, 15. Зошто не треба да се потпираме на парите? Наведи пример.

      14 Некои орли, кои уловиле риба што била претешка да ја носат, се удавиле бидејќи не сакале да ја испуштат од канџите. Дали нешто слично може да му се случи на некој христијанин? „Обично сум доста штедлив“, вели еден старешина кој се вика Алекс. „Ако ми се истури малку повеќе шампон, го враќам назад во шишето.“ Тој мислел дека, ако заработи многу пари, ќе може да ја остави работата и да стане пионер. Затоа почнал да истражува како најдобро да ја вложи сета своја заштеда, па дури и зел кредит за да стекне што поголем профит. Но, бизнисот со кој се зафатил, пропаднал. Алекс вели: „Бев решен да најдам начин да си ги вратам парите“. Тој мислел дека, ако биде доволно упорен, можеби сепак ќе успее во тоа.

      15 Алекс со месеци не можел да мисли на ништо друго. Му било многу тешко да се концентрира на духовните работи, а не можел ни да спие од грижи. Но, не успеал да си ги врати парите. Ја изгубил сета заштеда и морал да си ја продаде куќата. „Му нанесов голема болка на моето семејство“, признава тој. Сепак, научил една важна лекција. „Сега знам дека секој што ќе положи доверба во светот на Сатана страшно ќе се разочара“ (Изр. 11:28). Ако се потпираме само на нашите инвестиции, заштеда или способност да заработиме пари, ние, всушност, полагаме надеж во „богот на овој свет“ — Сатана (2. Кор. 4:4; 1. Тим. 6:17). Оттогаш Алекс си го поедноставил животот за да може да се посвети на проповедањето на добрата вест. Сега тој и неговото семејство се многу посреќни и имаат уште поблизок однос со Јехова. (Прочитај Марко 10:29, 30.)

      ГОРДОСТ

      16. На што треба и на што не треба да бидеме горди?

      16 Гордоста не е секогаш погрешна. На пример, со право треба да бидеме горди што сме Јеховини сведоци (Ерем. 9:24). Тоа што имаме одредена мера самопочит ни помага да донесуваме добри одлуки и да не ги спуштаме нашите морални мерила. Но, ако придаваме преголема важност на своето мислење или положба, би можеле да се оддалечиме од Јехова (Пс. 138:6; Рим. 12:3).

      Наместо да копнееш по некои поголеми одговорности во собранието, уживај во службата!

      17, 18. а) Наведи некои библиски примери на понизни и горди луѓе. б) Што му помогнало на еден брат да не дозволи поради гордост да се оддалечи од Јехова?

      17 Во Библијата има примери и на горделиви и на понизни луѓе. Цар Давид понизно барал водство од Јехова, и Тој го благословил (Пс. 131:1-3). Но, Бог ги понизил горделивите цареви Навуходоносор и Валтазар (Дан. 4:30-37; 5:22-30). И денес може да се најдеме во ситуации кога нашата понизност ќе биде ставена на испит. Еден слуга-помошник по име Рајан, кој има 32 години, се префрлил во ново собрание. Тој вели: „Очекував дека многу скоро ќе бидам именуван за старешина, но помина цела година, а тоа не се случи“. Дали Рајан бил лут и огорчен сметајќи дека старешините не му покажале доволно почит? Дали престанал да оди на состаноци и дали дозволил гордоста да го оддалечи од Јехова и од Неговиот народ? Што би сторил ти да си бил на негово место?

      18 Рајан истражувал во библиските публикации и прочитал сѐ што нашол во врска со неисполнетите очекувања (Изр. 13:12). „Сфатив дека треба да покажувам стрпливост и понизност. Морав да му дозволам на Јехова да ме обликува.“ Наместо да мисли само на себе, Рајан почнал да им помага на другите во собранието и на луѓето што ги среќавал во службата. За кратко време водел неколку напредни библиски студии. „Кога ме именуваа за старешина по една и пол година, се изненадив“, вели тој. „Толку уживав во службата, што веќе воопшто не мислев на тоа“. (Прочитај Псалм 37:3, 4).

      ОСТАНИ БЛИЗОК СО ЈЕХОВА!

      19, 20. а) Што треба да правиме за да не дозволиме работите што ги разгледавме во овие статии да нѐ оддалечат од Јехова? б) Кои луѓе спомнати во Библијата останале блиски со Јехова?

      19 Сите работи што ги разгледавме во овие две статии си имаат свое место во нашиот живот. Горди сме што сме Јеховини сведоци. Здравјето и семејството се меѓу најубавите дарови од Јехова. Парите и световната работа ни помагаат да се грижиме за своите потреби. Рекреацијата нѐ освежува, а технологијата може да биде корисна. Но, ако со овие работи се занимаваме во погрешно време, ако претеруваме со нив или ако поради тоа страда нашата служба за Јехова, би можеле да се оддалечиме од него.

      Не дозволувај ништо да те оддалечи од Јехова!

      20 Се разбира, Сатана би сакал да ни се случи токму тоа. Но, ти можеш да се заштитиш себеси и своето семејство! (Изр. 22:3). Станувај сѐ поблизок со Јехова и задржи добар однос со него. Во Библијата имаме многу примери од кои можеме да учиме. Енох и Ное ‚оделе со вистинскиот Бог‘ (1. Мој. 5:22; 6:9). Мојсеј ‚останал постојан како да го гледа Невидливиот‘ (Евр. 11:27). Исус постојано добивал помош од Бог затоа што секогаш го правел она што му е по волја на неговиот небесен Татко (Јован 8:29). Следи го примерот на овие Божји слуги. Библијата вели: „Радувајте се секогаш. Молете се непрестајно. За сѐ благодарете“ (1. Сол. 5:16-18). И не дозволувај ништо да те оддалечи од Јехова!

      a Имињата се сменети.

      b Види го специјалното издание на Разбудете се! од октомври 2011, со наслов „Како да се подигаат одговорни деца“.

      c Види ги уводните статии со наслов „Пет чекори до подобро здравје“ во Разбудете се! од март 2011.

Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
Одјави се
Најави се
  • македонски
  • Сподели
  • Подесување
  • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
  • Услови за користење
  • Полиса за приватност
  • Поставки за приватност
  • JW.ORG
  • Најави се
Сподели